Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

,Падна Вавилон!‘

,Падна Вавилон!‘

Седумнаесетто поглавје

,Падна Вавилон!‘

Исаија 21:1—17

1, 2. а) Која е сеопфатната тема на Библијата, но која важна дополнителна тема се појавува во Исаија? б) Како Библијата ја развива темата за падот на Вавилон?

 БИБЛИЈАТА може да се спореди со големо музичко дело кое има една доминантна тема како и други споредни теми кои се внесени за да придонесат за уникатноста на целото дело. На сличен начин, Библијата има една главна тема — оправдувањето на Јеховиниот суверенитет преку владата на месијанското Царство. Исто така содржи и други важни теми кои се повторуваат. Една од нив е падот на Вавилон.

2 Таа тема е воведена во Исаија 13. и 14. поглавје. Се повторува во 21. поглавје и повторно во 44. и 45. поглавје. Еден век подоцна, Еремија ја проширува истата тема, а книгата Откровение ја доведува до величествен завршеток (Еремија 51:60—64; Откровение 18:1—19:4). Секој сериозен проучувач на Библијата треба да биде заинтересиран за оваа важна дополнителна тема на Божјата реч. Исаија 21. поглавје помага во овој поглед бидејќи изнесува фасцинантни детали за проречениот пад на таа голема светска сила. Подоцна ќе видиме дека Исаија 21. поглавје нагласува и една друга важна библиска тема — тема што нам како христијани ни помага да ја оцениме својата будност денес.

„Тешка визија“

3. Зошто Вавилон е наречен „пустелијата на морето“, и што навестува таа титула во врска со неговата иднина?

3 Исаија 21. поглавје започнува со злокобен призвук: „Објавата против пустелијата на морето: Како буроносни ветрови на југот што се движат напред, таа доаѓа од пустелијата, од земја што влева страв“ (Исаија 21:1NW). На двете страни од реката Еуфрат се протега Вавилон, со својата источна половина во регионот помеѓу двете големи реки Еуфрат и Тигар. На извесна оддалеченост од него е вистинското море. Тогаш, зошто е наречен „пустелијата на морето“? Затоа што регионот на Вавилон секоја година бил поплавуван, при што се создавало пространо, мочурливо ‚море‘. Меѓутоа, Вавилонците ја регулирале оваа водна пустелија со тоа што создале комплексен систем од насипи, јазови и канали. Тие генијално ги користат овие води како дел од одбранбениот систем на градот. Сепак, никакви човечки дела нема да го спасат Вавилон од божествениот суд. Пустелија бил — пустелија ќе биде. Несреќата му се приближува, готвејќи се како што се готват жестоките бури кои понекогаш дуваат во Израел откај страшната пустелија на југот. (Спореди Захарија 9:14.)

4. Како визијата за „Големиот Вавилон“ од Откровение вклучува елементи на „води“ и „пустелија“, и што значат ‚водите‘?

4 Како што научивме од 14. поглавје од оваа книга, древниот Вавилон има современ еквивалент — „Големиот Вавилон“, светската империја на лажната религија. Во Откровение, Големиот Вавилон на сличен начин е опишан во поврзаност со „пустелија“ и со „води“. Апостол Јован е однесен во пустелија за да го види Големиот Вавилон. Речено му е дека тој „седи на многу води“ кои претставуваат „народи и множества и нации и јазици“ (Откровение 17:1—3, 5, 15). Поддршката од народот отсекогаш играла клучна улога во опстанокот на лажната религија, но таквите „води“ на крајот нема да ја заштитат. Слично на својот древен еквивалент, таа ќе заврши празна, запуштена и опустошена.

5. Како Вавилон се здобива со репутација на ‚предавник‘ и ‚грабач‘?

5 Во деновите на Исаија, Вавилон сѐ уште не е доминантна светска сила, но Јехова веќе предвидува дека тој ќе ја злоупотреби својата моќ кога ќе му дојде времето. Исаија понатаму вели: „Тешка визија ми беше кажана: Предавникот постапува предавнички, а грабачот ограбува“ (Исаија 21:2аNW). Вавилон навистина ќе ги ограби и ќе постапува предавнички со нациите што ќе ги освои, вклучувајќи ја и Јуда. Вавилонците ќе го ограбат Ерусалим, ќе го опљачкаат неговиот храм и ќе го одведат неговиот народ во заробеништво во Вавилон. Таму, со овие беспомошни заробеници ќе постапуваат предавнички, ќе ги исмејуваат поради нивната вера и нема да им дадат никаква надеж дека ќе се вратат во својата родна земја (2. Летописи 36:17—21; Псалм 137:1—4).

6. а) На чии воздивнувања Јехова ќе стави крај? б) За кои нации е проречено дека ќе го нападнат Вавилон, и како се исполнува ова?

6 Да, Вавилон потполно ја заслужува оваа „тешка визија“, која значи дека ќе дојдат тешки времиња за него. Исаија продолжува: „Качи се, о Еламе! Опсади, о Медијо! Секое воздивнување што се должи на него, јас предизвикав да престане“ (Исаија 21:2бNW). За угнетуваните од оваа предавничка империја ќе има спас. Најпосле, крај на нивните воздивнувања! (Псалм 79:11, 12). На кој начин ќе дојде ова олеснување? Исаија именува две нации што ќе го нападнат Вавилон: Елам и Медија. Два века подоцна, во 539 пр.н.е., Кир Персиецот ќе предводи против Вавилон една комбинирана војска од Персијци и Медијци. Што се однесува до Елам, персиските монарси ќе поседуваат барем дел од таа земја пред 539 пр.н.е. * Персиските сили на тој начин ќе ги вклучуваат Еламитите.

7. Како влијае врз Исаија неговата визија, и што означува таа?

7 Забележи како Исаија го опишува впечатокот кој оваа визија го оставила врз него: „Затоа моите бедра се полни со грчеви; ме опфаќаат болки како болките на родилката; оглувев од збунетост, ослепев од страв. Срцето ми трепери, ужас ме опфати, примракот за кој копнеев стана страшилиште“ (Исаија 21:3, 4). Пророкот изгледа ужива во часовите на примрак, пријатно време за длабоко размислување во тишина. Но, квечерината сега го губи својот шарм, носејќи само страв, болка и страшилиште. Тој трпи грчеви какви што има жена која раѓа, а срцето му „трепери“. Еден изучувач ја преведува оваа фраза со „срцето диво ми чука“, забележувајќи дека изразот се однесува на „интензивно и неправилно чукање на пулсот“. Зошто таква мака? Изгледа дека чувствата на Исаија се пророчки. Ноќта меѓу 5 и 6 октомври 539 пр.н.е., Вавилонците ќе доживеат сличен ужас.

8. Според пророштвото, како постапуваат Вавилонците и покрај тоа што нивните непријатели се пред ѕидините?

8 Таа судбоносна вечер, додека се стемнува, на Вавилонците ни на крај ум не им е да се ужасуваат. Околу два века однапред, Исаија претскажува: „Поставуваат стол, распростираат прекривка, се јаде и пие“ (Исаија 21:5а). Да, арогантниот цар Валтазар е домаќин на една гозба. Подготвени се места за илјада негови веледостојници, како и за многу жени и конкубини (Даниел 5:1, 2). Славениците знаат дека пред ѕидините има војска, но веруваат дека нивниот град е неосвоив. Неговите масивни ѕидини и длабокиот ендек оставаат впечаток дека неговото освојување е невозможно; неговите многубројни богови го прават тоа незамисливо. Затоа, нека „се јаде и пие“! Валтазар се опива, и веројатно не е единствениот. Потребата да бидат разбудени, како што покажуваат и следните пророчки зборови на Исаија, укажува на тоа дека високите службеници биле мамурни.

9. Зошто има потреба ‚да се помаже штитот‘?

9 „Станете, кнезови, помажете го штитот“ (Исаија 21:5бNW). Наеднаш, забавата завршува. Кнезовите мораат да се разбудат! Остарениот пророк Даниел е повикан на сцената, и тој гледа како Јехова го доведува вавилонскиот цар Валтазар до состојба на ужас слична на онаа опишана од Исаија. Веледостојниците на царот се фрлени во збрка кога здружените сили на Медијците, Персијците и Еламитите го пробиваат одбранбениот систем на градот. Вавилон паѓа брзо! Сепак, што значи ‚да се помаже штитот‘? Библијата понекогаш се осврнува на царот на нацијата како на штит, бидејќи тој е бранителот и заштитникот на земјата * (Псалм 89:18). Така, овој стих во Исаија веројатно ја претскажува потребата од нов цар. Зошто? Затоа што Валтазар е убиен „таа иста ноќ“. Според тоа, има потреба ‚да се помаже штитот‘, односно да се именува нов цар (Даниел 5:1—9, 30).

10. Каква утеха можат да извлечат обожавателите на Јехова од исполнувањето на пророштвото на Исаија во врска со оној што постапува предавнички?

10 Сите љубители на вистинското обожавање извлекуваат утеха од овој извештај. Современиот Вавилон, Големиот Вавилон, постапува исто толку предавнички и е ист таков грабач како што бил неговиот древен еквивалент. До ден-денес, религиозните водачи коваат завери за Јеховините сведоци да бидат забранети, прогонувани или да плаќаат казнени даноци. Но, како што нѐ потсетува ова пророштво, Јехова ги гледа сите такви предавнички постапки, и нема да ги остави неказнети. Тој ќе им стави крај на сите религии кои погрешно го претставуваат него и кои го малтретираат неговиот народ (Откровение 18:8). Дали е можно такво нешто? За да ја изградиме нашата вера, треба само да видиме како веќе се исполниле неговите предупредувања во врска со падот и на древниот Вавилон и на неговиот современ еквивалент.

,Падна!‘

11. а) Каква е одговорноста на еден стражар, и кој е активен како стражар денес? б) Што е претставено со бојната кола со магариња и онаа со камили?

11 Сега Јехова му зборува на пророкот. Исаија известува: „Зашто Господ ми рече вака: ‚Оди, постави стражари! Нека јават, што ќе видат‘“ (Исаија 21:6). Овие зборови се увод во една друга важна тема во ова поглавје — темата за стражарот. Ова е од интерес за сите вистински христијани денес, бидејќи Исус ги поттикнал своите следбеници да ‚бдеат‘. „Верниот и разборит роб“ никогаш не престанал да го кажува она што го гледа во врска со близината на Божјиот ден на суд и со опасностите на овој расипан свет (Матеј 24:42, 45—47). Што гледа стражарот од визијата на Исаија? „Тој виде бојна кола со два коња, бојна кола со магариња, бојна кола со камили. И посвети стриктно внимание, со голема внимателност“ (Исаија 21:7NW). Овие поединечни бојни коли веројатно претставуваат редици од коли кои напредуваат во борбена формација со брзина на тренирани бојни коњи. Бојната кола со магариња и онаа со камили соодветно претставуваат две сили, Медија и Персија, кои ќе се обединат за да тргнат во овој напад. Освен тоа, историјата потврдува дека персиската војска во војувањето користела и магариња и камили.

12. Кои особини ги покажува стражарот од визијата на Исаија, и кому му се потребни овие особини денес?

12 Стражарот тогаш е наведен да даде извештај. „Тој фати да вика како лав: ‚На стражарската кула, о Јехова, стојам постојано дење, и на моето стражарско место поставен сум по цели ноќи. И еве, сега, доаѓа бојна кола со луѓе, со два бојни коња!‘ (Исаија 21:8, 9аNW). Стражарот од визијата вика храбро, „како лав“. Потребна е храброст за некој да вика со порака на суд против нација толку застрашувачка како Вавилон. Потребно е и нешто друго — истрајност. Стражарот останува на своето место дење и ноќе, никогаш не дозволувајќи неговата будност да попушти. На сличен начин, на класата на стражарот во овие последни денови ѝ е потребна храброст и истрајност (Откровение 14:12). На сите вистински христијани им се потребни овие особини.

13, 14. а) Како поминува древниот Вавилон, и во која смисла се скршени неговите идоли? б) Како и кога Големиот Вавилон претрпел сличен пад?

13 Стражарот од визијата на Исаија гледа бојна кола што напредува. Со какви новости? „Тие ми викнаа, тие рекоа: ‚Падна, падна, Вавилон! Сите кипови на неговите богови се искршија на земја‘“ (Исаија 21:9б). Каков само возбудлив извештај! Најпосле, паѓа овој предавнички грабач на Божјиот народ! * Меѓутоа, во која смисла се скршени Вавилонските кипови и идоли? Дали медо-персиските напаѓачи ќе маршираат во вавилонските храмови и ќе ги смачкуваат неброените идоли? Не, такво нешто не е потребно. Вавилонските идолски богови ќе бидат скршени со тоа што ќе бидат разоткриени како немоќни да го заштитат градот. А Вавилон ќе доживее пад кога не ќе може повеќе да го угнетува Божјиот народ.

14 Што е со Големиот Вавилон? Измислувајќи начини на угнетување на Божјиот народ во текот на I светска војна, тој всушност го држел некое време во изгнанство. Неговото дело на проповедање било скоро прекинато. Претседателот и други угледни службеници на Watch Tower Society биле затворени врз основа на лажни обвиненија. Но, во 1919 година настапил запрепастувачки пресврт. Службениците биле ослободени од затвор, канцеларијата на светската централа била повторно отворена, а делото на проповедање повторно започнало. Со тоа што бил скршен неговиот стисок над Божјиот народ, Големиот Вавилон паднал. * Во Откровение, овој пад е двапати прогласен од страна на еден ангел кој ги користи зборовите од објавата во Исаија 21:9 (Откровение 14:8; 18:2).

15, 16. Во која смисла израелскиот народ е ‚овршен‘, и што можеме да научиме од ставот на Исаија кон него?

15 Исаија ја завршува оваа пророчка порака со призвук на сочувство кон својот сопствен народ. Тој вели: „О мои овршени и сину на моето гумно, она што го чув од Јехова над војските, Богот на Израел, ви го соопштив вам, народе“ (Исаија 21:10NW). Во Библијата, вршидбата честопати симболизира дисциплинирање и пречистување на Божјиот народ. Припадниците на Божјиот народ на сојузот ќе станат ‚синови на гумното‘ на коешто пченицата со примена на сила се одвојува од плевата, и се оставаат само пречистени, пожелни зрна. Исаија не се сити на оваа дисциплина. Напротив, сочувствува со овие идни ‚синови на гумното‘, од кои некои ќе го поминат целиот свој живот како заробеници во туѓина.

16 Ова може да послужи како корисно потсетување за сите нас. Во христијанското собрание денес, некои можеби се склони да го изгубат своето сочувство кон престапниците. А оние на кои им е дадена дисциплина можат честопати да бидат склони да чувствуваат огорченост кон неа. Меѓутоа, ако задржиме на ум дека Јехова го дисциплинира својот народ со цел да го пречисти, ниту ќе ја омаловажуваме дисциплината и оние што понизно ја примаат ниту ќе се противиме кога нам ќе ни биде дадена. Да ја прифатиме божествената дисциплина како израз на Божјата љубов (Евреите 12:6).

Го распрашуваат стражарот

17. Зошто Едом е погодно наречен „Дума“?

17 Втората пророчка порака на Исаија 21. поглавје, во преден план го става ликот на стражарот. Таа започнува: „Објавата против Дума: Има еден што од Сеир вика по мене: ‚Стражару, што е со ноќта? Стражару, што е со ноќта?‘“ (Исаија 21:11NW). Каде е оваа Дума? Во библиски времиња се чини постоеле неколку града со тоа име, но овде не се мисли на ниту еден од нив. Дума не се наоѓа во Сеир, што е друго име за Едом. А „Дума“ значи „тишина“. Затоа, се чини, како што беше случај со претходната објава, на регионот му е дадено име што укажува на неговата иднина. Едом, кој долго време бил осветољубив непријател на Божјиот народ, ќе заврши во тишина — тишината на смртта. Пред тоа да се случи, сепак, некои загрижено ќе се распрашуваат за иднината.

18. Како се исполнила врз древниот Едом објавата: „Утрото мора да дојде, исто така и ноќта“?

18 Во времето на пишувањето на Исаија, Едом ѝ лежи на пат на моќната асирска војска. Некои во Едом копнеат да знаат кога ќе заврши за нив ноќта на угнетување. Кој е одговорот? „Стражарот рече: ‚Утрото мора да дојде, исто така и ноќта‘“ (Исаија 21:12аNW). За Едом работите не одат на добро. На хоризонтот ќе се појави еден утрински зрак, но ќе биде краткотраен, илузорен. Ноќта — уште едно мрачно време на угнетување — ќе уследи веднаш по утрото. Каква само погодна слика за иднината на Едом! Асирското угнетување ќе заврши, но Вавилон ќе ја наследи Асирија како светска сила и ќе го десеткува Едом (Еремија 25:17, 21; 27:2—8). Овој циклус ќе се повтори. По вавилонското угнетување ќе следи персиското, а потоа грчкото. Тогаш ќе има кратко ‚утро‘, во времето на Рим, кога Иродовците — Едомци по потекло — ќе добијат власт во Ерусалим. Но, тоа ‚утро‘ нема да потрае. На крајот, Едом трајно ќе биде положен во тишина, ќе исчезне од историјата. Конечно, името Дума ќе биде соодветен опис за него.

19. На што можеби мисли стражарот кога вели: „Ако вие луѓе сакате да се распрашате, распрашајте се. Дојдете пак!“?

19 Стражарот ја завршува својата кратка порака со зборовите: „Ако вие луѓе сакате да се распрашате, распрашајте се. Дојдете пак!“ (Исаија 21:12бNW). Изразот „Дојдете пак!“ може да се однесува на бескрајната последователност на ‚ноќи‘ за Едом. Или, поради тоа што изразот може исто така да се преведе со „вратете се“, пророкот можеби укажува дека секој Едомец кој сака да ја избегне судбата на нацијата, треба да се покае и ‚да се врати‘ кај Јехова. Во секој случај, стражарот повикува да продолжат да го распрашуваат.

20. Зошто е значајна за Јеховиниот народ денес објавата запишана во Исаија 21:11, 12?

20 Оваа кратка објава е од големо значење за Јеховиниот народ во современа доба. * Разбираме дека човештвото се наоѓа длабоко во темната ноќ на духовно слепило и отуѓеност од Бог, што ќе води до уништување на овој систем на работи (Римјаните 13:12; 2. Коринќаните 4:4). Додека трае оваа ноќ, секој зрак на надеж дека човештвото може некако да донесе мир и сигурност е сличен на тие илузорни зраци на зора по кои следеле само уште помрачни времиња. Се приближува вистинска зора — зората на Христовата Милениумска влада над Земјата. Но, сѐ додека трае ноќта, мораме да го следиме водството од класата на стражарот така што остануваме духовно будни и храбро ја објавуваме близината на крајот на овој расипан систем на работи (1. Солуњаните 5:6).

Паѓа ноќ во пустинската рамница

21. а) Која игра на зборови можеби постои во фразата „објавата против пустинската рамница“? б) Што се караваните на луѓето од Дедан?

21 Последната објава на Исаија во 21. поглавје е упатена против „пустинската рамница“. Тој започнува: „Објавата против пустинската рамница: Во шумата во пустинската рамница ќе ја поминете ноќта, о каравани на луѓето од Дедан“ (Исаија 21:13NW). Пустинската рамница што се спомнува очигледно е Арабија, бидејќи објавата им е упатена на неколку арапски племиња. Зборот за ‚пустинска рамница‘ понекогаш е преведен со „вечер“, многу слични зборови на хебрејски. Некои сугерираат дека ова е игра на зборови, како во овој регион да се готви да падне мрачна вечер — време на неволја. Објавата започнува со ноќна сцена која прикажува каравани на луѓето од Дедан, угледно арапско племе. Таквите каравани одат по трговски патишта од една пустинска оаза до друга, носејќи зачини, бисери и други богатства. Но овде гледаме дека се присилени да ги напуштат своите доста прометни патишта за да ги минат ноќите скриени. Зошто?

22, 23. а) Кое здробувачко бреме наскоро ќе падне врз арапските племиња, и со какви последици за нив? б) Колку брзо ќе дојде оваа несреќа, и од чии раце?

22 Исаија објаснува: „Да ги пречекате жедните, изнесете вода. О, вие жители на земјата Тема, со леб за него пресретнете го оној што бега. Зашто поради мечевите тие побегнале, поради извлечениот меч и поради оптегнатиот лак и поради тежината на војната“ (Исаија 21:14, 15NW). Да, здробувачкото бреме на војната ќе падне врз овие арапски племиња. Тема, сместена во една од оазите најдобро снабдени со вода во регионот, е принудена да донесе вода и леб за несреќните бегалци од војна. Кога ќе удри оваа неволја?

23 Исаија продолжува: „Вака ми рече Господ: ‚Уште една година, надничарска година, и ќе ја снема сета Кидарова слава. А од многубројните стрелци меѓу храбрите Кидарови синови малкумина ќе останат.‘ Така зборуваше Господ [Јехова, NW], Израелевиот Бог“ (Исаија 21:16, 17). Кидар е едно толку угледно племе што понекогаш се користи за да се претстави цела Арабија. Јехова решил стрелците и храбрите од ова племе да се сведат само на остаток. Кога? „Уште една година“, не повеќе, исто како што еден наемник не работи повеќе од она време за кое е платен. Како сето ова било прецизно исполнето не се знае со сигурност. Двајца асирски владетели — Саргон II и Сенахирим — себеси си ја припишале заслугата за покорувањето на Арабија. Едниот од нив можеби ги десеткувал тие горделиви арапски племиња, како што било проречено.

24. Како можеме да бидеме сигурни дека пророштвото на Исаија против Арабија се исполнило?

24 Меѓутоа, можеме да бидеме сигурни дека ова пророштво се исполнило од збор до збор. Ништо не може повеќе да ја засили таа мисла отколку завршните зборови на објавата: ‚Така зборуваше Јехова, Израелевиот Бог‘. За луѓето во деновите на Исаија, можеби изгледа неверојатно Вавилон да се издигне над Асирија, а потоа да биде соборен од власта за време на развратната веселба во текот на една единствена вечер. Може да изгледа подеднакво неверојатно моќниот Едом да заврши во смртна тишина, или ноќ на неволја, и немаштија да ги погоди богатите арапски племиња. Но, Јехова вели дека ќе биде така, и така и е. Денес Јехова ни кажува дека светската империја на лажната религија ќе ја снема. Ова не е само нешто што веројатно ќе се случи; ова е нешто што сигурно ќе се случи. Јехова лично го кажува тоа!

25. Како можеме да го имитираме примерот на стражарот?

25 Тогаш, да бидеме како стражарот. Да останеме будни, како да сме поставени на многу висока стражарска кула, набљудувајќи го хоризонтот за каков и да било знак на претстојна опасност. Да останеме блиску поврзани со верната класа на стражарот, преостанатите помазани христијани на Земјата денес. Да им се придружиме во храброто јавување на она што го гледаме — убедливиот доказ дека Христос владее на небото; дека тој наскоро ќе ѝ стави крај на долгата, мрачна ноќ на отуѓеност од Бог надвисната над човештвото; и дека потоа ќе ја воведе вистинската зора, милениумската влада над рајска Земја!

[Фусноти]

^ Персискиот цар Кир понекогаш бил означен како „Цар на Аншан“, а Аншан бил регион или град во Елам. Израелците од деновите на Исаија — во осмиот век пр.н.е. — можеби не знаеле за Персија, но за Елам би знаеле. Ова можеби објаснува зошто Исаија овде го именува Елам наместо Персија.

^ Голем број библиски коментатори мислат дека зборовите „помажете го штитот“ се однесуваат на древната воена практика штитовите од кожа пред битка да се мачкаат со масло, така што повеќето удари би се слизнале од нив. Иако ова е можно толкување, треба да се забележи дека ноќта кога градот паднал, Вавилонците едвај имале време да се борат, а камоли да се подготвуваат за битка подмачкувајќи ги своите штитови!

^ Пророштвото на Исаија во врска со падот на Вавилон е толку точно што некои критичари на Библијата теоретизираат дека мора да било напишано после настанот. Но, како што забележува хебрејскиот изучувач Ф. Делич, таквата шпекулација е непотребна ако прифатиме дека еден пророк би можел да биде инспириран да претскаже настани стотици години однапред.

^ Види Откривење — близу је величанствени врхунац!, страници 164—169.

^ Во текот на првите 59 години од своето издавање, списанието Стражарска кула го прикажувало Исаија 21:11 на насловната страница. Истиот стих бил тема на последната пишана проповед на Чарлс Т. Расел, првиот претседател на Watch Tower Society. (Види ја илустрацијата на претходната страница.)

[Прашања]

[Слика на страница 219]

„Се јаде и пие“

[Слика на страница 220]

Стражарот ‚фатил да вика како лав‘

[Слика на страница 222]

„Стојам постојано дење, и . . . по цели ноќи“