Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Древен пророк со современа порака

Древен пророк со современа порака

Прво поглавје

Древен пророк со современа порака

Исаија 1:1

1, 2. а) Каква жалосна ситуација гледаме во денешниов свет? б) Како ја изразил еден сенатор на САД својата загриженост за расипувањето на општеството?

 КОЈ е тој што денес не копнее по ослободување од проблемите со кои се соочува човештвото? Сепак, колку само често таквите желби остануваат неостварени! Сонуваме за мир, а нѐ измачуваат војни. Длабоко го цениме законот и редот, а не можеме да ја запреме сѐ поголемата плима од грабежи, силувања и убиства. Сакаме да имаме доверба во ближниот, а мораме да ги заклучуваме вратите за да се заштитиме. Ги сакаме своите деца и се обидуваме во нив да всадиме здрави морални вредности, а премногу често гледаме беспомошно како тие му подлегнуваат на нездравото влијание од своите врсници.

2 Би можеле со право да се согласиме со Јов кој рекол дека човечкиот краток живот е „полн со неволји“ (Јов 14:1). Ова, изгледа, особено е случај денес, бидејќи општеството се расипува во досега невидени размери. Еден сенатор на САД забележал: „Студената војна веќе заврши, но во трагична смисла, светот сега е побезбеден за етничко, племенско и религиозно одмаздување и дивјаштво . . . До таа точка сме ги разводниле своите морални мерила што многу наши млади се збунети, обесхрабрени и се наоѓаат во сериозна неволја. Ја жнееме жетвата на родителското запоставување, разводот, злоупотребата на деца, тинејџерската бременост, напуштањето на училиштето, дрогата и на улиците полни со насилство. Како нашата куќа, која го преживеала големиот земјотрес што го нарекуваме Студена војна, сега да ја јадат термити“.

3. Која библиска книга посебно нуди надеж за иднината?

3 Меѓутоа, не сме оставени без надеж. Пред околу 2.700 години, Бог инспирирал еден човек на Средниот Исток да изрече неколку серии пророштва кои имаат посебно значење за нашево време. Овие пораки се запишани во библиската книга што го носи името на тој пророк — Исаија. Кој бил Исаија, и зошто можеме да речеме дека неговото пророштво, запишано пред скоро три милениуми, дава светлина за целото денешно човештво?

Праведен човек во бурни времиња

4. Кој бил Исаија, и кога служел како Јеховин пророк?

4 Во првиот стих од својата книга, Исаија се претставува како „синот Амосов,“ * и ни кажува дека служел како Божји пророк ‚во деновите на Озиј, Јотам, Ахаз и Езекија, јудејски цареви‘ (Исаија 1:1). Ова би значело дека Исаија останал Божји пророк на нацијата Јуда не помалку од 46 години, веројатно почнувајќи при крајот на владеењето на Озиј — околу 778 година пр.н.е.

5, 6. Што мора да е точно во врска со семејниот живот на Исаија, и зошто?

5 Во споредба со она што го знаеме за некои други пророци, малку знаеме за личниот живот на Исаија. Знаеме дека бил оженет човек и дека на својата жена се осврнал како на „пророчицата“ (Исаија 8:3). Според Cyclopedia of Biblical, Theological, and Ecclesiastical Literature на Мек-Клинток и Стронг, ваквиот назив укажува дека брачниот живот на Исаија „не само што бил во склад со неговиот позив туку и во секоја своја пора бил проникнат од тој позив“. Голема е веројатноста жена му на Исаија, слично на некои други побожни жени од древниот Израел, да имала своја сопствена пророчка задача (Судии 4:4; 2. Цареви 22:14).

6 Исаија и жена му имале најмалку два сина, и на двајцата им биле дадени имиња со пророчко значење. Првородениот Сеар Јасув го придружувал Исаија кога му ги пренел Божјите пораки на злобниот цар Ахаз (Исаија 7:3). Очигледно е дека Исаија и жена му го направиле обожавањето на Бог дел од семејниот живот — фин пример за брачните двојки денес!

7. Опиши ја состојбата во Јуда во деновите на Исаија.

7 Исаија и неговото семејство живееле во бурен период од историјата на Јуда. Политичките немири биле вообичаени, поткупувањето ги расипувало судовите, а лицемерството ја раскинувало религиозната структура на општеството. Ридските врвови биле покриени со олтари на лажни богови. Дури и некои од царевите унапредувале паганско обожавање. Ахаз, на пример, не само што го толерирал идолопоклонството меѓу своите поданици туку и лично учествувал во него, при што своите сопствени потомци ги ‚поминувал . . . низ оган‘ во ритуална жртва на ханаанскиот бог Молох * (2. Цареви 16:3, 4; 2. Летописи 28:3, 4). И сето ова се случувало во народ кој бил во сојузен однос со Јехова! (Излез 19:5—8).

8. а) Каков пример дале царевите Озиј и Јотам, и дали народот го следел нивното водство? б) Како покажал Исаија смелост сред бунтовен народ?

8 За пофалба е тоа што некои од современиците на Исаија — вклучувајќи и неколку владетели — се обиделе да го унапредуваат вистинското обожавање. Меѓу нив бил цар Озиј, кој правел „што е право во Господовите очи“. Сепак, за време на неговото владеење, народот ‚принесувал жртви и кадел на високите места‘ (2. Цареви 15:3, 4). И цар Јотам ‚правел што е право во Господовите очи‘. Меѓутоа, ‚народот и натаму бил расипан‘ (2. Летописи 27:2). Да, низ поголемиот дел од пророчката служба на Исаија, царството Јуда било во жалосна духовна и морална состојба. Општо земено, народот го игнорирал секое позитивно влијание што дошло од неговите цареви. Се разбира, да се пренесат Божјите пораки на овој тврдоглав народ не би било лесна задача. Сепак, кога Јехова го поставил прашањето: „Кого да испратам? И кој ќе ја однесе нашата порака?“, Исаија не се колебал. Тој извикал: „Еве ме, испрати ме мене!“ (Исаија 6:8).

Порака на спасение

9. Што значи името на Исаија, и како е тоа поврзано со темата на неговата книга?

9 Името на Исаија значи „Спасение од Јехова“, и ова со право може да се нарече тема на неговата порака. Вистина, некои од пророштвата на Исаија се пророштва на суд. Сепак, темата на спасение продира гласно и јасно. Секогаш одново Исаија кажува како Јехова во свое време ќе ги избави Израелците од ропството во Вавилон, при што ќе му овозможи на еден остаток да се врати на Сион и да ја врати земјата во нејзиниот поранешен раскош. Несомнено, привилегијата да каже и да запише пророштва во врска со обновувањето на неговиот сакан Ерусалим, му причинила на Исаија најголема радост!

10, 11. а) Зошто книгата Исаија е од интерес за нас денес? б) Како книгата Исаија го насочува вниманието кон Месијата?

10 Но каква врска имаат со нас овие пораки на суд и спасение? За среќа, Исаија не пророкува само во корист на двоплеменското царство Јуда. Напротив, неговите пораки имаат посебно значење за наше време. Исаија величествено опишува како Божјето Царство наскоро ќе ѝ донесе големи благослови на Земјата. Во тој поглед, голем дел од ракописот на Исаија се сосредоточува на проречениот Месија кој ќе владее како Цар на Божјето Царство (Даниел 9:25; Јован 12:41). Сигурно не е случајно што имињата Исус и Исаија ја изразуваат речиси истата мисла — името Исус значи „Јехова е спасение“.

11 Се разбира, од времето на Исаија до раѓањето на Исус поминале околу седум века. Сепак, месијанските пророштва содржани во книгата Исаија се толку детални и толку точни што изгледаат како извештај на очевидец на Исусовиот живот на Земјата. Еден извор забележал дека, со оглед на тоа, книгата Исаија понекогаш е наречена „Петтото евангелие“. Оттаму, воопшто не изненадува што Исаија е најчесто цитираната библиска книга од страна на Исус и неговите апостоли со цел јасно да се идентификува Месијата.

12. Зошто желно се зафаќаме со проучување на книгата Исаија?

12 Исаија со зборови доловува една величествена слика на „нови небеса и нова земја“ каде што „со правда царот царува“ и кнезовите владеат со правина (Исаија 32:1, 2; 65:17, 18; 2. Петрово 3:13). Така, книгата Исаија укажува на радосната надеж за Божјето Царство под Месијата Исус Христос како устоличен Цар. Какво само охрабрување е за нас да живееме секој ден во радосно исчекување на „[Јеховиното] спасение“! (Исаија 25:9; 40:28—31). Тогаш, желно да ја разгледаме драгоцената порака во книгата Исаија. Додека го правиме тоа, нашата доверба во Божјите ветувања многу ќе зајакне. Исто така, ќе добиеме помош да ја зголемиме својата увереност дека Јехова е навистина Богот на нашето спасение.

[Фусноти]

^ Татко му на Исаија, Амос, не треба да се меша со Амос кој пророкувал во почетокот на владеењето на Озиј и кој ја напишал библиската книга што го носи неговото име.

^ Некои велат дека да се „поминува низ оган“ може едноставно да укажува на церемонија на очистување. Меѓутоа, се чини дека во овој контекст, фразата се однесува на дословна жртва. Нема сомневање дека жртвувањето на деца го практикувале Ханаанците и отпадничките Израелци (Второзаконие 12:31; Псалм 106:37, 38).

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 7]

Кој бил Исаија?

ЗНАЧЕЊЕ НА ИМЕТО: „Спасение од Јехова“

СЕМЕЈСТВО: Оженет, имал најмалку два сина

МЕСТО НА ЖИВЕЕЊЕ: Ерусалим

ГОДИНИ НА СЛУЖБА: Не помалку од 46 години, од околу 778 пр.н.е. до некаде после 732 пр.н.е.

ЦАРЕВИ НА ЈУДА ВО НЕГОВО ВРЕМЕ: Озиј, Јотам, Ахаз, Езекија

ПРОРОЦИ ВО НЕГОВО ВРЕМЕ: Михеј, Осија, Одид

[Слика на страница 6]

Исаија и жена му го направиле обожавањето на Бог дел од семејниот живот