Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Еден татко и неговите бунтовни синови

Еден татко и неговите бунтовни синови

Второ поглавје

Еден татко и неговите бунтовни синови

Исаија 1:2—9

1, 2. Објасни како дошло до тоа Јехова да има бунтовни синови.

 ТОЈ добро се грижел за своите деца, како секој полн со љубов родител. Со години се грижел тие да бидат нахранети, облечени и да имаат покрив над главата. Кога било неопходно, ги дисциплинирал. Но казната никогаш не била претерана; секогаш била дадена „до соодветен степен“ (Еремија 30:11NW). Тогаш, можеме само да си ја замислиме болката што ја чувствува овој полн со љубов татко кога мора да каже: „Ти ги воспитав, ги подигнав, синовите, ама тие се одметнаа од Мене“ (Исаија 1:2б).

2 Бунтовните синови на кои се укажува овде се народот на Јуда, а разжалостениот татко е Јехова Бог. Колку трагично! Јехова ги изгледал Јудејците и ги подигнал на возвишена положба меѓу нациите. „Те облеков во шарени облеки, на нозете ти обув обувки од убава кожа; те опашав со тенко платно и те покрив со свилена покривка“, ги потсетува тој подоцна преку пророкот Езекиел (Езекиел 16:10). Сепак, во најголем дел, народот на Јуда не го цени она што Јехова го сторил за него. Наместо тоа, се бунтуваат, односно се бунат.

3. Зошто Јехова ги повикува небесата и Земјата да посведочат за бунтот на Јуда?

3 Пред да ги каже овие зборови во врска со своите бунтовни синови, Јехова со добра причина ја дава следнава воведна изјава: „Чујте, небеса, послушај, земјо, зашто говори Господ“ (Исаија 1:2а). Со векови пред тоа, небесата и земјата, така да се каже, чуле кога Израелците ги примиле јасните предупредувања во врска со последиците од непослушноста. Мојсеј рекол: „Знајте — ги земам за сведоци против вас небесата и земјата — дека бргу ќе ве снема од земјата во која што одите преку Јордан за да ја наследите“ (Второзаконие 4:26). Сега, во времето на Исаија, Јехова ги повикува невидливите небеса и видливата Земја да посведочат за бунтот на Јуда.

4. Како одлучил Јехова да ѝ се претстави на Јуда?

4 Сериозноста на ситуацијата изискува отворен пристап. Меѓутоа, дури и во овие очајно итни околности, вредно е — и трогателно — да се забележи дека Јехова ѝ се претставува на Јуда како полн со љубов родител, а не само како сопственик кој ја има купено. Всушност, Јехова сесрдно го моли својот народ да размисли за работата од гледна точка на татко кој е во мака поради своите своеглави синови. Можеби некои родители во Јуда можат дури и лично да се соживеат со една таква неволја и се трогнати од таа аналогија. Во секој случај, Јехова е спремен да го изнесе своето обвинение против Јуда.

Неразумните животни знаат подобро

5. За разлика од Израел, на кој начин волот и магарето покажуваат чувство на верност?

5 Преку Исаија, Јехова вели: „Волот го познава својот сопственик, а оселот јаслите на господарот — Израел не познава, Мојот народ не разбира“ (Исаија 1:3 ). * Волот и магарето се запрежни животни што им се познати на оние кои живеат на Средниот Исток. Навистина, Јудејците нема да одречат дека дури и овие обични животни покажуваат чувство на верност, силна свесност дека му припаѓаат на еден господар. Во тој поглед, разгледај што посматрал еден истражувач при крајот на денот во еден град на Средниот Исток: „Само што стадото влезе меѓу ѕидините, веднаш почна да се растура. Секое говедо совршено добро го знаеше својот сопственик и патот до својата куќа, и не се збуни ни за момент во лавиринтот од тесни и криви сокачиња. А магарето, пак, одеше право до вратата, и на ‚јаслите на господарот‘“.

6. Како народот на Јуда пропуштил да постапува со разбирање?

6 Бидејќи таквите сцени несомнено се вообичаени во деновите на Исаија, поентата на Јеховината порака е јасна: Ако дури и едно неразумно животно го препознава својот господар и своите сопствени јасли, какво оправдување може да понуди народот на Јуда што го оставил Јехова? Навистина, тие ‚не разбираат‘. Како да не се свесни за фактот дека нивната благосостојба, па дури и самото нивно постоење зависи од Јехова. Вистински доказ на милост е тоа што Јехова сѐ уште се осврнува на Јудејците како на „Мојот народ“!

7. Наброј некои начини на кои можеме да го покажеме своето ценење за Јеховините подготовки.

7 Никогаш не би сакале да се однесуваме без разбирање со тоа што ќе пропуштиме да покажеме ценење за сето она што Јехова го сторил за нас! Наместо тоа, треба да го имитираме псалмистот Давид, кој рекол: „Ќе Те славам, Господи, со целото свое срце; ќе ги раскажувам сите Твои чудесни дела!“ (Псалм 9:1). Постојаното примање спознание за Јехова ќе нѐ охрабри во овој поглед, зашто Библијата вели дека „спознанието за Најсветиот е тоа што значи разбирање“ (Пословици 9:10NW). Секојдневното медитирање за Јеховините благослови ќе ни помогне да бидеме благодарни и да не го земаме нашиот небесен Татко здраво за готово (Колошаните 3:15). „Вистински Ме почитува оној што принесува благодарни жртви“, вели Јехова „и на оној кој врви по прави патеки, нему ќе му го покажам Моето спасение“ (Псалм 50:23).

Шокантна навреда за „Израелевиот Светец“

8. Зошто може народот на Јуда да се нарече ‚грешен народ‘?

8 Исаија со силни зборови продолжува со својата порака за нацијата Јуда: „Ох, грешен ли народ, луѓе загазени во зло [тешки од грев, NW], злосторнички род, расипани синови! Го оставија Господа, Го презреа Израелевиот Светец, Нему Му ги свртија плеќите“ (Исаија 1:4). Злите постапки можат да се натрупаат до таа мера што ќе станат како здробувачка тежина. Во деновите на Авраам, Јехова го опишал гревот на Содом и Гомор како „претежок“ (Битие 18:20). Сега нешто слично е очигледно кај народот на Јуда, бидејќи Исаија вели дека тие се „тешки од грев“. Освен тоа, ги нарекува „злосторнички род, расипани синови“. Да, Јудејците се како деликвентни деца. Ги ‚свртеле плеќите‘, или како што тоа го изразува New Revised Standard Version, тие се „потполно отуѓени“ од својот Татко.

9. Какво значење има фразата „Израелевиот Светец“?

9 Со патот по кој своеглаво тргнал, народот на Јуда покажува големо непочитување кон „Израелевиот Светец“. Какво е значењето на оваа фраза која се наоѓа 25 пати во книгата Исаија? Некој да биде свет значи да биде чист и незагаден. Јехова е свет во највисок степен (Откровение 4:8). Израелците се потсетени на овој факт секојпат кога ќе ги видат зборовите изгравирани на сјајната златна плочка на турбанот на првосвештеникот: „Светоста му припаѓа на Јехова“ (Излез 39:30NW). Според тоа, осврнувајќи се на Јехова како на „Израелевиот Светец“, Исаија ја подвлекува тежината на гревот на Јуда. Овие бунтовници, всушност, директно ја прекршуваат заповедта дадена на нивните прататковци: „Осветувајте се да бидете свети, зашто Јас Сум свет!“ (Левит 11:44).

10. Како можеме да избегнеме да покажуваме непочитување кон „Израелевиот Светец“?

10 Христијаните денес мораат по секоја цена да избегнуваат да го следат примерот на Јуда во непочитувањето на „Израелевиот Светец“. Мораат да ја имитираат Јеховината светост (1. Петрово 1:15, 16). Исто така, треба да „го мразат злото“ (Псалм 97:10). Нечисти практики како сексуален неморал, идолопоклонство, крадење и пијанење, можат да го расипат христијанското собрание. Токму затоа, оние што одбиваат да престанат со практикување на такви работи се исклучени од собранието. На крајот, оние кои непокајнички го следат патот на нечистотија ќе бидат лишени од уживањето во благословите од владата на Божјето Царство. Навистина, сите такви зли дела претставуваат шокантна навреда за „Израелевиот Светец“ (Римјаните 1:26, 27; 1. Коринќаните 5:6—11; 6:9, 10).

Болни од глава до петици

11, 12. а) Опиши ја лошата состојба на Јуда. б) Зошто не треба да ни биде жал за Јуда?

11 Исаија потоа настојува да резонира со припадниците на народот на Јуда, укажувајќи им на нивната болешлива состојба. Тој вели: „Па каде да ве удрам уште, кога и понатаму се бунтувате?“ Всушност, Исаија ги прашува: ‚Зарем не страдавте доволно? Зошто и понатаму да си нанесувате штета самите на себе со тоа што продолжувате да се бунтувате?‘ Исаија продолжува: „Целата глава е болна, срцето изнемоштено; од петицата до главата никаде здраво место“ (Исаија 1:5, 6а). Јуда е во одвратна, заболена состојба — духовно болна од глава до петици. Навистина мрачна дијагноза!

12 Треба ли да ни биде жал за Јуда? Тешко! Со векови пред тоа, целата нација Израел била соодветно предупредена за казната поради непослушност. Делумно, ним им било речено: „Господ ќе те удри со лути приштови, по колениците и по бедрата — од стапалата на твоите нозе до темето на твојата глава — од кои не ќе можеш да се излекуваш“ (Второзаконие 28:35). Во фигуративна смисла, Јуда сега ги трпи токму овие последици од тврдоглавото одење по свој пат. А сето ова би можело да се избегне кога народот на Јуда едноставно би го слушал Јехова.

13, 14. а) Какви рани ѝ биле нанесени на Јуда? б) Дали страдањата ја поттикнале Јуда да го преиспита бунтовниот пат по кој тргнала?

13 Исаија продолжува да ја опишува јадната состојба на Јуда: „Повреди, синила, отворени рани, ни очистени [истискани, NW], ни завиткани, ниту заблажени со масло“ (Исаија 1:6б). Овде пророкот се осврнува на три вида рани: повреди (расекотини, како оние направени со меч или со нож), синила (тврди отоци од тепање) и отворени рани (пресни рани што изгледаат неизлечиво). Со ова се создава претстава на човек кој е строго казнет на секој можен начин, и ниту еден дел од неговото тело не избегнал повреда. Јуда е навистина во скршена состојба.

14 Дали мизерната положба ја поттикнува Јуда да се врати кај Јехова? Не! Јуда е како бунтовникот опишан во Пословици 29:1: „Човекот кој по опомената останува тврдоглав, во миг ќе се скрши и нема да му има лек“. Нацијата изгледа неизлечиво. Како што Исаија го изразува тоа, нејзините повреди не се ‚ни истискани, ни завиткани, ниту заблажени со масло‘. * Во извесна смисла, Јуда личи на отворена, непреврзана, насекаде раширена рана.

15. На кои начини можеме да се заштитиме од духовна болест?

15 Поуката од Јуда е дека мораме да се чуваме од духовна болест. Слично на едно физичко заболување, таа може да го погоди секого од нас. Најпосле, кој е тој што не е подложен на телесни желби? Алчноста и желбата за претерано задоволство можат да фатат корен во нашите срца. Според тоа, треба да се обучуваме да ‚се гадиме од злото‘ и ‚да се држиме цврсто за доброто‘ (Римјаните 12:9). Исто така треба да ги негуваме плодовите на Божјиот дух во нашиот секојдневен живот (Галатите 5:22, 23). Со таквото постапување, ќе ја избегнеме состојбата што ја мачела Јуда — односно, ќе избегнеме духовна болест од глава до петици.

Опустена земја

16. а) Како ја опишува Исаија состојбата на теренот на Јуда? б) Зошто некои велат дека овие зборови веројатно биле изречени за време на владеењето на Ахаз, и како би можеле да ги разбереме?

16 Исаија сега ја остава својата медицинска аналогија и се свртува кон состојбата на теренот на Јуда. Како да ѕури во рамница со белези од битка, тој вели: „Земјата ви опусте, градовите оган ги спали, туѓинците ги ограбуваат вашите ниви, пред ваши очи — пустина, како разорена од туѓинци“ (Исаија 1:7). Некои изучувачи велат дека овие зборови, иако се наоѓаат во почетокот на книгата Исаија, веројатно се изречени подоцна во кариерата на пророкот, можеби за време на владеењето на злобниот цар Ахаз. Тие тврдат дека владеењето на Озиј било премногу успешно за да оправда таков црн опис. Се разбира, не може да се каже со сигурност дали книгата Исаија е составена по хронолошки ред. Меѓутоа, зборовите на Исаија за опустошувањето се веројатно пророчки. При изрекувањето на горната изјава, Исаија најверојатно употребува една техника што се сретнува и на други места во Библијата — а тоа е, да се опишува иден настан како веќе да се случил, нагласувајќи ја така сигурноста на исполнувањето на пророштвото. (Спореди Откровение 11:15.)

17. Зошто не би требало пророчкиот опис на опустошување да ѝ дојде како изненадување на Јуда?

17 Во секој случај, пророчкиот опис на опустошувањето на Јуда не треба да му дојде како изненадување на овој тврдоглав и непослушен народ. Со векови порано, Јехова ги предупредил што ќе се случи ако се бунтуваат. Тој рекол: „Јас ќе ја претворам земјата во пепелиште, така што вашите непријатели кои ќе се населат во неа, ќе се вчудоневидат над неа. Вас ќе ве распрснам по народите; ќе извлечам меч од зад вас, така што вашата земја ќе биде претворена во пустина, а градовите во урнатини“ (Левит 26:32, 33; 1. Цареви 9:6—8).

18-20. Кога се исполнуваат зборовите од Исаија 1:7, 8, и на кој начин Јехова во ова време ‚остава Остаток‘?

18 Зборовите од Исаија 1:7, 8 очигледно се исполниле за време на инвазиите од страна на Асирија, кои довеле до уништување на Израел и до нашироко распространето уништување и страдање во Јуда (2. Цареви 17:5, 18; 18:11, 13; 2. Летописи 29:8, 9). Меѓутоа, Јуда не е потполно збришана. Исаија вели: „Сионската Ќерка остана како колиба во лозје, како полјачица во градина со краставици, како опсаден град“ (Исаија 1:8).

19 Сред сето тоа разорување, „Сионската Ќерка“, Ерусалим, ќе биде оставена да стои. Но ќе изгледа многу ранливо — како стара колиба во лозје или како чуварска сеница во градина со краставици. При едно патување покрај Нил, еден изучувач од 19-от век се присетил на зборовите на Исаија кога видел слични сеници кои ги опишува како „не многу подобри од плот против северен ветар“. Во Јуда, кога жетвата е завршена, овие сеници се оставаат да се распаднат и да паднат. Сепак, колку и да изгледа слабо пред асирската војска која победува сѐ, Ерусалим ќе преживее.

20 Исаија ја завршува оваа пророчка изјава: „Ако не ни беше оставил Господ над Воинствата Остаток, ќе бевме како Содом, слични на Гомор“ (Исаија 1:9). * Јехова конечно ќе ѝ дојде на помош на Јуда против моќта на Асирија. За разлика од Содом и Гомор, Јуда нема да биде збришана. Таа ќе опстане.

21. Откако Вавилон го уништил Ерусалим, зошто Јехова ‚остава Остаток‘?

21 По повеќе од 100 години, Јуда е повторно под закана. Народот не научил ништо од дисциплината спроведена преку Асирија. „Тие им се потсмеваа на Божјите гласници, презирајќи ги Неговите зборови и подигрувајќи се со Неговите пророци.“ Како резултат на тоа, „се подигна Господовата јарост против Неговиот народ, та веќе немаше лек“ (2. Летописи 36:16). Вавилонскиот монарх Навуходоносор ја освојува Јуда и, овој пат, ништо не останува, „како колиба во лозје“. Уништен е дури и Ерусалим (2. Летописи 36:17—21). Сепак, Јехова ‚оставил Остаток‘. И покрај тоа што Јуда издржала 70 години во изгнанство, Јехова го осигурал постоењето на нацијата, а особено на давидската лоза која требало да го даде ветениот Месија.

22, 23. Зошто Јехова ‚оставил Остаток‘ во првиот век?

22 Во првиот век, Израел минал низ својата последна криза како Божји народ на сојузот. Кога Исус се претставил како ветениот Месија, нацијата го отфрлила и, како резултат на тоа, Јехова ја отфрлил неа (Матеј 21:43; 23:37—39; Јован 1:11). Дали ова значело дека Јехова повеќе немал посебен народ на Земјата? Не. Апостол Павле покажал дека Исаија 1:9 има уште едно исполнување. Цитирајќи од верзијата Септуагинта, тој напишал: „Исто така, како што Исаија однапред рече: ‚Да не ни оставеше Јехова над војските семе, ќе станевме како Содом, и ќе бевме исто како Гомор‘“ (Римјаните 9:29).

23 Овој пат преживеаните биле помазаните христијани кои поверувале во Исус Христос. Овие биле, најпрво, Евреи што верувале. Подоцна им се придружиле не-Евреи што верувале. Заедно тие сочинувале еден нов Израел, „Израелот Божји“ (Галатите 6:16; Римјаните 2:29). Ова „семе“ го преживеало уништувањето на еврејскиот систем на работи во 70 н.е. Навистина, „Израелот Божји“ денес е сѐ уште со нас. Сега од нациите му се придружуваат милиони поединци што веруваат, а од нив е сочинето „едно големо мноштво, кое што ниеден човек не [може] да го изброи, од сите нации, и племиња, и народи, и јазици“ (Откровение 7:9).

24. На што треба сите да обрнат внимание ако сакаат да ја преживеат најголемата криза на човештвото?

24 Наскоро овој свет ќе се соочи со битката Армагедон (Откровение 16:14, 16). Иако ова ќе биде криза поголема и од асирската и од вавилонската инвазија врз Јуда, поголема дури и од римското опустошување на Јудеја во 70 н.е., сепак ќе има преживеани (Откровение 7:14). Тогаш, колку само е важно сите внимателно да размислат за зборовите на Исаија до Јуда! Тие значеле преживување за верните поединци во тоа време. А можат да значат преживување и за оние што веруваат денес.

[Фусноти]

^ Во овој контекст, „Израел“ се однесува на двоплеменското царство Јуда.

^ Зборовите на Исаија ја одразуваат медицинската пракса од неговото време. Библискиот истражувач Е. Х. Пламтер забележува: „Да се ‚затвори‘ или ‚притисне‘ гнојливата рана било процес со кој отпрво се обидувале да се ослободат од гнојниот одлив; потоа, како во случајот на Езекија (погл. xxxviii. 21), таа била ‚преврзана‘ со облога, и тогаш се користело некое стимулативно масло или мевлем, можеби, како во Лука x. 34, масло и вино, за да се исчисти чирот“.

^ Commentary on the Old Testament (Коментар кон Стариот завет), од К. Ф. Кил и Ф. Делич, вели: „Беседата на пророкот овде има пауза. На фактот дека на ова место се дели на два дела укажува празниот простор во текстот оставен помеѓу 9. и 10. стих. Овој начин на одбележување на поголеми или помали делови — или со оставање празен простор или со прекинување на редот — е постар од точките за самогласки и од акцентите, а почива врз една многу древна традиција“.

[Прашања]

[Слика на страница 20]

За разлика од Содом и Гомор, Јуда нема да биде ненаселена засекогаш