Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јеховиниот дом возвишен

Јеховиниот дом возвишен

Четврто поглавје

Јеховиниот дом возвишен

Исаија 2:1—5

1, 2. Кои зборови се испишани на еден ѕид на плоштадот на Обединетите нации, и од каде потекнуваат?

 „ЌЕ ГИ прековаат своите мечеви во плугови. И своите копја во српови: нација нема да подигне меч против нација. Ниту повеќе ќе се учат на војна.“ Овие зборови се испишани на еден ѕид на плоштадот на Обединетите нации во Њујорк Сити. Со децении не се знаеше од каде е тој цитат. Бидејќи целта на ОН е да работи на глобален мир, лесно можеше да се заклучи дека ова е изјава на основачите на ОН, дадена во 1945.

2 Меѓутоа, во 1975 под цитатот на ѕидот беше врежано името на Исаија. Тогаш стана очигледно дека зборовите немаат современо потекло. Тие, всушност, биле запишани како пророштво пред повеќе од 2.700 години во она што сега е 2. поглавје на книгата Исаија. Со милениуми љубителите на мирот длабоко размислувале како и кога ќе се случат работите што ги претскажал Исаија. Но, веќе нема потреба да се прашуваме. Денес го гледаме со свои очи извонредното исполнување на ова древно пророштво.

3. Кои се нациите што ги прековале своите мечеви во плугови?

3 Кои се нациите што ги прековале своите мечеви во плугови? Се разбира, тоа не се современите политички нации и влади. Досега овие нации имаат развиено мечеви, односно оружје и за да водат војни и за да го зачуваат „мирот“ по пат на сила. Всушност, тенденцијата отсекогаш била нациите да ги прековаат своите плугови во мечеви! Пророштвото на Исаија се исполнува на претставници од сите нации, луѓе кои го обожаваат Јехова, ‚Богот на мирот‘ (Филипјаните 4:9).

Нации кои се слеваат кон чистото обожавање

4, 5. Што претскажуваат уводните стихови од Исаија, 2. поглавје, и што ја подвлекува веродостојноста на тие зборови?

4 Исаија, 2. поглавје, започнува со следниве зборови: „Она што Исаија, синот на Амос, го виде во визија во врска со Јуда и Ерусалим: И во завршниот дел од деновите мора да се случи планината на Јеховиниот дом да биде цврсто втемелена над врвовите планински, и таа сигурно ќе биде возвишена над ридовите; и сите нации мораат да се слеваат кон неа“ (Исаија 2:1, 2NW).

5 Забележи дека она што Исаија го претскажува не е само шпекулација. Исаија е упатен да ги запише настаните кои ‚мораат да се случат‘ — без промашување. Која и да е Јеховината намера, таа „сигурно ќе има успех“ (Исаија 55:11NW). Изгледа дека, за да ја нагласи веродостојноста на своето ветување, Бог го инспирирал пророкот Михеј, современик на Исаија, да го запише во својата книга истото пророштво што е изнесено во Исаија 2:2—4 (Михеј 4:1—3).

6. Кога се исполнува пророштвото на Исаија?

6 Кога треба да се исполни пророштвото на Исаија? „Во завршниот дел од деновите.“ Македонскиот синодален превод гласи: „Во последните дни“. Христијанските грчки списи претскажале одлики кои ќе го идентификуваат овој период. Во нив спаѓаат војни, земјотреси, чуми, недостиг на храна и „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ * (2. Тимотеј 3:1—5; Лука 21:10, 11). Исполнувањето на таквите пророштва ни дава изобилни докази дека живееме „во завршниот дел од деновите“, последните денови на овој сегашен светски систем. Тогаш, логично е да очекуваме во нашево време да го видиме исполнувањето на работите што ги претскажал Исаија.

Планина на која се обожава

7. Каква пророчка слика создава Исаија?

7 Исаија со неколку збора создава живописна пророчка слика. Гледаме возвишена планина, овенчана со славен дом, храмот на Јехова. Оваа планина се издигнува над околните планини и ридови. Сепак, не изгледа злокобно ниту застрашувачки; таа е привлечна. Луѓе од сите нации копнеат да се искачат на планината на Јеховиниот дом; тие се слеваат кон неа. Лесно е ова да се замисли, но што значи?

8. а) Со што се поврзани ридовите и планините во деновите на Исаија? б) Што претставува слевањето на нациите кон „планината на Јеховиниот дом“?

8 Во деновите на Исаија, планините и ридовите честопати се поврзани со обожавање. На пример, тие служат како места за идолопоклоничко обожавање и за светилишта на лажни богови (Второзаконие 12:2; Еремија 3:6). Меѓутоа, домот, односно храмот на Јехова го краси врвот на планината Морија во Ерусалим. Верните Израелци патуваат до Ерусалим трипати во годината и се качуваат на планината Морија за да го обожаваат вистинскиот Бог (Второзаконие 16:16). Така, слевањето на нациите кон „планината на Јеховиниот дом“ го претставува собирањето на многу луѓе во вистинското обожавање.

9. Што претставува „планината на Јеховиниот дом“?

9 Денес, се разбира, Божјиот народ не се собира буквално на планина со храм од камен. Јеховиниот храм во Ерусалим го уништиле римските војски во 70 н.е. Освен тоа, апостол Павле јасно покажал дека храмот во Ерусалим и шаторот што му претходел, служеле како сликовит приказ. Тие претставувале една поголема, духовна реалност, ‚вистинскиот шатор што го подигнал Јехова, а не човек‘ (Евреите 8:2). Овој духовен шатор е уредувањето преку кое му се пристапува на Јехова во обожавање темелено на откупната жртва на Исус Христос (Евреите 9:2—10, 23). Во склад со ова, „планината на Јеховиниот дом“, спомната во Исаија 2:2, го претставува воздигнатото чисто обожавање на Јехова во наше време. Оние што го пригрнуваат чистото обожавање не се собираат на ниту една географска локација; тие се собираат во обединетоста на обожавањето.

Воздигнување на чистото обожавање

10, 11. Во која смисла Јеховиното обожавање е воздигнато во наше време?

10 Пророкот вели дека „планината на Јеховиниот дом“, или чистото обожавање, ќе стане „цврсто втемелена над врвовите планински“ и „возвишена над ридовите“. Долго пред времето на Исаија, цар Давид го донел ковчегот на сојузот на планината Сион во Ерусалим, која се издига на 760 метри надморска височина. Ковчегот останал таму сѐ додека не бил пренесен во завршениот храм на планината Морија (2. Самоил 5:7; 6:14—19; 2. Летописи 3:1; 5:1—10). Така, до деновите на Исаија светиот ковчег веќе бил дословно воздигнат и ставен во храмот, на положба повисока од многу околни ридови што се користеле за лажно обожавање.

11 Се разбира, во духовна смисла, Јеховиното обожавање отсекогаш било супериорно во однос на религиозните практики на оние што им служат на лажни богови. Меѓутоа, во наше време Јехова го има возвишено своето обожавање до небото, над сите облици на нечисто обожавање, да, далеку над сите ‚ридови‘ и ‚врвови планински‘. Како? Најмногу преку собирањето на оние кои сакаат да го обожаваат „со дух и вистина“ (Јован 4:23).

12. Кои се „синовите на царството“, и до какво собирање дошло?

12 Исус Христос се осврнал на „свршетокот на системот на работи“ како на време на жетва, кога ангелите ќе ги соберат „синовите на царството“ — оние со надеж да владеат со Исус во небесна слава (Матеј 13:36—43). Од 1919, Јехова ги ополномоштил „преостанатите“ од овие синови да учествуваат со ангелите во жетвеното дело (Откровение 12:17). Така, за почеток, „синовите на царството“, Исусовите помазани браќа, се оние што се собрани. Потоа тие учествуваат во едно натамошно дело на собирање.

13. Како Јехова го благословил помазаниот остаток?

13 Во текот на ова време на жетва, Јехова прогресивно му помагал на помазаниот остаток да ја разбере и да ја примени неговата Реч, Библијата. Ова исто така придонело за воздигнување на чистото обожавање. И покрај тоа што „темнината ја покрива земјата, и мракот народите“, помазаниците ‚светлат како светила‘ меѓу луѓето, очистени и пречистени од Јехова (Исаија 60:2; Филипјаните 2:15). „Исполнети со точното спознание за неговата волја во сета мудрост и духовно сфаќање“, овие поединци помазани со дух „ќе светат јасно како сонце во царството на својот Татко“ (Колошаните 1:9; Матеј 13:43).

14, 15. Какво друго собирање е во тек, освен собирањето на „синовите на царството“, и како го претскажал тоа Агеј?

14 Освен тоа, и други се слеваат кон „планината на Јеховиниот дом“. Наречени од Исус негови „други овци“, овие ја имаат надежта да живеат засекогаш на рајска Земја (Јован 10:16; Откровение 21:3, 4). Започнувајќи во 1930-тите, се појавиле илјадници, потоа стотици илјади, а сега милиони! Во една визија дадена на апостол Јован, тие се опишани како „големо мноштво, кое што ниеден човек не можеше да го изброи, од сите нации, и племиња, и народи, и јазици“ (Откровение 7:9).

15 Пророкот Агеј го претскажал појавувањето на ова големо мноштво. Тој напишал: „Зашто Господ над Војските зборува вака: ‚За малку, и Јас ќе ги растресам небесата и земјата, и морето и копното. Ќе ги стресам сите народи, за да дојде богатството на сите народи [оние што им се придружуваат на помазаните христијани во чистото обожавање], и ќе го наполнам со слава овој Дом‘ — зборува Господ над Воинствата“ (Агеј 2:6, 7). Постоењето на ова сѐ уште растечко „големо мноштво“ и на неговите помазани другари го воздигнува, да, го велича чистото обожавање во Јеховиниот дом. Никогаш порано не бил прибележан толкав голем број луѓе обединети во обожавањето на вистинскиот Бог, а ова му носи слава на Јехова и на неговиот востоличен Цар, Исус Христос. Цар Соломон запишал: „Многуброен народ е слава за царот“ (Пословици 14:28).

Обожавање возвишено во животите на луѓето

16-18. Какви промени направиле некои за да го обожаваат Јехова на прифатлив начин?

16 Јехова ја заслужува сета чест за воздигнувањето на чистото обожавање во нашево време. Па сепак, оние што му пристапуваат ја имаат привилегијата да учествуваат во ова дело. Исто како што се бара напор за човек да се искачи на планина така се бара напор и за човек да ги научи и да живее според Божјите праведни мерила. Слично на христијаните во првиот век, Божјите денешни слуги оставиле зад себе животни стилови и практики кои не се во склад со вистинското обожавање. Блудници, идолопоклоници, прељубници, крадци, алчни, пијаници и други го промениле својот начин на живот и се ‚испрале‘ во Божји очи (1. Коринќаните 6:9—11).

17 Еве едно типично искуство на млада жена која напишала: „Некогаш бев изгубена, без надеж. Живеев живот на неморал и пијанчење. Имав полови болести. Исто така, продавав дрога и баш за ништо не ми беше гајле“. Откако ја проучувала Библијата, направила крупни промени со цел да се повини на Божјите мерила. Сега таа вели: „Поседувам душевен мир, самопочит, надеж за иднината, вистинско семејство и, најдоброто од сѐ, однос со нашиот Татко, Јехова“.

18 Дури и откако стекнале одобрена положба пред Јехова, сите морат да продолжат да го воздигнуваат вистинското обожавање со тоа што го ставаат на истакнато место во својот живот. Пред неколку илјади години, преку Исаија, Јехова ја изразил својата доверба дека денес ќе има мноштва кои ќе бидат желни да го направат неговото обожавање најважното нешто во својот живот. Дали си ти дел од нив?

Народ поучен за Јеховиниот пат

19, 20. За што е поучен Божјиот народ, и каде?

19 Исаија ни кажува повеќе за оние што денес го пригрнуваат чистото обожавање. Тој вели: „Ќе се втурнат многу племиња и ќе речат: ‚Ајде, да се искачиме на Господовата Гора, да отидеме во Домот на Јакововиот Бог. Тој ќе нѐ научи на Своите патишта, ќе одиме по Неговите патеки.‘ Зашто Законот ќе дојде од Сион, Господовото слово од Ерусалим“ (Исаија 2:3).

20 Јехова не ги остава своите слуги да талкаат наоколу како изгубени овци. Преку Библијата и публикациите темелени на Библијата тој им го соопштува својот ‚Закон‘ и своето „слово“ за тие да ги научат неговите патишта. Ова спознание ги опремува да ‚одат по Неговите патеки‘. Од срца исполнети со ценење и во склад со божественото упатство, тие меѓу себе зборуваат за патиштата на Јехова. Се собираат на големи конгреси и во помали групи — во Салите на Царството и во приватни домови — за да слушаат и да учат за патиштата на Бог (Второзаконие 31:12, 13). Така тие го имитираат образецот на раните христијани кои се состанувале за да се охрабруваат и да се поттикнуваат еден со друг да изобилуваат во ‚љубов и извонредни дела‘ (Евреите 10:24, 25).

21. Во кое дело учествуваат Јеховините слуги?

21 Тие ги покануваат другите да ‚одат‘ кон возвишеното обожавање на Јехова Бог. Колку само добро е ова ускладено со заповедта што им ја дал Исус на своите ученици токму пред да се вознесе на небото! Тој им рекол: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите нации, крштавајќи ги во името на Таткото и Синот и светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (Матеј 28:19, 20). Со божествена поддршка, Јеховините сведоци послушно одат низ Земјата, поучуваат и прават ученици, крштавајќи ги.

Мечеви во плугови

22, 23. Што претскажува Исаија 2:4, и што рекол за тоа еден службеник на ОН?

22 Сега доаѓаме до следниот стих, чијшто дел е испишан на ѕидот на плоштадот на ОН. Исаија пишува: „Тој ќе им биде судија на народите, ќе им суди на [ќе ги исправи работите со оглед на, NW] многу племиња, кои ќе ги прековаат мечевите во плугови, а копјата во српови. Нема повеќе народ да дига меч против народ, ниту ќе се учи веќе на војување“ (Исаија 2:4).

23 Да се постигне вакво нешто не би било мало достигнување. Федерико Мајор, генерален директор на Образовната, научна и културна организација при Обединетите нации, еднаш рекол: „Се чини дека сите ужаси на војната, што денес ни се донесени дома преку аудио-визуелната опрема, не се способни да го спречат напредувањето на огромната воена машинерија создавана и одржувана со векови. Сегашните генерации ја имаат скоро невозможната библиска задача ‚да ги прековаат своите мечеви во плугови‘ и да преминат од инстинкт за војна — развиен уште од памтивек — на чувство за мир. Ова би бил најдобриот и најблагородниот чин што ‚глобалното село‘ би можело да го постигне, и најдобрата оставина за нашите потомци“.

24, 25. На кого се исполнуваат зборовите на Исаија, и на каков начин?

24 Нациите во целина нема никогаш да ја постигнат оваа возвишена цел. Таа за нив едноставно е недостижна. Зборовите на Исаија се исполнуваат на поединци од многу нации, кои се обединети во чистото обожавање. Јехова ‚ги исправил работите‘ меѓу нив. Тој го има поучено својот народ да живее во меѓусебен мир. Вистина, во еден свет поделен и исполнет со раздор, тие фигуративно ги прековале „мечевите во плугови, а копјата во српови“. Како?

25 Како прво, не заземаат ничија страна во војните на нациите. Кратко пред Исус да умре, вооружени луѓе дошле да го уапсат. Кога Петар се нафрлил со меч да го брани својот Учител, Исус му рекол: „Врати го твојот меч на неговото место, зашто сите кои се фаќаат за меч од меч и ќе погинат“ (Матеј 26:52). Оттогаш наваму, оние што ги следат Исусовите стапки ги прековале своите мечеви во плугови и се воздржуваат да земат оружје за да ги убијат своите ближни и на други начини да ги поддржуваат воените напори. Тие ‚тежнеат по мир со сите‘ (Евреите 12:14).

Тежнеење по патиштата на мирот

26, 27. Како Божјиот народ ‚бара мир и тежнее по него‘? Наведи еден пример.

26 Мирот на Божјиот народ вклучува многу повеќе отколку само одбивање да се учествува во војна. Иако се наоѓаат во повеќе од 230 земји и се претставници на безброј јазици и култури, тие уживаат во меѓусебен мир. Во нив се гледа современото исполнување на зборовите на Исус, кој на своите ученици во првиот век им рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:35). Денешните христијани се „миротворци“ (Матеј 5:9NW со референции, фуснота). Тие ‚бараат мир и тежнеат кон него‘ (1. Петрово 3:11). Оној што ги поддржува е Јехова, ‚Богот кој дава мир‘ (Римјаните 15:33).

27 Постојат драматични примери на луѓе кои научиле да бидат миротворци. Еден млад човек пишува за својот поранешен живот: „Тешкото искуство ме научи како да се бранам. Тоа ме направи груб и гневен на животот. Секогаш упаѓав во тепачки. Секој ден тепав друго дете од соседството, понекогаш со тупаници, понекогаш со камења и шишиња. Додека растев станував многу насилен“. Меѓутоа, на крајот се одѕвал на поканата да оди на „планината на Јеховиниот дом“. Ги научил Божјите патишта и станал мирољубив слуга на Бог.

28. Што можат да сторат христијаните за да тежнеат по мир?

28 Повеќето Јеховини слуги немаат такво насилно минато. Сепак, дури и во релативно мали работи — постапки на љубезност, простување и сочувство — тие се трудат да унапредуваат мир со другите. Иако се несовршени, настојуваат да го применат библискиот совет да ‚се поднесуваат еден со друг и да си простуваат доброволно еден на друг, ако некој има причина за поплака против друг‘ (Колошаните 3:13).

Иднина исполнета со мир

29, 30. Каква иднина ѝ претстои на Земјата?

29 Јехова направил нешто чудесно во овој ‚завршен дел од деновите‘. Тој собрал од сите нации луѓе кои сакаат да му служат. Ги поучил да одат по неговите патишта, патишта на мир. Ова се оние што ќе ја преживеат претстојната ‚голема неволја‘ и ќе преминат во еден мирољубив нов свет во кој војната ќе биде засекогаш укината (Откровение 7:14).

30 Мечеви — вооружување — повеќе нема да има. Во врска со тоа време псалмистот напишал: „Дојдете, видете ги Господовите дела, какви чуда Тој направи на земјата: Ги прекрати војните до крајот на земјата, ги крши лаковите и ги ломи копјата, ги изгорува колите со оган“ (Псалм 46:8, 9). Со оглед на таквата иднина, следната подбуда од Исаија е исто толку соодветна денес како што била кога ја напишал: „Јаковов доме, дојдете, да одиме во Господовата светлина! (Исаија 2:5). Да, нека Јеховината светлина ни ја осветлува патеката сега, и ние ќе одиме по неговиот пат за сета вечност (Михеј 4:5).

[Фуснота]

^ Види ја книгата Спознание кое води до вечен живот, 11. поглавје, „Ова се последните денови!“, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Прашања]