„Ниеден жител нема да рече: ,Болен сум!‘“
Дваесет и шесто поглавје
„Ниеден жител нема да рече: ,Болен сум!‘“
1. Зошто се утешни зборовите од Исаија 33:24?
„ЦЕЛОТО создание заедно воздивнува и заедно е во болка сѐ досега.“ Така рекол апостол Павле (Римјаните 8:22). И покрај напредокот во медицината, болеста и смртта продолжуваат да го измачуваат човечкиот род. Затоа, колку само е прекрасно ветувањето кое е кулминација на овој дел од пророштвото на Исаија! Замисли си го времето кога „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“ (Исаија 33:24). Кога и како ќе се исполни ова ветување?
2, 3. а) Во кој поглед нацијата Израел е болна? б) На кој начин Асирија служи како Божји ‚стап‘ за дисциплинирање?
2 Исаија пишува во време кога Божјиот народ на сојузот е духовно болен (Исаија 1:5, 6). Тие толку потонале во отпадништво и неморал што е потребна строга дисциплина од Јехова Бог. Асирија служи како Јеховин ‚стап‘ со кој тој ќе ја даде таа дисциплина (Исаија 7:17; 10:5, 15). Прво, северното десетплеменско царство Израел паѓа под Асирците во 740 година пр.н.е. (2. Цареви 17:1—18; 18:9—11). Неколку години подоцна, Сенахирим, царот на Асирија, започнува силен напад врз јужното царство Јуда (2. Цареви 18:13; Исаија 36:1). Како што асирската незапирлива сила пустоши низ земјата, потполното уништување на Јуда се чини неизбежно.
3 Но Асирија, пречекорувајќи ги своите овластувања што ѝ се дадени за да го дисциплинира Божјиот народ, сега ја спроведува својата сопствена алчна амбиција да го освои светот (Исаија 10:7—11). Ќе дозволи ли Јехова нејзиното брутално малтретирање на неговиот народ да помине неказнето? Ќе биде ли излекувана духовната болест на нацијата? Во Исаија 33. поглавје можеме да ги прочитаме Јеховините одговори на овие прашања.
Ограбување на ограбувачот
4, 5. а) Каков пресврт ќе доживее Асирија? б) Каква молитва упатува Исаија во корист на Јеховиниот народ?
4 Пророштвото започнува: „Тешко ти тебе кој незапустен, запустуваш, кој неограбен, ограбуваш, кога ќе прекратиш, тебе ќе те запустат кога ќе прекратиш да пљачкаш ќе те ограбат“ (Исаија 33:1). Исаија директно му се обраќа на ограбувачот, Асирија. На врвот од својата моќ, таа агресивна нација изгледа непобедлива. ‚Неограбена, ограбувала‘, пустошејќи ги градовите на Јуда, па дури и лишувајќи го домот на Јехова од неговото богатство — и тоа го правела навидум неказнета! (2. Цареви 18:14—16; 2. Летописи 28:21). Сега, сепак, работите ќе се сменат. „[Тебе] ќе те ограбат“, смело објавува Исаија. Колку е утешно ова пророштво за верните!
5 Во текот на тој застрашувачки временски период, лојалните обожаватели на Јехова ќе треба да му се обратат нему за помош. Затоа, Исаија се моли: „Господи, смилувај ни се, во Тебе се надеваме! Биди наша помош секое утро, наше спасение во секоја неволја. Народите избегаа од силниот татнеж, Ти се дигна, племињата се распрснаа“ (Исаија 33:2, 3). Во склад со ситуацијата, Исаија се моли Јехова да го ослободи Својот народ како што тоа го има направено многупати во минатото (Псалм 44:3; 68:1). И веднаш откако Исаија ја упатува оваа молитва, го претскажува и Јеховиниот одговор на неа!
6. Што ќе ѝ се случи на Асирија, и зошто тоа е на место?
6 „Се собира плен [од Асирците] како што се собираат гасениците, ќе се нафрлат врз него како јато скакулци“ (Исаија 33:4). За Јуда се добро познати опустошувачките наезди на инсекти. Овој пат, сепак, тие што ќе бидат опустошени се непријателите на Јуда. Асирија ќе претрпи понижувачки пораз, а нејзините војници ќе бидат присилени да бегаат, оставајќи зад себе голем плен за жителите на Јуда! Сосема е на место Асирија, позната по својата суровост, и самата да доживее да биде ограбена (Исаија 37:36).
Современиот Асирец
7. а) Кој може денес да се спореди со духовно болната нација Израел? б) Кој ќе служи како Јеховин ‚стап‘ со кој тој ќе го уништи христијанскиот свет?
7 Како се однесува пророштвото на Исаија на нашево време? Духовно болната нација Израел може да се спореди со неверниот христијански свет. Исто како што Јехова ја употребил Асирија како ‚стап‘ за да го казни Израел така ќе употреби ‚стап‘ за да го казни и христијанскиот свет — како и остатокот од светската империја на лажната религија, „Големиот Вавилон“ (Исаија 10:5; Откровение 18:2—8). Тој ‚стап‘ ќе бидат нациите-членки на Обединетите нации — организација прикажана во Откровение како седмоглав скерлетен див ѕвер со десет рогови (Откровение 17:3, 15—17).
8. а) Кој може денес да се спореди со Сенахирим? б) Кого ќе се охрабри да го нападне современиот Сенахирим, и со каков исход?
8 Додека современиот Асирец беснее низ подрачјето на лажната религија, ќе изгледа незапирлив. Со став како оној на Сенахирим, Сатана Ѓаволот ќе се охрабри да удри — не само на отпадничките организации кои заслужуваат казна туку и на вистинските христијани. Покрај преостанатите од Јеховините помазани духовни синови, милиони кои излегуваат од Сатановиот свет, кој го вклучува Големиот Вавилон, заземаат свој став за Јеховиното Царство. Разлутен што вистинските христијани одбиваат да му укажат чест и почит, „богот на овој систем на работи“, Сатана, ќе започне потполн напад врз нив (2. Коринќаните 4:4; Езекиел 38:10—16). Колку и да е застрашувачки овој напад, а без сомнение ќе биде таков, Јеховиниот народ ќе нема потреба да се грчи од страв (Исаија 10:24, 25). Тие имаат уверување од Бог дека тој ќе им биде „спасение во секоја неволја“. Тој ќе интервенира, нанесувајќи опустошување над Сатана и неговите толпи (Езекиел 38:18—23). Токму како во древно време, оние што се обидуваат да го ограбат Божјиот народ самите ќе бидат ограбени! (Спореди Пословици 13:22б.) Јеховиното име ќе биде посветено, а преживеаните ќе бидат наградени поради тоа што барале ‚мудрост, знаење [и] Господов страв‘. (Прочитај Исаија 33:5, 6.)
Предупредување за безверните
9. а) Што ќе направат ‚јунаците‘ и ‚гласниците мироносци‘ на Јуда? б) Како ќе реагира Асирецот на мировните иницијативи од Јуда?
9 Меѓутоа, каква ќе биде судбината на безверните во Јуда? Исаија дава една мрачна слика на нивната претстојна пропаст од рацете на Асирија. (Прочитај Исаија 33:7.) Воените „јунаци“ (NW) на Јуда викаат од страв поради напредувањето на Асирците. ‚Гласниците мироносци‘, дипломати испратени да преговараат за мир со воинствените Асирци, наидуваат на исмејување и понижување. Тие ќе плачат горко поради својот неуспех. (Спореди Еремија 8:15.) Бруталниот Асирец ќе нема жал за нив. (Прочитај Исаија 33:8, 9.) Тој немилосрдно ќе ги игнорира сојузите што ги склопил со жителите на Јуда (2. Цареви 18:14—16). Асирецот ќе ‚ги презира градовите‘ (NW) на Јуда, гледајќи на нив со подбив полн со презир и без никаков обѕир кон човечкиот живот. Ситуацијата ќе биде толку опустошувачка што, така да се каже, самата земја ќе оплакува. Ливан, Сарон, Васон и Кармел исто така ќе оплакуваат поради опустошувањето.
10. а) Како ќе се покажат неделотворни ‚јунаците‘ на христијанскиот свет? б) Кој ќе ги заштити вистинските христијани во денот на неволја на христијанскиот свет?
10 Слични околности, без сомнение, ќе се развијат во блиска иднина кога нациите ќе започнат со својот напад врз религијата. Како во деновите на Езекија, физичкиот отпор на овие разорни сили ќе биде залуден. ‚Јунаците‘ на христијанскиот свет — неговите политичари, финансиери и други влијателни луѓе — не ќе можат да му дојдат на помош. Политичките и финансиските ‚сојузи‘, или спогодби, наменети да ги заштитат интересите на христијанскиот свет, ќе бидат прекршени (Исаија 28:15—18). Избезумените обиди да се спречи уништувањето преку дипломатија ќе пропаднат. Трговските активности ќе се најдат во застој, додека имотот и инвестициите на христијанскиот свет ќе бидат конфискувани или уништени. Секој кој сѐ уште ќе има пријателски чувства кон христијанскиот свет нема да стори ништо повеќе освен да стои на безбедна оддалеченост и да ја оплакува неговата смрт (Откровение 18:9—19). Ќе биде ли вистинското христијанство збришано заедно со лажното? Не, зашто Јехова лично го дава ова уверување: „Сега ќе станам — вели Господ — сега ќе се кренам, сега ќе се возвишам“ (Исаија 33:10). На крајот, Јехова ќе интервенира во корист на верните, како Езекија, и ќе го сопре напредувањето на Асирците (Псалм 12:5).
11, 12. а) Кога и како се исполнуваат зборовите од Исаија 33:11—14? б) Какво предупредување даваат Јеховините зборови за денешно време?
11 Безверните не можат да сметаат на таква заштита. Јехова вели: „,Зачнавте сено, ќе родите слама здивот ваш е како оган, ќе ве голтне. Народите ќе бидат изгорени во вар, како отсечени трња, што горат во оган. Чујте, вие кои сте далеку, што направив, а вие кои сте близу познајте Ми ја силата!‘ Грешниците треперат на Сион, трепет ги обзеде безбожниците: ‚Кој ќе опстане од нас пред уништувачкиот оган, кој ќе опстане од нас пред вечниот пламен?‘“ (Исаија 33:11—14). Овие зборови се чини дека се применуваат на периодот кога Јуда се соочува со нов непријател, Вавилон. По смртта на Езекија, Јуда се враќа на своите зли патишта. Во следните неколку децении, состојбата во Јуда се влошува до тој степен што целата нација мора да пострада од огнот на Божјиот гнев (Второзаконие 32:22).
12 Злобните планови и сплетки што непослушните ги измислуваат за да го избегнат Божјиот суд не се ништо повредни од слама. Всушност, гордиот, бунтовен дух на нацијата ќе ги задвижи настаните кои ќе водат до нејзино уништување (Еремија 52:3—11). Злите ќе „бидат изгорени во вар“ — потполно уништени! Додека размислуваат за оваа неизбежна пропаст, бунтовните жители на Јуда претрпуваат ужасен страв. Јеховините зборови до неверната Јуда ја илустрираат ситуацијата на припадниците на христијанскиот свет денес. Ако не обрнат внимание на Божјето предупредување, ги чека мрачна иднина.
,Да се оди во постојана правда‘
13. Какво ветување му е дадено на оној ‚кој оди во постојана правда‘, и како ова се исполнило во случајот на Еремија?
13 Употребувајќи контраст, Јехова понатаму вели: „Оној кој оди во [постојана, NW] правда и кој зборува право, кој ја презира печалбата од насилство, кој ги тресе рацете за да не прими поткуп, кој ги затнува ушите за да не чуе за крвопролевањата, кој ги затвора очите за да не види зло — тој ќе живее во висините, тврдини врз карпи ќе му бидат прибежишта, ќе има доста леб и водите не ќе му недостасуваат“ (Исаија ). Како што апостол Петар подоцна го изразува тоа, „знае Јехова како да ги ослободи од искушение луѓето оддадени на Бог, а неправедните да ги сочува за денот на судот за да бидат отсечени“ ( 33:15, 162. Петрово 2:9). Еремија доживеал такво избавување. За време на вавилонската опсада, луѓето морале да „јадат леб со мерка и со тешкотија“ (Езекиел 4:16). Некои жени дури ги јаделе и своите сопствени деца (Плач Еремиин 2:20). Сепак, Јехова се погрижил Еремија да биде на сигурно.
14. Како можат христијаните денес да ‚одат во постојана правда‘?
14 Христијаните денес мораат исто така ‚да одат во постојана правда‘, секојдневно придржувајќи се на Јеховините мерила (Псалм 15:1—5). Тие мораат да ‚зборуваат право‘ и да отфрлат лажење и невистина (Пословици 3:32). Измамата и подмитувањето можат да бидат вообичаени во многу земји, но тие се одбивни за оној ‚кој оди во постојана правда‘. Христијаните мораат, исто така, да зачуваат „чесна совест“ во деловните постапки, внимателно избегнувајќи сомнителни или измамнички планови (Евреите 13:18; 1. Тимотеј 6:9, 10). И оној ‚кој ги затнал ушите за да не чуе за крвопролевањата, кој ги затвора очите за да не види зло‘, ќе биде селективен во својот избор на музика и забава (Псалм 119:37). За време на својот ден на суд, Јехова ќе ги заштити и поддржи своите обожаватели кои живеат по овие мерила (Софонија 2:3).
Го гледаат својот цар
15. Кое ветување ќе ги поддржи верните Евреи во изгнанство?
15 Исаија понатаму го дава следниов светол поглед на иднината: „Твоите очи ќе го гледаат царот во неговата убавина, ќе ја разгледуваат непрегледната [далечната, NW] земја. Твоето срце ќе мисли во страв: ‚Каде е оној што броеше, каде е оној што мереше, каде е оној што ги пребројуваше стражарниците?‘ Не ќе видиш веќе свиреп народ, народ со неразбирлив и со несфатлив говор, туѓ јазик што никој не го разбира“ (Исаија 33:17—19). Ветувањето за идниот месијански Цар и за неговото Царство ќе ги поддржува верните Евреи во текот на долгите децении на изгнанство во Вавилон, и покрај тоа што можат да го видат тоа Царство само оддалеку (Евреите 11:13). Кога владата на Месијата најпосле ќе стане реалност, вавилонската тиранија ќе биде далечен спомен. Преживеаните од нападот на Асирецот среќно ќе прашаат: „Каде се службениците на тиранот, кои нѐ оданочуваа, ни наплатуваа, ни земаа данок?“ (Исаија 33:18, Moffatt).
16. Од кога може Божјиот народ да го ‚гледа‘ месијанскиот Цар, и со каков резултат?
16 Иако зборовите на Исаија гарантираат враќање од вавилонското ропство, поединечни еврејски изгнаници ќе мораат да го чекаат воскресението за да го уживаат потполното исполнување на овој дел од пророштвото. А како е со Божјите слуги денес? Од 1914, Јеховиниот народ може да го ‚гледа‘, или да го распознае месијанскиот Цар, Исус Христос, во сета негова духовна убавина (Псалм 45:2; 118:22—26). Како резултат на ова, тие доживеале избавување од угнетувањето и контролата на Сатановиот зол систем. Под Сион, седиштето на Божјето Царство, тие уживаат вистинска духовна сигурност.
17. а) Какви ветувања се дадени во врска со Сион? б) Како Јеховините ветувања во врска со Сион се исполнети на месијанското Царство и на неговите поддржувачи на Земјата?
17 Исаија продолжува: „Погледај на Сион, на градот на нашите празници: твоите очи ќе го видат Ерусалим, заштитено престојувалиште, шатор што не се пренесува, чии колчиња никогаш не се вадат, и ниту едно јаже не му се кине. Таму ни е силниот Господ; место на широки реки и потоци; не ќе помине оттаму ниеден брод ни весла [ниедна флота од галии, NW], ниту некој воен брод ќе проедри“ (Исаија 33:20, 21). Исаија нѐ уверува дека Божјето месијанско Царство не може да биде откорнато или уништено. Освен тоа, таквата заштита очигледно ќе ја добијат и верните поддржувачи на Царството кои се денес на Земјата. Дури и ако голем број поединци се ставени на сурови испити, поданиците на Божјето Царство имаат гаранција дека никаков обид да бидат уништени како собрание нема веројатност да успее (Исаија 54:17). Јехова ќе го заштити својот народ исто онака како што еден ендек или канал полн со вода заштитува дословен град. Секој непријател што доаѓа против нив — дури и некој што е толку моќен како „флота од галии“ или „воен брод“ — ќе се соочи со уништување!
18. Каква одговорност прифаќа Јехова?
18 Сепак, зошто можат љубителите на Божјето Царство да се чувствуваат толку сигурни во божествената заштита? Исаија објаснува: „Господ е наш Судија, Господ е наш Законодавец, Господ е наш Цар — Тој ќе нѐ спаси“ (Исаија 33:22). Јехова ја прифаќа одговорноста да го заштитува и упатува својот народ кој ја признава неговата положба на Врховен Суверен. Тие доброволно се подложуваат на неговата влада преку неговиот месијански Цар, признавајќи дека Јехова има авторитет не само да донесе закони туку и да ги спроведе. Меѓутоа, бидејќи Јехова е љубител на праведноста и правдата, неговото владеење, преку неговиот Син, не е товар за неговите обожаватели. Напротив, тие се подложуваат на неговата власт ‚за свое добро‘ (Исаија 48:17). Тој нема никогаш да ги напушти своите лојални (Псалм 37:28, NW).
19. Како Исаија ја опишува неефикасноста на непријателите на Јеховиниот верен народ?
19 Исаија им вели на непријателите на Јеховиниот верен народ: „Ослабнаа јажињата твои, не можат да ги додржат јарболите и да ги затегнат платната. Тогаш ќе има голем дележ на плен, така и сакатите ќе тргнат по грабеж“ (Исаија 33:23, СП). Секој непријател кој се приближува, ќе се покаже исто толку неефикасен и беспомошен против Јехова колку што е еден воен брод со разлабавени јажиња, со разнишан јарбол и без платна. Уништувањето на Божјите непријатели ќе донесе толку многу плен што дури и сакатите ќе учествуваат во делењето на грабежот. Затоа можеме да бидеме уверени дека преку Царот Исус Христос, Јехова ќе триумфира над своите непријатели во претстојната ‚голема неволја‘ (Откровение 7:14).
Лекување
20. Каков вид лекување ќе доживее Божјиот народ, и кога?
20 Овој дел од пророштвото на Исаија завршува со охрабрувачко ветување: „Ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘ На народот што живее таму, ќе му се прости беззаконието“ (Исаија 33:24). Болеста за која зборува Исаија е првенствено духовна, зашто е поврзана со грев, односно ‚беззаконие‘. Во првата примена на овие зборови, Јехова ветува дека по нејзиното ослободување од вавилонско заробеништво, нацијата ќе биде духовно излекувана (Исаија 35:5, 6; Еремија 33:6; спореди Псалм 103:1—5). Бидејќи им е простено за нивните поранешни гревови, вратените Евреи повторно ќе го воспостават чистото обожавање во Ерусалим.
21. На кои начини Јеховините обожаватели доживуваат духовно лекување денес?
21 Меѓутоа, пророштвото на Исаија има современо исполнување. Јеховиниот народ денес исто така доживеал духовно лекување. Тие се ослободени од такви лажни учења како бесмртност на душата, тројство и пеколен оган. Добиваат морално водство што ги ослободува од неморални практики и им помага да донесат добри одлуки. И, благодарение на откупната жртва на Исус Христос, имаат чиста положба пред Бог и уживаат чиста совест (Колошаните 1:13, 14; 1. Петрово 2:24; 1. Јованово 4:10). Ова духовно лекување има физички користи. На пример, избегнувањето неморален секс и користење тутун ги заштитува христијаните од сексуално преносливи болести и од некои видови рак (1. Коринќаните 6:18; 2. Коринќаните 7:1).
22, 23. а) Кое величествено исполнување ќе го има во иднина Исаија 33:24? б) На што се решени вистинските обожаватели денес?
22 Освен тоа, ќе има поголемо исполнување на зборовите од Исаија 33:24 по Армагедон, во Божјиот нов свет. Под владетелството на месијанското Царство, луѓето ќе доживеат големо физичко лекување покрај своето духовно лекување (Откровение 21:3, 4). Кратко по уништувањето на Сатановиот систем на работи, чуда како оние што ги правел Исус додека бил на Земјата без сомнение ќе се случуваат во глобални размери. Слепиот ќе гледа, глувиот ќе слуша, сакатиот ќе оди! (Исаија 35:5, 6). Ова ќе им овозможи на сите преживеани од големата неволја да учествуваат во големото дело со кое ќе ја доведат Земјата во рајска состојба.
23 Подоцна, кога ќе започне воскресението, оние што ќе се вратат во живот без сомнение ќе бидат подигнати со добро здравје. Но, како што вредноста на откупната жртва ќе се применува во сѐ поголема мера така ќе уследат повеќе физички користи, сѐ додека човештвото не се подигне до совршенство. Тогаш, праведниците ќе ‚оживеат‘ во најпотполна смисла на зборот (Откровение 20:5, 6). Во тоа време, и на духовен и на физички начин, „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум!‘“. Какво возбудливо ветување! Нека сите вистински обожаватели денес бидат решени да се најдат меѓу оние што ќе го доживеат неговото исполнување!
[Прашања]
[Слика на страница 344]
Исаија со доверба му се моли на Јехова
[Слики на страница 353]
Благодарение на откупната жртва, Јеховиниот народ има чиста положба пред него
[Слика на страница 354]
Во новиот свет, ќе има величествено физичко лекување