Исаија ја претскажува Јеховината ,чудна постапка‘
Дваесет и второ поглавје
Исаија ја претскажува Јеховината ,чудна постапка‘
1, 2. Зошто Израел и Јуда се чувствуваат сигурни?
ЗА КРАТКО, Израел и Јуда се чувствуваат сигурни. Нивните водачи, во обид да најдат сигурност во еден опасен свет, оформиле политички алијанси со поголеми, помоќни нации. Самарија, главниот град на Израел, се обратила за помош кај соседна Сирија, додека Ерусалим, главниот град на Јуда, ја положил својата надеж во безмилосната Асирија.
2 Освен што ја положиле својата доверба во нови политички сојузници, некои во северното царство можеби очекуваат Јехова да ги заштити — и покрај тоа што продолжуваат да користат златни телиња во обожавањето. Јуда е исто така убедена дека може да смета на Јеховината заштита. Па најпосле, не е ли Јеховиниот храм сместен во Ерусалим, нивниот главен град? Но, на двете нации им претстојат неочекувани настани. Јехова го инспирира Исаија да го претскаже развојот на настаните што ќе му изгледа навистина чуден на неговиот своеглав народ. А неговите зборови содржат важни поуки за секого денес.
„Ефремовите пијаници“
3, 4. На што е гордо северното царство Израел?
3 Исаија го започнува своето пророштво со потресни зборови: „Тешко му на горделивиот венец на Ефремовите пијаници, на блескавиот накит на овенат цвет — на оние кои врз плодниот дол лежат испијанети со вино! Еве, од Господа доаѓа еден силен и моќен, како пороен дожд со град . . . ги фрла со сета сила на земја. Ќе биде изгазен со нозете горделивиот венец на Ефремовите пијаници“ (Исаија 28:1—3).
4 Постепено дошло до тоа Ефрем, најугледното од десетте северни племиња, да го претставува целото царство Израел. Неговиот главен град, Самарија, зазема убава и импресивна локација во „плодниот дол“. Водачите на Ефрем се горди на својот ‚венец‘ на независност од давидското царство во Ерусалим. Но, тие се „пијаници“, духовно опиени поради својата алијанса со Сирија против Јуда. Сето она што тие длабоко го ценат ќе биде изгазено под нозете на напаѓачите. (Спореди Исаија 29:9.)
5. Во каква несигурна положба се наоѓа Израел, но каква надеж дава Исаија?
5 Ефрем не ја увидува својата несигурна положба. Исаија продолжува: „Венливото цвеќе на неговиот украс на убавина што е на врвот на плодната долина мора да стане како раната смоква пред лето, која, кога ќе ја види јасновидецот, додека уште му е во дланката, ја проголтува“ (Исаија 28:4, NW). Ефрем ќе ѝ падне в раце на Асирија, како сладок залак што треба наеднаш да се лапне. Тогаш, нема ли никаква надеж? Па, како што честопати е случај, пророштвата на суд што ги изрекува Исаија се ублажени со надеж. И покрај тоа што нацијата ќе доживее пад, со Јеховина помош верни поединци ќе преживеат. „Господ над Воинствата ќе му стане круна на славата и сјаен венец на Остатокот на Својот народ — Дух на правдата за оној кој седи на судска столица, и храброст за оној кој го одбива нападот на вратата“ (Исаија 28:5, 6).
,Тие заталкале‘
6. Кога Израел се соочува со својата пропаст, но зошто Јуда не треба да му се сити?
6 Денот на пресметка за Самарија доаѓа во 740 пр.н.е., кога Асирците ја опустошуваат земјата и северното царство престанува да постои како независна нација. А што е со Јуда? Асирија ќе ја нападне нејзината територија, а подоцна Вавилон ќе го уништи нејзиниот главен град. Но, за време на животот на Исаија, храмот и свештенството на Јуда ќе продолжат да функционираат, а нејзините пророци ќе продолжат да пророкуваат. Треба ли Јуда да се сити на претстојната пропаст на нејзиниот северен сосед? Се разбира, не! Јехова ќе ги расчисти сметките и со Јуда и со нејзините водачи поради нивната непослушност и недостиг на вера.
7. На кој начин водачите на Јуда се пијани, и со какви последици?
7 Упатувајќи ја својата порака до Јуда, Исаија продолжува: „Тие се занесуваат од [заталкале поради, NW] вино, се заблудуваат од жесток пијалак: свештениците и пророците се сопнуваат од жестокиот пијалак; победени од виното; обезумени од сикер; грешат во виденијата, се сопнуваат во судењето. Сите трпези се полни со гнасни болваници, никаде нема чисто место!“ (Исаија 28:7, 8). Колку одвратно! Дословно пијанство во Божјиот дом веќе би било доволно лошо. Но овие свештеници и пророци се духовно пијани — нивните умови се замаглени од прекумерна доверба во човечки алијанси. Тие се мамат себеси со мислата дека нивниот пат е единствениот практичен пат, можеби верувајќи дека сега имаат резервен план во случај Јеховината заштита да не се покаже доволно добра. Во нивната духовно пијана состојба, овие религиозни водачи блујат крајно навредливи, нечисти изрази кои го издаваат нивниот сериозен недостиг на вистинска вера во Божјите ветувања.
8. Каков е одѕивот на пораката на Исаија?
8 Како реагираат водачите на Јуда на Јеховиното предупредување? Тие се подбиваат со Исаија, обвинувајќи го дека им зборува како на деца: „Кого учи тој на мудрост, кого упатува тој во учење? Зар децата одвикнати од млеко, одбиени од градите? Заповед на заповед, заповед на заповед, правило на правило, правило на правило малку тука, малку таму“ (Исаија 28:9, 10). Колку повторливо и чудно звучи за нив Исаија! Тој продолжува да се повторува, велејќи: ‚Ова го заповеда Јехова! Ова го заповеда Јехова! Ова е Јеховиното мерило! Ова е Јеховиното мерило!‘ * Но, Јехова наскоро ќе им „зборува“ на жителите на Јуда преземајќи акција. Ќе ги испрати против нив војските на Вавилон — странци кои навистина зборуваат поинаков јазик. Тие војски сигурно ќе ги извршат Јеховините „заповед на заповед“, и Јуда ќе доживее пад. (Прочитај Исаија 28:11—13.)
Духовни пијаници денес
9, 10. Кога и како зборовите на Исаија имаат значење за подоцнежните генерации?
9 Дали пророштвата на Исаија се исполниле само на древните Израел и Јуда? Во никој случај! И Исус и Павле ги цитирале неговите зборови и ги примениле на нацијата во нивното време (Исаија 29:10, 13; Матеј 15:8, 9; Римјаните 11:8). И денес, ситуацијата е слична на онаа од деновите на Исаија.
10 Овој пат, религиозните водачи на христијанскиот свет се тие кои ја полагаат својата вера во политиката. Нестабилно се тетерават наоколу, како пијаниците на Израел и Јуда, мешајќи се во политички работи, радувајќи се што таканаречените големци на овој свет се консултираат со нив. Наместо да ја кажуваат чистата библиска вистина, тие кажуваат нечисти работи. Нивната духовна визија е замаглена, и не се сигурни водачи за човештвото (Матеј 15:14).
11. Како реагираат водачите на христијанскиот свет на добрата вест за Божјето Царство?
11 Како реагираат водачите на христијанскиот свет кога Јеховините сведоци им го свртуваат вниманието кон единствената вистинска надеж, Божјето Царство? Тие не разбираат. За нив, Сведоците изгледаат како да брборат повторливо, како бебиња. Религиозните водачи ги гледаат овие гласници од високо и се подбиваат со нив. Како Евреите од деновите на Исус, тие не го сакаат Божјето Царство ниту сакаат нивните стада да чујат за него (Матеј 23:13). Според тоа, предупредени се дека Јехова нема секогаш да зборува преку своите безопасни гласници. Ќе дојде време кога оние што не се подложуваат на Божјето Царство ќе бидат ‚скршени, сплеткани и фатени‘, да, потполно уништени.
„Сојуз со смртта“
12. Што е Јудиниот наводен „сојуз со смртта“?
12 Исаија продолжува со својата објава: „Вие велите: ‚Склучивме сојуз со смртта и направивме спогодба со Подземјето. Кога ќе помине разурнувачкиот бич, не, нема да нѐ фатат, зашто од лагата си направивме засолниште и од измамата скривалиште‘“ (Исаија 28:14, 15). Водачите на Јуда се фалат дека нивните политички сојузници ќе ги заштитат од пораз. Мислат дека склучиле „сојуз со смртта“ за таа да ги остави на мир. Но, нивното лажно прибежиште нема да ги заштити. Нивните алијанси се лага, измислица. На сличен начин и денес, блискиот однос на христијанскиот свет со светските лидери нема да го заштити кога ќе дојде Јеховиното време тој да положи сметка. Всушност, ќе биде причина за неговата пропаст (Откровение 17:16, 17).
13. Кој е ‚испитаниот камен‘ и како е отфрлен од христијанскиот свет?
13 Тогаш, кому би требало да му се обратат овие религиозни водачи? Исаија сега го запишува Јеховиното ветување: „,Еве, поставувам одбран [испитан, NW] камен на Сион, скапоцен камен аголен, основник. Оној кој верува во него, не ќе пропадне. И ќе ја земам правината за мерка, а правдата за мерилка.‘ И градот ќе ви го смете засолништето од лагата, а водата ќе ви го наводни скривалиштето“ (Исаија 28:16, 17). По кратко време откако Исаија ги кажува овие зборови, верниот цар Езекија е востоличен на Сион, а неговото царство е спасено, не со помош на соседните сојузници, туку со интервенција од страна на Јехова. Меѓутоа, овие инспирирани зборови не се исполнуваат на Езекија. Апостол Петар, цитирајќи ги зборовите на Исаија, покажал дека Исус Христос, далечен потомок на Езекија, е ‚испитаниот камен‘ и дека ниеден што практикува вера во Него не треба од ништо да се плаши (1. Петрово 2:6). Колку е жалосно што водачите на христијанскиот свет, додека се нарекуваат христијани, го прават она што Исус одбил да го направи! Тие се обидуваат да постигнат углед и моќ во овој свет наместо да чекаат Јехова да го воспостави своето Царство под царот Исус Христос (Матеј 4:8—10).
14. Кога ќе пропадне Јудиниот „сојуз со смртта“?
14 Кога „преплавувачкиот порој“ од вавилонски војски ќе ја зафати земјата, Јехова ќе го разоткрие политичкото прибежиште на Јуда како лажно, какво што всушност и е. „Ќе пропадне вашиот сојуз со смртта“, вели Јехова. „Кога ќе помине разурнувачкиот бич [преплавувачкиот порој, NW], ќе ве сотре; кога и да помине . . . само гласот за него ќе внесува страв“ (Исаија 28:18, 19). Да, може да се научи силна лекција од она што им се случува на оние што тврдат дека му служат на Јехова, а својата доверба ја полагаат во алијансите со нациите наместо во него.
15. Како Исаија ја илустрира несоодветната заштитата на Јуда?
15 Разгледај ја положбата во која сега се наоѓаат водачите на Јуда. „Постелата ќе биде прекуса за да се испружи човек, покривката претесна за да се завитка“ (Исаија 28:20). Тоа е како да си легнале за да се одморат, но попусто. Или нозете им висат на ладно или ќе ги соберат нозете, но покривката им е претесна за да се завиткаат во неа и да се стоплат. Ваква била неудобната ситуација во деновите на Исаија. А таква е ситуацијата и денес за секој кој ја полага својата доверба во прибежиштето на лага на христијанскиот свет. Колку само е одвратно што како резултат на својата вмешаност во политиката некои религиозни водачи на христијанскиот свет се нашле вплеткани во такви ужасни свирепости како етничко чистење и геноцид!
Јеховината ,чудна постапка‘
16. Што е Јеховината ‚чудна постапка‘, и зошто е ова дело необично?
16 Крајниот исход на работите ќе биде потполно спротивен од оној на кој се надеваат религиозните водачи на Јуда. Јехова ќе направи нешто чудно со духовните пијаници на Јуда. „Јехова ќе се издигне како кај планината Перазим, ќе биде вознемирен како во низината близу Гаваон, за да може да ја изврши својата постапка — неговата постапка е чудна — и за да може да го направи своето дело — неговото дело е необично“ (Исаија 28:21, NW). Во деновите на цар Давид, Јехова му дал на својот народ значајни победи над Филистејците на планината Перазим и во низината на Гаваон (1. Летописи 14:10—16). Во деновите на Исус Навин, предизвикал дури и сонцето да застане над Гаваон за да може Израел да ја доврши победата над Аморејците (Исус Навин 10:8—14). Ова било мошне необично! Сега Јехова ќе се бори повторно, но овој пат против оние што се исповедуваат како негов народ. Може ли нешто да биде почудно или понеобично? Не, со оглед на фактот што Ерусалим е центарот на Јеховиното обожавање и градот на Јеховиниот помазан цар. Никогаш досега царскиот дом на Давид во Ерусалим не бил соборен. Сепак, Јехова сигурно ќе ја изврши својата ‚чудна постапка‘. (Спореди Хабакук 1:5—7.)
17. Како ќе влијае потсмевањето врз исполнувањето на пророштвото на Исаија?
17 Затоа, Исаија предупредува: „Откажете се од потсмевањето, за да не ве стегнат оковите посилно; зашто чув дека ѝ е од Господа, од Господа над Воинствата, пресудено уништување на оваа земја“ (Исаија 28:22). Иако водачите се потсмеваат, пораката на Исаија е вистинита. Тој ја чул од Јехова, со кого овие водачи се во сојузен однос. На сличен начин и денес, религиозните водачи на христијанскиот свет се потсмеваат кога ќе чујат за Јеховината ‚чудна постапка‘. Тие дури и гласно и бомбастично зборуваат против таа порака. Но, пораката што ја објавуваат Јеховините сведоци е вистина. Се наоѓа во Библијата, книга која тие водачи тврдат дека ја застапуваат.
18. Како Исаија ја илустрира урамнотеженоста на Јехова кога спроведува дисциплина?
18 Што се однесува до оние искрени поединци што не ги следат тие водачи, Јехова ќе ги исправи и повторно ќе им покаже наклоност. (Прочитај Исаија 28:23—29.) Исто како што еден земјоделец користи пофини методи за да оврши поситни семиња како, на пример, ким, така Јехова ја приспособува својата дисциплина според поединецот и околностите. Тој никогаш не постапува своеволно ниту угнетувачки, туку дејствува земајќи го предвид потенцијалното закрепнување на оној што прави грев. Да, ако поединци одговорат на Јеховиниот повик, има надеж. На сличен начин и денес, додека судбината на христијанскиот свет како целина е запечатена, секој поединец кој се подложува на Јеховиното Царство може да го избегне претстојниот неповолен суд.
Тешко на Ерусалим
19. На кој начин Ерусалим ќе стане ‚олтарско огниште‘, и кога и како се случува тоа?
19 Сепак, за што зборува сега Јехова? „Тешко на Ариел! На Ариел, на градот што го опсади Давид! Нека се ниже година по година, нека се изредат празниците, па ќе го притиснам Ариел, и ќе настанат пискотница и лелекање. За мене ќе бидеш Божјо [олтарско, NW] Огниште“ (Исаија 29:1, 2). „Ариел“ можеби значи ‚Божјо олтарско Огниште‘, и се чини дека овде се однесува на Ерусалим. Таму се наоѓа храмот со својот олтар за жртви. Таму Евреите рутински ги држат празниците и принесуваат жртви, но нивното обожавање не му причинува задоволство на Јехова (Осија 6:6). Напротив, тој наредува самиот град да стане ‚олтарско огниште‘ во поинаква смисла. Како на олтар, по него ќе се разлева крв и ќе биде изложен на оган. Јехова дури и опишува како ќе се случи ова: „Ќе те опколам како Давид, ќе те опкружам со ровови, ќе подигнам насипи спроти тебе. Соборен ќе зборуваш од земјата, од правот ќе тепкавиш со задушен збор, гласот ќе ти се крева од земјата како на покојник, ќе шептиш беседи од правот“ (Исаија 29:3, 4). Ова се исполнува на Јуда и Ерусалим во 607 пр.н.е. кога вавилонската војска го опсадува и го уништува градот и го запалува храмот. Ерусалим е срамнет со земјата на која бил изграден.
20. Која ќе биде крајната судбина на Божјите непријатели?
20 Пред тоа судбоносно време, Јуда одвреме навреме има цар кој го слуша Јеховиниот Закон. Каков е случајот тогаш? Јехова се бори за својот народ. Дури и ако непријателите ја прекриваат земјата, стануваат како „ситен прав“ и „плева“. Во свое одредено време, Јехова ќе ги расее „со грмеж, со татнеж, со голем шум, со виор, со бура и со пламен оган што голта“ (Исаија 29:5, 6).
21. Објасни ја илустрацијата од Исаија 29:7, 8.
21 Непријателските војски можеби желно очекувале да го опљачкаат Ерусалим и да се наситат со воен плен. Но, ги чека грубо будење! Како гладен човек кој сонува дека се гости, а потоа се буди пак гладен како што си бил, така непријателите на Јуда нема да уживаат во гозбата што толку желно ја очекуваат. (Прочитај Исаија 29:7, 8.) Размисли што се случува со асирската војска под Сенахирим кога му се заканува на Ерусалим во деновите на верниот цар Езекија (Исаија 36. и 37. поглавје). Во една ноќ, без да се подигне човечка рака, застрашувачката асирска воена машинерија е одбиена — 185.000 нејзини силни воини се мртви! Соништата за освојување уште еднаш ќе бидат осуетени кога во блиска иднина воената машинерија на Гог од Магог ќе се подготви за напад на Јеховиниот народ (Езекиел 38:10—12; 39:6, 7).
22. Како влијае врз Јуда нејзиното духовно пијанство?
22 Во времето кога Исаија го изрекува овој дел од своето пророштво, водачите на Јуда немаат вера како онаа на Езекија. Преку своите алијанси со безбожни нации, тие се опиле до духовна зашеметеност. „Застанете, скаменете се од чудо, ослепете и заслепете се! Пијани се, ама не од вино, се тетерават, ама не од жесток пијалак“ (Исаија 29:9). Духовно пијани, овие водачи не се способни да го сфатат значењето на визијата дадена на Јеховиниот вистински пророк. Исаија вели: „Господ излеа на вас дух на премалување [длабок сон, NW], ги затвори вашите очи — пророците, ја прекрши вашата глава — гледачите. Затоа секое видение ќе ви биде како зборови во запечатена книга: ако му биде дадена на некој што знае да чита, велејќи: ‚Ајде, читај го тоа!‘ — тој ќе одговори: ‚Не можам, зашто е запечатена.‘ А ако му биде дадена на некој што не знае да чита, велејќи: ‚Читај го тоа!‘ — тој ќе одговори: ‚Не знам да читам‘“ (Исаија 29:10—12).
23. Зошто Јехова ќе ја повика Јуда да му поднесе сметка, и како ќе го стори тоа?
23 Религиозните водачи на Јуда тврдат дека се духовно разборити, но го оставиле Јехова. Наместо тоа, поучуваат за своите извртени идеи за исправно и погрешно, наоѓајќи си оправдување за својата неверност и неморалните постапки, како и за тоа што го водат народот во Божја немилост. Со помош на нешто „пречудно“ — неговата ‚чудна постапка‘ — Јехова ќе ги повика да му поднесат сметка за своето лицемерство. Тој вели: „Бидејќи овој народ Ми пристапува само со устата, и Ме почитува само со усните, а срцето му е далеку од Мене, и неговото почитување научено од човечки одредби, затоа, еве, и натаму ќе постапувам чудно со овој народ — чудно и пречудно: и ќе пропадне мудроста на неговите мудреци, ќе потемнее умноста на неговите умници“ (Исаија 29:13, 14). Самонаречената мудрост и умност на Јуда ќе исчезнат кога Јехова ќе управува со работите за целиот нејзин отпаднички религиозен систем да биде збришан од страна на вавилонската светска сила. Истото се случило во првиот век, откако самонаречените мудри водачи на Евреите ја навеле нацијата да застрани. Нешто слично ќе му се случи на христијанскиот свет во нашево време (Матеј 15:8, 9; Римјаните 11:8).
24. Како Јудејците го издаваат својот недостиг на божествен страв?
24 Меѓутоа, засега, фалбаџиските водачи на Јуда веруваат дека се доволно паметни за да се извлечат без казна за своето изопачување на вистинското обожавање. Дали се? Исаија им ја трга маската, разоткривајќи ги како луѓе кои немаат вистински страв од Бог а со тоа немаат ни вистинска мудрост: „Тешко им на оние што се кријат од Господа, за да ги скријат своите намери, и кои во мрак дејствуваат и зборуваат: ‚Кој нѐ гледа и кој нѐ позна?‘ Колкаво безумство! Дали се цени глината колку грнчарот, па делото да му рече на својот творец: ‚Тој не ме направи?‘ Или грнецот да му рече на грнчарот: ‚Тој не разбира ништо?‘“ (Исаија 29:15, 16; спореди Псалм 111:10). Сеедно колку добро скриени мислат дека се, тие стојат ‚голи и отворено изложени‘ пред очите на Бог (Евреите 4:13).
,Глувите ќе чујат‘
25. Во која смисла „глувите“ ќе слушаат?
25 Меѓутоа, за оние поединци кои практикуваат вера ќе има спасение. (Прочитај Исаија 29:17—24; спореди Лука 7:22.) „Глувите ќе го чујат словото на книжниот свиток“, пораката од Божјата реч. Да, ова не е лечење на физичка глувост. Ова е духовно лечење. Исаија уште еднаш посочува на воспоставувањето на месијанското Царство и на обновувањето на вистинското обожавање на Земјата преку владата на Месијата. Ова се случува во нашево време, и милиони искрени дозволуваат Јехова да ги исправи и се учат да го слават. Какво возбудливо исполнување! На крајот, ќе дојде денот кога секој, сѐ што дише, ќе го фали Јехова и ќе го свети неговото свето име (Псалм 150:6).
26. Какви духовни потсетувања слушаат денес „глувите“?
26 Што учат тие ‚глуви‘ кои ја слушаат Божјата реч денес? Дека сите христијани, особено оние на кои собранието гледа како на примери, мораат грижливо да избегнуваат да ‚заталкаат поради жесток пијалак‘ (Исаија 28:7, NW). Освен тоа, никогаш не смееме да се умориме од слушањето на Божјите потсетувања кои ни помагаат да имаме духовно гледиште за сите работи. Иако христијаните пригодно се подложни на владините авторитети и од нив очекуваат да им обезбедат извесни услуги, спасението не доаѓа од светот, туку од Јехова Бог. Исто така, не смееме никогаш да заборавиме дека, слично на судењето на отпадничкиот Ерусалим, Божјиот суд на оваа генерација е неизбежен. Со Јеховина помош можеме да продолжиме да го објавуваме неговото предупредување и покрај противењето, како што направил и Исаија (Исаија 28:14, 22; Матеј 24:34; Римјаните 13:1—4).
27. Каква лекција можат да научат христијаните од пророштвото на Исаија?
27 Старешините и родителите можат да учат од начинот на кој Јехова дава дисциплина, секогаш со желба да ги врати престапниците во Божјата наклоност, а не само да ги казни (Исаија 28:26—29; спореди Еремија 30:11). И сите ние, вклучувајќи ги и младите, сме потсетени колку е битно да му служиме на Јехова од срце, а не само механички да ги извршуваме работите како христијани со цел да им угодиме на луѓето (Исаија 29:13). Мораме да покажеме дека, за разлика од безверните жители на Јуда, имаме здрав страв од Јехова и длабока почит кон него (Исаија 29:16). Освен тоа, треба да покажеме дека сме спремни да бидеме исправени од Јехова и да учиме од него (Исаија 29:24).
28. Како гледаат Јеховините слуги на неговите спасувачки дела?
28 Колку само е важно да имаме вера и доверба во Јехова и во начинот на кој тој ги извршува работите! (Спореди Псалм 146:3.) За повеќето, предупредувачката порака што ја проповедаме звучи детски. Предвиденото уништување на една организација, христијанскиот свет, која тврди дека му служи на Бог е чудна, необична идеја. Но, Јехова ќе ја изврши својата ‚чудна постапка‘. Во тоа нема сомневање. Затоа, во последните денови на овој систем на работи, Божјите слуги полагаат потполна доверба во неговото Царство и во неговиот наименуван Цар, Исус Христос. Знаат дека Јеховините спасувачки дела — извршени заедно со неговото ‚необично дело‘ — ќе му донесат вечни благослови на целото послушно човештво.
[Фуснота]
^ На оригинален хебрејски, Исаија 28:10 е повторлива рима, нешто што повеќе личи на детска песничка. Значи, на религиозните водачи пораката на Исаија им звучела повторливо и детски.
[Прашања]
[Слики на страница 289]
Христијанскиот свет се потпрел на алијансите со човечките владетели наместо на Бог
[Слика на страница 290]
Јехова ја извршува својата ‚чудна постапка‘ кога му дозволува на Вавилон да го уништи Ерусалим
[Слика на страница 298]
Оние што биле духовно глуви можат да ја „чујат“ речта Божја