Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова го излева гневот врз нациите

Јехова го излева гневот врз нациите

Дваесет и седмо поглавје

Јехова го излева гневот врз нациите

Исаија 34:1—17

1, 2. а) Во што можеме да бидеме сигурни што се однесува до Јеховиното одмаздување? б) Што ќе постигне Бог со тоа што ќе се одмазди?

 ЈЕХОВА БОГ е стрплив не само со своите верни слуги туку и со своите непријатели, кога неговата намера го оправдува тоа (1. Петрово 3:19, 20; 2. Петрово 3:15). Противниците на Јехова можеби нема да ја ценат неговата стрпливост и можеби ќе гледаат на неа како на неспособност или неволност да стори нешто. Сепак, како што покажува 34. поглавје од Исаија, Јехова секогаш бара од своите непријатели на крајот да му положат сметка (Софонија 3:8). Извесно време, Бог им дозволил на Едом и на други нации непречено да се противат на неговиот народ. Но, Јехова имал свое одредено време за да им отплати (Второзаконие 32:35). На сличен начин, во свое одредено време Јехова ќе им се одмазди на сите елементи на сегашниов зол свет кој му пркоси на неговиот суверенитет.

2 Главната цел на Божјето одмаздување е да го покаже својот суверенитет и да го прослави своето име (Псалм 83:13—18). Неговото отплаќање исто така ќе ги оправда неговите слуги како негови вистински претставници и ќе ги избави од непожелни околности. Освен тоа, Јеховината одмазда секогаш е во потполн склад со неговата правда (Псалм 58:10, 11).

Внимателно слушајте, нации

3. Каков повик упатува Јехова до нациите преку Исаија?

3 Пред да го фокусира вниманието на отплаќањето на Едом, Јехова преку Исаија упатува сериозен повик до сите нации: „Пристапете племиња [нации, NW], за да чуете, внимателно слушајте, народи [национални групи, NW]; чуј, земјо, и сѐ што ја исполнува, земен кругу и сѐ што расте во тебе!“ (Исаија 34:1). Пророкот често зборувал против безбожните нации. Сега тој е спремен да ги резимира божествените јавни осуди против нив. Дали овие предупредувања имаат некакво значење за нашево време?

4. а) На што се повикани нациите, како што е забележано во Исаија 34:1? б) Дали Јеховините изрази на суд врз нациите докажуваат дека тој е суров Бог? (Види ја рамката на 363. страница.)

4 Да. Суверенот на универзумот има спор со сите сегменти на овој безбожен систем на работи. Ете затоа ‚националните групи‘ и ‚земјата‘ се повикани да ја чујат пораката темелена на Библијата, која Јехова заповедал да се објавува по целиот свет. Со начин на изразување што потсетува на Псалм 24:1, Исаија вели дека по целата Земја ќе се чуе оваа порака — пророштво што се исполнува во нашево време, кога Јеховините сведоци проповедаат „до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Меѓутоа, нациите не слушаат. Не го сфаќаат сериозно предупредувањето за нивната претстојна смрт. Ова, се разбира, нема да го спречи Јехова да ја исполни својата реч.

5, 6. а) За што се повикани нациите да му поднесат сметка на Бог? б) Во која смисла „планините мораат да се стопат од нивната крв“?

5 Пророштвото сега го опишува мрачниот исход за безбожните нации — во потполн контраст со светлата надеж за Божјиот народ што е опишана подоцна (Исаија 35:1—10). Пророкот вели: „Зашто Господ се разгневи на сите народи, се разјари на сета нивна војска. Ги отстапи на уништувањето, ги предаде на колеж. Нивните убиени лежат, смрдеж се крева од многуте трупови, крвта потече низ горите [и планините мораат да се стопат од нивната крв, NW] (Исаија 34:2, 3).

6 Вниманието е насочено кон вината за крв на нациите. Денес нациите на христијанскиот свет имаат најголема вина за крв. Во двете светски војни и во голем број помали конфликти, тие ја натопиле земјата со човечка крв. Кој треба со право да ја бара правдата за целата оваа вина за крв? Никој друг освен Творецот, големиот Животодавач (Псалм 36:9). Јеховиниот закон го поставил мерилото: „Живот за живот“ (Излез 21:23—25; Битие 9:4—6). Доследно на овој закон, тој ќе предизвика крвта на нациите да тече — до смрт. Смрдежот од нивните незакопани, мртви тела ќе го исполнува воздухот — навистина срамна смрт! (Еремија 25:33). Крвта што ќе се бара како наплата ќе ја има доволно за, така да се каже, да ги стопи, или да ги раствори планините (Софонија 1:17). Кога нивните воени сили ќе бидат потполно уништени, световните нации ќе го видат падот на своите влади, кои во библиското пророштво понекогаш се претставени со планини (Даниел 2:35, 44, 45; Откровение 17:9).

7. Што се „небесата“ и што е ‚небесната војска‘?

7 Повторно користејќи живописни слики, Исаија продолжува со зборовите: „Се распадна сета небесна војска. Небесата се свитка како книга [книжен свиток, NW], и сета нивна војска паѓа, како што отпаѓа лозовиот лист, како што се тресе смоквиното лисје [исушена смоква, NW] (Исаија 34:4). Со изразот „сета небесна војска“ не се мисли на дословните ѕвезди и планети. Стиховите 5 и 6 зборуваат за еден меч на погубување натопен со крвта на тие ‚небеса‘. Оттаму, ова мора да е симбол на нешто во човечкото подрачје (1. Коринќаните 15:50). Поради нивната возвишеност како виши власти, владите на човештвото се споредени со небеса кои владеат над земното човечко општество (Римјаните 13:1—4). Според тоа, ‚небесната војска‘ ги претставува комбинираните војски на овие влади на човештвото.

8. Како симболичните небеса се ‚како книжен свиток‘, и што се случува со нивните ‚војски‘?

8 Оваа „војска“ ќе се ‚распадне‘, ќе пропадне, како нешто краткотрајно (Псалм 102:26; Исаија 51:6). За голо око, дословните небеса над нас изгледаат свиткано, како древен книжен свиток, на којшто напишаното е обично на внатрешната страна. Кога материјалот напишан на внатрешната страна на свитокот ќе биде прочитан од читателот, завршениот свиток се витка и се става на своето место. На сличен начин, ‚небесата ќе се свитка како книжен свиток‘ со тоа што на човечките влади мора да им биде ставен крај. Стигнувајќи до последната страница од својата историја, тие мораат да бидат отстранети во Армагедон. Нивните навидум импресивни ‚војски‘ ќе паднат токму како што паѓаат овенатите лисја од винова лоза или како што паѓа една „исушена смоква“ од смоквино дрво. Нивното време ќе помине. (Спореди Откровение 6:12—14.)

Ден на отплаќање

9. а) Кое е потеклото на Едом, и каков однос се развил помеѓу Израел и Едом? б) Што одлучува Јехова во врска со Едом?

9 Сега пророштвото издвојува една нација која постои во деновите на Исаија — Едом. Едомците се потомци на Исав (Едом), кој му го продал своето право на првородство на својот брат близнак, Јаков, за леб и вариво од леќа (Битие 25:24—34). Бидејќи Јаков го заменил во правото на првородство, Исав се исполнил со омраза кон својот брат. Подоцна нацијата на Едом и нацијата на Израел станале непријатели, и покрај тоа што потекнувале од браќа близнаци. За ова непријателство кон Божјиот народ, Едом си го навлекол гневот од Јехова, кој сега вели: „Испијанетиот меч на небото е Мој [На небото мојот меч сигурно ќе биде натопен, NW], ете, тој се нафрла врз Едом, за да го казни народот што го проколнав. Господовиот меч е испијанет од крв, омрсен со мрсно, со крв од јагниња и јариња, со лој од овнешки бубрези. Зашто на Господа Му се принесува жртва во Восор, големо клање во Едомската Земја“ (Исаија 34:5, 6).

10. а) Кого соборува Јехова кога замавнува со својот меч „на небото“? б) Каков став покажува Едом кога Вавилон ја напаѓа Јуда?

10 Едом е сместен во еден висок, планински регион (Еремија 49:16; Авдија 8, 9, 19, 21). Сепак, дури ни овие природни утврди нема да бидат од никаква помош кога Јехова ќе замавне „на небото“ со својот меч на суд, симнувајќи ги владетелите на Едом од нивните воздигнати положби. Едом е тешко наоружан, а неговите вооружени сили маршираат по високите планински венци за да ја штитат земјата. Но, моќниот Едом не нуди помош кога војските на Вавилон ја напаѓаат Јуда. Наместо тоа, тој е пресреќен што го гледа соборувањето на царството Јуда и ги бодри неговите освојувачи (Псалм 137:7). Едом дури и ги гони Евреите кои бегаат да си го спасат животот, и им ги предава на Вавилонците (Авдија 11—14). Едомците планираат да ја заземат напуштената земја на Израелците, и фалбаџиски зборуваат против Јехова (Езекиел 35:10—15).

11. Како ќе им наплати Јехова на Едомците за нивното предавничко однесување?

11 Дали Јехова го превидува ова небратско однесување од страна на Едомците? Не. Наместо тоа, тој за Едом претскажува: „Со нив ќе бидат заклани биволите и јунчињата со биволите. Земјата ќе се напои со нивната крв, и нивниот прав ќе се омрси од мрсно“ (Исаија 34:7). Јехова зборува за поголемите и за помалите во нацијата како за симболични биволи и јунчиња, како за млади овни и јарци. Земјата на оваа нација виновна за крв мора да биде натопена со крвта на својот сопствен народ од Јеховиниот „меч“ на погубување.

12. а) Кого користи Јехова за да го казни Едом? б) Што пророкува пророкот Авдија во врска со Едом?

12 Бог има намера да го казни Едом за она што злобно ѝ го направил на Неговата земна организација, наречена Сион. Пророштвото вели: „За Господа ова е ден на одмазда, година на наплаќање за да го одмазди Сион“ (Исаија 34:8). Набрзо по уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е., Јехова започнува со својата праведна одмазда врз Едомците преку царот на Вавилон, Навуходоносор (Еремија 25:15—17, 21). Кога војските на Вавилон ќе тргнат против Едом, ништо не ќе може да ги спаси Едомците! Тоа е „година на отплаќање“ на планинската земја. Јехова преку пророкот Авдија претскажува: „За насилството над својот брат Јаков срам ќе те покрие, и ќе бидеш истребен засекогаш . . . Како што си направил, така ќе ти направат, твоите постапки ќе ти се вратат на твојата глава“ (Авдија 10, 15; Езекиел 25:12—14).

Мрачната иднина на христијанскиот свет

13. Кој е денес како Едом, и зошто?

13 Во нашево време, постои една организација со досие слично на досието на Едом. Која организација? Па, кој денес го презел водството во навредувањето и прогонувањето на Јеховините слуги? Зар тоа не е христијанскиот свет, преку својата свештеничка класа? Да! Христијанскиот свет во работите на овој свет се воздигнал до висини слични на планини. Тој држи возвишена позиција во човечкиот систем на работи, а неговите религии сочинуваат доминантен дел од Големиот Вавилон. Но, Јехова одредил „година на отплаќање“ против овој современ Едом поради невиденото лошо однесување кон Неговиот народ, Неговите Сведоци.

14, 15. а) Што ќе им се случи и на земјата Едом и на христијанскиот свет? б) Што значат освртите на пламната смола и дим кој бескрајно се дига, а што не значи тоа?

14 Затоа, додека го разгледуваме остатокот од овој дел од пророштвото на Исаија, мислиме не само на древниот Едом туку и на христијанскиот свет: „Неговите потоци се претвораат во смола, неговиот прав во сулфур, и неговата земја ќе стане пламната смола. Ни дење ни ноќе не ќе угасне, димот ќе ѝ се дига довека“ (Исаија 34:9, 10а). Земјата Едом е толку спржена што изгледа како правот да станал сулфур, а долините да се полни не со вода туку со смола. Потоа овие лесно запаливи супстанции се потпалени! (Спореди Откровение 17:16.)

15 Спомнувањето на оган, смола и сулфур некои го гледаат како доказ за постоењето на огнен пекол. Но Едом не е фрлен во некаков митски пеколен оган за да гори засекогаш. Напротив, тој е уништен, исчезнува од светската сцена како да е потполно проголтан од оган и сулфур. Како што пророштвото понатаму покажува, крајниот резултат не е вечно мачење, туку ‚запустеност . . . испразнување . . . уништување‘ (Исаија 34:11, 12). Ова живописно е илустрирано со димот што ‚ќе се дига довека‘. Кога ќе изгори една куќа, димот продолжува да се дига од пепелот уште некое време по догорувањето на огнот, како доказ за набљудувачите дека имало голем пожар. Со оглед на тоа што христијаните денес извлекуваат поука од уништувањето на Едом, димот од горењето на Едом, во извесна смисла, сѐ уште се дига.

16, 17. Што ќе стане Едом, и колку долго ќе остане во таква состојба?

16 Пророштвото на Исаија продолжува, претскажувајќи дека човечкото население на Едом ќе се замени со диви животни, што подразбира претстојно опустошување: „Ќе остане пуста од колено до колено, во веки векови, никој не ќе поминува низ неа. Ежот и чапјата ќе ја заземат, бувот и гавранот ќе престојуваат во неа. Ќе оптегне над неа јаже на запустеност и висулец на испразнување. Не ќе ги има веќе нејзините благородници, таму веќе не ќе бидат прогласувани цареви, сите кнезови ќе ѝ бидат уништени. Ќе никне трње во нејзините дворци, коприва и капина во тврдините, таа ќе биде дувло на чакали, легло на ноеви. Таму ќе се среќаваат дивите мачки со хиените, јарците ќе се повикуваат еден друг; таму ќе се одмора Лилит — ноќно привидение — наоѓајќи почивалиште. Таму ќе се гнезди змија, ќе снесува јајца, ќе лежи на нив, ќе ги извади во твојата сенка; таму ќе слетуваат јастребите еден по друг“ (Исаија 34:10б—15). *

17 Да, Едом ќе стане празна земја. Ќе стане запустена земја и во неа ќе има само диви ѕверови, птици и змии. Оваа спржена состојба на земјата ќе трае, како што вели 10. стих, „во веки векови“. Ќе нема обнова (Авдија 18).

Сигурно исполнување на Јеховината реч

18, 19. Што е ‚Јеховината книга‘, и што во оваа ‚книга‘ му е наменето на христијанскиот свет?

18 Каква само безнадежна иднина навестува ова за современиот еквивалент на Едом, христијанскиот свет! Тој се покажал како огорчен непријател на Јехова Бог, чиишто Сведоци злобно ги прогонува. И нема сомнение дека Јехова ќе ја исполни својата реч. Секогаш кога некој ќе го спореди пророштвото со исполнувањето, ќе увиди дека се совпаѓаат — толку сигурно како што секое од суштествата кои го населуваат опустошениот Едом ‚има свој пар‘. Исаија им се обраќа на идните проучувачи на библиското пророштво, велејќи: „Истражувајте во Господовата [Јеховината, NW] книга и читајте, ниедно од тоа не изостана, [тие навистина не пропуштија секој да има свој пар, NW] зашто Неговата уста нареди така, и Неговиот Дух нив ги собра. Зашто Тој им фрли ждрепка и Неговата рака со јаже им ја измери земјата: тие ќе ја владеат довека, ќе ја населуваат неа од колено до колено“ (Исаија 34:16, 17).

19 Претстојното уништување на христијанскиот свет е проречено во ‚Јеховината книга‘. Оваа ‚Јеховина книга‘ во детали ги опишува сметките кои Јехова ќе ги расчисти со оние што му се смртни непријатели и што се непокајнички угнетувачи на неговиот народ. Она што било запишано во врска со древниот Едом се исполнило, и ова ја зајакнува нашата доверба дека пророштвото, кое се однесува на христијанскиот свет, современата паралела на Едом, исто така ќе се оствари. ‚Јажето‘ за мерење, Јеховините правила на постапување, гарантира дека оваа духовна организација, која е на умирање, ќе стане пуста и запустена земја.

20. Што ќе доживее христијанскиот свет, слично на древниот Едом?

20 Христијанскиот свет прави сѐ што може за да ги смири своите политички пријатели, но попусто! Според Откровение 17. и 18. поглавје, Семоќниот Бог, Јехова, ќе им стави во срцата да дејствуваат против целиот Голем Вавилон, вклучувајќи го и христијанскиот свет. Ова ќе ја ослободи целата Земја од фалсификат христијанството. Ситуацијата на христијанскиот свет ќе стане како мрачната состојба опишана во Исаија 34. поглавје. Тој нема ни да постои за време на пресудната ‚војна на големиот ден на Семоќниот Бог‘ (Откровение 16:14). Како древниот Едом, христијанскиот свет ќе биде потполно збришан од лицето на Земјата „во веки векови“.

[Фуснота]

^ До времето на Малахија, ова пророштво веќе се исполнило (Малахија 1:3). Малахија известува дека Едомците се надевале дека повторно ќе ја имаат во посед својата опустошена земја (Малахија 1:4). Меѓутоа, ова не било Јеховина волја, и подоцна друг народ, Наватејците, го зазеле она што било Едом.

[Прашања]

[Рамка на страница 363]

Гневлив Бог?

Изразите како оние што се среќаваат во Исаија 34:2—7 навеле многумина да мислат дека Јехова, според описот во Хебрејските списи, е суров, гневлив Бог. Дали е така?

Не. Иако Бог понекогаш го покажува својот гнев, таквиот гнев е секогаш оправдан. Секогаш е заснован врз принцип, а не врз неконтролирани емоции. Освен тоа, секогаш е диктиран од правото на Творецот да прими исклучителна оддаденост и од неговата постојаност во поддржувањето на вистината. Божествениот гнев е воден и од Божјата љубов кон праведноста и од неговата љубов кон оние што практикуваат праведност. Јехова ги гледа сите спорни прашања вклучени во една работа и има потполно, неограничено спознание за ситуацијата (Евреите 4:13). Тој го чита срцето; го забележува степенот на незнаење, немарност или намерен грев; и постапува со непристрасност (Второзаконие 10:17, 18; 1. Самоил 16:7; Дела 10:34, 35).

Меѓутоа, Јехова Бог е „долготрпелив на гнев, многумилостив“ (Излез 34:6). Оние што се плашат од него и се стремат да постапуваат праведно добиваат милост, зашто Семоќниот ја признава човековата наследена несовршеност и, на сметка на тоа, покажува милост кон него. Денес Бог го прави ова врз основа на Исусовата жртва (Псалм 103:13, 14). Во право време, Јехова го отстранува својот гнев од оние што го признаваат својот грев, се каат и навистина му служат (Исаија 12:1). Во суштина, Јехова не е гневлив Бог, туку среќен Бог, не е непристаплив, туку пресретлив, мирољубив и смирен со оние што исправно му пристапуваат (1. Тимотеј 1:11). Ова е во остар контраст со безмилосните, сурови карактеристики што им се припишани на лажните богови на паганите и што се прикажуваат на ликовите на тие богови.

[Карта на страница 362]

(Види во публикацијата)

Големо Море

Дамаск

Сидон

Тир

ИЗРАЕЛ

Дан

Галилејско Море

Јордан

Мегидон

Галадски Рамот

Самарија

ФИЛИСТЕЈА

ЈУДА

Ерусалим

Ливна

Лаис

Вирсавеа

Кадис-Варни

Солено Море

АМОН

Рава

МОАВ

Кир-Аресет

ЕДОМ

Восор

Теман

[Слики на страница 359]

Христијанскиот свет ја натопил Земјата со крв

[Слика на страница 360]

‚Небесата ќе се свитка како книжен свиток‘