Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биди во исчекување на Јехова

Биди во исчекување на Јехова

Дваесет и трето поглавје

Биди во исчекување на Јехова

Исаија 30:1—33

1, 2. а) Што содржи Исаија 30. поглавје? б) Кои прашања ќе ги разгледаме сега?

 ВО ИСАИЈА 30. поглавје читаме за натамошните божествени објави против злите. Сепак, овој дел од пророштвото на Исаија истакнува некои од Јеховините восхитувачки особини. Всушност, Јеховините карактеристики се опишани толку живо што можеме, така да се каже, да ја видиме неговата утешна присутност, да го чуеме неговиот предводнички глас и да го почувствуваме неговиот исцелителен допир (Исаија 30:20, 21, 26).

2 И покрај тоа, земјаците на Исаија, отпадничките жители на Јуда, одбиваат да му се вратат на Јехова. Наместо тоа, ја полагаат својата доверба во човек. Што мисли Јехова за тоа? И како им помага на денешните христијани овој дел од пророштвото на Исаија да бидат во исчекување на Јехова? (Исаија 30:18NW). Ајде да откриеме.

Глупост и погубност

3. Каква сплетка разоткрива Јехова?

3 Некое време водачите на Јуда сплеткарат во тајност за да изнајдат начин да го избегнат јаремот на Асирија. Меѓутоа, Јехова набљудува. Сега тој ја разоткрива нивната сплетка: „Тешко им на одметничките синови! Господ говори: ‚Тие спроведуваат основи што не се Мои, склучуваат сојузи што не се по Мојот Дух и натрупуваат грев на грев. Се запатија во Египет‘“ (Исаија 30:1, 2а).

4. Како Божјиот бунтовен народ го ставил Египет на местото на Бог?

4 Каков само шок е за овие сплеткарски водачи да чујат дека нивниот план е обелоденет! Патувањето во Египет со цел да се стапи во алијанса со него е повеќе од непријателска акција против Асирија; тоа е бунт против Јехова Бог. Во времето на цар Давид, нацијата гледала на Јехова како на засолниште и наоѓала прибежиште ‚под сенката на Неговите крилја‘ (Псалм 27:1; 36:7). Сега ‚прибегнуваат при фараоновото засолниште за да се заштитат во сенката на Египет‘ (Исаија 30:2б). Го ставиле Египет на местото на Бог! Какво предавство! (Прочитај Исаија 30:3—5.)

5, 6. а) Зошто алијансата со Египет е погубна грешка? б) Кое поранешно патување на Божјиот народ ја нагласува глупоста на ова патување за Египет?

5 За да одговори на каква и да било помисла дека мисијата во Египет е чисто неформална посета, Исаија дава повеќе детали. „Пророштво за [Објавата против, NW] негевските животни: низ земјата на неволја и беда, на лавицата и лавот што рика, на лутицата и на крилестиот змев, тие го носат богатството на плеќите на ослињата, и сокровиштата на грбот на камилата“ (Исаија 30:6а). Јасно, патувањето е добро испланирано. Пратеници организираат караван од камили и магариња, кои ги товарат со скапи добра и ги носат во Египет преку голата пустелија која врие од разрикани лавови и отровни змии. На крајот, пратениците пристигнуваат на своето одредиште и им ги предаваат своите блага на Египќаните. Си купуваат заштита — или барем така си мислат. Меѓутоа, Јехова вели: „Им го носат на неполезниот народ. Зашто е суетна и ништожна помошта на Египет затоа и го наречувам: Рахав — самофалец, кој само седи“ (Исаија 30:6б, 7). „Рахав“, „морското чудовиште“, го симболизира Египет (Исаија 51:9, 10NW). Тој ветува сѐ, а не извршува ништо. Алијансата на Јуда со него е погубна грешка.

6 Додека Исаија го опишува патувањето на пратениците, неговите слушатели можат да се сетат на слично патување од деновите на Мојсеј. Нивните прататковци поминале низ истата таа „страшна пустина“ (Второзаконие 8:14—16). Меѓутоа, во деновите на Мојсеј Израелците излегувале од Египет и од ропството. Овој пат пратениците патуваат за Египет, што значи, во потчинетост. Каква глупост! Никогаш да не донесеме таква лоша одлука и својата духовна слобода да ја замениме за ропство! (Спореди Галатите 5:1.)

Противење на пораката на пророкот

7. Зошто Јехова му дал на Исаија да ги запише Неговите предупредувања за Јуда?

7 Јехова му вели на Исаија да ја запише пораката која штотуку му ја дал „за да им остане сведоштво на идните времиња“ (Исаија 30:8). Во корист на идните генерации — вклучувајќи ја и денешната генерација — мора да се запише дека Јехова не одобрува да се стават алијансите со човек над довербата во Него (2. Петрово 3:1—4). Но, постои уште поитна потреба од пишан извештај. „Ова е непокорен народ, лажливи синови, синови кои не сакаат да го слушаат Господовиот Закон“ (Исаија 30:9). Народот го одбил Божјиот совет. И ова мора да биде запишано за подоцна да не можат да одречат дека добиле соодветно предупредување (Пословици 28:9; Исаија 8:1, 2).

8, 9. а) На кој начин водачите на Јуда се обидуваат да ги расипат пророците на Јехова? б) Како Исаија покажува дека нема да биде заплашен?

8 Исаија сега дава пример за бунтовниот став на народот. Тие „им рекоа на оние што гледаат: ‚Не смеете да гледате‘, и на оние што имаат визии: ‚Не смеете да замислите за нас каква и да е директна работа. Зборувајте ни мазни работи; замислете измамливи работи‘“ (Исаија 30:10NW). Со тоа што им наредуваат на верните пророци да престанат да го зборуваат она што е ‚директно‘, или вистинито, и наместо тоа да им го кажуваат она што е ‚мазно‘ и ‚измамливо‘, или лажно, водачите на Јуда покажуваат дека сакаат некој да им ги скокотка ушите. Сакаат да бидат фалени, а не осудени. Според нив, секој пророк што не е спремен да пророкува по нивни вкус треба ‚да сврти од патот, да се отклони од патеката‘ (Исаија 30:11а). Тој треба или да зборува за работи што им годат на нивните уши или воопшто да не проповеда!

9 Противниците на Исаија упорно бараат: „Отстранете ни го од пред очи Израелевиот Светец“ (Исаија 30:11б). Исаија нека престане да зборува во името на Јехова, „Израелевиот Светец“! Самата оваа титула ги раздразнува бидејќи Јеховините возвишени мерила ја разоткриваат нивната состојба достојна за презир. Како реагира Исаија? Тој објавува: „Вака вели Израелевиот Светец“ (Исаија 30:12а). Без колебање, Исаија ги кажува токму оние зборови кои неговите противници мразат да ги слушаат. Нема да биде заплашен. Каков одличен пример за нас! Кога станува збор за објавувањето на Божјата порака, христијаните никогаш не смеат да прават компромис (Дела 5:27—29). Како Исаија, продолжуваат да објавуваат: ‚Вака вели Јехова‘!

Последиците од бунтот

10, 11. Какви ќе бидат последиците од бунтот на Јуда?

10 Јуда ја отфрлила Божјата реч, поверувала во лага и се потпрела на „измама“ (Исаија 30:12б). Какви ќе бидат последиците? Јехова, наместо да ја напушти сцената како што сака нацијата, ќе предизвика нацијата веќе да не постои! Ова ќе се случи ненадејно и ќе биде потполно, како што нагласува Исаија со една илустрација. Бунтовноста на народот е како „скршен дел кој само што не паднал, набрекнување во високо подигнат ѕид, чиешто рушење може да настапи одненадеж, за миг“ (Исаија 30:13NW). Исто како што едно сѐ поголемо набабрување на висок ѕид ќе предизвика на крајот ѕидот да падне, така и сѐ поголемата бунтовност на современиците на Исаија ќе доведе до пад на нацијата.

11 Со една друга илустрација Исаија ја покажува потполноста на претстојното уништување: „Да се урне како што се крши глинениот сад, па меѓу неговите парчиња не ќе се најде ни парченце за да земеш жар од огништето или да зафатиш вода од кладенецот“ (Исаија 30:14). Уништувањето на Јуда ќе биде толку потполно што нема да остане ништо вредно — дури ни парче од глинен сад што е доволно големо за да се земе жежок пепел од огништето или да се зафати вода од кладенец. Каков срамен крај! Претстојното уништување на оние што се бунтуваат против вистинското обожавање денес, ќе биде исто така ненадејно и потполно (Евреите 6:4—8; 2. Петрово 2:1).

Јеховината понуда е одбиена

12. Како може народот на Јуда да избегне уништување?

12 За слушателите на Исаија, сепак, уништувањето не е неизбежно. Има излез. Пророкот објаснува: „Зашто вака зборува Господ Господ, Израелевиот Светец: ‚Во враќање и почивање е вашето спасение, во смирена надеж е вашата сила‘“ (Исаија 30:15а). Јехова е спремен да го спаси својот народ — ако тој покажува вера со „почивање“, односно со воздржување од обидите да си обезбеди спасение преку човечки алијанси, и со „смирена надеж“, односно со покажување доверба во Божјата заштитна моќ така што нема да му отстапи место на стравот. „Но“, му вели Исаија на народот, „вие не сакавте“ (Исаија 30:15б).

13. Во што ја полагаат својата доверба водачите на Јуда, и дали таквата доверба е оправдана?

13 Потоа Исаија образложува: „Рековте: ‚Не! Ќе избегаме на коњите!‘ — и затоа, ќе бегате! ‚Ќе јаваме на брзи коњи!‘ — и затоа, вашите непријатели ќе бидат побрзи!“ (Исаија 30:16). Јудејците мислат дека ќе ги спасат брзите коњи, а не Јехова (Второзаконие 17:16; Пословици 21:31). Меѓутоа, се спротивставува пророкот, нивната доверба ќе се претвори во илузија бидејќи нивните непријатели ќе ги совладаат. Нема да им помогне дури и ако се во голем број. „Ќе избегате илјада од вас кога еден ќе ви се закани, ако ви се заканат петмина ќе се нафрлите во бегање“ (Исаија 30:17а). Војските на Јуда ќе паничат и ќе бегаат само од викот на грст непријатели. * На крајот, само остаток ќе остане, сам „како разголено дрво на врвот на гората или како знаме на брег“ (Исаија 30:17б). Токму како што е проречено, кога Ерусалим е уништен, во 607 пр.н.е., преживува само еден остаток (Еремија 25:8—11).

Утеха среде осудување

14, 15. Каква утеха им даваат зборовите од Исаија 30:18 на жителите на Јуда во старо време, а и на вистинските христијани денес?

14 Додека овие отрезнувачки зборови сѐ уште одекнуваат во ушите на слушателите на Исаија, тонот на неговата порака се менува. Заканата со несреќа му отстапува место на ветувањето на благослови. „Затоа Јехова ќе биде во исчекување за да ви покаже наклоност, и затоа ќе се крене за да ви покаже милост. Зашто Јехова е Бог на судот. Среќни се сите оние што се во исчекување на него“ (Исаија 30:18NW). Какви охрабрувачки зборови! Јехова е сочувствителен Татко кој копнее да им помогне на своите деца. Нему му претставува задоволство да покажува милост (Псалм 103:13; Исаија 55:7).

15 Овие утешни зборови можат да се применат на еврејскиот остаток, кому милосрдно му било дозволено да го преживее уништувањето на Ерусалим во 607 пр.н.е., и на малкутемина кои се вратиле во Ветената земја во 537 пр.н.е. Меѓутоа, зборовите на пророкот исто така ги тешат христијаните денес. Потсетени сме дека Јехова „ќе се крене“ во наша корист и ќе му стави крај на овој злобен свет. Верните обожаватели можат да бидат уверени дека Јехова — ‚Богот на судот‘ — нема да му дозволи на Сатановиот свет да постои ниту ден повеќе од она што го бара правдата. Затоа, „оние што се во исчекување на него“ имаат многу причини да бидат среќни.

Јехова го теши својот народ одговарајќи на молитвите

16. Како Јехова ги теши обесхрабрените?

16 Сепак, некои можеби се чувствуваат обесхрабрени поради тоа што ослободувањето не дошло толку брзо колку што се надевале (Пословици 13:12; 2. Петрово 3:9). Тие нека извлечат утеха од следните зборови на Исаија, кои истакнуваат посебни аспекти на Јеховината личност. „Да, сионски народе, кој живееш во Ерусалим, не плачи веќе! Штом го чуе твојот пискот, веднаш ќе ти се смили; штом ќе те чуе, ќе те послуша [ќе ти одговори, NW] (Исаија 30:19). Со овие зборови Исаија пренесува нежност, префрлајќи се од второ лице множина, „вие“, во 18. стих, на второ лице еднина, „ти“, во 19. стих. Кога Јехова ги теши оние што се во мака, тој се занимава со секого поединечно. Како Татко, тој не го прашува својот обесхрабрен син: ‚Зошто не можеш да бидеш силен како брат ти?‘ (Галатите 6:4). Наместо тоа, секого го слуша внимателно. Всушност, ‚штом ќе го чуе, ќе му одговори‘. Какви охрабрувачки зборови! Обесхрабрените можат многу да бидат зајакнати ако му се молат на Јехова (Псалм 65:2).

Слушај го Божјиот глас кој дава водство, читајќи ја неговата Реч

17, 18. Дури и во тешки времиња, како Јехова обезбедува водство?

17 Продолжувајќи со своето обраќање, Исаија ги потсетува своите слушатели дека ќе дојде несреќа. Народот ќе добие ‚леб на тешкотијата . . . вода на неволјата‘ (Исаија 30:20а). Тешкотијата и неволјата што ќе ги доживеат кога ќе бидат под опсада ќе станат нешто толку вообичаено како лебот и водата. Дури и тогаш, Јехова ќе биде спремен да дојде и да ги избави оние со исправно настроени срца. „Веќе нема да се крие твојот [Голем, NW] Учител — очите ќе ти Го гледаат твојот [Голем, NW] Учител. И твоите уши ќе чујат слово како зборува зад тебе: ‚Тоа е патот, одете по него‘. Било да тргнувате надесно или налево“ (Исаија 30:20б, 21). *

18 Јехова е ‚Големиот Учител‘. Како учител му нема рамен. Сепак, како може народот да го ‚гледа‘ и да го ‚чуе‘? Јехова се открива себеси преку своите пророци, чиишто зборови се запишани во Библијата (Амос 3:6, 7). Денес, кога верните обожаватели ја читаат Библијата, како Божјиот татковски глас да им кажува по кој пат да одат и да ги поттикнува да го исправат својот начин на однесување за да одат по него. Секој христијанин треба внимателно да слуша додека Јехова зборува преку страниците на Библијата и преку публикациите темелени на Библијата, кои ги обезбедува „верниот и разборит роб“ (Матеј 24:45—47). Нека секој се посвети на читањето на Библијата, зашто ‚тоа е негов живот‘ (Второзаконие 32:46, 47; Исаија 48:17).

Длабоко размислувај за идните благослови

19, 20. Какви благослови ги очекуваат оние што се одѕиваат на гласот на Големиот Учител?

19 Оние што се одѕиваат на гласот на Големиот Учител ќе ги отфрлат своите кипови, гледајќи на нив како на нешто одвратно. (Прочитај Исаија 30:22.) Потоа, оние што се приемливи ќе уживаат прекрасни благослови. Исаија дава опис за нив, како што е запишано во Исаија 30:23—26, и тоа е прекрасно пророштво на обнова кое првобитно се исполнува кога еврејскиот остаток се враќа од заробеништво во 537 пр.н.е. Денес ова пророштво ни помага да ги видиме прекрасните благослови кои Месијата ги носи во духовниот рај сега и ќе ги донесе во дословниот Рај што ќе дојде.

20 „Тој ќе му даде дожд на твоето семе што ќе го посееш во земјата, и лебот што ќе го роди земјата ќе биде во изобилство и хранлив. Во оној ден, твојот добиток ќе пасе по широки пасишта. Воловите и ослиците што ја обработуваат земјата ќе јадат посолена крма, веана со лопата и веалка“ (Исаија 30:23, 24). „Хранлив“ леб — храна богата со хранливи состојки — ќе биде секојдневен основен прехранбен производ. Земјата ќе раѓа толку обилно што дури и животните ќе имаат корист. Стоката ќе се храни со „посолена крма“ — вкусна крма наменета за ретки прилики. Оваа храна е дури „веана“ — постапка што нормално се користи за жита кои се наменети за исхрана на човекот. Какви прекрасни детали изнесува Исаија овде за да го илустрира богатството на Јеховините благослови за верното човештво!

21. Опиши колку потполни ќе бидат благословите што ќе дојдат.

21 „На секоја гора и на секој возвишен брег ќе има потоци и рекички“ (Исаија 30:25а). * Исаија дава сликовит приказ, нагласувајќи колку потполни ќе бидат Јеховините благослови. Ќе нема недостиг од вода — драгоцен посед — која ќе тече не само во низините туку и на секоја планина, дури и „на секоја гора и на секој возвишен брег“. Да, гладот ќе биде минато (Псалм 72:16). Понатаму, вниманието на пророкот се префрла на работи уште повисоки од планините. „Тогаш светлината на месечината ќе биде како сончева светлина, а сончевата светлина ќе стане седумпати посилна, како светлината на седум денови — во денот кога Господ ќе го излечи скршеното, кога ќе ги излечи раните од Своите удари“ (Исаија 30:26). Каква возбудлива кулминација на ова брилијантно пророштво! Славата на Бог ќе сјае во сиот свој раскош. Благословите што се наменети за Божјите верни обожаватели далеку ќе надминат — седумкратно — сѐ што тие претходно доживеале.

Суд и радост

22. За разлика од благословите што ќе дојдат за верните, што им наменил Јехова на злобните?

22 Тонот на пораката на Исаија повторно се менува. „Ете“, вели тој за да го привлече вниманието на слушателите. „Името на Господа доаѓа оддалеку, Неговиот гнев гори, димот е [тешките облаци се, NW] неиздржлив[и]. Усните Му се полни со јарост, јазикот Му е оган што голта“ (Исаија 30:27). Досега Јехова стои настрана, дозволувајќи им на непријателите на својот народ да одат по својот пат. Сега се приближува поблиску — како луња која постојано наближува — за да изврши суд. „Здивот Му е како збуен поток што достига до грлото. Тој доаѓа да ги просее народите во погубувачкото решето, да стави узди за заблудување во челустите на народите“ (Исаија 30:28). Непријателите на Божјиот народ ќе бидат опколени од „збуен поток“, силно протресени како ‚просеани‘ и управувани со „узди“. Ќе бидат уништени.

23. Што предизвикува да се ‚веселат срцата‘ на христијаните денес?

23 Тонот на гласот на Исаија повторно се менува додека ја опишува среќната состојба на верните обожаватели кои еден ден ќе се вратат во својата земја. „Тогаш песната ќе ви биде како во празничните ноќи, кога срцата се веселат како во оној кој покрај звуците на кавалот се искачува со чест на Господовата Гора, кон Израелевата Стена“ (Исаија 30:29). На вистинските христијани денес на сличен начин им се ‚веселат срцата‘ кога длабоко размислуваат за судот над Сатановиот свет, заштитата што им ја дава Јехова — ‚Карпата на спасението‘ — и благословите на Царството што ќе дојдат (Псалм 95:1NW).

24, 25. Како пророштвото на Исаија ја нагласува реалноста на претстојниот суд над Асирија?

24 По овие изрази на радост, Исаија се враќа на темата на суд и го идентификува предметот на Божјиот гнев. „Господ ќе загрми со величествен глас, и ќе ја покаже Својата рака што удира во јаростен гнев, среде гибелен оган, од буроносен пороен дожд и од крупен град. Од Господовиот глас ќе се исплаши Асирецот, шибнат со рачка“ (Исаија 30:30, 31). Со овој сликовит опис, Исаија ја нагласува реалноста на Божјиот суд над Асирија. Всушност, Асирија стои пред Бог и трепери кога ја гледа неговата судска „рака што удира“.

25 Пророкот продолжува: „Секогаш кога ќе го удри казнената прачка, со која Господ ќе го нашиба, нека се разгласат тапаните и гуслињата — Тој војува со нив во сиот ек на бојот! Одамна е приготвен Тофет, за царот приготвен; — куп дрва висок, широк, многу оган, многу дрва. Здивот на Господовиот гнев, како сулфурен поток, ќе го изгори“ (Исаија 30:32, 33). Тофет, во долината Хином, овде се користи фигуративно како место на кое гори оган. Покажувајќи дека Асирија ќе заврши таму, Исаија го нагласува ненадејното и потполно уништување што треба да дојде над таа нација. (Спореди 2. Цареви 23:10.)

26. а) Каква современа примена имаат Јеховините објави против Асирија? б) На кој начин христијаните денес остануваат во исчекување на Јехова?

26 Иако оваа порака на суд е упатена против Асирија, пророштвото на Исаија има и подлабоко значење (Римјаните 15:4). Јехова повторно, така да се каже, ќе дојде од далеку за да ги поплави, потресе и заузда сите оние што го угнетуваат неговиот народ (Езекиел 38:18—23; 2. Петрово 3:7; Откровение 19:11—21). Нека тој ден дојде брзо! Во меѓувреме, христијаните горливо го очекуваат денот на избавување. Тие црпат сила од тоа што размислуваат за живописните зборови што се запишани во Исаија 30. поглавје. Овие зборови ги охрабруваат Божјите слуги да ја ценат предноста на молитвата, да се посветуваат на проучување на Библијата и да медитираат за благословите на Царството што треба да дојдат (Псалм 42:1, 2; Изреки 2:1—6; Римјаните 12:12). Така, зборовите на Исаија ни помагаат на сите нас да останеме во исчекување на Јехова.

[Фусноти]

^ Забележи дека, ако Јуда била верна, можело да се случи сосем спротивното (Левит 26:7, 8).

^ Ова е единственото место во Библијата каде што Јехова е наречен „Голем Учител“.

^ Исаија 30:25б гласи: „Во денот на силниот колеж кога ќе се уриваат стражарниците“. Во првобитното исполнување, ова можеби да се однесува на падот на Вавилон, кој му го отворил патот на Израел да ги ужива благословите проречени во Исаија 30:18—26. (Види 19. пасус.) Исто така, можеби се однесува на уништувањето во Армагедон, кое ќе го овозможи најголемото исполнување на овие благослови во новиот свет.

[Прашања]

[Слики на страница 305]

Во деновите на Мојсеј, Израелците побегнале од Египет. Во деновите на Исаија, Јуда оди во Египет за помош

[Слика на страница 311]

„На секој возвишен брег ќе има потоци“

[Слика на страница 312]

Јехова ќе дојде со ‚гнев и тешки облаци‘