Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховината рака е подигната

Јеховината рака е подигната

Дваесет и прво поглавје

Јеховината рака е подигната

Исаија 25:1—27:13

1. Зошто Исаија има ценење за Јехова?

 ИСАИЈА чувствува длабока љубов кон Јехова и му причинува големо задоволство да го велича. Тој извикува: „О Јехова, ти си мој Бог. Те возвишувам, го славам твоето име“. Што му помага на пророкот да има такво извонредно ценење за својот Творец? Еден од главните фактори е спознанието што го има за Јехова и за неговите активности. Следните зборови на Исаија го откриваат ова спознание: „Зашто ти направи чудесни работи, одлуки од рани времиња, во верност, во доверливост“ (Исаија 25:1NW). Како и Исус Навин пред него, Исаија знае дека Јехова е верен и доверлив и дека сите негови „одлуки“ — работите што наумил да ги направи — ќе се исполнат (Исус Навин 23:14).

2. Каква одлука од Јехова објавува сега Исаија, и на кого се однесува оваа одлука?

2 Одлуките на Јехова ги вклучуваат неговите судски изјави против непријателите на Израел. Исаија сега објавува една од нив: „Градот го претвори во куп камења, а утврденото место во урнатина. Непријателската тврдина веќе не е град, не ќе биде обновена довека“ (Исаија 25:2). Кој е овој неименуван град? Исаија можеби укажува на Моавскиот Ар — Моав е долго време во непријателство со Божјиот народ. * Или можеби укажува на друг, појак град — Вавилон (Исаија 15:1; Софонија 2:8, 9).

3. На кој начин го слават Јехова неговите непријатели?

3 Како ќе реагираат непријателите на Јехова кога ќе биде спроведена одлуката против нивниот јак град? „Те слави силен народ, градот на силните [тиранските, NW] племиња се бои од Тебе“ (Исаија 25:3). Разбирливо е дека непријателите на семоќниот Бог ќе се бојат од него. Но, сепак, како го слават? Дали ќе ги напуштат своите лажни богови и ќе прифатат чисто обожавање? Тешко! Наместо тоа, слично на Фараонот и на Навуходоносор, тие го слават Јехова дури тогаш кога се наведени да ја признаат неговата убедлива надмоќ (Излез 10:16, 17; 12:30—33; Даниел 4:37).

4. Каков ‚град на тиранските племиња‘ постои денес, и како мора дури и тој да го слави Јехова?

4 Денес, ‚градот на тиранските племиња‘ е „големиот град кој има царство над земните цареви“, имено, „Големиот Вавилон“, светската империја на лажната религија (Откровение 17:5, 18). Главниот дел на оваа империја е христијанскиот свет. Како го слават Јехова религиозните водачи на христијанскиот свет? Така што со горчина ги признаваат прекрасните работи што ги постигнал тој во корист на своите Сведоци. Особено во 1919, кога Јехова ги вратил своите слуги во динамична активност по нивното ослободување од духовното заробеништво на Големиот Вавилон, овие водачи ‚се исплашиле и му оддале слава на Богот на небото‘ (Откровение 11:13). *

5. Како Јехова ги заштитува оние што имаат апсолутна доверба во него?

5 Иако стравотен од гледна точка на неговите непријатели, Јехова е прибежиште за кротките и понизните кои сакаат да му служат. Религиозните и политичките тирани можат да испробаат сѐ за да им ја скршат верата на вистинските обожаватели, но нема да успеат бидејќи овие имаат апсолутна доверба во Јехова. На крајот, тој лесно ги замолчува своите противници, правејќи го тоа како да покрива вжарено пустинско сонце со облак или како да ја блокира силата на пороен дожд со ѕид. (Прочитај Исаија 25:4, 5.)

,Гозба за сите народи‘

6, 7. а) Каква гозба приредува Јехова, и за кого? б) Што навестува гозбата што ја прорекол Исаија?

6 Како љубезен татко, Јехова своите деца не само што ги заштитува туку и ги храни, особено во духовен поглед. По ослободувањето на неговиот народ во 1919, тој им приредил победничка гозба, изобилство од духовна храна: „И Господ над Воинствата ќе им приготви на сите народи на оваа гора гозба од мрсно месо [добри јадења, СП], гозба со чисто вино, од сочна згуснетост, од стаено вино“ (Исаија 25:6).

7 Гозбата се приредува на Јеховината „гора“. Што е оваа гора? Тоа е „планината на Јеховиниот дом“ кон која ќе се слеваат сите нации „во завршниот дел од деновите“. Тоа е Јеховината „света гора“, каде што неговите верни обожаватели не ќе прават повеќе зло ниту ќе опустуваат (Исаија 2:2NW; 11:9). На ова возвишено место на обожавање, Јехова ја приредува својата обилна гозба за верните. А духовните добри работи што сега толку великодушно се обезбедени ги навестуваат физичките добри работи што ќе бидат обезбедени кога Божјето Царство ќе стане единствената влада за човештвото. Тогаш ќе нема повеќе глад. „Ќе има изобилие од жито на Земјата; на врвот од горите ќе има преобилност“ (Псалм 72:8, 16NW).

8, 9. а) Кои два големи непријатела на човештвото ќе бидат отстранети? Објасни. б) Што ќе направи Бог за да го отстрани срамот од својот народ?

8 Оние што сега учествуваат во божествено обезбедената духовна гозба, имаат славни изгледи. Слушни ги следните зборови на Исаија. Споредувајќи ги гревот и смртта со задушувачка ‚покривка‘ или ‚завеса‘, тој вели: „На оваа гора [Јехова] ќе ја скине завесата која ги покриваше сите народи, покривката што ги покриваше сите племиња, и ќе ја уништи смртта засекогаш. И Господ Бог ќе ја избрише солзата од секое лице“ (Исаија 25:7, 8а).

9 Да, ќе нема повеќе грев и смрт! (Откровение 21:3, 4). Освен тоа, срамот што Јеховините слуги со илјадници години го поднесувале заради лаги, исто така ќе го снема. „Ќе го симне срамот на Својот народ од целата земја: Господ рече така“ (Исаија 25:8б). Како ќе се случи ова? Јехова ќе го отстрани изворот на тој срам, Сатана и неговото семе (Откровение 20:1—3). Не е чудо што Божјиот народ ќе биде поттикнат да извика: „Ете, Овој е нашиот Бог, во Него се надеваме, Тој нѐ спаси; Тој е Господ во Кого се надевавме! Да Му воскликнуваме и да се веселиме на Неговото спасение“ (Исаија 25:9).

Горделивите се оборени

10, 11. На кој начин Јехова е спремен да постапи грубо со Моав?

10 Јехова ги спасува оние од својот народ кои покажуваат понизност. Меѓутоа, израелскиот сосед Моав е горд, а Јехова му се гади од гордост (Пословици 16:18). Затоа за Моав е предвидено понижување. „Господовата рака почива на оваа гора! Моав е изгазен на своето место како што се гази слама на буниште. Таму Тој размавнува со рацете, како што ги размавнува пливачот кога плива. Но Господ ја оборува неговата горделивост и кревањата на неговите раце. Високата тврдина на твоите ѕидови Тој ја разурнува, ја фрла на земја, ја руши во прав“ (Исаија 25:10—12).

11 Јеховината рака ќе „почива“ на планината Моав. Со каков резултат? На гордиот Моав ќе му биде удрена шлаканица и ќе биде изгазен како „на буниште“. Во времето на Исаија, сламата се гази врз купови лепешки за да се направи ѓубриво; што значи, Исаија претскажува понижување за Моав и покрај неговите високи, навидум сигурни ѕидини.

12. Зошто Моав е издвоен за Јеховината објава на суд?

12 Зошто Јехова го издвојува Моав за таква остра одлука? Моавците се потомци на Лот, внук на Авраам и обожавател на Јехова. Значи, тие не му се само соседи на Божјиот народ на сојузот туку и роднини. И покрај ова, прифатиле лажни богови и покажуваат тврдокорно непријателство спрема Израел. Тие го заслужуваат она што ќе ги снајде. Во поглед на ова, Моав е како и непријателите на Јеховините слуги денес. Тој особено е како христијанскиот свет, кој тврди дека корените му се во христијанското собрание од првиот век, а кој, како што видовме претходно, е главен дел од Големиот Вавилон.

Песна на спасение

13, 14. Каков „цврст град“ има Божјиот народ денес, и кому му е дозволено да влезе во него?

13 Што е со Божјиот народ? Восхитени што ја имаат Јеховината наклоност и заштита, ги подигаат своите гласови во песна. „Во оној ден, ќе ја пеат оваа песна во Јудината Земја: ‚Ние имаме цврст град: за одбрана Тој ни крева ѕидови и преѕидишта. Отворете ги вратите! Нека влезе праведниот народ, кој ја пази верноста“ (Исаија 26:1, 2). Иако овие зборови без сомнение имале исполнување во древни времиња, имаат јасно исполнување и денес. Јеховиниот ‚праведен народ‘, духовниот Израел, е даруван со цврста организација слична на град. Каква само причина за радост, за песна!

14 Каков народ доаѓа во овој „град“? Песната го дава одговорот: „Склоноста што е добро поддржана ти [Боже] ќе ја зачуваш во постојан мир, бидејќи во тебе човек е наведен да има доверба. Имај доверба во Јехова, народе, за сите времиња, зашто во Јах Јехова е Карпата на недогледните времиња“ (Исаија 26:3, 4NW). „Склоноста“ што Јехова ја поддржува е желбата да се биде послушен на неговите праведни начела и да се има доверба во него, а не во нестабилните комерцијални, политички и религиозни системи на светот. „Јах Јехова“ е единствената доверлива Карпа на сигурност. Оние што имаат потполна доверба во Јехова ја добиваат неговата заштита и уживаат „постојан мир“ (Пословици 3:5, 6; Филипјаните 4:6, 7).

15. Како е понижена ‚високата крепост‘ денес, и на кој начин „нозете на бедните“ ја газат?

15 Каков контраст со она што им се случува на непријателите на Божјиот народ! „Тој ги соборува оние кои живееја високо, разурнува висока крепост, ја разурнува во прав, ја срамнува со земјата, па ја газат нозе, нозете на бедните и чекорите на сиромашните“ (Исаија 26:5, 6). Повторно, Исаија овде можеби се осврнува на некоја „висока крепост“ во Моав, или можеби мисли на некој друг град, како Вавилон, кој сигурно горделиво се воздигнува. Како и да е, Јехова ја свртува ситуацијата против ‚високата крепост‘ во своја корист, а неговите ‚бедни и сиромашни‘ ја газат. Денес ова пророштво одговара на Големиот Вавилон, а особено на христијанскиот свет. Во 1919, оваа „висока крепост“ била принудена да го ослободи Јеховиниот народ — еден понижувачки пад — а тие, од своја страна, почнуваат да го газат својот стар поробувач (Откровение 14:8). Како? Со јавно објавување на Јеховината претстојна одмазда врз него (Откровение 8:7—12; 9:14—19).

Да се копнее по праведност и по Јеховиниот „спомен“

16. Каков одличен пример на оддаденост дава Исаија?

16 По оваа триумфална песна, Исаија ја открива длабочината на својата сопствена оддаденост и наградите од служењето на Богот на праведноста. (Прочитај Исаија 26:7—9.) Пророкот дава одличен пример на ‚желно чекање‘ на Јехова и на длабок копнеж по Јеховиното „Име“ и „спомен“. Што е Јеховиниот спомен? Излез 3:15 (NW) вели: „Јехова . . . е моето име до недогледно време, и ова е споменот за мене од поколение в поколение“. Исаија длабоко го цени Јеховиното име и сето она што стои зад него, вклучувајќи ги и Неговите праведни мерила и патишта. Оние што негуваат слична љубов кон Јехова се уверени во неговиот благослов (Псалм 5:8; 25:4, 5; 135:13; Осија 12:5СП).

17. Кои предности ќе му бидат скратени на злобниот?

17 Меѓутоа, сите не го сакаат Јехова и неговите возвишени мерила. (Прочитај Исаија 26:10NW.) Злобниот, дури и кога е повикан, тврдоглаво одбива да се научи на праведност со цел да влезе во „земјата на исправноста“, земјата населена од Јеховините морално и духовно исправни слуги. Како последица од тоа, злобниот „нема да ја види возвишеноста Јеховина“. Таквиот нема да живее за да ги ужива благословите што ќе бидат излеани на човештвото откако ќе биде посветено Јеховиното име. Дури и во новиот свет, кога целата Земја ќе биде „земја на исправноста“, некои можеби ќе пропуштат да се одѕвијат на Јеховината срдечна љубезност. Имињата на таквите нема да бидат запишани во книгата на животот (Исаија 65:20; Откровение 20:12, 15).

18. На кој начин некои луѓе во деновите на Исаија се слепи по сопствен избор, и кога ќе бидат принудени да го „видат“ Јехова?

18 „Господи, Твојата рака е подигната а тие не ја гледаат. Нека ја видат и нека се засрамат, нека ги проголта ревноста на народот, нека ги проголта огнот подготвен за Твоите непријатели“ (Исаија 26:11). Во деновите на Исаија, раката на Јехова се покажува подигната кога Јехова го заштитува својот народ дејствувајќи против неговите непријатели. Но, повеќето не го признаваат ова. Таквите, духовно слепи по сопствен избор, на крајот, кога ќе бидат проголтани од огнот на Неговата ревност, ќе бидат принудени да го „видат“, или да го признаат Јехова (Софонија 1:18). Бог подоцна му вели на Езекиел: „Ќе познаат дека Јас Сум Господ [Јехова, NW]“ (Езекиел 38:23).

„Кого Јехова го љуби, него и го дисциплинира“

19, 20. Зошто и како Јехова го дисциплинира својот народ, и кој има корист од таквата дисциплина?

19 Исаија знае дека секој мир и напредок што го уживаат неговите земјаци се должи на Јеховиниот благослов. „Господи, Ти ни даваш мир, зашто Ти си Творец на сите наши дела“ (Исаија 26:12). И покрај ова, а и покрај можноста што Јехова ја поставил пред својот народ да стане „царство, свештеници, свет народ“, Јуда има превртливо минато (Излез 19:6). Секогаш одново, нејзиниот народ се свртувал кон обожавање на лажни богови. Како последица од тоа, секогаш одново биле дисциплинирани. Ваквата дисциплина, меѓутоа, е доказ на Јеховината љубов, бидејќи „кого Јехова го љуби, него и го дисциплинира“ (Евреите 12:6).

20 Јехова честопати го дисциплинира својот народ дозволувајќи им на други нации, „други господари“, да владеат со нив. (Прочитај Исаија 26:13.) Во 607 пр.н.е., тој им дозволува на Вавилонците да ги одведат во изгнанство. Дали им користело ова? Страдањето само по себе не му користи на еден човек. Меѓутоа, ако страдалникот учи од она што се случува, се кае и исклучително му е оддаден на Јехова, тогаш му користи (Второзаконие 4:25—31). Дали некои Евреи покажуваат побожно покајание? Да! Исаија пророчки вели: „Единствено Тебе, Твоето Име, ние ќе [го] споменуваме“. По враќањето од изгнанство во 537 пр.н.е., на Евреите често им била потребна дисциплина за други гревови, но никогаш повторно не паднале како жртва на обожавањето богови од камен.

21. Што ќе им се случи на оние што го угнетувале Божјиот народ?

21 Што е со поробувачите на Јуда? „Мртвите [Немоќните во смртта, NW] нема да оживеат, сенките нема да воскреснат, зашто Ти ги казни и ги уништи и го сотре секој спомен за нив!“ (Исаија 26:14). Вавилон ќе страда поради суровоста која Јеховината избрана нација морала да ја трпи од него. Со помош на Медијците и Персијците, Јехова ќе го собори гордиот Вавилон и ќе го ослободи својот изгонет народ. Тој голем град, Вавилон, ќе стане немоќен, како да е мртов. На крајот, ќе престане да постои.

22. Како е благословен Божјиот народ во современа доба?

22 Во современото исполнување, остатокот од пречистениот духовен Израел бил ослободен од Големиот Вавилон и бил вратен во Јеховината служба во 1919 година. Со обновена сила, помазаните христијани се фрлија на своето проповедничко дело (Матеј 24:14). Од своја страна, Јехова ги благословува со пораст, донесувајќи им дури и големо мноштво од „други овци“ за да служат со нив (Јован 10:16). „Го умножи народот, Господи, го умножи народот, Се прослави, ги прошири сите граници на земјата! Господи, Те бараа во неволја; излеваа тивка молитва, кога ги стигна Твојата казна“ (Исаија 26:15, 16).

„Тие ќе станат“

23. а) До каква истакната демонстрација на Јеховината моќ дошло во 537 пр.н.е.? б) До каква слична демонстрација на моќ доаѓа во 1919 н.е.?

23 Исаија се враќа на ситуацијата со која се соочува Јуда додека е сѐ уште во ропството на Вавилон. Нацијата ја споредува со жена која е во породилни болки, но која без помош не може да роди. (Прочитај Исаија 26:17, 18.) Таа помош доаѓа во 537 пр.н.е., и Јеховиниот народ се враќа во својата земја, ревносен повторно да го изгради храмот и да го обнови вистинското обожавање. Всушност, нацијата е подигната од мртвите. „Твоите мртви ќе оживеат, телата ќе воскреснат [тие ќе станат, NW]. Разбудете се и воскликнувајте, жители на правот! Зашто Твојата роса е — роса на светлината, и земјата ќе ги исфрли мртвите [немоќните во смртта, NW] (Исаија 26:19). Каква само демонстрација на Јеховината моќ! Освен тоа, каква само силна демонстрација на моќ било тоа кога овие зборови се исполниле во духовна смисла во 1919! (Откровение 11:7—11). И колку само радосно го исчекуваме времето кога овие зборови ќе се исполнат на дословен начин во новиот свет и оние што се немоќни во смртта ќе го ‚чујат Исусовиот глас и ќе излезат‘ од спомен-гробовите! (Јован 5:28, 29).

24, 25. а) Како можеби Евреите во 539 пр.н.е. ја послушале Јеховината заповед да се скријат? б) На што би можеле да укажуваат „собите“ во денешно време, и каков став мораме да негуваме кон нив?

24 Меѓутоа, ако верните сакаат да ги уживаат духовните благослови ветени преку Исаија, мораат да бидат послушни на Јеховините заповеди: „Ајде, народе Мој, влези во собите и затвори ги вратите зад себе. Скриј се за миг додека не помине гневот. Зашто, ете, Господ ќе излезе од Своето Живеалиште, за да ги казни земните жители дека згрешија кон Него. Земјата ќе ја исфрли сета крв што е пролеана на неа и не ќе ги крие веќе оние кои беа убиени на неа“ (Исаија 26:20, 21; спореди Софонија 1:14). Овој пасус можеби има почетно исполнување кога Медијците и Персијците, водени од царот Кир, го освојуваат Вавилон во 539 пр.н.е. Според грчкиот историчар Ксенофон, кога Кир влегува во Вавилон, заповеда сите да останат во своите домови бидејќи неговата коњаница има „заповед да го покоси секого што ќе го најде надвор“. Денес, „собите“ од ова пророштво би можеле да бидат тесно поврзани со десетиците илјади собранија на Јеховиниот народ по светот. Таквите собранија ќе продолжат да играат клучна улога во нашите животи, дури и во текот на „големата неволја“ (Откровение 7:14). Колку само е пресудно да задржиме здрав став кон собранието и редовно да се дружиме со него! (Евреите 10:24, 25).

25 Наскоро ќе дојде крајот на Сатановиот свет. Како Јехова ќе го заштити својот народ во текот на тоа време што влева страв, сѐ уште не знаеме (Софонија 2:3). Меѓутоа, знаеме дека нашето преживување ќе зависи од нашата вера во Јехова и од нашата лојалност и послушност кон него.

26. Што е ‚Левијатан‘ во деновите на Исаија и во нашево време, и што му се случува на овој ‚морски змев‘?

26 Осврнувајќи се на тоа време, Исаија пророкува: „Во оној ден, Господ ќе го казни со лут, голем и силен меч Левијатана, итрата змија, Левијатана, извивливата змија, и ќе го убие морскиот змев“ (Исаија 27:1). Во првобитното исполнување, ‚Левијатан‘ се однесува на земјите низ кои е расеан Израел, како Вавилон, Египет и Асирија. Овие земји не ќе можат да го спречат Јеховиниот народ во свое време да се врати во татковината. Но, кој е современиот Левијатан? Изгледа дека тоа е Сатана — „празмијата“ — и неговиот злобен систем на работи овде на Земјата, неговото средство за војување против духовниот Израел (Откровение 12:9, 10; 13:14, 16, 17; 18:24). ‚Левијатан‘ го изгубил влијанието над Божјиот народ во 1919, а наскоро и потполно ќе исчезне кога Јехова ќе „го убие морскиот змев“. Во меѓувреме, ништо што ‚Левијатан‘ може да се обиде да го стори против Јеховиниот народ нема да има вистински успех (Исаија 54:17).

,Винородно лозје‘

27, 28. а) Со што ја исполнило Јеховиното лозје целата Земја? б) Како Јехова го штити своето лозје?

27 Со друга песна, Исаија сега убаво ја илустрира родноста на Јеховиниот ослободен народ: „Во оној ден, пејте му, на винородното лозје: ‚Јас, Господ, го чувам него, го залевам во секој миг; и за да не го оштети некој, стражам дење и ноќе‘“ (Исаија 27:2, 3). Остатокот од духовниот Израел и неговите марливи придружници навистина ја исполниле целата Земја со духовен род. Каква само причина за славење — за песна! Сета заслуга му се припишува на Јехова, оној што со љубов се грижи за своето лозје. (Спореди Јован 15:1—8.)

28 Навистина, претходниот гнев на Јехова е заменет со радост! „Нема гнев во Мене! Само нека се појават трништата и трњето, ќе станам во бој против него, ќе го изгорам сето! Или нека дојде под Моја закрила, нека склучи мир со Мене, и ќе направи мир со Мене!“ (Исаија 27:4, 5). За да осигури неговото лозје и понатаму да дава ‚вино‘ во изобилство, Јехова го уништува и го отстранува како со оган секое влијание слично на трње што може да го расипе неговото лозје. Според тоа, никој нека не ја доведува во опасност благосостојбата на христијанското собрание! Наместо тоа, сите нека ‚дојдат под Јеховина закрила‘, барајќи ја неговата наклоност и заштита. Правејќи го тоа, склучуваат мир со Бог — нешто кое е толку важно што Исаија го спомнува двапати. Со каков резултат? „Доаѓаат денови кога Јаков ќе се вкорени, ќе се разгранчи и ќе процвета Израел, и ќе го наполни со плодови целиот свет“ (Исаија 27:6). * Каков прекрасен доказ за Јеховината моќ е исполнувањето на овој стих! Од 1919, помазаните христијани ја наполнија Земјата со „плодови“, хранлива духовна храна. Како резултат на ова, ним им се придружија милиони лојални други овци, кои заедно со нив „му вршат света служба [на Бог] ден и ноќ“ (Откровение 7:15). Среде еден расипан свет, тие радосно ги одржуваат своите возвишени мерила. А Јехова продолжува да ги благословува со пораст. Никогаш да не ја изгубиме од вид прекрасната предност да земаме од ‚плодовите‘ и да ги делиме со другите преку нашиот личен извик на фалба!

[Фусноти]

^ Името Ар веројатно значи „Град“.

^ Види Откривење — близу је величанствени врхунац!, 170. страница.

^ За Исаија 27:7—13 се дискутира во рамката на 285. страница.

[Прашања]

[Рамка на страница 285]

Една „голема труба“ најавува слобода

Во 607 пр.н.е., болките на Јуда се зголемуваат кога Јехова ја дисциплинира својата своеглава нација со ударот на изгнанството. (Прочитај Исаија 27:7—11.) Престапот на нацијата е преголем за да биде искупен со животински жртви. Затоа, како што некој може да разбрка овци или кози со „застрашувачки вик“ (NW) или да „однесе“ лисје со силен ветар, Јехова го истерува Израел од неговата татковина. Според тоа, дури и слаби народи, симболизирани со женскиот пол, ќе можат да го искористат она што преостанува во земјата.

Меѓутоа, доаѓа време за Јехова да го избави својот народ од заробеништво. Тој го ослободува исто како што еден земјоделец би можел да ослободи маслинки кои се задржани, така да се каже, како затвореници на дрвјата. „Во тој ден, Господ ќе врши класје [ќе ги истресе плодовите, NW] од Еуфрат до Египетскиот Поток, и ќе бидете собрани еден по еден, Израелеви деца. Во оној ден, ќе затруби голема труба, и ќе дојдат изгубените во Асирската Земја, и кои беа заробени во Египетската Земја, и ќе Му се поклонат на Господа, на Светата Гора, во Ерусалим“ (Исаија 27:12, 13). По својата победа во 539 пр.н.е., Кир издава декрет со кој ги ослободува сите Евреи во својата империја, што ги вклучува и оние во Асирија и во Египет (Езра 1:1—4). Тоа е како да затрубила „голема труба“, огласувајќи ја химната на слобода за Божјиот народ.

[Слики на страница 275]

‚Гозба од добри јадења‘

[Слика на страница 277]

Вавилон е изгазен под нозете на оние што биле затвореници

[Слика на страница 278]

„Влези во собите“