Јехова ја осквернува гордоста на Тир
Деветнаесетто поглавје
Јехова ја осквернува гордоста на Тир
1, 2. а) Каков град бил древниот Тир? б) Што пророкувал Исаија за Тир?
БИЛ „совршено убав“ и изобилувал со „богатство од секаков вид“ (Езекиел 27:4, 12, An American Translation). Неговата голема бродска флота пловела по морето до далечни места. Станал „многу славен во срцето на отвореното море“, и со своите „вредни работи“ ‚ги збогатил царевите на земјата‘ (Езекиел 27:25, 33, NW). Таков бил во седми век пр.н.е статусот на Тир — феникиски град на источниот брег на Медитеранот.
2 Сепак, на повидок било уништувањето на Тир. Околу 100 години пред Езекиел да го опише, пророкот Исаија го претскажал падот на ова феникиско упориште и жалоста на оние што зависеле од него. Исаија исто така прорекол дека по некое време Бог ќе го сврти своето внимание кон градот, дозволувајќи обнова на неговиот просперитет. Како се исполниле зборовите на пророкот? И што можеме да научиме од сето она што му се случило на Тир? Ако имаме јасно разбирање за она што го снашло, како и зошто го снашле такви работи, ќе се зајакне нашата вера во Јехова и во неговите ветувања.
„Рикајте, вие тарсиски бродови!“
3, 4. а) Каде бил Тарсис, и каква била врската помеѓу Тир и Тарсис? б) Зошто морнарите што тргуваат со Тарсис ќе имаат причина да „рикаат“?
3 Под насловот, „Објавата за Тир“, Исаија вели: „Рикајте, вие тарсиски бродови! Зашто тој е ограбен да не биде пристаниште, да не биде место за влегување“ (Исаија 23:1а, NW). Се смета дека Тарсис бил дел од Шпанија, далеку од Тир во источниот Медитеран. * Сепак, Феничаните биле вешти морнари и нивните бродови биле големи и способни за пловидба. Некои историчари сметаат дека Феничаните биле првите кои ја забележале врската помеѓу Месечината и плимата и осеката, и кои ја користеле астрономијата како навигационо средство. Така, големото растојание од Тир до Тарсис за нив не било препрека.
4 Во деновите на Исаија, далечниот Тарсис е пазар за Тир, можеби главниот извор на богатство во дел од неговата историја. Шпанија има рудници богати со сребро, железо, калај и други метали. (Спореди Еремија 10:9; Езекиел 27:12.) ‚Тарсиските бродови‘, веројатно бродови од Тир кои тргуваат со Тарсис, ќе имаат добра причина да ‚рикаат‘, оплакувајќи го уништувањето на своето домашно пристаниште.
5. Каде ќе дознаат морнарите што доаѓаат од Тарсис за падот на Тир?
5 Како ќе дознаат морнарите на море за пропаста на Тир? Исаија одговара: „Од земјата Китим им е откриено“ (Исаија 23:1б, NW). „Земјата Китим“ веројатно се однесува на островот Кипар, околу 100 километри западно од феникискиот брег. Ова е последната станица за бродовите кои патуваат на исток од Тарсис пред да стигнат до Тир. Според тоа, морнарите ќе ги добијат вестите за поразот на своето сакано домашно пристаниште кога ќе застанат на Кипар. Каков шок за нив! Погодени од жал, тие ќе ‚рикаат‘ во запрепастеност.
6. Опиши ја врската помеѓу Тир и Сидон.
6 Запрепастени ќе бидат и луѓето на феникиското приморје. Пророкот вели: „Молкнете, жители на приморјето! Трговците од Сидон, оние што го преминуваат морето — тие те наполнија. И на многу води е семето на Сихор, жетвата на Нил, негов приход; и тоа стана профит на нациите“ (Исаија 23:2, 3, NW). ‚Жителите на приморјето‘ — соседите на Тир — ќе молкнат од чудење предизвикано од катастрофалниот пад на Тир. Кои се „трговците од Сидон“, кои ‚ги наполниле‘ овие жители, збогатувајќи ги? Тир првобитно бил колонија на пристанишниот град Сидон, кој се наоѓа на само 35 километри северно. На своите монети Сидон се опишува себеси како мајка на Тир. Иако Тир го надминал Сидон по богатство, тој сѐ уште е ‚сидонска ќерка‘, а неговите жители сѐ уште се нарекуваат сидонци (Исаија 23:12). Според тоа, изразот „трговците од Сидон“ веројатно се однесува на жителите на Тир што се занимаваат со трговија.
7. Како сидонските трговци го зголемиле богатството?
7 Учествувајќи во комерцијални потфати, богатите сидонски трговци го преминуваат Средоземното Море. Тие до многу места го носат семето, или житата на Сихор, најисточниот ракав на реката Нил во регионот на делтата во Египет. (Спореди Еремија 2:18, NW.) „Жетвата на Нил“ вклучува и други продукти од Египет. Тргувањето и размената на такви стоки се високо профитабилни за овие поморски трговци, како и за нациите со кои тие одржуваат деловни врски. Сидонските трговци го полнат Тир со приход. Навистина, тие ќе тажат над неговото опустошување!
8. Како ќе се одрази врз Сидон уништувањето на Тир?
8 Исаија потоа му се обраќа на Сидон со зборовите: „Срами се, Сидоне, зашто морето зборува: ‚Не ме фаќаат породилни болки, ниту раѓам, ниту хранам момчиња, ниту одгледувам девојки‘“ (Исаија 23:4). По уништувањето на Тир, приморјето, каде што порано лежел градот, ќе изгледа оголено и опустошено. Морето ќе изгледа како да плаче од мака, како мајка која ги изгубила своите деца и толку е избезумена што сега одрекува дека некогаш ги имала. Сидон ќе биде посрамен од она што ѝ се случува на неговата ќерка.
9. Кои други настани предизвикале запрепастеност која може да се спореди со жалоста на народот по падот на Тир?
9 Да, новостите за уништувањето на Тир ќе предизвикаат жалост насекаде. Исаија вели: „Исто како од извештајот кој се однесува на Египет, така луѓето ќе бидат во големи болки од извештајот за Тир“ (Исаија 23:5, NW). Болката на оние што ќе тажат ќе може да се спореди со онаа што ја предизвикал извештајот за Египет. На кој извештај мисли пророкот? Веројатно на исполнувањето на неговата претходна ‚објава против Египет‘ * (Исаија 19:1—25, NW). Или можеби пророкот мисли на извештајот за уништувањето на фараоновата војска во деновите на Мојсеј, што насекаде предизвикало запрепастеност (Излез 15:4, 5, 14—16; Исус Навин 2:9—11). Во секој случај, оние што го слушаат извештајот за уништувањето на Тир ќе бидат во големи болки. Тие се повикани да бегаат во далечниот Тарсис по засолниште и заповедано им е бучно да ја изразат својата жалост: „Отпловете во Тарсис, ридајте, жители на приморјето“ (Исаија 23:6).
Весел „од дамни времиња“
10-12. Опиши го богатството, древноста и влијанието на Тир.
10 Тир е еден древен град, како што нѐ потсетува и Исаија кога прашува: „Дали е тоа вашиот весел град, што постои од дамни времиња?“ (Исаија 23:7а). Тир бележи успех уште од времето на Исус Навин (Исус Навин 19:29). Низ годините, станува прочуен како производител на метални предмети, стакларија и пурпурна боја. Наметките од тирски пурпур добиваат највисоки цени, а скапите ткаенини од Тир се барани од благородништвото. (Спореди Езекиел 27:7, 24.) Тир исто така е трговски центар за копнените каравани, како и огромно увозно—извозно стовариште.
11 Освен тоа, градот е силен и во воен поглед. Л. Спраг де Кам пишува: „Иако не посебно воинствени — тие биле деловни луѓе, а не војници — Феничаните ги бранеле своите градови со фанатичка храброст и тврдоглавост. Овие особини, како и нивната поморска моќ, им овозможиле на Тирците да истрајат пред асирската војска, најсилната во нивното време“.
12 Навистина, Тир става свој печат на медитеранскиот свет. „Нозете го носеа далеку за да се насели таму“ (Исаија 23:7б). Феничаните патуваат до далечни места, основајќи трговски населби и попатни пристаништа, коишто во некои случаи прераснуваат во колонии. На пример, Картагина, на северниот брег на Африка, е колонија на Тир. Со текот на времето, таа ќе го надмине Тир и по влијание во медитеранскиот свет ќе се мери со Рим.
Неговата гордост ќе биде осквернета
13. Зошто е поставено прашањето во врска со тоа кој се осмелува да објави суд против Тир?
13 Со оглед на древноста и богатството на Тир, следново прашање е на место: „Кој го одлучи тоа против свечениот Тир [кој поделува круни, NW], чии трговци беа кнезови, а прекупувачите првенци на земјата?“ (Исаија 23:8). Кој се осмелува да зборува против градот кој во своите колонии и на други места има именувано моќни поединци на позиции со висок авторитет — станувајќи со тоа ‚оној кој поделува круни‘? Кој се осмелува да зборува против метрополата чиишто трговци се кнезови и чиишто препродавачи се првенци? Морис Шехаб, поранешен директор на Националниот музеј на антиквитети во Бејрут, Либан, рекол: „Од деветтиот до шестиот век пр.н.е., Тир држел положба на важност каква што имал Лондон во почетокот на дваесеттиот век“. Според тоа, кој се осмелува да зборува против овој град?
14. Кој објавува суд против Тир, и зошто?
14 Инспирираниот одговор ќе предизвика запрепастеност во Тир. Исаија вели: „Јехова над војските лично ја донесе оваа одлука за да ја оскверни гордоста на целата убавина, за да постапува со презир кон сите достојни за почит на земјата“ (Исаија 23:9, NW). Зошто Јехова објавува суд против овој богат, древен град? Дали затоа што неговите жители се обожаватели на лажниот бог Ваал? Дали поради поврзаноста на Тир со Језавела — ќерката на царот Етвал од Сидон, вклучувајќи го и Тир — која се омажила за царот на Израел, Ахав, и ги масакрирала пророците на Јехова? (1. Цареви 16:29, 31; 18:4, 13, 19). Одговорот на обете прашања е — не. Тир е осуден поради својата арогантна гордост — се збогатил на сметка на другите народи, вклучувајќи ги и Израелците. Во деветтиот век пр.н.е., преку пророк Јоил, Јехова им рекол на Тир и на други градови: „Им ги продававте на Грците, синовите на Јуда и на Ерусалим за да ги истерате од нивната родина“ (Јоил 4:6). Може ли Бог да премине преку тоа што Тир со неговиот народ на сојузот постапувал како со обична трговска стока?
15. Како ќе реагира Тир кога Ерусалим ќе падне под Навуходоносор?
15 И по сто години, Тир нема да се промени. Кога војската на вавилонскиот цар Навуходоносор ќе го уништи Ерусалим во 607 пр.н.е., Тир ќе ликува: „Ха, ха! Се скршија тие [ерусалимски] врати на народите, и се свртија кон Мене; ќе се збогатам: тој е запустен“ (Езекиел 26:2). Тир ќе се радува, очекувајќи корист од уништувањето на Ерусалим. Бидејќи го нема повеќе јудејскиот главен град како конкурент, тој ќе очекува поголем промет. Јехова ќе постапи со презир кон самопрогласените „достојни за почит“ кои горделиво стојат на страната на непријателите на неговиот народ.
16, 17. Што ќе им се случи на жителите на Тир кога ќе падне градот? (Види ја фуснотата.)
16 Исаија продолжува со Јеховиниот суд за Тир: „Обработувај ја земјата [Премини преку својата земја како реката Нил, NW], тарсиска ќерко, го нема веќе твоето пристаниште! Господ ја крена Својата рака на морето и ги растресе царствата. Господ заповеда да се разурнат ханаанските [феникиските, NW] тврдини. Рече: ‚Не ќе воскликнуваш веќе, засрамена девице, сидонска ќерко!‘ Стани и замини во Китим; ни таму не ќе имаш мир“ (Исаија 23:10—12).
17 Зошто Тир е наречен ‚тарсиска ќерка‘? Можеби поради тоа што по поразот на Тир, Тарсис ќе стане помоќниот град. * Жителите на разурнатиот Тир ќе се распрснат како река во поплава, нејзините насипи ќе бидат пробиени и нејзините води ќе се прелеат во сите соседни рамници. Пораката на Исаија до ‚тарсиската ќерка‘ ја подвлекува суровоста на она што ќе му се случи на Тир. Јехова лично ја крева својата рака и ја дава заповедта. Никој не може да го промени исходот.
18. Зошто Тир е наречен ‚девица, сидонска ќерка‘, и како ќе се промени неговата состојба?
18 Исаија исто така зборува за Тир како за ‚девица, сидонска ќерка‘, укажувајќи дека тој никогаш претходно не бил освојуван и ограбуван од странски освојувачи и сѐ уште ужива состојба на непокореност. (Спореди 2. Цареви 19:21; Исаија 47:1; Еремија 46:11.) Сега, сепак, тој ќе биде разорен, а некои негови жители ќе преминат како бегалци во феникиската колонија Китим. Меѓутоа, бидејќи ја изгубиле економската моќ, тие таму нема да најдат мир.
Халдејците ќе го ограбат
19, 20. Кој е проречениот освојувач на Тир, и како се исполнило тоа пророштво?
19 Која политичка сила ќе го изврши Јеховиниот суд над Тир? Исаија објавува: „Гледај! Земјата на Халдејците. Ова е народот — Асирија не се покажа како таква — тој го основа за пустинските посетители. Тој ги подигна своите опсадни кули; тој ги оголи неговите кули за живеење; поставен е како трошна урнатина. Рикајте, тарсиски бродови, зашто вашето упориште е ограбено“ (Исаија 23:13, 14, NW). Халдејците — а не Асирците — ќе го освојат Тир. Тие ќе ги подигнат своите опсадни кули, ќе ги срамнат со земја живеалиштата во Тир и тоа упориште на тарсиските бродови ќе го претворат во трошен куп урнатини.
20 Во склад со пророштвото, кратко по падот на Ерусалим, Тир се побунува против Вавилон, и Навуходоносор го опсадува градот. Сметајќи се за неосвоив, Тир дава отпор. Во текот на опсадата, главите на вавилонските војници им ‚се разголени‘ од триењето на шлемовите, а рамењата им се ‚одрани‘ од носење на материјалите што ги користат за подигање на опсадата (Езекиел 29:18). Опсадата е скапа за Навуходоносор. Копнениот град Тир е уништен, но пленот му бега од раце. Главниот дел од ризниците на Тир бил пренесен на еден мал остров оддалечен од брегот околу 800 метри. Без бродска флота, халдејскиот цар не може да го заземе островот. По 13 години, Тир капитулира, но ќе опстане и ќе го доживее исполнувањето на некои натамошни пророштва.
„Ќе ја добива пак својата блудничка плата“
21. На кој начин Тир е „заборавен“, и колку долго?
21 Исаија продолжува да пророкува: „Ќе се случи, во оној ден, Тир да биде заборавен седумдесет години, како деновите на еден цар“ (Исаија 23:15а). По уништувањето на копнениот град од страна на Вавилонците, островскиот град Тир ќе „биде заборавен“. Во склад со пророштвото, за време колку што постои „еден цар“ — Вавилонската Империја — островскиот град Тир нема да биде важна финансиска сила. Јехова, преку Еремија, го вклучува Тир меѓу нациите кои ќе бидат издвоени за да го пијат виното на Неговата јарост. Тој вели: „Сите народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години“ (Еремија 25:8—17, 22, 27). Навистина, островскиот град Тир не е подложен на Вавилон цели 70 години, бидејќи Вавилонската Империја паѓа во 539 пр.н.е. Изгледа дека 70-те години го претставуваат периодот на најголемата доминација на Вавилонија — кога вавилонската царска династија се фали дека го подигнала својот престол дури и над „Божјите ѕвезди“ (Исаија 14:13). Различни нации потпаѓаат под таа доминација во различно време. Но, на крајот од 70-те години, таа доминација ќе исчезне. Што ќе се случи со Тир тогаш?
22, 23. Што ќе се случи со Тир кога ќе се ослободи од вавилонската доминација?
22 Исаија продолжува: „А по седумдесет години на Тир ќе му биде како на блудницата од песната: ‚Земи ја харфата и скитај низ градот, заборавена блуднице! Свири убаво, пеј многу, за да те спомнат!‘ По седумдесет години Господ ќе го посети Тир. И градот ќе ја добива пак својата блудничка плата. Ќе блудствува со сите царства на лицето на земјата“ (Исаија 23:15б—17).
23 По падот на Вавилон во 539 пр.н.е., Феникија станува сатрапија на Медо-персиската Империја. Персискиот монарх Кир Велики е толерантен владетел. Под ова ново владетелство, Тир ќе ја обнови својата поранешна активност и неуморно ќе се труди одново да добие признание како светски комерцијален центар — исто како што проститутка, која ја заборавиле и ја изгубила својата клиентела, сака да привлече нови клиенти со тоа што оди по градот, свирејќи на својата харфа и пеејќи ги своите песни. Ќе успее ли Тир? Да, Јехова ќе му даде успех. Со текот на времето, островскиот град ќе стане толку богат што кон крајот на шестиот век пр.н.е. пророкот Захарија ќе рече: „Тир изгради тврди ѕидишта, собра сребро како прав и злато како кал од улиците“ (Захарија 9:3).
,Неговата печалба ќе биде посветена‘
24, 25. а) Како ќе биде посветена на Јехова печалбата на Тир? б) И покрај тоа што Тир му помага на Божјиот народ, какво пророштво инспирира Јехова во врска со него?
24 Колку се само извонредни следните пророчки зборови! „Неговата печалба и плата ќе Му бидат посветени на Господа; не ќе бидат вложени во сокровиште ниту ќе бидат чувани, туку неговата добивка ќе биде за оние кои престојуваат пред Господа, за да имаат храна до наситување и пристојна облека“ (Исаија 23:18). Како станува посветена материјалната печалба на Тир? Јехова управува со работите за да ги искористи во склад со својата волја — за неговиот народ да има храна до наситување и облека. Ова се случува откако Израелците се враќаат од изгнанството во Вавилон. Народот на Тир им помага со тоа што им обезбедува кедрово дрво за повторно градење на храмот. Исто така, повторно започнува да тргува со градот Ерусалим (Езра 3:7; Неемија 13:16).
25 И покрај ова, Јехова инспирира додатна објава против Тир. Захарија пророкува во врска со сега богатиот град-остров: „Ете, Господ ќе го освои, ќе ја фрли во море неговата сила, а него ќе го проголта оган“ (Захарија 9:4). Ова се исполнува во јули 332 пр.н.е. кога Александар Велики ја разурнува оваа горда господарка на морето.
Избегнувај материјализам и гордост
26. Зошто Бог го осудува Тир?
26 Јехова го осудил Тир поради неговата гордост, особина што тој ја презира. ‚Горделивите очи‘ се први од наброените седум работи кои Јехова ги мрази (Пословици 6:16—19). Павле ја поврзал гордоста со Сатана Ѓаволот, а описот на Езекиел на гордиот Тир содржи елементи кои го опишуваат Сатана лично (Езекиел 28:13—15; 1. Тимотеј 3:6). Зошто Тир бил горд? Езекиел, обраќајќи му се на Тир, вели: „Твоето срце се возгордеа од богатството“ (Езекиел 28:5). Градот се посветил на трговија и на натрупување пари. Успехот во овој поглед го направил Тир неподносливо горд. Преку Езекиел, Јехова му рекол на „тирскиот кнез“: „Твоето срце се возгордеа, ти рече: ‚Јас сум Бог! Седам на Божјиот престол‘“ (Езекиел 28:2).
27, 28. Во каква стапица можат да паднат луѓето, и како го илустрирал тоа Исус?
27 Нации — како и поединци — можат да подлегнат на гордост и на погрешно гледиште кон богатството. Исус дал една парабола која покажува колку подмолна може да биде оваа замка. Тој зборувал за еден богат човек чиишто полиња многу добро родиле. Восхитен од тоа, човекот планирал да изгради поголеми амбари за својот род и со радост се надевал на долг живот во удобност. Но, тоа не се случило. Бог му рекол: „Безумнику, оваа ноќ ќе ја побараат твојата душа од тебе. Кој тогаш ќе ги има добрата што си ги собрал?“ Да, човекот умрел, и неговото богатство ништо не му користело (Лука 12:16—20).
28 Исус ја завршил параболата, велејќи: „Така бидува со оној човек кој си собира благо, а не е богат пред Бога“ (Лука 12:21). Да се биде богат само по себе не е погрешно, и да се има добра жетва не е грев. Грешката на тој човек лежи во тоа што овие работи ги направил најважни во својот живот. Сета негова доверба била во богатствата што ги имал. Кога гледал на иднината, не го зел во обѕир Јехова Бог.
29, 30. Какво предупредување дал Јаков во врска со потпирањето на себеси?
29 Јаков на многу силен начин ја изразил истата мисла. Тој рекол: „Дојдете сега, вие кои велите: ‚Денес или утре ќе отпатуваме во тој град и таму ќе поминеме една година, и ќе тргуваме и ќе оствариме добивка‘, а не знаете каков ќе ви биде животот утре. Зашто вие сте магла која за кратко се појавува, а потоа исчезнува. Наместо тоа, треба да речете: ‚Ако Јехова сака, ќе живееме и ќе го сториме ова или она‘“ (Јаков 4:13—15). Потоа Јаков ја покажал врската помеѓу богатството и гордоста кога продолжил, велејќи: „А сега се гордеете со своето вообразено фалење. Сето такво гордеење е зло“ (Јаков 4:16).
30 Уште еднаш, да се води бизнис не е грев. Гревот е гордоста, ароганцијата, довербата во себеси што може да произлезе од стекнувањето богатство. Една древна пословица мудро вели: „Не ми давај ни сиромаштво ни богатство“. Сиромаштвото може многу да го загорчи животот. Но богатството може да биде причина човек ‚да се откаже од [Бог] и да рече: „Кој е Господ?“‘ (Пословици 30:8, 9).
31. Кои прашања е добро да си ги постави секој христијанин?
31 Живееме во свет каде што многумина станале жртви на алчноста и себичноста. Поради тоа што денес преовладува комерцијална клима, на богатството се става голем нагласок. Според тоа, добро би било секој христијанин да се испита себеси за да биде сигурен дека нема да се фати во истата стапица во која се фатил комерцијалниот град Тир. Дали троши толку многу од своето време и енергија на материјални тежнеења што, всушност, станал роб на богатството? (Матеј 6:24). Дали му завидува на оној што можеби има повеќе или подобри поседи од него самиот? (Галатите 5:26). Ако случајно е богат, дали гордо чувствува дека тој заслужува повеќе внимание или предности отколку другите? (Спореди Јаков 2:1—9.) Ако не е богат, дали е ‚решен да се збогати‘, сеедно по која цена? (1. Тимотеј 6:9). Дали е толку окупиран со деловните работи што остава само едно мало ќоше од својот живот за да му служи на Бог? (2. Тимотеј 2:4). Дали е толку обземен од тежнеењето по богатство што ги игнорира христијанските начела во своите деловни практики? (1. Тимотеј 6:10).
32. Какво предупредување дал Јован, и како можеме да го примениме?
32 Сеедно каква е нашата економска ситуација, Царството треба секогаш да биде на прво место во нашиот живот. Битно е никогаш да не ги изгубиме од вид зборовите на апостол Јован: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот. Ако некој го љуби светот, љубовта кон Таткото не е во него“ (1. Јованово 2:15). Точно, мораме да ги користиме економските подготовки на светот за да преживееме (2. Солуњаните 3:10). Значи, ‚го користиме светот‘ — но не го користиме „во потполност“ (1. Коринќаните 7:31). Ако имаме претерана љубов кон материјални работи — работите во светот — веќе не го сакаме Јехова. Да се трча по ‚желбата на телото и желбата на очите и нападно да се истакнуваат своите средства за живот‘ е неспојливо со вршењето на Божјата волја. * А вршењето на Божјата волја е тоа што води до вечен живот (1. Јованово 2:16, 17).
33. Како можат христијаните да ја избегнат стапицата во која се фатил Тир?
33 Да се стави стремежот по материјални работи пред сѐ друго било стапица во која се фатил Тир. Тој бил успешен во материјална смисла, станал многу горд, и бил казнет за својата гордост. Неговиот пример е предупредување за нациите и за поединците денес. Колку подобро е да се следи советот на апостол Павле! Тој ги поттикнува христијаните „да не бидат вообразени и својата надеж да не ја полагаат во несигурно богатство, туку во Бог кој ни дава сѐ богато за наше уживање“ (1. Тимотеј 6:17).
[Фусноти]
^ Некои изучувачи го изедначувале Тарсис со Сардинија, остров во западниот Медитеран. И Сардинија била далеку од Тир.
^ Види го 15. поглавје од оваа книга, страници 200—207.
^ Како алтернатива, ‚тарсиска ќерка‘ може да се однесува на жителите на Тарсис. Едно референтно дело вели: „Мештаните на Тарсис сега се слободни да патуваат и да тргуваат исто толку слободно како кога Нил тече во сите насоки“. Сепак, нагласокот е на драстичните последици од падот на Тир.
^ ‚Нападно истакнување‘ е превод на грчкиот збор алазониа, кој е опишан како „безбожна и празна дрскост која има доверба во стабилноста на земските работи“ (The New Thayer’s Greek-English Lexicon — Нов грчко-англиски лексикон на Тајер).
[Прашања]
[Карта на страница 256]
(Види во публикацијата)
ЕВРОПА
ШПАНИЈА (Можна местоположба на ТАРСИС)
СРЕДОЗЕМНО МОРЕ
САРДИНИЈА
КИПАР
АЗИЈА
СИДОН
ТИР
АФРИКА
ЕГИПЕТ
[Слика на страница 250]
Тир ќе му се подложи на Вавилон, а не на Асирија
[Слика на страница 256]
Кована пара со слика на Мелкарт, главното божество на Тир
[Слика на страница 256]
Модел на феникиски брод