Верата на еден цар е наградена
Дваесет и деветто поглавје
Верата на еден цар е наградена
1, 2. На кој начин Езекија се покажал подобар цар од Ахаз?
ЕЗЕКИЈА има 25 години кога станува цар на Јуда. Каков владетел ќе биде? Дали ќе оди по стапките на татка си, цар Ахаз, и ќе ги наведе своите поданици да одат по лажни богови, или ќе го води народот во обожавањето на Јехова, како својот прататко, цар Давид? (2. Цареви 16:2).
2 Набрзо откако Езекија дошол на престолот, станало јасно дека тој имал намера да ‚прави што е право во Господовите очи‘ (2. Цареви 18:2, 3). Во првата година од своето владеење, наредил да се поправи Јеховиниот храм и повторно да се почне со храмската служба (2. Летописи 29:3, 7, 11). Потоа организирал раскошна прослава на Пасхата на која била поканета целата нација — вклучувајќи ги и десетте северни племиња на Израел. Каква само незаборавна гозба било тоа! Такво нешто немало од деновите на цар Соломон (2. Летописи 30:1, 25, 26).
3. а) Каква акција презеле жителите на Израел и Јуда кои присуствувале на Пасхата што ја организирал Езекија? б) Што учат денешните христијани од одлучната акција што ја презеле оние што присуствувале на таа Пасха?
3 На завршетокот од прославата на Пасхата, оние што присуствувале биле поттикнати да ги скршат светите столбови, да ги исечат ашерите и да ги срушат високите места и жртвениците на своите лажни богови, и потоа се вратиле во своите градови, решени да му служат на вистинскиот Бог (2. Летописи 31:1). Каков само контраст било тоа во однос на нивниот поранешен религиозен став! Вистинските христијани денес од ова можат да научат колку е важно ‚да не го оставаат своето заедничко собирање‘. Таквите собирања, било во локалните собранија било во поголеми размери на собирите и конгресите, играат битна улога за тие да можат да добијат охрабрување и да бидат мотивирани од братството, како и од Божјиот дух, ‚да се поттикнуваат кон љубов и кон извонредни дела‘ (Евреите 10:23—25).
Вера ставена на испит
4, 5. а) Како Езекија ја покажал својата независност од Асирија? б) Која воена акција ја презел Сенахирим против Јуда, и кои чекори ги прави Езекија за да избегне еден непосреден напад врз Ерусалим? в) Како Езекија се подготвува да го одбрани Ерусалим од Асирците?
4 На Ерусалим му претстојат сериозни искушенија. Езекија раскинал една алијанса што неговиот безверен татко, Ахаз, ја склопил со Асирците. Тој дури ги покорил Филистејците, кои се сојузници на Асирија (2. Цареви 18:7, 8). Ова го разлутило царот на Асирија. Така, читаме: „Во четиринаесеттата година на Езекиевото царување, асирскиот цар Сенахирим ги нападна сите утврдени јудејски градови и ги освои“ (Исаија 36:1). Можеби со надеж дека ќе го заштити Ерусалим од непосреден напад од страна на немилосрдната асирска војска, Езекија се сложува да му плати на Сенахирим огромен данок од 300 сребрени и 30 златни таланти * (2. Цареви 18:14).
5 Бидејќи нема доволно злато и сребро во царската ризница за да се плати данокот, Езекија ги зема сите драгоцени метали што можат да се најдат во храмот. Исто така, ги отковува храмските врати, кои се обложени со злато, и му ги испраќа на Сенахирим. Ова го задоволува Асирецот, но само за некое време (2. Цареви 18:15, 16). Се чини, Езекија сфаќа дека Асирците нема да го остават Ерусалим на мира за долго. Затоа, мора да се направат подготовки. Народот ги затрупува водните извори кои би можеле да ги снабдуваат со вода асирските напаѓачи. Езекија исто така ги зајакнува тврдините на Ерусалим и создава арсенал од оружје, вклучувајќи „многу копја и штитови“ (2. Летописи 32:4, 5).
6. Во кого Езекија ја полага својата доверба?
6 Меѓутоа, Езекија ја полага својата доверба не во генијални воени стратегии ниту, пак, во тврдините, туку во Јехова над војските. Своите воени заповедници ги опоменува: „Бидете храбри и јунаци; не бојте се и не плашете се од асирскиот цар, ни од сето мноштво што е со него зашто со нас е Посилниот отколку со него; со него е телесната мишка, а со нас е Господ, Бог наш, за да ни помага и за да ги војува нашите боеви“. Како реакција на ова, народот почнува да ‚се надева во зборовите на јудејскиот цар Езекија‘ (2. Летописи 32:7, 8). Претстави си ги возбудливите настани што следат додека ги разгледуваме 36. до 39. поглавје од пророштвото на Исаија.
Раб Шак го изнесува својот случај
7. Кој е Раб Шак, и зошто е испратен во Ерусалим?
7 Сенахирим го испраќа Раб Шак (воена титула, а не лично име) во Ерусалим заедно со двајца други достоинственици за да бараат градот да се предаде (2. Цареви 18:17). Нив ги пресретнуваат надвор од градските ѕидини тројца претставници на Езекија — Елијаким, управител на дворецот на Езекија, Шевна, секретар, и Јоах, Асафовиот син, записничар (Исаија 36:2, 3).
8. Како се обидува Раб Шак да го скрши отпорот на Ерусалим?
8 Целта на Раб Шак е едноставна — да го убеди Ерусалим да се предаде без борба. Зборувајќи на хебрејски, прво извикува: „Каква е таа надеж во која се надеваш? . . Во кого се надеваш што се побуни против мене?“ (Исаија 36:4, 5). Потоа Раб Шак се подбива со исплашените Евреи, потсетувајќи ги дека се потполно изолирани. Кому можат да му се обратат за поддршка? На „скршената трска“ Египет? (Исаија 36:6). Во ова време, Египет потсетува на скршена трска; всушност, таа поранешна светска сила е привремено освоена од страна на Етиопија, а египетскиот фараон во тој момент, цар Тирак, не е Египќанец, туку Етиопјанец. И тој наскоро ќе биде поразен од Асирија (2. Цареви 19:8, 9). Бидејќи Египет не може да се спаси ни самиот себе, ќе биде од мала помош за Јуда.
9. Што изгледа го наведува Раб Шак да заклучи дека Јехова ќе го напушти Својот народ, но кои се фактите?
9 Раб Шак сега ги убедува дека Јехова нема да се бори за Својот народ затоа што е незадоволен од него. Раб Шак вели: „Можеби ќе ми одговорите: ‚Се надеваме во Господа, својот Бог.‘ Но нели Езекија и Нему Му ги отстрани високите места, жртвениците“ (Исаија ). Се разбира, далеку од тоа да го отфрлиле Јехова отстранувајќи ги високите места и жртвениците во земјата. Евреите, всушност, му се вратиле на Јехова. 36:7
10. Зошто не е важно дали бранителите на Јуда се многу или малку?
10 Потоа Раб Шак ги потсетува Евреите дека во воен поглед се безнадежно надминати. Тој го изнесува следниов арогантен предизвик: „Ќе ти дадам две илјади коњи ако можеш да најдеш јавачи за нив“ (Исаија 36:8). Сепак, важно ли е, всушност, дали обучените јавачи на Јуда се многу или малку? Не, зашто спасението на Јуда не зависи од надмоќна воена сила. Пословици 21:31 ги објаснува работите на следниов начин: „Коњот се подготвува за денот на бојот, но победата е од Господа“. Потоа Раб Шак тврди дека Јеховиниот благослов е со Асирците, а не со Евреите. Инаку, тврди тој, Асирците никогаш не би навлегле толку длабоко на територијата на Јуда (Исаија 36:9, 10).
11, 12. а) Зошто Раб Шак инсистира да зборува „јудејски“, и како се обидува да ги искуша Евреите кои слушаат? б) Какво влијание можеби имаат зборовите на Раб Шак врз Евреите?
11 Претставниците на Езекија се загрижени за ефектот што ќе го имаат аргументите на Раб Шак врз мажите кои можат да го чујат од врвот на градскиот ѕид. Овие еврејски службеници замолуваат: „Те молиме, зборувај им арамејски на своите слуги, зашто ние разбираме; не зборувај со нас на јудејски да не чуе народот што е на ѕидовите“ (Исаија 36:11). Но Раб Шак нема намера да зборува арамејски, поточно сириски. Тој сака да посее во Евреите семе на сомнеж и страв за да се предадат и Ерусалим да биде освоен без борба! (Исаија 36:12). Затоа Асирецот зборува повторно „јудејски“. Ги предупредува жителите на Ерусалим: „Езекија нека не ве залажува, зашто не може да ве избави“. После ова, тој се обидува да ги искуша оние кои слушаат, опишувајќи им го животот што би го имале Евреите под асирска власт: „Склучете мир со мене, предајте ми се, па секој нека ги јаде плодовите од своето лозје и од својата смоква, и нека пие вода од својот кладенец, додека не дојдам и не ве одведам во земја што е како вашата, во земја со жито и вино, во земја со леб и лозја“ (Исаија 36:13—17).
12 За Евреите ќе нема жетва оваа година — асирскиот напад ги спречил да сеат. Можноста да јадат сочно грозје и да пијат ладна вода мора да е многу привлечна за луѓето кои слушаат на ѕидот. Но, Раб Шак сѐ уште нема завршено со обидите да ги ослаби Евреите.
13, 14. И покрај аргументите на Раб Шак, зошто она што ѝ се случило на Самарија не важи за ситуацијата на Јуда?
13 Од својот арсенал на аргументи, Раб Шак извлекува уште едно вербално оружје. Ги предупредува Евреите да не му веруваат на Езекија ако рече: „Господ [Јехова, NW] ќе ве избави“. Раб Шак ги потсетува Евреите дека боговите на Самарија не можеле да спречат Асирците да ги совладаат десетте племиња. А што е со боговите на другите нации кои Асирија ги освоила? „Каде се ематските и арфадските богови?“, заповеднички прашува. „Каде се боговите на Сефарваим? Дали ја избавија Самарија од мојата рака?“ (Исаија 36:18—20, NW).
14 Се разбира, Раб Шак, обожавател на лажни богови, не сфаќа дека има голема разлика помеѓу отпадничката Самарија и Ерусалим во кој владее Езекија. Лажните богови на Самарија немале моќ да го спасат десетплеменското царство (2. Цареви 17:7, 17, 18). Од друга страна, Ерусалим под Езекија им свртил грб на лажните богови и се вратил на служењето на Јехова. Меѓутоа, тројцата јудејски претставници не се обидуваат да му го објаснат ова на Раб Шак. „Молчеа, и ни збор не му одговорија, зашто царот беше наредил: ‚Не одговарајте!‘“ (Исаија 36:21). Елијаким, Шевна и Јоах се враќаат кај Езекија и поднесуваат официјален извештај за зборовите на Раб Шак (Исаија 36:22).
Езекија донесува одлука
15. а) Со каква одлука се соочува сега Езекија? б) Како Јехова го уверува својот народ?
15 Цар Езекија сега треба да донесе одлука. Дали ќе им го предаде Ерусалим на Асирците, ќе ги здружи силите со Египет или ќе остане на своето и ќе се бори? Езекија е под голем притисок. Оди во Јеховиниот храм, додека Елијаким и Шевна, заедно со постарите свештеници, ги испраќа да го прашаат Јехова преку пророкот Исаија (Исаија 37:1, 2). Облечени во вреќиште, пратениците на царот му пристапуваат на Исаија, велејќи: „Ова е ден на неволја, казна и хулење . . . Можеби Господ, твојот Бог, ги чу зборовите на големиот пехарник [Раб Шак, NW] кого асирскиот цар, неговиот господар, го испрати да Го хули живиот Бог, и можеби Господ твојот Бог, ќе ги казни зборовите што ги чу!“ (Исаија 37:3—5). Да, Асирците го предизвикуваат живиот Бог! Дали Јехова ќе обрне внимание на нивното подбивање? Преку Исаија, Јехова ги уверува Евреите: „Не бој се од зборовите што ги чу кога Ме хулеа слугите на асирскиот цар. Еве, Јас вдахнав во него дух, и кога ќе чуе една вест, ќе се врати во својата земја. И ќе направам да загине од меч во својата земја“ (Исаија 37:6, 7).
16. Какви писма испраќа Сенахирим?
16 Во меѓувреме, Раб Шак е повикан да биде покрај Сенахирим додека царот води војна во Ливна. Сенахирим ќе се занимава со Ерусалим подоцна (Исаија 37:8). Сепак, заминувањето на Раб Шак не го смалува притисокот врз Езекија. Сенахирим испраќа заканувачки писма во кои опишува што можат да очекуваат жителите на Ерусалим ако одбијат да му се предадат: „Ти знаеш што им направија асирските цареви на сите земји откако ги предадоа на проклетство! А ти ли ќе се спасиш? Дали боговите ги спасија народите кои ги уништија моите татковци . . . Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на градот Сефарваим, на Ена и Ава?“ (Исаија 37:9—13). Во основа, Асирецот вели дека е бесмислено да се дава отпор — отпорот ќе донесе само повеќе неволји!
17, 18. а) Од кој мотив Езекија бара заштита од Јехова? б) Како Јехова му одговара на Асирецот преку Исаија?
17 Длабоко загрижен за последиците од одлуката што мора да ја донесе, во храмот Езекија ги одвиткува писмата од Сенахирим пред Јехова (Исаија 37:14). Во сесрдна молитва тој го преколнува Јехова да го приклони увото кон асирските закани, завршувајќи со зборовите: „А сега, Господи, Боже наш, избави нѐ од неговата рака, за да сознаат сите царства на земјата дека си Ти, Господи, Единствен Бог!“ (Исаија 37:15—20). Од ова е јасно дека Езекија првенствено е загрижен не за своето избавување туку за срамот што ќе се натрупа врз Јеховиното име ако Асирија го победи Ерусалим.
18 Јеховиниот одговор на молитвата на Езекија доаѓа преку Исаија. Ерусалим не смее да се предаде на Асирија; мора да остане цврст. Зборувајќи како да му зборува на Сенахирим, Исаија смело ја изнесува Јеховината порака до Асирецот: „Те презира, ти се потсмева, девицата, Сионската Ќерка; по тебе [потсмешливо] мавта со главата Ерусалимската Ќерка“ (Исаија ). Потоа Јехова, во суштина, додава: ‚Кој си ти да се подбиваш со Светецот Израелев? Ги знам твоите дела. Имаш големи амбиции; многу се фалиш. Си положил доверба во својата воена моќ и си освоил многу земја. Но, не си непобедлив. Јас ќе ти ги расипам плановите. Ќе те освојам. Тогаш ќе ти го направам тебе она што им го направи ти на другите. Ќе ти ставам кука во носот и ќе те вратам во Асирија!‘ ( 37:21, 22Исаија 37:23—29).
„Ова нека ти биде знак“
19. Каков знак му дава Јехова на Езекија, и што значи тоа?
19 Каква гаранција има Езекија дека пророштвото на Исаија ќе се исполни? Јехова одговара: „Ова нека ти биде знак: Во оваа година ќе се јаде тоа што самото ќе расцвета, догодина тоа што ќе никне само, а на третата година сејте и жнејте, садете лозја, јадете им го родот“ (Исаија 37:30). Јехова ќе обезбеди храна за Евреите фатени во стапица. Иако не се во можност да сеат семе поради асирската окупација, ќе можат да јадат од паберките од минатогодишната жетва. Следната година, сабатна година, тие своите полиња мораат да ги остават необработени, и покрај својата очајна ситуација (Излез 23:11). Јехова ветува дека по полињата ќе никне доволно жито за да го одржи народот, ако тој го послуша неговиот глас. Потоа, следната година, мажите ќе сеат семе како и секогаш и ќе ги уживаат плодовите од својот труд.
20. На кој начин оние што ќе го избегнат асирскиот напад „ќе пуштат жили во длабочина, ќе родат плод во височина“?
20 Сега Јехова својот народ го споредува со билка која не може лесно да се откорне: „Преживеаните од Јудината куќа ќе пуштат жили во длабочина, ќе родат плод во височина“ (Исаија 37:31, 32). Да, оние што ја полагаат довербата во Јехова немаат од што да се плашат. Тие и нивните потомци ќе останат цврсто вкоренети во земјата.
21, 22. а) Што е проречено во врска со Сенахирим? б) Како и кога се исполниле Јеховините зборови за Сенахирим?
21 Што ќе се случи со заканите на Асирецот против Ерусалим? Јехова одговара: „Тој нема да влезе во овој град, ваму нема да ги фрла своите стрели, кон него нема ни штит да заврти, ниту ќе копа насипи околу него. Ќе се врати по патот по кој и дојде, нема да влезе во овој град“ (Исаија 37:33, 34). Помеѓу Асирија и Ерусалим на крајот ќе нема борба. На изненадување, Асирците, а не Евреите, ќе се оние што ќе бидат победени без борба.
22 Доследно на својот збор, Јехова испраќа ангел кој го погубува кремот на трупите на Сенахирим — 185.000 мажи. Ова изгледа се случува во Ливна, и кога самиот Сенахирим се буди ги наоѓа мртви водачите, предводниците и силните мажи од својата војска. Посрамен, се враќа во Нинивија, но и покрај својот потполн пораз, тој тврдоглаво останува оддаден на својот лажен бог Нисрок. Неколку години подоцна, додека го обожава Нисрок во неговиот храм, двајца синови на Сенахирим врз него извршуваат атентат. Уште еднаш, безживотниот Нисрок се покажува немоќен да спаси (Исаија 37:35—38).
Верата на Езекија е уште повеќе зајакната
23. Со каква криза се соочува Езекија кога Сенахирим за првпат доаѓа против Јуда, и какви се можните последици од оваа криза?
23 Некаде во времето кога Сенахирим првпат доаѓа против Јуда, Езекија паѓа тешко болен. Исаија му вели дека ќе умре (Исаија 38:1). Триесет и деветгодишниот цар е столчен. Тој не е загрижен само за својата лична благосостојба туку и за иднината на народот. На Ерусалим и на Јуда им се заканува опасност да бидат нападнати од Асирците. Ако Езекија умре, кој ќе предводи во борбата? Во тоа време Езекија нема син за да го преземе владетелството. Во горлива молитва Езекија го моли Јехова да му покаже милост (Исаија 38:2, 3).
24, 25. а) Како Јехова великодушно одговара на молитвата на Езекија? б) Какво чудо прави Јехова, како што е опишано во Исаија 38:7, 8?
24 Исаија сѐ уште нема излезено од дворовите на палатата, кога Јехова го испраќа назад кај постелата на заболениот цар со друга порака: „Ја послушав твојата молитва, ги видов твоите солзи. Ќе му додадам на твојот век петнаесет години. Ќе ве избавам и тебе и овој град од рацете на асирскиот цар. Да, ќе го заштитам овој град!“ (Исаија 38:4—6; 2. Цареви 20:4, 5). Јехова ќе го потврди своето ветување со необичен знак: „Сенката што слегла по степените на Ахазовиот сончаник ќе ја вратам за десет степени назад“ (Исаија 38:7, 8а).
25 Според еврејскиот историчар Јосиф, во царската палата имало скали, веројатно со столб близу нив. Кога сончевите зраци ќе паднеле врз столбот, фрлале сенка на скалите. Времето во денот можело да се мери со набљудување на движењето на сенката по скалите. Сега Јехова ќе направи чудо. Откако сенката на вообичаен начин се спуштила по скалите, тој ќе ја врати назад за десет скали. Кој чул некогаш за такво нешто? Библијата вели: „И сонцето се врати за десет степени назад од степените по кои веќе беше слегло“ (Исаија 38:8б). Кратко потоа, Езекија закрепнува од својата болест. Вестите за ова се шират сѐ до Вавилон. Кога царот на Вавилон слуша за тоа, испраќа гласници во Ерусалим за да ги дознае фактите.
26. Што е еден резултат од продолжувањето на животот на Езекија?
26 Околу три години по чудотворното закрепнување на Езекија, му се раѓа првиот син, Манасиј. Кога Манасиј пораснува, не покажува ценење за Божјето сочувство, без кое не би ни бил роден! Наместо тоа, во поголемиот дел од својот живот, Манасиј во големи размери го прави она што е зло во Јеховини очи (2. Летописи 32:24; 33:1—6).
Грешка во просудувањето
27. На кои начини Езекија го покажува своето ценење за Јехова?
27 Како својот прататко Давид, Езекија е човек од вера. Тој високо ја цени Божјата реч. Според Пословици 25:1, тој го организирал собирањето на материјалот кој сега се наоѓа во Пословици 25. до 29. поглавје. Некои сметаат дека тој исто така го составил 119. Псалм. Трогателната песна на благодарност што Езекија ја составува после закрепнувањето од својата болест, покажува дека бил човек со длабоки чувства. Тој заклучува дека најважното нешто во животот е човек да е во состојба да го фали Јехова во Неговиот храм „во сите денови од својот живот“ (Исаија 38:9—20). Сите ние да го чувствуваме истото за чистото обожавање!
28. Каква грешка во просудувањето прави Езекија некое време откако со чудо е излечен?
28 Иако верен, Езекија е несовршен. Прави сериозна грешка во просудувањето, извесно време откако Јехова го излекувал. Исаија објаснува: „Во тоа време вавилонскиот цар Меродах-Валадан, синот Валаданов, му испрати на Езекија писмо со подарок, зашто беше чул дека бил разболен и дека оздравел. Езекија се израдува на тоа и им ја покажа на пратениците својата ризница, среброто, златото, пријатните мириси и мирисливите масла — својата оружница и сѐ што беше во складиштата. Немаше ништо во неговиот дворец и во целото негово господарство што Езекија не им го покажа“ (Исаија 39:1, 2). *
29. а) Кој би можел да биде мотивот на Езекија кога ѝ го покажал своето богатство на вавилонската делегација? б) Каква ќе биде последицата од грешката во просудувањето на Езекија?
29 Дури и по опустошувачкиот пораз од Јеховиниот ангел, Асирија продолжува да претставува закана за многу нации, вклучувајќи го и Вавилон. Езекија можеби посакал да го импресионира царот на Вавилон како можен иден сојузник. Меѓутоа, Јехова не сака жителите на Јуда да се здружуваат со своите непријатели; тој сака тие да имаат доверба во него! Преку пророкот Исаија, Јехова ја открива иднината на Езекија: „Доаѓаат денови кога сѐ што е во твојот дворец сѐ што твоите татковци насобраа до денес, ќе биде однесено во Вавилон. Ништо не ќе остане . . . А од синовите што ќе произлезат од тебе, кои ќе ти се родат, некои ќе земат за да му бидат скопени дворјани на вавилонскиот цар“ (Исаија 39:3—7). Да, токму таа нација што Езекија се обидува да ја импресионира, на крајот ќе ги опљачка богатствата на Ерусалим и ќе направи робови од неговите жители. Тоа што Езекија им го покажува своето богатство на Вавилонците служи само да им го отвори нивниот алчен апетит.
30. Како Езекија покажува добар став?
30 Изгледа дека, осврнувајќи се на случајот кога Езекија им го покажал своето богатство на Вавилонците, 2. Летописи 32:26 вели: „Езекија се понижи затоа што му се беше возгордеало срцето, и тој и Ерусалимците, па така Господовата расрденост не дојде врз нив за време на Езекиевиот живот“.
31. Како испаѓаат работите за Езекија, и што учиме од ова ние?
31 И покрај својата несовршеност, Езекија бил човек од вера. Знаел дека неговиот Бог, Јехова, е реална личност со чувства. Кога бил под притисок, Езекија горливо му се молел на Јехова, и Јехова му одговорил. Јехова Бог му подарил мир во остатокот од неговиот живот, и за тоа Езекија бил благодарен (Исаија 39:8). Нам денес Јехова треба да ни биде исто толку реален. Кога ќе се појават проблеми, и ние, како Езекија, да се потпираме на Јехова за мудрост и за излез, „зашто тој им дава дарежливо на сите и без прекорување“ (Јаков 1:5). Ако и понатаму истраеме и практикуваме вера во Јехова, можеме да бидеме сигурни дека тој ќе ‚ги награди оние кои сесрдно го бараат‘, сега и во иднина (Евреите 11:6).
[Фусноти]
^ Во износ од повеќе од 9,5 милиони американски долари според сегашните вредности.
^ По поразот на Сенахирим, околните нации му донеле на Езекија подароци од злато, сребро и други скапоцени работи. Во 2. Летописи 32:22, 23, 27, читаме дека „Езекија придоби многу големо богатство и слава“ и дека „се возвиши во очите на сите народи“. Овие подароци можеби му овозможиле одново да ја наполни ризницата, која се испразнила кога им плаќал данок на Асирците.
[Прашања]
[Слика на страница 383]
Цар Езекија има доверба во Јехова кога се соочува со моќта на Асирија
[Слика на целата страница 384]
[Слика на страница 389]
Царот испраќа пратеници кај Исаија за да го чуе Јеховиниот совет
[Слика на страница 390]
Езекија се моли да биде величано Јеховиното име со поразот на Асирија
[Слика на страница 393]
Јеховин ангел погубува 185.000 Асирци