Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не бој се од Асирецот

Не бој се од Асирецот

Дванаесетто поглавје

Не бој се од Асирецот

Исаија 10:5—34

1, 2. а) Од човечка гледна точка, зошто изгледало дека Јона имал добра причина да се колеба околу прифаќањето на налогот да им проповеда на Асирците? б) Како реагирале Нинивејците на пораката на Јона?

 ВО СРЕДИНАТА на деветтиот век пр.н.е., еврејскиот пророк Јона, синот Аматиев, и покрај ризикот тргнал кон Нинивија, главниот град на Асирската Империја. Тој имал да им пренесе тешка порака. Јехова му рекол: „Стани, оди во Нинивија, град голем, и викај против него, зашто нивното зло се воздигна пред Моето лице“ (Јона 1:2, 3).

2 Кога за првпат го добил својот налог, Јона побегнал во спротивна насока, кон Тарсис. Од човечка гледна точка, Јона имал причина да се колеба. Асирците биле суров народ. Забележи како постапил еден асирски монарх со своите непријатели: „На офицерите им ги отсеков и рацете и нозете . . . Многу заробеници од нив изгорев со оган, а многумина поведов како живи заробеници. На некои им ги отсеков рацете и прстите, а на други им ги отсеков носовите“. Сепак, кога Јона конечно им ја пренел пораката од Јехова, Нинивејците се покајале за своите гревови и Јехова го поштедил градот во тоа време (Јона 3:3—10; Матеј 12:41).

Јехова го зема „стапот“

3. Како се разликува реакцијата на Израелците од онаа на Нинивејците во однос на предупредувањата што им ги пренеле Јеховините пророци?

3 Дали реагираат поволно Израелците, на кои Јона исто така им проповеда? (2. Цареви 14:25). Не. Тие му вртат грб на чистото обожавање. Всушност, тие одат толку далеку што ‚се клањаат на сета небеска војска и му служат на Ваала‘. Згора на тоа, ‚ги поминуваат своите синови и ќерки низ оган, се предаваат на вражање и гатање, правејќи така зло во Господовите очи и разгневувајќи Го‘ (2. Цареви 17:16, 17). За разлика од Нинивејците, Израел не реагира поволно кога Јехова испраќа пророци за да го предупредат. Затоа Јехова одлучува да преземе построги мерки.

4, 5. а) Што се мисли со „Асирецот“, и како Јехова ќе го употреби како ‚стап‘? б) Кога паѓа Самарија?

4 Некое време по посетата на Јона на Нинивија, агресивноста на Асирците се намалува. * Меѓутоа, во почетокот на осмиот век пр.н.е., Асирија повторно се поставува како воена сила, и Јехова ја користи на зачудувачки начин. Пророкот Исаија му пренесува предупредување од Јехова на северното царство Израел: „Аха! Асирецот, стапот на мојот гнев, и прачката на моето јавно обвинение што е во нивни раце! Против отпадничка нација ќе го испратам, и против народот на мојот бес ќе му издадам заповед за да земе голем плен, и да земе многу пљачка, и да го направи изгазено место како калта на улиците“ (Исаија 10:5, 6NW).

5 Какво само понижување за Израелците! Бог користи паганска нација — „Асирецот“ — како ‚стап‘ за да ги казни. Во 742 пр.н.е., асирскиот цар Салманасар V ја опсадува Самарија, главниот град на отпадничката нација Израел. Од својата стратешка положба на еден рид висок околу 90 метри, Самарија го задржува непријателот скоро три години. Но, никаква човечка стратегија не може да ја спречи Божјата намера. Во 740 пр.н.е. Самарија паѓа, изгазена под нозете на Асирците (2. Цареви 18:10).

6. На кој начин Асирецот оди над она што Јехова го има на ум за него?

6 Иако Јехова ги употребил за да му одржи на својот народ една лекција, самите Асирци не го признаваат Јехова. Токму затоа тој понатаму вели: „Иако [Асирецот] можеби не е таков, тој ќе се чувствува склон; иако неговото срце можеби не е такво, тој ќе крои планови, бидејќи во срцето му е да уништува и да отстранува нации, и тоа не малку“ (Исаија 10:7NW). Јехова има намера Асирецот да биде инструмент во божествената рака. Но, Асирецот се чувствува склон да биде нешто друго. Неговото срце го поттикнува да крои планови за нешто поголемо — освојување на тогаш познатиот свет!

7. а) Објасни го изразот „Не се ли сите кнезови мои цареви?“ б) На што треба да обрнат внимание оние што денес го напуштаат Јехова?

7 Со голем број неизраелски градови освоени од Асирецот претходно владееле цареви. Овие поранешни цареви сега мораат да му се подложат на царот на Асирија како вазални кнезови, па затоа тој може со право да се фали: „Не се ли сите кнезови мои цареви?“ (Исаија 10:8). Лажните богови на истакнатите градови на нацијата не можат да ги спасат од уништување своите обожаватели. Боговите кои жителите на Самарија ги обожавале, како Ваал, Молох и златните телиња, нема да го заштитат тој град. Поради тоа што го напуштила Јехова, Самарија нема право да очекува од него тој да интервенира. Сите што денес го напуштаат Јехова, нека обрнат внимание на судбината на Самарија! Асирецот може со право да се фали во врска со Самарија и другите градови што ги има освоено: „Не е ли Халан како Хархемес? Не е ли Емад како Арпад? Самарија како Дамаск?“ (Исаија 10:9). Сите тие му се исти на Асирецот — плен за грабање.

8, 9. Зошто Асирецот оди предалеку кога фрла око на Ерусалим?

8 Меѓутоа, Асирецот оди предалеку во своето фалење. Тој вели: „Како што Мојата рака го достигна царството на лажните богови, побогати со кипови од Ерусалим и Самарија, како што направив со Самарија и со нејзините лажни богови, нема ли да направам и со Ерусалим и со неговите ликови?“ (Исаија 10:10, 11). Царствата што веќе се победени од Асирецот поседувале далеку повеќе идоли од Ерусалим, па дури и од Самарија. ‚Што ќе ме спречи‘, резонира тој, ‚да му го направам на Ерусалим она што ѝ го направив на Самарија?‘

9 Фалбаџија! Јехова нема да му допушти да го заземе Ерусалим. Вистина, Јуда нема беспрекорно досие на поддржување на вистинското обожавање (2. Цареви 16:7—9; 2. Летописи 28:24). Јехова предупредил дека Јуда, поради својата неверност, ќе претрпи многу за време на асирската инвазија. Но, Ерусалим ќе опстане (Исаија 1:7, 8). Кога Асирецот напаѓа, цар во Ерусалим е Езекија. Езекија не е како татка си, Ахаз. Впрочем, уште во првиот месец од своето владеење, Езекија повторно ги отвора храмските врати и повторно го воспоставува чистото обожавање (2. Летописи 29:3—5).

10. Што ветува Јехова во врска со Асирецот?

10 Така, нападот што Асирија има намера да го изврши врз Ерусалим нема одобрување од Јехова. Јехова ветува дека ќе се пресмета со таа дрска светска сила: „Кога Господ ќе го доврши сето Свое дело на гората Сион и во Ерусалим, ќе го казни плодот на горделивото срце на асирскиот цар и дрскоста на неговите горделиви очи“ (Исаија 10:12).

На Јуда и Ерусалим!

11. Зошто Асирецот мисли дека Ерусалим ќе биде лесен плен?

11 Осум години по паѓањето на северното царство во 740 пр.н.е., нов асирски монарх, Сенахирим, маршира против Ерусалим. Исаија поетски го опишува горделивиот план на Сенахирим: „Ќе ги отстранам границите на народите, и нивните работи што ги насобрале сигурно ќе ги ограбам, и токму како моќен човек ќе ги соборам жителите. И токму како по гнездо, мојата рака ќе посегне по ресурсите на народите; и токму како што човек собира јајца што се оставени, така јас самиот ќе ја соберам дури и целата земја, и сигурно никој не ќе мавта со своите крилја, ниту ќе ја отвори својата уста, ниту ќе цивка“ (Исаија 10:13, 14NW). Сенахирим резонира дека другите градови паднале и Самарија веќе не постои, па и Ерусалим ќе биде лесен плен! Градот можеби ќе се бори малодушно, но скоро без да цивнат, неговите жители брзо ќе бидат покорени, нивните ресурси собрани како јајца од напуштено гнездо.

12. Според она што го покажува Јехова, кое е исправното гледиште за работите во врска со фалбите на Асирецот?

12 Меѓутоа, Сенахирим заборава нешто. Отпадничката Самарија ја заслужила казната што ја добила. Но, под цар Езекија, Ерусалим уште еднаш станува бастион на чисто обожавање. Секој кој сака да посегне по Ерусалим ќе мора да положи сметка пред Јехова! Огорчено, Исаија прашува: „Зар се фали секирата покрај оној што сече со неа? Ќе се гордее ли пилата покрај оној што со неа реже? Како жезолот да мавта со оној кој го крева, или прачката ја [стапот го, NW] крева оној што не е дрво“ (Исаија 10:15). Асирската Империја е само алатка во Јеховината рака, многу слично како што еден шумар користи секира, еден дрвар пила, а еден овчар жезол или стап. Како се осмелува сега стапот да се велича себеси над оној што го користи!

13. Идентификувај ги и кажи што се случува со а) ‚згоените‘, б) ‚глогинките и трњето‘, в) „красотата на неговите гори“.

13 Што ќе му се случи на Асирецот? „Господ над Воинствата ќе им испрати крај [слабеење од болест, NW] на неговите згојувања [згоени, NW], ќе му ја потпали славата со оган, како распламсан пожар. Израелевата светлина ќе биде како оган, Неговиот Светец како пламен што ќе го запали и ќе ги изгори неговите глогинки и неговото трње во еден ден. И красотата на неговите гори и овоштарници ќе ја уништи од срцевината до кората, таа ќе биде како болен што згаснува; ќе биде лесно да биде избројан, остатокот на горските стебла дете ќе ги запише лесно“ (Исаија 10:16—19). Да, Јехова ќе го скастри тој асирски ‚стап‘! ‚Згоените‘ од асирската војска, неговите дебели војници, ќе ги погоди „слабеење од болест“. Нема да изгледаат толку силни! Како што се случува со многу глогови и трње, неговите копнени трупи ќе бидат изгорени од Израелевата светлина, Јехова Бог. А на „красотата на неговите гори“, неговите воени офицери, ќе им дојде крајот. Откако Јехова завршува со Асирецот, остануваат толку малку офицери што ќе може на прсти да ги изброи и едно дете! (Види и Исаија 10:33, 34.)

14. Опиши го напредувањето на Асирецот на тлото на Јуда до 732 пр.н.е.

14 Сепак, на Евреите кои живеат во Ерусалим во 732 пр.н.е. мора да им е тешко да веруваат дека Асирецот ќе биде победен. Огромната асирска војска напредува непопустливо. Слушај го списокот на градови во Јуда што имаат паднато: ‚Тој  . . . доаѓа на Ајат . . . Мигрон . . . Михмас . . . Гавај . . . Рама . . . Саулова Гаваја . . . Бат Галим . . . Лаис . . . Анатот . . . Мадмина . . . Гевим . . . Нов“ (Исаија 10:28—32а). * На крајот напаѓачите стигнуваат до Лахис, на само 50 километри од Ерусалим. Наскоро голема асирска војска му се заканува на градот. „Тој мавта со раката заканувачки против планината на ќерката сионска, ридот на Ерусалим“ (Исаија 10:32бNW). Што може да го сопре Асирецот?

15, 16. а) Зошто на цар Езекија му треба цврста вера? б) Каква основа има Езекија за вера дека Јехова ќе му дојде на помош?

15 Во својата палата во градот, цар Езекија тегобно се загрижува. Тој ги кине своите облеки и се облекува во вреќиште (Исаија 37:1). Испраќа луѓе кај пророкот Исаија за тој да го распраша Јехова во името на Јуда. Тие наскоро се враќаат со одговор од Јехова: „Не бој се . . . ќе го штитам овој град“ (Исаија 37:6, 35). Сепак, Асирците се заканувачки опасни и крајно самоуверени.

16 Вера — тоа е она што ќе го поддржи цар Езекија во оваа криза. Верата е ‚јасно докажување на стварности иако не се гледаат‘ (Евреите 11:1). Тоа вклучува да се гледа зад очигледното. Но, верата се темели на спознание. Езекија веројатно се сеќава дека Јехова однапред ги кажал следниве утешни зборови: „,О Мој народе што престојуваш на Сион, не бој е од Асирецот . . . Зашто уште малку, многу малку, и ќе прекрати Мојот гнев, Мојата јарост ќе ги уништи.‘ Господ над Војските ќе замавне со бич над нив како кога го удри Мадијам при стената Орив и ќе крене стап над морето како на Египетскиот Пат“ (Исаија 10:24—26). * Да, Божјиот народ бил во тешки ситуации и порано. Предците на Езекија изгледале безнадежно немоќни во однос на египетската војска кај Црвеното Море. Неколку века пред тоа изгледало дека Гедеон немал големи шанси кога Мадијам и Амалик го нападнале Израел. Сепак, Јехова го избавил својот народ во тие две прилики (Излез 14:7—9, 13, 28; Судии 6:33; 7:21, 22).

17. Како Асирскиот јарем е „скршен“, и зошто?

17 Ќе го направи ли Јехова повторно она што го направил во тие претходни прилики? Да. Јехова ветува: „Во оној ден: ќе ти падне бремето од плеќи, и ќе го снема неговиот јарем од твојот врат, [и јаремот сигурно ќе се скрши поради маслото, NW]“ (Исаија 10:27). Асирскиот јарем ќе биде тргнат од плеќите и од вратот на Божјиот народ на сојузот. Навистина, јаремот ќе биде „скршен“ — и скршен е! Во една ноќ, ангелот на Јехова убива 185.000 Асирци. Заканата е отстранета, а Асирците го напуштаат тлото на Јуда засекогаш (2. Цареви 19:35, 36). Зошто? „Поради маслото.“ Ова може да се однесува на маслото што било употребено за да се помаже Езекија како цар во лозата на Давид. Така, Јехова го исполнува своето ветување: „Ќе го штитам овој град, ќе го спасам, заради Себе и заради Својот слуга Давид“ (2. Цареви 19:34).

18. а) Дали пророштвото на Исаија има повеќе од едно исполнување? Објасни. б) Која организација денес е како древната Самарија?

18 Извештајот на Исаија што се разгледуваше во ова поглавје е поврзан со настаните во Јуда пред повеќе од 2.700 години. Но тие настани се од најголема важност денес (Римјаните 15:4). Дали ова значи дека главните ликови во овој возбудлив расказ — жителите на Самарија и Ерусалим, како и Асирците — имаат современи еквиваленти? Да. Слично на идолопоклоничката Самарија, христијанскиот свет тврди дека го обожава Јехова, но тој е отпадник до срж. Во An Essay on the Development of Christian Doctrine (Есеј за развојот на христијанската доктрина), римокатоликот Џон Хенри Кардинал Њумен признава дека сите предмети што христијанскиот свет ги користи со векови, како темјан, свеќи, света водичка, свештенички мантии и ликови, „се од паганско потекло“. Јехова не е многу позадоволен од паганизираното обожавање на христијанскиот свет отколку од идолопоклонството на Самарија.

19. За што бил предупреден христијанскиот свет, и кој го предупредил?

19 Јеховините сведоци со години го предупредуваат христијанскиот свет на незадоволството на Јехова. Во 1955, на пример, говорот за јавност со наслов „Христијанскиот свет или христијанството — кое од нив е ‚светлината на светот‘?“ беше одржан по целиот свет. Говорот сликовито го објасни начинот на којшто христијанскиот свет залутал од вистинската христијанска доктрина и обичаи. Потоа, по пошта им беа доставени примероци од ова силно предавање на свештеници во многу земји. Како организација, христијанскиот свет пропуштал да обрнува внимание на предупредувањето. Тој не му остава на Јехова никаков друг избор освен да го дисциплинира со „стап“.

20. а) Што ќе служи како современ Асирец, и како ќе биде употребено како стап? б) До која мера ќе биде дисциплиниран христијанскиот свет?

20 Кого ќе го употреби Јехова за да го дисциплинира бунтовниот христијански свет? Одговорот го наоѓаме во 17. поглавје од Откровение. Таму се среќаваме со една блудница, „Големиот Вавилон“, што ги претставува сите лажни религии во светот, вклучувајќи го и христијанскиот свет. Блудницата јава на скерлетен див ѕвер кој има седум глави и десет рогови (Откровение 17:3, 5, 7—12). Дивиот ѕвер ја претставува Организацијата на обединетите нации. * Исто како што древниот Асирец ја уништил Самарија така и скерлетниот див ѕвер ‚ќе ја замрази блудницата и ќе ја опустоши и разголи, и ќе ги изеде нејзините месести делови и потполно ќе ја изгори со оган‘ (Откровение 17:16). На тој начин, современиот Асирец (нациите поврзани со ОН) ќе му зададе на христијанскиот свет силен удар и ќе го сотре.

21, 22. Кој ќе го мотивира дивиот ѕвер да го нападне Божјиот народ?

21 Дали Јеховините верни сведоци ќе изгинат заедно со Големиот Вавилон? Не. Бог не е незадоволен од нив. Чистото обожавање ќе опстане. Меѓутоа, дивиот ѕвер кој го уништува Големиот Вавилон исто така алчно фрла око на Јеховиниот народ. Правејќи го тоа, ѕверот ја извршува не Божјата мисла, туку мислата на некој друг. Чија? На Сатана Ѓаволот.

22 Јехова ја изложува Сатановата горделива сплетка кога му вели: „Во тој ден мислите ќе ти се ројат во срцето и ќе сковаш лош наум. Ќе речеш: ‚Ајде . . . да нападнам на мирен народ што живее спокојно без [заштитни] ѕидови . . . па да се награбам плен и да се напљачкам пљачка‘“ (Езекиел 38:10—12). Сатана ќе резонира: ‚Да, зошто да не ги подбуцнам нациите да ги нападнат Јеховините сведоци? Ранливи се, незаштитени, без политичко влијание. Нема да дадат отпор. Ама ќе биде лесно да се соберат, како јајца од нечувано гнездо!‘

23. Зошто современиот Асирец нема да може да му го стори на Божјиот народ она што ќе му го направи на христијанскиот свет?

23 Но само пазете, нации! Знајте дека ако го допрете Јеховиниот народ, ќе морате да положите сметка пред самиот Бог! Јехова го љуби својот народ, и исто толку сигурно ќе се бори за него како што се борел и за Ерусалим во деновите на Езекија. Кога ќе се обиде да ги уништи Јеховините слуги, современиот Асирец всушност ќе се бори со Јехова Бог и со Јагнето, Исус Христос. Ова е битка што Асирецот не може да ја добие. „Јагнето ќе ги победи,“ вели Библијата, „бидејќи е Господар над господарите и Цар над царевите“ (Откровение 17:14; спореди Матеј 25:40). Слично на Асирецот од старо време, скерлетниот див ѕвер ќе ‚замине во уништување‘. Од него никој повеќе нема да се плаши (Откровение 17:11).

24. а) Што се решени да прават вистинските христијани за да се подготват за иднината? б) Како Исаија гледа уште понапред? (Види рамка на 155. страница.)

24 Вистинските христијани ќе можат да се соочат со иднината без страв ако го задржат цврст својот однос со Јехова и ако вршењето на неговата волја го стават на прво место во животот (Матеј 6:33). Тогаш ќе нема зошто ‚да се уплашат од злото‘ (Псалм 23:4). Со своите очи на верата, тие ќе ја видат Божјата моќна рака подигната високо, не за да ги казни нив, туку да ги заштити од нивните непријатели. А нивните уши ќе ги чујат следниве успокојувачки зборови: „Не бој се“ (Исаија 10:24).

[Фусноти]

^ Види Увид во Писмото, том 1, страница 203.

^ Заради појаснување, Исаија 10:28—32 се разгледува пред Исаија 10:20—27.

^ За разгледување на Исаија 10:20—23, види „Исаија гледа уште понапред“, на 155. страница.

^ Додатни информации во врска со идентитетот на блудницата и на скерлетниот див ѕвер можат да се најдат во 34. и 35. поглавје од книгата Откривење — близу је величанствени врхунац!, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.

[Прашања]

[Рамка/слики на страници 155 и 156]

ИСАИЈА ГЛЕДА УШТЕ ПОНАПРЕД

Исаија 10:20—23

Десеттото поглавје од Исаија се сосредоточува главно на начинот на кој Јехова ќе ја употреби асирската инвазија за да изврши суд над Израел и на неговото ветување да го брани Ерусалим. Со оглед на тоа што стиховите 20 до 23 се наоѓаат во средината на ова пророштво, би можело да се смета дека нивното главно исполнување било во тој временски период. (Спореди Исаија 1:7—9.) Меѓутоа, начинот на изразување укажува дека овие стихови се применуваат поспецифично на подоцнежни периоди кога и Ерусалим ќе мора да одговара за гревовите на своите жители.

Цар Ахаз се обидува да стекне сигурност со тоа што за помош ѝ се обраќа на Асирија. Пророкот Исаија претскажува дека во иднина, преживеаните од домот на Израел никогаш повеќе нема да се стремат по таков бесмислен пат. Исаија 10:20 вели дека тие „ќе се потпираат искрено на Господа, на Израелевиот Светец“. Меѓутоа, 21. стих (NW) покажува дека само мал број ќе го прави тоа: „Сосема мал остаток ќе се врати“. Ова нѐ потсетува на син му на Исаија, Сеар Јасув, кој е знак во Израел и чиешто име значи „Сосема мал остаток ќе се врати“ (Исаија 7:3). Стих 22 од 10. поглавје предупредува на претстојното „уништување“ за кое веќе е одлучено. Таквото уништување ќе биде праведно бидејќи тоа е праведна казна за тој бунтовен народ. Како резултат на ова, од густо населена нација која е „колку песок во морето“, ќе се врати само еден остаток. Стих 23 предупредува дека ова претстојно уништување ќе ја погоди целата земја. Овој пат, Ерусалим нема да биде поштеден.

Овие стихови добро го опишуваат она што се случило во 607 пр.н.е. кога Јехова ја употребил Вавилонската Империја како свој „стап“. Целата земја, вклучувајќи го и Ерусалим, паднала под напаѓачот. Евреите биле одведени како заробеници во Вавилон за 70 години. Но, потоа, некои — дури и ако биле „сосема мал остаток“ — се вратиле за повторно да го воспостават вистинското обожавање во Ерусалим.

Пророштвото во Исаија 10:20—23 имало натамошно исполнување во првиот век, како што е покажано во Римјаните 9:27, 28. (Спореди Исаија 1:9; Римјаните 9:29.) Павле објаснува дека во духовна смисла, еден „остаток“ од Евреи ‚се вратил‘ кај Јехова во првиот век н.е., со тоа што мал број верни Евреи станале следбеници на Исус Христос и почнале да го обожаваат Јехова „со дух и вистина“ (Јован 4:24). На овие подоцна им се придружиле не-Евреи што верувале, формирајќи духовна нација, „Израелот Божји“ (Галатите 6:16). Во оваа прилика, зборовите од Исаија 10:20 (NW) се исполниле: „Никогаш повеќе“ една нација предадена на Јехова не се одвратила од него за да се сврти кон човечки извори на поддршка.

[Слика на страница 147]

Сенахирим резонира дека собирањето на нациите е исто толку лесно како собирањето јајца од гнездо