„Тешете го, Мојот народ“
Триесетто поглавје
„Тешете го, Мојот народ“
1. Кој е еден начин на кој Јехова нѐ теши?
ЈЕХОВА е ‚Бог, кој дава утеха‘. Еден начин на кој нѐ теши е преку ветувањето што го запишал во својата Реч (Римјаните 15:4, 5). На пример, кога си соочен со смртта на некој сакан, што може да биде поутешно од можноста тој љубен човек да биде воскреснат во Божјиот нов свет? (Јован 5:28, 29). А што е со Јеховиното ветување дека наскоро ќе ѝ стави крај на злобата и ќе ја претвори Земјата во рај? Зар не е утешно да се има можност да се преживее до тој претстоен Рај и никогаш да не се умре? (Псалм 37:9—11, 29; Откровение 21:3—5).
2. Зошто можеме да им веруваме на ветувањата од Бог?
2 Можеме ли навистина да им веруваме на ветувањата од Бог? Да, можеме! Оној што ги дава тие ветувања е потполно доверлив. Тој има и способност и волја да го спроведе она што го кажал (Исаија 55:10, 11). Ова било на моќен начин покажано со Јеховината изјава преку пророкот Исаија дека ќе го обнови вистинското обожавање во Ерусалим. Да го разгледаме пророштвото што се наоѓа во Исаија 40. поглавје, бидејќи тоа може да ни ја зајакне верата во Јехова, Оној што ги исполнува ветувањата.
Утешно ветување
3, 4. а) Кои зборови на утеха, што ги запишал Исаија, ќе му бидат потребни на Божјиот народ подоцна? б) Зошто жителите на Јуда и Ерусалим ќе бидат одведени во изгнанство во Вавилон, и колку долго ќе трае тоа ропство?
3 Во осмиот век пр.н.е., пророкот Исаија запишува утешни зборови кои подоцна ќе му бидат потребни на Јеховиниот народ. Веднаш откако му кажува на цар Езекија за претстојното уништување на Ерусалим и за протерувањето на еврејскиот народ во Вавилон, Исаија ги пренесува Јеховините зборови кои ветуваат обновување: „,Тешете го, тешете го, Мојот народ‘, говори вашиот Бог. ‚Зборувајте му на срцето на Ерусалим, викајте му, за да му сврши ропството, за да му биде простена [платена, NW] вината, зашто од Господовата рака прими двојно за сите свои гревови‘“ (Исаија 40:1, 2).
4 Овие уводни зборови, „Тешете го“, од Исаија 40. поглавје, добро ја опишуваат пораката на светлина и надеж што ја содржи преостанатиот дел од книгата Исаија. Поради тоа што станале отпадници, во 607 пр.н.е. жителите на Јуда и Ерусалим ќе бидат одведени во изгнанство во Вавилон. Но, тие еврејски заробеници нема засекогаш да им служат на Вавилонците. Не, нивното робување ќе трае само додека нивната вина не биде „платена“. Колку долго ќе биде тоа? Според пророкот Еремија, 70 години (Еремија 25:11, 12). Потоа, Јехова ќе го врати покајничкиот остаток од Вавилон во Ерусалим. Во 70-тата година од опустошувањето на Јуда, каква само утеха ќе биде за заробениците кога ќе сфатат дека времето за нивното ветено избавување наближува! (Даниел 9:1, 2).
5, 6. а) Зошто долгиот пат од Вавилон до Ерусалим нема да го спречи исполнувањето на Божјето ветување? б) Како ќе влијае врз другите нации враќањето на Евреите во нивната татковина?
5 Патот од Вавилон до Ерусалим е долг 800 до 1.600 километри, зависно од рутата по која ќе се оди. Дали долгиот пат ќе го спречи исполнувањето на Божјето ветување? Во никој случај! Исаија пишува: „Глас вика [Слушајте! Некој вика во пустелијата, NW]: ‚Пригответе Му на Господа [Јехова, NW] пат низ пустината. Израмнете ја патеката на нашиот Бог во степата. Нека се издигне секоја долина, нека се спушти секоја гора и бреже. Што е нерамно, нека се израмни, стрмнините нека станат рамни. Тогаш ќе се открие Славата Господова, и секое тело ќе ја види, зашто Господовата уста зборуваше‘“ (Исаија 40:3—5).
6 Пред да тргнат на пат, владетелите од Исток честопати испраќале луѓе за да го подготват патот отстранувајќи големи камења, па дури и градејќи насипи и израмнувајќи ридови. Во случајот на еврејските повратници, тоа ќе биде како Бог лично да е на чело, расчистувајќи ја секоја препрека. Впрочем, ова е народ на Јеховиното име, и исполнувањето на неговото ветување да го врати во неговата татковина ќе ја направи неговата слава видлива за сите нации. Сакале или не, тие нации ќе бидат принудени да видат дека Јехова е Оној што ги исполнува своите ветувања.
7, 8. а) Какво исполнување имале зборовите од Исаија 40:3 во првиот век н.е.? б) Какво поголемо исполнување имало пророштвото на Исаија во 1919 година?
7 Обновата во шестиот век пр.н.е. не била единственото исполнување на ова пророштво. Имало едно исполнување и во првиот век н.е. Јован Крстител бил гласот на некој кој „вика во пустелијата“, во исполнување на Исаија 40:3 (Лука 3:1—6). Под инспирација, Јован ги применил на себеси зборовите на Исаија (Јован 1:19—23). Од 29 н.е., Јован започнал да го подготвува патот за Исус Христос. * Она што Јован однапред го објавувал, го подбудило народот да го бара ветениот Месија за да може, од своја страна, да го слуша и да го следи (Лука 1:13—17, 76). Преку Исус, Јехова ќе ги води покајниците до слободата која само Божјето Царство може да ја обезбеди — ослободување од ропството на гревот и смртта (Јован 1:29; 8:32). Поголемото исполнување на зборовите на Исаија настапило во 1919 кога остатокот од духовниот Израел бил избавен од Големиот Вавилон и го обновил вистинското обожавање.
8 Сепак, што е со оние кои се сега на ред да извлечат корист од првобитното исполнување на ветувањето — еврејските заробеници во Вавилон? Можат ли тие навистина да имаат доверба во Јеховиното ветување дека ќе ги врати во нивната сакана татковина? Да, можат! Со живописни зборови и илустрации од секојдневниот живот, Исаија сега дава силни причини зошто тие можат да имаат потполна доверба дека Јехова ќе ја одржи својата реч.
Бог чијашто реч трае засекогаш
9, 10. Како Исаија прави контраст помеѓу минливоста на човечкиот живот и трајноста на Божјето ‚слово‘?
9 Прво, речта на Оној што ветува обнова останува засекогаш. Исаија пишува: „Гласот наложува: ‚Викај!‘ Одговорив: ‚Што да викам?‘ — ‚Секое тело е како трева, неговата сета убавина е како полски цвет. Тревата се суши, цветот свенува, кога Господовиот здив ќе помине преку нив. Навистина, народот е трева. Тревата се суши, цветот овенува, но Словото на нашиот Бог останува довека“ (Исаија 40:6—8).
10 Израелците добро знаат дека тревата не останува засекогаш. Во текот на сушните сезони, јаката сончева жега ја менува од зелена во спржено кафена. Во некои аспекти, човечкиот живот е како трева — со исто толку минлива природа (Псалм 103:15, 16; Јаков 1:10, 11). Исаија прави контраст помеѓу минливоста на човечкиот живот и трајноста на Божјето ‚слово‘, односно изјава во врска со неговата намера. Да, „Словото на нашиот Бог“ останува засекогаш. Кога Бог зборува, ништо не може да ги поништи неговите зборови ниту, пак, може да спречи да се исполнат (Исус Навин 23:14).
11. Зошто можеме да му веруваме на Јехова дека ќе ги исполни ветувањата што ги содржи неговата пишана Реч?
11 Денес, Јеховината изјава во врска со неговата намера ја имаме во писмена форма во Библијата. Низ вековите, Библијата се соочила со горко противење, а бестрашни преведувачи и други луѓе го ризикувале својот живот за да ја зачуваат. Сепак, самите нивни напори не се објаснување како преживеала. Сета заслуга за нејзиното преживување мора да му се припише на Јехова, ‚Богот кој живее и останува‘ и Чуварот на својата Реч (1. Петрово 1:23—25). Помисли на следново: Со оглед на тоа што Јехова ја зачувал својата пишана Реч, зар не можеме да му веруваме дека тој ќе ги исполни ветувањата кои таа ги содржи?
Силен Бог кој нежно се грижи за своите овци
12, 13. а) Зошто може да се верува во ветувањето за обнова? б) Каква е добрата вест за еврејските изгнаници, и зошто можат да имаат доверба?
12 Исаија дава втора причина зошто да се верува во ветувањето за обнова. Оној што го дава ветувањето е силен Бог кој нежно се грижи за својот народ. Исаија продолжува: „Искачи се дури на висока планина, ти жено што носиш добра вест за Сион. Поткрени го силно својот глас, ти жено што носиш добра вест за Ерусалим. Издигни го. Не плаши се. Речи им на јудејските градови: ‚Еве го вашиот Бог!‘ Гледај! Суверениот Господ Јехова лично ќе дојде како силен човек [„дури со сила”, NW со референции, фуснота] и неговата рака ќе владее за него! Гледај! Со Него е Неговата награда, а пред Него платата што ја исплаќа. Како пастир ќе го пасе своето сопствено стадо. Со својата рака ќе ги собере јагнињата; и во своите прегратки ќе ги носи. Со доилките ќе постапува грижливо‘“ (Исаија 40:9—11, NW).
13 Во библиски времиња било обичај победите да ги слават жени, извикувајќи или пеејќи ја добрата вест за добиени битки или за претстојно ослободување (1. Самоил 18:6, 7; Псалм 68:11, NW). Исаија пророчки укажува дека има добра вест за еврејските изгнаници, вест која може бестрашно да се извикува, дури и од планинските врвови — Јехова ќе го одведе својот народ назад во неговиот сакан Ерусалим! Тие можат да имаат доверба, зашто Јехова ќе дојде „со сила“. Значи, ништо не може да го спречи да си го исполни ветувањето.
14. а) Како Исаија го илустрира нежниот начин на кој Јехова ќе го води својот народ? б) Кој пример илустрира како пастирите нежно се грижат за своите овци? (Види ја рамката на 405. страница.)
14 Меѓутоа, овој силен Бог има една нежна страна. Исаија дава срдечен опис на тоа како Јехова ќе го одведе својот народ назад во неговата татковина. Јехова е како љубезен пастир кој ги собира своите јагниња и ги носи во својата „прегратка“. Зборот „прегратка“ овде изгледа се однесува на горните набори од наметката. Во нив пастирите понекогаш ги носат новородените јагниња кои не можат да држат чекор со стадото (2. Самоил 12:3). Оваа трогателна сцена од пастирскиот живот без сомнение го уверува Јеховиниот изгнан народ дека тој љубезно се грижи за нив. Сигурно на таков силен, а сепак нежен Бог може да му се верува дека ќе го исполни она што им го ветил!
15. а) Кога дошол Јехова „со сила“, и кој е ‚раката која владее за него‘? б) Која добра вест мора бестрашно да се објавува?
15 Зборовите на Исаија се полни со пророчко значење за нашево време. Во 1914, Јехова дошол „дури со сила“ и го воспоставил своето Царство на небесата. ‚Раката која владее за него‘ е неговиот Син, Исус Христос, кого Јехова го поставил на својот небесен престол. Во 1919, Јехова ги избавил своите помазани слуги на Земјата од ропството на Големиот Вавилон и започнал со потполната обнова на чистото обожавање на живиот и вистински Бог. Ова е добра вест која мора бестрашно да се објавува, како да се вика од планинските врвови, за да се пренесе надалеку и нашироко. Тогаш, да ги подигнеме гласовите и храбро да им дадеме на другите на знаење дека Јехова Бог го обновил своето чисто обожавање на Земјата!
16. На кој начин Јехова го води својот народ денес, и каков образец поставува ова?
16 Зборовите од Исаија 40:10, 11 имаат натамошна практична вредност за нас денес. Утешно е да се забележи нежниот начин на кој Јехова го води својот народ. Исто како што еден пастир ги разбира потребите на поединечните овци — вклучувајќи ги малите јагниња кои не можат да одат во чекор со другите — така Јехова ги разбира ограничувањата на секој од своите верни слуги. Освен тоа, Јехова, како нежен Пастир, поставува образец за христијанските пастири. Старешините мораат со нежност да постапуваат со стадото, имитирајќи ја љубезната грижа што ја покажува Јехова лично. Тие мораат да бидат сосема свесни за тоа што чувствува Јехова за секој член на стадото, „кое Бог го купи со крвта на својот сопствен Син“ (Дела 20:28).
Семоќен, семудар
17, 18. а) Зошто еврејските изгнаници можат да имаат доверба во ветувањето за обнова? б) Кои прашања што влеваат страхопочит ги покренува Исаија?
17 Еврејските изгнаници можат да имаат доверба во ветувањето за обнова бидејќи Бог е семоќен и семудар. Исаија вели: „Кој го измери морето со дланка и кој ги премери небесата со педа? Кој ја измерил со мерка земјата, и планините на мерилки, а бреговите на тежилка? Кој го измерил Господовиот Дух, и кој Му бил советник за да Го поучи? Со кој се посоветува Тој, кој Му дал разум Нему, кој Го научил на патиштата на правдата? Кој Го научи на знаење, кој Му покажа пат кон мудроста?“ (Исаија 40:12—14).
18 Ова се прашања што влеваат страхопочит а во кои треба да се задлабочат еврејските изгнаници. Може ли обичен човек да ја врати назад плимата на моќните мориња? Се разбира, не! Сепак, за Јехова, морињата кои ја покриваат Земјата се како капка вода на неговата дланка. * Може ли ситниот човек да ги премери огромните, ѕвездени небеса или да ги измери планините и ридовите на Земјата? Не. Сепак, Јехова ги премерува небесата исто толку лесно колку што еден човек може да премери еден предмет со педа — растојание помеѓу врвот на палецот и врвот на малиот прст кога дланката ќе се рашири. Бог може, всушност, да ги измери планините и ридовите на вага. Може ли дури и најмудриот човек да го советува Бог што да стори под сегашниве околности или да му каже што да прави во иднина? Сигурно не!
19, 20. Кои живописни слики ги користи Исаија за да ја нагласи величественоста на Јехова?
19 А што е со моќните нации на Земјата — можат ли тие да му се спротивстават на Бог додека тој ја исполнува својата дадена реч? Исаија одговара, опишувајќи ги нациите со следниве зборови: „Ете, народите се како капка од ведро, вредат колку прав на мерилката. Островите, ете, треперат во воздухот како ситно делче! Ливан е мал за огнена клада, а [од] неговите ѕверови нема достатно за паленица. Сите народи се како ништо пред Него, за Него се ништо и празнина“ (Исаија 40:15—17).
20 За Јехова, цели нации се како капка вода што капе од ведро. Тие не се ништо повеќе од фина прашина насобрана на вага, но без никаков ефект. * Замисли си дека некој гради огромен олтар и како дрва за огнот на олтарот ги користи сите дрвја што ги покриваат планините на Ливан. Тогаш замисли си дека ги принесува како жртви сите животни што талкаат по тие планини. Дури и таков принос не би бил достоен за Јехова. Како да не е доволен овој сликовит приказ, Исаија користи уште посилна изјава — сите нации се „помалку од ништо“ во Јеховини очи (Исаија 40:17, New Revised Standard Version).
21, 22. а) Како нагласува Исаија дека Јехова е неспоредлив? б) До кој заклучок нѐ водат живописните слики на Исаија? в) Која научно потврдена изјава ја запишува пророкот Исаија? (Види ја рамката на 412. страница.)
21 За да нагласи подлабоко дека Јехова е неспоредлив, Исаија ја покажува глупавоста на оние што прават идоли од злато, сребро или дрво. Колку е само глупаво да се мисли дека некој таков идол може соодветно да го претставува оној кој „престолува над земниот круг“ и кој владее над неговите жители! (Прочитај Исаија 40:18—24.)
22 Сите овие живописни слики нѐ водат до еден заклучок — ништо не може да го спречи семоќниот, семудар и неспоредлив Јехова да го исполни своето ветување. Колку мора зборовите на Исаија да ги утешиле и зајакнале еврејските изгнаници во Вавилон кои копнееле да се вратат во својата татковина! И ние денес можеме да имаме доверба дека Јеховините ветувања во врска со нашата иднина ќе се остварат.
„Кој го создаде тоа?“
23. Од која причина можат да се охрабрат еврејските изгнаници, и што нагласува сега Јехова за себеси?
23 Има уште една причина што може да ги охрабри еврејските изгнаници. Оној што ветува избавување е Творецот на сѐ и Изворот на сета динамична енергија. За да го нагласи својот зачудувачки капацитет, Јехова го свртува вниманието на она што е видливо во творештвото: „,Со кого ќе Ме изедначите Мене, кој Ми е рамен?‘ вели Светецот. Подигнете ги очите и гледајте: кој го создаде тоа? Оној Кој по број ја изведува нивната војска, и Кој ги вика сите по име. [Поради изобилството на динамична енергија, зашто е силен и во моќта, не недостига ниту едно од нив, NW]“ (Исаија 40:25, 26).
24. Зборувајќи за себеси, како Јехова покажува дека му нема рамен?
24 Светецот Израелев зборува за себеси. За да покаже дека му нема рамен, Јехова го насочува вниманието кон ѕвездите на небесата. Како воен командант способен да ги построи своите трупи, Јехова управува со ѕвездите. Ако треба да ги собере, ‚нема да недостига ниту една од нив‘. Иако бројот на ѕвездите е огромен, тој ја нарекува секоја по име, било по лично име или по назнака слична на име. Како послушни војници, тие стојат на своите места и се придржуваат кон исправен ред, зашто нивниот Водач има изобилство на „динамична енергија“ и е „силен во моќта“. Затоа, еврејските изгнаници имаат причина за доверба. Творецот, кој им заповеда на ѕвездите, има моќ да ги поддржува своите слуги.
25. Како да одговориме на божествениот повик запишан во Исаија 40:26, и со каков резултат?
25 Кој од нас може да го одбие божествениот повик запишан во Исаија 40:26: „Подигнете ги очите и гледајте“? Откритијата на астрономите во денешно време покажале дека ѕвезденото небо влева уште поголема страхопочит отколку во времето на Исаија. Астрономите, кои го набљудуваат небото со своите моќни телескопи, проценуваат дека видливиот дел од вселената содржи до 125 милијарди галаксии. Само една од нив — галаксијата Млечен пат — содржи, според некои проценки, преку 100 милијарди ѕвезди! Таквото спознание треба да разбуди во нашите срца почит кон нашиот Творец и потполна верба во неговото ветување.
26, 27. Како се опишани чувствата на изгнаниците во Вавилон, и кои работи треба да ги знаат?
26 Знаејќи дека од годините во заробеништво еврејските изгнаници ќе станат потиштени во духот, Јехова го инспирира Исаија однапред да ги запише следниве успокојувачки зборови: „Зошто велиш, Јакове, и ти, Израеле, зборуваш: ‚Мојот пат е скриен за Бога, мојата правда Му избегнува на мојот Бог?‘ Зар не знаеш? Зар не си чул? Господ е вечен Бог, Творец на земните краишта. Тој не се заморува, не постанува, и Неговиот ум е неизмерлив“ (Исаија 40:27, 28).
27 Исаија ги запишува Јеховините зборови што ги опишуваат чувствата на изгнаниците во Вавилон, на стотици километри од нивната татковина. Некои мислат дека нивниот Бог не го гледа или не го знае нивниот „пат“ — тешкиот начин на живот што го водат. Тие мислат дека Јехова е рамнодушен кон неправдите што ги трпат. Потсетени се на работи кои треба да ги знаат, ако не од лично искуство, тогаш барем од информациите што им се пренесени. Јехова е способен и има желба да го избави својот народ. Тој е вечниот Бог и Творецот на целата Земја. Според тоа, тој сѐ уште ја поседува моќта што ја покажал при создавањето, и ниту моќниот Вавилон не му е надвор од дофат. Таков Бог не може да се измори и да го остави на цедило својот народ. Тие не можат да очекуваат во потполност да ги сфатат Јеховините постапки, зашто неговото разбирање — или увид, проникливост и согледување — е над нивното поимање.
28, 29. а) Како Јехова го потсетува својот народ дека ќе им дојде на помош на уморените? б) Која илустрација е употребена за да се покаже како Јехова им дава сила на своите слуги?
28 Преку Исаија, Јехова продолжува да ги охрабрува малодушните изгнаници: „На заморениот му ја враќа силата, го зајакнува немоќниот. Младите се заморуваат и се истоштуваат, изнемоштените момчиња се тетерават. Но на оние кои се надеваат во Господа, силата се обновува, им растат крилја како на орлите, трчаат и не постануваат, одат и не се уморуваат“ (Исаија 40:29—31).
29 Кога зборува за потребата да му даде сила на уморениот, Јехова можеби го има на ум напорниот пат што изгнаниците ќе мораат да го поминат за да се вратат дома. Јехова го потсетува својот народ дека нему му е својствено да им дојде на помош на уморените кои бараат поддршка од него. Дури и луѓето со најголема сила — „младите“ и ‚момчињата‘ — можат да се истоштат од умор и да се затетерават од исцрпеност. Сепак, Јехова ветува дека на оние што му веруваат ќе им даде сила — неисцрпна сила да трчаат и да одат. Навидум лесниот лет на орелот, силна птица која може со часови да лета, е употребен за да илустрира како Јехова ќе им даде сила на своите слуги. * Со изглед за таква божествена поддршка, еврејските изгнаници немаат причина за очај.
30. Како можат вистинските христијани денес да извлечат утеха од завршните стихови од Исаија 40. поглавје?
30 Овие завршни стихови од Исаија 40. поглавје содржат зборови на утеха за вистинските христијани кои живеат во последните денови на овој зол систем. Со толку многу притисоци и проблеми кои тежнеат да нѐ обесхрабрат, охрабрувачки е да се знае дека тешкотиите кои ги поднесуваме и неправдите од кои страдаме не поминуваат незабележани од нашиот Бог. Можеме да бидеме сигурни дека Творецот на сѐ, Оној за чиешто „разбирање не може да се раскаже“, ќе ги исправи сите неправди во свое време и на свој начин (Псалм 147:5, 6, NW). Во меѓувреме, не мораме да истраеме со своја сопствена сила. Јехова, чијшто извор на сила е неисцрпен, може да им влее сила — дури и ‚сила која ја надминува нормалната‘ — на своите слуги во време на искушение (2. Коринќаните 4:7).
31. Кое ветување на светлина го содржело пророштвото на Исаија за еврејските заробеници во Вавилон, и во што можеме да имаме апсолутна доверба?
31 Помисли на оние еврејски заробеници во Вавилон во шестиот век пр.н.е. Стотици километри оддалечен од нив, нивниот сакан Ерусалим лежи опустошен, неговиот храм е во урнатини. За нив, пророштвото на Исаија содржело утешно ветување на светлина и надеж — Јехова повторно ќе ги врати во нивната татковина! Во 537 пр.н.е., Јехова го одвел својот народ дома, докажувајќи дека е Оној што ги исполнува ветувањата. И ние можеме да имаме апсолутна доверба во Јехова. Неговите ветувања за Царството, кои се толку убаво изнесени во пророштвото на Исаија, ќе се остварат. Тоа е навистина добра вест — порака на светлина за целото човештво!
[Фусноти]
^ Исаија го претскажува подготвувањето на патот пред Јехова (Исаија 40:3). Меѓутоа, евангелијата го применуваат ова пророштво на она што Јован Крстител го сторил подготвувајќи го патот за Исус Христос. Инспирираните писатели на Христијанските грчки списи ја дале таквата примена затоа што Исус го претставувал својот Татко и дошол во Негово име (Јован 5:43; 8:29).
^ Пресметано е дека „масата на океаните изнесува приближно 1,35 трилиони (1,35 x 1018) метрички тони, или околу 1/4400 од севкупната маса на Земјата“ (Encarta 97 Encyclopedia).
^ The Expositor’s Bible Commentary забележува: „Блискоисточната пазарна трговија не би водела сметка за ситната капка вода во ведрото за мерење или за таа мала прашинка на вагата кога се мери месо или овошје“.
^ Орелот останува во воздухот со минимално трошење на енергија. Тоа го прави вешто искористувајќи ги термалите, односно столбовите од топол воздух што се крева.
[Прашања]
[Рамка/слика на страници 404 и 405]
Јехова, љубезен пастир
Исаија го споредува Јехова со љубезен пастир кој во прегратка ги носи своите јагниња (Исаија 40:10, 11). Оваа срдечна илустрација Исаија очигледно ја заснова на пастирските обичаи од реалниот живот. Еден современ набљудувач кој ги посматрал пастирите на падините на планината Хермон, на Средниот Исток, известува: „Секој пастир внимателно го набљудуваше своето стадо за да види како се движи. Кога ќе најдеше новородено јагне, го ставаше во наборите на својата . . . голема наметка, бидејќи тоа беше премногу слабо за да ја следи мајката. Кога прегратката му беше полна, ги ставаше јагнињата на рамења, држејќи ги за нозе, или во торба или во кошара на грбот на некое магаре, сѐ додека малите не беа способни да ги следат мајките“. Зар не е утешно да се знае дека служиме на еден Бог кој има таков нежен интерес за својот народ?
[Рамка/слика на страница 412]
Каков облик има Земјата?
Во старо време луѓето општо верувале дека Земјата е рамна. Меѓутоа веќе во шестиот век пр.н.е., грчкиот филозоф Питагора теоретизирал дека Земјата мора да е сфера. Но, два века пред Питагора да ја формулира својата теорија, пророкот Исаија со извонредна јасност и сигурност навел: „Тој престолува над земниот круг“ (Исаија 40:22). Хебрејскиот збор куг, овде преведен со „круг“, може да се преведе со „сфера“. Интересно, само сферичен предмет може да изгледа како круг од сите страни. * Според тоа, далеку однапред, пророкот Исаија запишал изјава која е научно потврдена и ослободена од древните митови.
[Фуснота]
^ Технички гледано, Земјата е сплескан сфероид. Таа е малку сплескана на половите.
[Слика на страница 403]
Јован Крстител бил гласот кој „вика во пустелијата“