Јеховината одлука против нациите
Петнаесетто поглавје
Јеховината одлука против нациите
1. Каков судски проглас против Асирија запишува Исаија?
ЈЕХОВА може да ги користи нациите за да го дисциплинира својот народ поради неговата злоба. Но сепак, тој не им ја простува на тие нации непотребната суровост, гордоста и непријателскиот став кон вистинското обожавање. Затоа, долго однапред го инспирира Исаија да ја запише „објавата против Вавилон“ (Исаија 13:1, NW). Меѓутоа, Вавилон е идна закана. Во деновите на Исаија, Асирија е таа што го угнетува Божјиот народ на сојузот. Таа го уништува северното царство Израел и опустошува голем дел од Јуда. Но, триумфот на Асирија е ограничен. Исаија пишува: „Господ над Воинствата се заколна: ‚Што намислив, ќе се збидне . . . Ќе ја скршам Асирија во Својата земја, ќе ја згазам на Своите гори. Неговиот јарем ќе падне од нив, неговото бреме ќе падне од нивните плеќи‘“ (Исаија 14:24, 25). Кратко време откако Исаија го изрекува ова пророштво, асирската закана е отстранета од Јуда.
2, 3. а) Против кого Јехова ја испружува својата рака во древни времиња? б) Што значи тоа што Јехова ја испружува својата рака против „сите народи“?
2 Сепак, што е со другите нации кои му се непријатели на Божјиот народ на сојузот? И ним мора да им се суди. Исаија објавува: „Таква одлука е донесена против целата земја; таква рака е испружена против сите народи! А кога Господ над Војските одлучи, кој ќе се воспротиви? Кога ќе ја испружи раката, кој ќе ја одврати?“ (Исаија 14:26, 27). Јеховината „одлука“ е негова цврста решеност, негов декрет (Еремија 49:20, 30, NW). Божјата „рака“ е неговата моќ на дело. Во последните стихови од Исаија 14. поглавје и од 15. до 19. поглавје, Јеховината одлука е против Филистеја, Моав, Дамаск, Етиопија и Египет.
3 Меѓутоа, Исаија вели дека раката на Јехова е испружена против „сите народи“. Според тоа, иако овие пророштва на Исаија прво се исполниле во древни времиња, тие, исто така, во принцип се однесуваат на „времето на свршетокот“, кога Јехова ќе ја испружи својата рака против сите царства на Земјата (Даниел 2:44; 12:9; Римјаните 15:4; Откровение 19:11, 19—21). Долго однапред, семоќниот Бог, Јехова, со сигурност ја открива својата одлука. Никој не може да ја сврти неговата испружена рака (Псалм 33:11; Исаија 46:10).
„Огнена змија што лета“ против Филистеја
4. Наброј некои детали од објавата на Јехова против Филистеја.
4 Најпрво им се посветува внимание на Филистејците. „Во онаа година кога умре царот Ахаз беше објавено ова пророштво: ‚Не радувај се, сета Филистејска Земјо, дека се скрши жезалот што те удираше, зашто од змииниот корен ќе излезе лутица, што ќе роди крилест змев [огнена змија што лета, NW]‘“ (Исаија 14:28, 29).
5, 6. а) На кој начин бил Озиј како змија за Филистејците? б) Каков е Езекија во борбата со Филистеја?
5 Царот Озиј бил доволно силен за да ѝ се спротивстави на заканата на Филистеја (2. Летописи 26:6—8). За нив, тој бил како змија, а неговиот жезал постојано го удирал тој непријателски настроен сосед. Откако умрел Озиј — ‚се скршил жезалот‘ — владеел верниот Јотам, но ‚народот и понатаму бил расипан‘. Потоа цар станал Ахаз. Работите се промениле, а Филистејците правеле успешни воени упади во Јуда (2. Летописи 27:2; 28:17, 18). Меѓутоа, сега работите повторно се менуваат. Во 746 пр.н.е., умира царот Ахаз и на престолот седнува младиот Езекија. Ако Филистејците мислат дека работите и понатаму ќе им одат во прилог, страшно се лажат. Езекија се покажува како смртен непријател. Езекија, потомок на Озиј (,род‘ од неговиот „корен“), е како „огнена змија што лета“ — брзо се втурнува во напад, удира како молња и предизвикува кај своите жртви остро печење, како од шприцање на змиски отров.
6 Овој опис одговара за новиот цар. „Тој [Езекија] ги разби Филистејците до Газа, ги запусте нивните подрачја“ (2. Цареви 18:8). Според аналите на асирскиот цар Сенахирим, Филистејците му станале поданици на Езекија. „Сиромасите“ — ослабеното царство Јуда — имаат прилика да уживаат во сигурност и материјално изобилство, додека Филистеја трпи глад. (Прочитај Исаија 14:30, 31.)
7. Каква изјава на вера мора да им даде Езекија на амбасадорите присутни во Ерусалим?
7 Изгледа дека во Јуда се присутни амбасадори — можеби со цел да формираат алијанса против Асирија. Што треба да им се рече? „Што ќе им се одговори тогаш на гласниците на народите?“ Треба ли Езекија да бара сигурност во алијанси со туѓинци? Не! Тој треба да им рече на гласниците: „Господ го основа Сион, и во него се заштитени бедните на неговиот народ“ (Исаија 14:32). Царот мора да има потполна доверба во Јехова. Темелот на Сион е цврст. Градот ќе опстане како безбедно засолниште од асирската напаст (Псалм 46:1—7).
8. а) На кој начин некои нации денес се како Филистеја? б) Како и во старо време, што сторил Јехова денес за да го поддржи својот народ?
8 Слично на Филистеја, некои нации денес злобно им се противат на обожавателите на Бог. Христијанските Сведоци на Јехова ги ставале во затвори и во концентрациони логори. Ги забранувале. Голем број од нив убиле. Противниците продолжуваат да „ја притискаат душата на праведниот“ (Псалм 94:21). На непријателите, оваа христијанска група може да им изгледа ‚сиромашна‘ и „сирота“. Меѓутоа, со поддршка од Јехова, тие уживаат во духовно изобилство, додека нивните непријатели трпат глад (Исаија 65:13, 14; Амос 8:11). Кога Јехова ќе ја испружи својата рака против современите Филистејци, овие „сиромашни“ ќе бидат безбедни. Каде? Во друштво на „Божјето домаќинство“, на кое Исус му е сигурен аголен камен-темелник (Ефешаните 2:19, 20). И, тие ќе бидат под заштита на „небесниот Ерусалим“, Јеховиното небесно Царство, чиј Цар е Исус Христос (Евреите 12:22; Откровение 14:1).
Моав е замолкнат
9. Против кого е упатена следната објава, и како овој народ покажал дека е непријател на Божјиот народ?
9 Источно од Мртвото Море е друг сосед на Израел — Моав. За разлика од Филистејците, Моавците се во роднинска врска со Израел, како потомци на Авраамовиот внук Лот (Битие 19:37). И покрај ваквата врска, Моав има досие на непријателство со Израел. На пример, уште во деновите на Мојсеј, царот на Моав го најмил пророкот Валаам, надевајќи се дека тој ќе ги проколне Израелците. Кога тоа не успеало, Моав се послужил со неморал и обожавање на Ваал за да го фати Израел во стапица (Броеви 22:4—6; 25:1—5). Тогаш, не е ни чудо што Јехова сега го инспирира Исаија да ја запише ‚објавата против Моав‘ (Исаија 15:1а, NW).
10, 11. Што ќе му се случи на Моав?
10 Пророштвото на Исаија е упатено против многу градови и места во Моав, вклучувајќи ги Ар, Кир (или Кир-Аресет) и Девон (Исаија 15:1б, 2а). Моавците ќе тажат за низите од суво грозје од Кир-Аресет, можеби главниот продукт на градот (Исаија 16:6, 7). Сивма и Јазир, прочуени по одгледување лозја, ќе бидат збришани (Исаија 16:8—10). Еглат-шелишија, чиешто име може да значи „тригодишна јуница“, ќе биде како крупна млада крава која жално рика од мака (Исаија 15:5, NW). Тревата на земјата ќе се исуши, а „Димонските води“ ќе се наполнат со крв од колежот на Моавците. „Нимримските води“ ќе станат „пустина“, било во фигуративна било во дословна смисла — веројатно поради тоа што непријателските сили им ги затвораат изворите (Исаија 15:6—9).
11 Моавците ќе облечат вреќи, облека за тагување. Ќе си ги избричат главите во знак на срам и оплакување. Брадите ќе им бидат „избричени“, што покажува краен степен на тага и понижување (Исаија 15:2б—4). Самиот Исаија, сигурен во исполнувањето на овие судови, е обземен од длабоки емоции. Слично на растреперените жици на харфа, неговата утроба е трогната од сожалување поради пораката на несреќа за Моав (Исаија 16:11, 12).
12. Како се исполниле зборовите на Исаија против Моав?
12 Кога ќе се исполни ова пророштво? Наскоро. „Ова е словото што некогаш Господ го рече против Моав. А сега Господ зборува вака: ‚За три години, наемнички години, Моавовата слава, со сето негово големо мноштво, ќе потемни, а што ќе остане од неа, ќе биде малечко, слабо и немоќно‘“ (Исаија 16:13, 14). Во склад со ова, постои археолошки доказ дека во текот на осмиот век пр.н.е. Моав тешко пострадал и голем број од неговите градови останале без жители. Теглат Феласар III го спомнал Саламану од Моав меѓу владетелите кои му плаќале данок. Сенахирим примал данок од Камусунадби, цар на Моав. Асирските монарси Есар Адон и Асурбанипал укажувале на моавските цареви Мусури и Камашалту како на нивни поданици. Веќе со векови Моавците не постојат како народ. Откриени се урнатини од градови за кои се мисли дека се моавски, но досега се откопани само малку физички докази за овој некогаш моќен непријател на Израел.
Современиот „Моав“ исчезнува
13. Која организација може денес да се спореди со Моав?
13 Денес постои една светска организација слична на древниот Моав. Тоа е христијанскиот свет, главниот дел на „Големиот Вавилон“ (Откровение 17:5). И Моав и Израел потекнале од Тара, татко му на Авраам. На сличен начин, христијанскиот свет, како и собранието на помазани христијани денес, тврди дека влече корени од христијанското собрание од првиот век (Галатите 6:16). Меѓутоа, христијанскиот свет — како и Моав — е расипан, бидејќи унапредува духовен неморал и обожавање на други богови наместо на единствениот вистински Бог, Јехова (Јаков 4:4; 1. Јованово 5:21). Како класа, водачите на христијанскиот свет им се противат на оние што ја проповедаат добрата вест за Царството (Матеј 24:9, 14).
14. И покрај Јеховината одлука против современиот „Моав“, каква надеж постои за одделни членови на таа организација?
14 На крајот, Моав бил замолкнат. Истото ќе му се случи и на христијанскиот свет. Јехова, користејќи го современиот еквивалент на Асирија, ќе предизвика тој да биде опустошен (Откровение 17:16, 17). Меѓутоа, постои надеж за луѓето во овој современ „Моав“. Во средината на пророкувањето против Моав, Исаија вели: „Ќе се утврди престолот со милост и на него ќе седи верно, во Давидовиот шатор, судија кој ја бара правината и ја врши правдата“ (Исаија 16:5). Во 1914, Јехова цврсто го установил престолот на Исус, Владетел од лозата на цар Давид. Царувањето на Исус е израз на Јеховината милост и, во исполнување на Божјиот сојуз со цар Давид, ќе трае засекогаш (Псалм 72:2; 85:10, 11; 89:3, 4; Лука 1:32). Голем број кротки го напуштаат современиот „Моав“ и му се подложуваат на Исус со цел да добијат живот (Откровение 18:4). Колку е само утешно за нив да знаат дека Исус „јасно ќе им покаже на нациите што е правда“ (Матеј 12:18; Еремија 33:15).
Дамаск станува урнатина во распад
15, 16. а) Какви непријателски чекори презеле Дамаск и Израел против Јуда, и со каков резултат за Дамаск? б) Кој е вклучен во објавата против Дамаск? в) Што можат да учат денешните христијани од примерот на Израел?
15 Потоа, Исаија ја запишува „објавата против Дамаск“ (NW). (Прочитај Исаија 17:1—6.) Дамаск, на север од Израел, е „глава на Сиријците“ (Исаија 7:8). За време на владеењето на цар Ахаз во Јуда, Резин од Дамаск, во договор со Пека од Израел, ја напаѓа Јуда. Меѓутоа, на барање на Ахаз, Асирецот Теглат Феласар III војува против Дамаск, го освојува градот и одведува во изгнанство многу негови жители. Потоа, Дамаск повеќе не претставува закана за Јуда (2. Цареви 16:5—9; 2. Летописи 28:5, 16).
16 Веројатно поради алијансата на Израел со Дамаск, Јеховината објава против Дамаск исто така вклучува изјави на суд против неверното северно царство (Исаија 17:3—6). Израел ќе стане како поле во време на жетва со многу мал принос на жито или како маслиново дрво на кое повеќето маслинки му се истресени од гранките (Исаија 17:4—6). Каков само отрезнувачки пример за оние што му се предадени на Јехова! Тој очекува исклучителна оддаденост и прифаќа само искрена света служба. Исто така, тој ги мрази оние што се непријателски расположени спрема своите браќа (Излез 20:5; Исаија 17:10, 11; Матеј 24:48—50).
Потполна доверба во Јехова
17, 18. а) Како реагираат некои во Израел на Јеховините објави, но каков е општиот одѕив? б) Како денешните настани се слични на оние од деновите на Езекија?
17 Исаија сега вели: „Во оној ден човекот ќе погледне на својот Создател и ќе ги втренчи очите кон Израелевиот Светец. Не ќе го гледа веќе жртвеникот, делото на своите раце, не ќе го гледа веќе оној што неговите прсти го направија: ашерите и сончевите столбови“ (Исаија 17:7, 8). Да, некои во Израел обрнуваат внимание на Јеховината предупредувачка објава. На пример, кога Езекија испраќа повик до жителите на Израел да ѝ се придружат на Јуда во прославувањето на Пасхата, некои Израелци реагираат поволно и патуваат на југ за да им се придружат на своите браќа во чистото обожавање (2. Летописи 30:1—12). Сепак, повеќето жители на Израел се подбиваат со гласниците што го носат повикот. Земјата е неизлечиво отпадничка. Според тоа, Јеховината одлука против неа се извршува. Асирија ги уништува градовите на Израел, земјата станува пуста, пасиштата неплодни. (Прочитај Исаија 17:9—11.)
18 Како е денес? Израел бил отпадничка нација. Според тоа, начинот на кој Езекија се обидел да им помогне на поединци од таа нација да се вратат на вистинското обожавање нѐ потсетува на начинот на кој вистинските христијани денес се обидуваат да им помогнат на поединци од отпадничката организација на христијанскиот свет. Од 1919 наваму, гласници на „Израелот Божји“ одат низ христијанскиот свет, повикувајќи ги луѓето да земат удел во чистото обожавање (Галатите 6:16). Повеќето одбиваат. Многумина им се исмејуваат на гласниците. Некои сепак се одѕиваат. Тие сега бројат милиони, и уживаат ‚да ги втренчат очите кон Израелевиот Светец‘, да бидат поучени од него (Исаија 54:13). Тие го напуштаат обожавањето на несветите жртвеници, односно оддаденоста на богови направени од човек и довербата во нив, и горливо се свртуваат кон Јехова (Псалм 146:3, 4). Како Михеј, современик на Исаија, секој од нив вели: „А јас, јас сум загледан кон Господа, чекам на Бог Кој спасува, мојот Бог ќе ме послуша мене“ (Михеј 7:7).
19. Кому Јехова ќе му се закани, и што ќе значи ова за нив?
19 Каков само контраст во однос на оние што ја полагаат својата доверба во смртен човек! Нескротливи бранови од насилство и немири го заплискуваат човештвото во овие последни денови. „Морето“ од вознемирено, бунтовно човештво создава незадоволство и револуции (Исаија 57:20; Откровение 8:8, 9; 13:1). Јехова ќе „му се закани“ на ова бучно мноштво. Неговото небесно Царство ќе ја уништи секоја организација и секој поединец што создава неволји, а овие ќе „бегаат далеку . . . како плева на ветер“ (Исаија 17:12, 13; Откровение 16:14, 16).
20. И покрај тоа што нациите ги ‚ограбуваат‘, каква доверба имаат вистинските христијани?
20 Кој ќе биде резултатот од ова? Исаија вели: „Ете, навечер страв; пред разденување веќе го нема: тоа е судбината на оние кои нѐ пленуваат и коб на оние што нѐ ограбуваат“ (Исаија 17:14). Многумина го ограбуваат Јеховиниот народ, постапувајќи со него грубо и без почит. Поради тоа што тие не се — и не сакаат да бидат — дел од светските главни религиозни движења, критичарите со предрасуди и фанатичните противници гледаат на вистинските христијани како на лесен плен. Но, Божјиот народ има доверба дека ова „разденување“ — времето кога ќе завршат нивните неволји — брзо се приближува (2. Солуњаните 1:6—9; 1. Петрово 5:6—11).
Етиопија му носи подарок на Јехова
21, 22. На која нација ѝ е упатена следната објава на суд, и како се исполниле инспирираните зборови на Исаија?
21 Во најмалку две прилики, Етиопија, на југот од Египет, е вовлечена во воени акции против Јуда (2. Летописи 12:2, 3; 14:1, 9—15; 16:8). Сега Исаија го претскажува судот над таа нација: „Ха! Земјата на крилести инсекти што брмчат, која е во регионот на реките на Етиопија!“ (Прочитај Исаија 18:1—6, NW.) * Јехова наредува Етиопија да биде ‚отсечена, отстранета и поткастрена‘.
22 Световната историја ни кажува дека во подоцнежниот дел на осмиот век пр.н.е., Етиопија го освоила Египет и владеела со него околу 60 години. Асирските императори Есар Адон и Асурбанипал нападнале едноподруго. Со уништувањето на Теба од страна на Асурбанипал, Асирија го подјармила Египет и со тоа ѝ ставила крај на етиопската доминација над долината на Нил. (Види и Исаија 20:3—6.) А како е во современа доба?
23. Каква улога игра современата „Етиопија“, и зошто таа се соочува со својот крај?
23 Во Даниеловото пророштво за „времето на свршетокот“, агресивниот ‚северен цар‘ е опишан како оној што Етиопија и Либија „го следат“, т.е. одговараат на неговото насочување (Даниел 11:40—44а). Етиопија, исто така, е спомната како да е во борбените сили на ‚Гог, во земјата Магог‘ (Езекиел 38:2—5, 8). Силите на Гог, вклучувајќи го северниот цар, ќе се соочат со својот крај кога ќе ја нападнат Јеховината света нација. Според тоа, раката на Јехова ќе биде, исто така, испружена против современата „Етиопија“ поради нејзиното противење на Јеховиниот суверенитет (Езекиел 38:21—23; Даниел 11:45).
24. На кои начини Јехова добива „дарови“ од нациите?
24 Сепак, пророштвото исто така вели: „Во она време висок и темнокожен народ, народ од кого се бојат отсекогаш . . . ќе Му донесува дарови на Господа над Воинствата, при местото на Името на Господа над Војските — на гората Сион“ (Исаија 18:7). Иако нациите не го признаваат Јеховиниот суверенитет, понекогаш постапуваат на начин што му користи на Јеховиниот народ. Во некои земји, властите поставиле закони и донеле судски одлуки што им даваат легални права на верните обожаватели на Јехова (Дела 5:29; Откровение 12:15, 16). Има и други дарови. „Цареви ќе ти донесат дарови на тебе самиот . . . Бронзени работи ќе дојдат од Египет; самиот Куш [Етиопија] брзо ќе ги испружи своите раце со дарови кон Бог“ (Псалм 68:29—31, NW). Денес, милиони современи „Етиопци“ кои се плашат од Јехова, донесуваат ‚дар‘ во облик на обожавање (Малахија 1:11). Тие учествуваат во огромната задача на проповедање на добрата вест за Царството по целата Земја (Матеј 24:14; Откровение 14:6, 7). Каков само прекрасен дар му принесуваат на Јехова! (Евреите 13:15).
Се топи срцето на Египет
25. Во исполнување на Исаија 19:1—11, што се случува со древниот Египет?
25 Прв јужен сосед на Јуда ѝ е Египет, долгогодишен непријател на Божјиот народ на сојузот. Во Исаија 19. поглавје се раскажува за немирната состојба во Египет во времето на Исаија. Во Египет се води граѓанска војна, „град против град, и царство против царство“ (Исаија 19:2, 13, 14). Историчарите изнесуваат докази за сопернички династии кои истовремено владееле во различни делови на земјата. Фалената мудрост на Египет, со нејзините „идоли и вражалци“, нема да го спаси од ‚раката на жесток господар‘ (Исаија 19:3, 4). Египет успешно го освоиле едноподруго Асирија, Вавилон, Персија, Грција и Рим. Сите овие настани се исполнување на пророштвата од Исаија 19:1—11.
26. Како ќе реагираат жителите на современиот „Египет“ на Јеховините дела на суд во поголемото исполнување?
26 Меѓутоа, во Библијата, Египет честопати го симболизира Сатановиот свет (Езекиел 29:3; Јоил 4:19; Откровение 11:8). Според тоа, има ли Исаиината ‚објава против Египет‘ поголемо исполнување? Секако дека има! Уводните зборови на пророштвото треба на сите да ни дадат причина да обрнеме внимание: „Гледај! Јехова јава на брз облак и доаѓа во Египет. А безвредните богови на Египет сигурно ќе треперат поради него, и самото срце на Египет среде тој облак ќе се стопи“ (Исаија 19:1, NW). Јехова наскоро ќе тргне против Сатановата организација. Во тоа време, ќе се види дека боговите на овој систем на работи се безвредни (Псалм 96:5; 97:7). „Самото срце на Египет . . . ќе се стопи“ од страв. Исус го прорекол тоа време: „И ќе има . . . мака меѓу нациите кои не знаат за излез поради бучавата на морето и неговата разбрануваност, додека луѓето изнемоштуваат од страв и од исчекување на она што доаѓа врз населената земја“ (Лука 21:25, 26).
27. Какви внатрешни поделби биле проречени за „Египет“, и како ова се исполнува денес?
27 За времето што води до извршување на неговиот суд, Јехова пророчки вели: „Ќе ги подбуцнам Египетците против Египетците, и брат ќе се бори против брата си; другар против другар, град против град, и царство против царство“ (Исаија 19:2). Од установувањето на Божјето Царство во 1914, „знакот на [Исусовата] присутност“ е одбележан со тоа што нација се крева против нација и царство против царство. Племенските масакри, крвавите геноциди и таканаречените етнички чистења одзеле милиони животи во овие последни денови. Додека се приближува крајот, таквите „мачни болки“ само ќе се влошуваат (Матеј 24:3, 7, 8).
28. Што ќе може да направи лажната религија за да го спаси овој систем на работи во денот на суд?
28 „И духот на Египет ќе изнемошти, Јас ги спречувам неговите намисли; тие бараат идоли и вражалци, повикувачи на мртви и гатачи“ (Исаија 19:3). Кога Мојсеј се појавил пред Фараонот, свештениците на Египет биле посрамени, неспособни да се мерат со Јехова по сила (Излез 8:18, 19; Дела 13:8; 2. Тимотеј 3:8). На сличен начин, во денот на суд, лажната религија ќе биде неспособна да го спаси овој расипан систем. (Спореди Исаија 47:1, 11—13.) На крајот, Египет дошол под „жесток господар“, Асирија (Исаија 19:4). Ова ја навестува мрачната иднина што го очекува овој систем на работи.
29. Од каква корист ќе бидат политичарите кога ќе дојде Јеховиниот ден?
29 Сепак, што ќе се случи со политичките лидери? Можат ли тие да помогнат? „Соанските кнезови се вистински безумници, мудрите фараонови советници советуваат неосновано [неразумно, NW]“. (Прочитај Исаија 19:5—11.) Колку само е неразумно да се има надеж дека човечките советници ќе бидат од некаква корист во денот на суд! И покрај сето световно спознание што им стои на располагање, ним им недостига божествена мудрост (1. Коринќаните 3:19). Тие го отфрлиле Јехова и се свртеле кон таканаречена наука, филозофија, пари, задоволство и други богови во замена. Како резултат на тоа, немаат спознание за Божјите намери. Заведени се и збунети. Нивните дела се залудни. (Прочитај Исаија 19:12—15.) „Мудреците ќе бидат засрамени, исплашени и фатени во примка. Ете, тие го презреа Господовото слово! А нивната мудрост — што им ползува?“ (Еремија 8:9).
Знак и сведоштво на Јехова
30. На каков начин „Јудината Земја ќе биде ужас за Египет“?
30 Меѓутоа, иако водечките ‚Египетци‘ се слаби, „како жени“, сѐ уште постојат поединци кои бараат божествена мудрост. Јеховините помазаници и нивните придружници ‚ги објавуваат надалеку извонредностите на Бог‘ (Исаија 19:16; 1. Петрово 2:9). Тие прават сѐ што можат за да ги предупредат луѓето за претстојниот крај на Сатановата организација. Гледајќи ја оваа ситуација однапред, Исаија вели: „Јудината Земја ќе биде ужас за Египет; кога ќе си спомни за неа, ќе го опфати страв заради она што Господ над Војските намисли против него“ (Исаија 19:17). Верните гласници на Јехова ги посетуваат луѓето за да им ја кажат вистината — вклучувајќи ја објавата за неволјите кои Јехова ги прорекол (Откровение 8:7—12; 16:2—12). Ова ги вознемирува религиозните водачи во светот.
31. Како ќе дојде до тоа ‚ханаанскиот јазик‘ да се зборува во египетските градови а) во древни времиња? б) во денешно време?
31 Кој е изненадувачкиот резултат од ова дело на проповедање? „Во оној ден, во Египетската Земја, пет градови што зборуваат на ханаански јазик ќе Му се заколнат на Господа над Воинствата; еден од нив ќе се вика Ахерес [Град на разрушувањето, NW]“ (Исаија 19:18). Во старо време, ова пророштво изгледа се исполнило кога Евреите зборувале хебрејски во египетските градови во кои побегнале (Еремија 24:1, 8—10; 41:1—3; 42:9—43:7; 44:1). Денес, на територијата на современиот „Египет“ има луѓе кои научиле да го зборуваат ‚чистиот јазик‘ на библиската вистина (Софонија 3:9, NW). Еден од петте фигуративни градови е наречен „Град на разрушувањето“, што означува дека дел од ‚чистиот јазик‘ е поврзан со разоткривањето и „разрушувањето“ на Сатановата организација.
32. а) Каков „жртвеник“ има среде Египетската Земја? б) На кој начин помазаниците се како „столб“ близу до египетската граница?
32 Благодарение на делото на објавување што го врши народот на Јехова, неговото величествено име сигурно ќе стане познато во овој систем на работи. „Во оној ден Господовиот жртвеник ќе биде среде Египетската Земја и столбот посветен на Господа близу до неговата граница“ (Исаија 19:19). Овие зборови укажуваат на положбата на помазаните христијани кои се во сојузен однос со Бог (Псалм 50:5). Како на „жртвеник“, тие ги принесуваат своите жртви; како „столб и потпора на вистината“, тие носат сведоштво за Јехова (1. Тимотеј 3:15; Римјаните 12:1; Евреите 13:15, 16). Тие се ‚среде земјата‘, и ги има — заедно со нивните придружници, „други овци“ — во повеќе од 230 земји и морски острови. Но, не се „дел од светот“ (Јован 10:16; 17:15, 16). Тие, така да се каже, стојат на границата помеѓу овој свет и Царството на Бог, подготвени да ја минат таа граница и да ја добијат својата небесна награда.
33. На кој начин помазаниците се „знак“ и „сведоштво“ во „Египет“?
33 Исаија продолжува: „Тоа ќе биде знак на Господа над Воинствата и сведоштво во Египетската Земја. Кога ќе Го повикаат Господа против угнетувачите, Тој ќе им испрати спасител и водач за да ги избави“ (Исаија 19:20). Како „знак“ и „сведоштво“, помазаниците го преземаат водството во делото на проповедање и го возвишуваат името на Јехова во овој систем на работи (Исаија 8:18; Евреите 2:13). Плачот на угнетуваните луѓе може да се чуе по целиот свет, но, општо земено, човечките влади се неспособни да им помогнат. Меѓутоа, Јехова ќе испрати Голем Спасител, царот Исус Христос, да ги ослободи сите кротки. Кога овие последни денови ќе ја достигнат својата кулминација во војната Армагедон, тој ќе им донесе олеснување и вечни благослови на богобојазливите луѓе (Псалм 72:2, 4, 7, 12—14).
34. а) Како ќе го познаат „Египетците“ Јехова, и какви жртви и дарови ќе му принесуваат? б) Кога Јехова ќе го удри „Египет“, и какво лекување ќе следи?
34 Во меѓувреме, Божја волја е сите видови луѓе да стекнат точно спознание и да бидат спасени (1. Тимотеј 2:4). Според тоа, Исаија пишува: „И ќе им се објави Господ на Египетците, и во оној ден Египетците ќе Го познаат Господа; ќе Му служат со жртви и приноси, ќе се заветуваат и ќе ги извршуваат заветите. Господ ќе ги удри тешко Египетците, ама ќе ги излечи“ (Исаија 19:21, 22). Луѓе од сите нации на Сатановиот свет, „Египетци“ како поединци, го запознаваат Јехова и му принесуваат жртви, „плод на усните кои даваат јавна изјава за неговото име“ (Евреите 13:15). Тие му се заветуваат на Јехова со тоа што му се предаваат нему, и го извршуваат заветот со тоа што живеат живот на лојална служба. По ‚ударот‘ што Јехова ќе му го зададе на овој систем на работи во Армагедон, тој ќе го употреби своето Царство за да го излечи човештвото. За време на Исусовото илјадагодишно владеење, човештвото ќе биде издигнато до духовна, умствена, морална и физичка совршеност — вистинско лекување! (Откровение 22:1, 2).
,Нека е благословен Мојот народ‘
35, 36. Во исполнување на Исаија 19:23—25, какви врски постоеле во старо време помеѓу Египет, Асирија и Израел?
35 Потоа пророкот предвидува еден впечатлив развој на настаните: „Во оној ден патот ќе води од Египет до Асирија, Асиријците ќе доаѓаат во Египет, а Египетците во Асирија. Египет и Асирија ќе Му служат на Господа. Во оној ден Израел, ќе биде трет со Египет и Асирија, ќе биде благословен [благослов, NW] среде земјата. Господ над Воинствата ќе го благослови: ‚Нека е благословен, ќе рече, Мојот Египетски народ, делото на Моите раце Асирија и Моето наследство Израел‘“ (Исаија 19:23—25). Да, помеѓу Египет и Асирија еден ден ќе постојат пријателски односи. Како?
36 Кога во минатото Јехова го избавил својот народ од нациите, за него направил, така да се каже, пат до слобода (Исаија 11:16; 35:8—10; 49:11—13; Еремија 31:21). До едно ограничено исполнување на ова пророштво дошло по поразот на Вавилон кога изгнаници од Асирија и Египет, како и од Вавилон, се вратиле назад во Ветената земја (Исаија 11:11). Но, како е во денешно време?
37. На кој начин милиони луѓе денес живеат како да има пат помеѓу „Асирија“ и „Египет“?
37 Денес, остатокот од помазани духовни Израелци е ‚благослов среде земјата‘. Тие го унапредуваат вистинското обожавање и им ја објавуваат пораката за Царството на луѓе од сите нации. Некои од овие нации се како Асирија, крајно милитаристички. Други нации се полиберални, можеби како Египет — некогашниот ‚јужен цар‘ од Даниеловото пророштво (Даниел 11:5, 8). Милиони поединци од милитаристичките нации и од полибералните нации тргнале по патот на вистинското обожавање. На тој начин, луѓе од сите нации се обединети во ‚службата‘. Меѓу нив нема националистички поделби. Тие се сакаат еден со друг, и навистина може да се рече дека ‚Асиријците доаѓаат во Египет, а Египетците во Асирија‘. Тоа е како да има пат од едните до другите (1. Петрово 2:17).
38. а) Како Израел ќе „биде трет со Египет и Асирија“? б) Зошто Јехова вели: ‚Нека е благословен Мојот народ‘?
38 Тогаш, како Израел е „трет со Египет и Асирија“? Рано во „времето на свршетокот“, повеќето од оние што му служеле на Јехова на Земјата, биле членови на „Израелот Божји“ (Даниел 12:9; Галатите 6:16). Од 1930-тите наваму, се појавило големо мноштво од „други овци“ со земна надеж (Јован 10:16а; Откровение 7:9). Дојдени од нациите — претставени со Египет и Асирија — тие се слеваат кон Јеховиниот дом на обожавање и ги повикуваат другите да им се придружат (Исаија 2:2—4). Тие го вршат истото дело на проповедање како своите помазани браќа, поднесуваат слични испити, ја покажуваат истата верност и интегритет и се хранат од истата духовна трпеза. Навистина, помазаниците и ‚другите овци‘ се „едно стадо, еден пастир“ (Јован 10:16б). Може ли некој да се сомнева дали Јехова, гледајќи ја нивната ревност и истрајност, е задоволен со нивната активност? Не е чудо што тој изрекува благослов над нив, велејќи: ‚Нека е благословен Мојот народ‘!
[Фуснота]
^ Некои изучувачи сугерираат дека изразот „земјата на крилести инсекти што брмчат“ се однесува на скакулците кои понекогаш се ројат во Етиопија. Други укажуваат дека хебрејскиот збор за „брмчи“, целацал, звучи како името цалцалја што Гала, хамитски народ што живее во современа Етиопија, ѝ го дал на мувата це-це.
[Прашања]
[Слика на страница 191]
Филистејски воини ги напаѓаат своите непријатели (египетска резба од 12 век пр.н.е.)
[Слика на страница 192]
Каменен релјеф на моавски воин или бог (помеѓу 11 и 8 век пр.н.е.)
[Слика на страница 196]
Сириски воин кој јава на камила (деветти век пр.н.е.)
[Слика на страница 198]
„Морето“ од бунтовно човештво создава незадоволство и револуции
[Слика на страница 203]
Свештениците на Египет биле неспособни да се мерат со Јехова по сила