Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имај доверба во Јехова за водство и заштита

Имај доверба во Јехова за водство и заштита

Шеснаесетто поглавје

Имај доверба во Јехова за водство и заштита

Исаија 20:1—6

1, 2. Со каква опасност се соочува Божјиот народ во осмиот век пр.н.е., и кому се склони да му се обратат за заштита многумина од нив?

 КАКО што видовме во претходните поглавја од оваа книга, Божјиот народ, во осмиот век пр.н.е., се соочува со застрашувачка закана. Крвожедните Асирци разоруваат една земја по друга, и само прашање на време е кога ќе го нападнат јужното царство Јуда. Кому жителите на земјата ќе му се обратат за заштита? Тие се во сојузен однос со Јехова и треба да се потпрат за помош на него (Излез 19:5, 6). Токму тоа го сторил цар Давид. Тој признал: „Господи, стено моја, тврдино моја, спасител мој“ (2. Самоил 22:2). Сепак, се чини дека во осмиот век пр.н.е. многумина не полагаат доверба во Јехова како во своја тврдина. Повеќе се склони да се потпираат на Египет и Етиопија, надевајќи се дека овие две нации ќе бидат бедем против заканата од асирска инвазија. Но, грешат.

2 Преку својот пророк Исаија, Јехова предупредува дека барањето прибежиште во Египет или во Етиопија ќе биде катастрофално. Инспирираните зборови на пророкот претставуваат корисна лекција за неговите современици, а содржат и драгоцена лекција за нас во врска со важноста на полагањето доверба во Јехова.

Крвничка земја

3. Опиши го нагласокот што го ставала Асирија на воената моќ.

3 Асирците биле познати по својата воена моќ. Книгата Ancient Cities (Древни градови) забележува: „Тие ја обожавале силата, и своите молитви ги кажувале само на колосални идоли од камен, лавови и бикови чиишто масивни екстремитети, орловски крилја и човечки глави биле симболи на сила, храброст и победа. На нацијата ѝ било работа да се бори, а свештениците биле постојани подбуцнувачи на војна“. Со добра причина библискиот пророк Наум ја опишал Нинивија, главниот град на Асирија, како ‚крвнички град‘ (Наум 3:1).

4. На кој начин Асирците сееле ужас во срцата на другите нации?

4 Воените тактики на Асирците биле необично сурови. Релјефите од тоа време покажуваат асирски воини како водат заробеници со куки забодени во носот или во усните. Некои заробеници биле ослепувани со копја. Еден натпис кажува за едно освојување во кое асирската војска ги распарчила своите заробеници и надвор од градот направила два купа — едниот од глави, а другиот од екстремитети. Децата на заробениците ги фрлале во оган. Стравот што го влевале со таквата суровост мора добро да им послужил на Асирците во воен поглед, обесхрабрувајќи ги оние што стоеле на патот на нивните војски да пружаат отпор.

Војната против Азот

5. Кој бил моќен асирски владетел во деновите на Исаија, и како бил оправдан библискиот извештај во врска со него?

5 Во деновите на Исаија, Асирската Империја под цар Саргон достигнала ниво на моќ без преседан. * Долги години критичарите се сомневале во постоењето на овој владетел, со оглед на тоа што не им бил познат некој световен извор што го спомнува. Меѓутоа, со текот на времето, археолозите откриле урнатини од Саргоновата палата, и со тоа библискиот извештај бил оправдан.

6, 7. а) Веројатно од кои причини Саргон наредува да се нападне Азот? б) Како влијае падот на Азот врз соседите на Филистеја?

6 Исаија кратко опишува еден од воените походи на Саргон: „Врвниот војсководач, кого го беше испратил Саргон, асирски цар, дојде во Азот, го нападна и го зазеде“ (Исаија 20:1). * Зошто Саргон наредува да се нападне филистејскиот град Азот? Како прво, Филистеја е сојузник на Египет, а Азот, домот на храмот на Дагон, е сместен на патот што води по крајбрежјето од Египет преку Палестина. Ова му дава на градот стратешка положба. Неговото освојување би можело да се смета за прв чекор во освојувањето на Египет. Освен тоа, асирските записи известуваат дека Азури, царот на Азот, ковал завера против Асирија. Заради тоа, Саргон го отстранува бунтовничкиот цар и на престолот го поставува помладиот брат на царот, Ахимити. Сепак, со тоа не се средуваат работите. Избива друг бунт, и овој пат Саргон презема пожестока акција. Тој заповеда да се нападне Азот, кој е опсаден и освоен. Исаија 20:1 веројатно алудира на овој настан.

7 Падот на Азот фрла мрачна сенка врз соседите, особено врз Јуда. Јехова знае дека неговиот народ е склон да се потпира на ‚телесна мишка‘, како што се Египет и Етиопија на југот. Затоа, тој му наложува на Исаија да одглуми едно страшно предупредување (2. Летописи 32:7, 8).

„Гол и бос“

8. Каков инспириран пророчки чин изведува Исаија?

8 Јехова му вели на Исаија: „Ајде, симни го вреќиштето од половината и собуј ги обувките од нозете“. Исаија се повинува на Јеховината заповед. „Тој направи така и одеше гол и бос“ (Исаија 20:2). Вреќиште е груба наметка која честопати ја носеле пророците, понекогаш во поврзаност со некоја предупредувачка порака. Исто така, се носела во времиња на криза или кога ќе се чуела некоја несреќна вест (2. Цареви 19:2; Псалм 35:13; Даниел 9:3). Дали Исаија оди наоколу дословно гол, во смисла, без воопшто да го покрие телото заради заштита? Не мора да значи. Хебрејскиот збор преведен со „гол“ може да се однесува и на некој што е делумно или скудно облечен (1. Самоил 19:24NW со референции, фуснота). Значи, Исаија можеби ја слекол само својата горна наметка, а ја задржал кратката туника што обично се носела на голо тело. Машките заробеници честопати се претставени на овој начин на асирските скулптури.

9. Кое е пророчкото значење на постапката на Исаија?

9 Не е неизвесно значењето на необичната постапка на Исаија: „Тогаш Господ рече: ‚Како што Мојот слуга Исаија одеше гол и бос три години, како знак и чудо за Египет и Етиопија, така асирскиот цар ќе одведе затвореници од Египет и заточеници од Етиопија: млади и стари, голи и боси, со откриени бедра, за срам [голотијата, NW] на Египет‘“ (Исаија 20:3, 4). Да, Египќаните и Етиопјаните наскоро ќе бидат одведени во заробеништво. Никој нема да биде поштеден. Дури и „млади и стари“ — деца и старци — ќе бидат лишени од сите свои поседи и ќе бидат одведени во изгнанство. Со оваа мрачна слика, Јехова ги предупредува жителите на Јуда дека ќе им биде залудно да ја положат својата доверба во Египет и Етиопија. Пропаста на овие нации ќе ги води до ‚голотија‘ — до крајно понижување!

Надежта се руши, убавината избледува

10, 11. а) Каква ќе биде реакцијата на Јуда кога ќе сфати дека Египет и Етиопија се немоќни пред Асирија? б) Зошто жителите на Јуда се можеби склони да имаат доверба во Египет и Етиопија?

10 Потоа Јехова пророчки ја опишува реакцијата на својот народ кога ќе сфати дека Египет и Етиопија, прибежиштата на кои се надева, се покажуваат немоќни пред Асирците. „Тогаш ќе се збунат и ќе се засрамат заради Етиопија, својата надеж, и заради Египет, својата горделивост [убавина, NW]. И жителите на ова приморје ќе речат во оној ден: ‚Ете, тоа е нашата надеж, кон која прибегнуваме за да ни помогне и за да нѐ спаси од асирскиот цар. А како да се спасиме ние?‘“ (Исаија 20:5, 6).

11 Јуда изгледа како обично приморско парче земја во споредба со моќните Египет и Етиопија. Можеби некои од жителите на ова „приморје“ се вљубени во убавината на Египет — во неговите импресивни пирамиди, високо издигнати храмови и пространи вили со околните градини, овоштарници и езерца. Величествената архитектура на Египет изгледа како доказ за стабилност и постојаност. Оваа земја сигурно не може да биде опустошена! Веројатно Евреите исто така се импресионирани од стрелците, бојните коли и коњаниците на Етиопија.

12. Во кого треба Јуда да ја положи својата доверба?

12 Со оглед на глумењето на ова предупредување на Исаија и пророчките зборови на Јехова, кои и да било од оние што се исповедуваат како Божји народ, кои се склони да имаат доверба во Египет и Етиопија, имаат за што сериозно да размислат. Колку само е подобро да се положи својата доверба во Јехова наместо во земен човек! (Псалм 25:2; 40:4). Како што се одвиваат работите, Јуда многу страда од раката на асирскиот цар, а подоцна доживува Вавилон да ѝ го разруши храмот и главниот град. Сепак, „десетти дел“, „свето семе“, е оставено како пенушка од едно масивно дрво (Исаија 6:13NW). Во свое време, пораката на Исаија многу ќе ја зајакне верата на таа мала група која продолжува да има доверба во Јехова!

Положи ја својата доверба во Јехова

13. Кои притисоци ги погодуваат сите денес — и верници и неверници?

13 Предупредувањето на Исаија во врска со бескорисноста од полагањето доверба во Египет и Етиопија не е само мртва историја. Тоа има практична вредност за нашево време. Ние живееме во „критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај“ (2. Тимотеј 3:1). Финансиските катастрофи, нашироко распространетата сиромаштија, политичката несигурност, граѓанските немири и малите или големите војни имаат опустошувачки последици — не само за оние што го отфрлаат Божјето владетелство туку и за оние што го обожаваат Јехова. Прашањето со кое се соочува секој е: ‚Кому ќе му се обратам јас за помош?‘

14. Зошто треба да полагаме доверба само во Јехова?

14 Некои можеби се импресионирани од денешните финансиски генијалци, политичари и научници, кои зборуваат за решавање на човековите проблеми со помош на човечката инвентивност и технологија. Меѓутоа, Библијата јасно вели: „Подобро е некој да се надева на Господа, отколку да се надева на кнезовите“ (Псалм 118:9). Сите човекови планови за мир и безбедност ќе пропаднат од причината што соодветно ја изразил пророкот Еремија: „Знам, Господи, дека патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, којшто оди не може да ги управува своите чекори!“ (Еремија 10:23).

15. Каде лежи единствената надеж за човештвото кое е во неволја?

15 Затоа, слугите на Бог не смеат да бидат претерано импресионирани од која и да е наводна сила или мудрост на овој свет (Псалм 33:10; 1. Коринќаните 3:19, 20). Единствената надеж за човештвото кое е во неволја почива на Творецот, Јехова. Оние што ја полагаат својата доверба во него ќе бидат спасени. Како што напишал инспирираниот апостол Јован, „светот поминува, а и неговата желба, но оној кој ја врши Божјата волја останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).

[Фусноти]

^ На овој цар историчарите се осврнуваат како на Саргон II. Еден поранешен цар, не на Асирија туку на Вавилон, е означен како „Саргон I“.

^ „Врвниот војсководач“ е титула што го означува главниот командант на асирската војска, веројатно вториот човек по моќ во империјата. Во некои преводи оваа титула се појавува како „Тартан“.

[Прашања]

[Слика на страница 209]

Асирците ослепувале некои од своите заробеници

[Слики на страница 213]

Некои можеби се импресионирани од човековите достигнувања, но подобро е да се има доверба во Јехова