Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тешко им на бунтовниците!

Тешко им на бунтовниците!

Единаесетто поглавје

Тешко им на бунтовниците!

Исаија 9:8—10:4

1. Кој ужасен престап го направил Јеровоам?

 КОГА народот на сојузот на Јехова се поделил на две царства, северното десетплеменско царство дошло под владетелството на Јеровоам. Новиот цар бил способен, енергичен владетел. Но, му недостигала вистинска вера во Јехова. Поради ова тој направил ужасен престап кој лошо се одразил на целата историја на северното царство. Под Мојсеевиот закон, на Израелците им било заповедано да патуваат трипати годишно до храмот во Ерусалим, што сега бил во јужното царство Јуда (Второзаконие 16:16). Од страв дека таквите редовни патувања ќе ги наведат поданиците да размислуваат за повторно обединување со своите јужни браќа, Јеровоам ‚направил две златни телиња и му рекол на народот: „Доста одевте во Ерусалим! Еве го, Израелу, твојот бог кој те изведе од Египетската Земја“. Потоа ставил едно теле во Ветил, а другото го сместил во Дан‘ (1. Цареви 12:28, 29).

2, 3. Какви биле последиците за Израел од престапот на Јеровоам?

2 Привремено, се чинело дека планот на Јеровоам функционира. Луѓето постепено престанале да одат во Ерусалим и продолжиле да вршат обожавање пред двете телиња (1. Цареви 12:30). Меѓутоа, оваа отпадничка религиозна практика го расипала десетплеменското царство. Во подоцнежните години, дури и Јуј, кој покажал толку пофална ревност кога од Израел се чистело обожавањето на Ваал, продолжил да им се клања на златните телиња (2. Цареви 10:28, 29). Што уште произлегло од трагично погрешната одлука на Јеровоам? Политичка нестабилност и страдање на народот.

3 Поради тоа што Јеровоам станал отпадник, Јехова рекол дека неговото семе нема да владее над земјата, и дека на крајот северното царство ќе претрпи ужасна несреќа (1. Цареви 14:14, 15). Речта на Јехова се покажала точна. Седуммина од царевите на Израел владееле по две или помалку години — некои само по неколку дена. Еден цар извршил самоубиство, а врз шестмина бил извршен атентат од страна на амбициозни луѓе кои го узурпирале престолот. Особено по владеењето на Јеровоам II, што завршило околу 804 пр.н.е., додека Озиј владеел во Јуда, Израел го тормозеле немири, насилство и атентати. Во вакви услови Јехова, преку Исаија, му испраќа директно предупредување, односно „слово“ на северното царство. „Господ испрати слово на Јакова и тоа падна на Израел“ (Исаија 9:8). *

Надуеноста и гордоста заслужуваат Божји гнев

4. Какво „слово“ испраќа Јехова против Израел, и зошто?

4 ,Словото‘ на Јехова нема да биде игнорирано. „Го научи сиот Негов народ, Ефрем и жителите на Самарија кои велеа со надуено и горделиво срце“ (Исаија 9:9). „Јаков“, „Израел“, „Ефрем“ и „Самарија“ се однесуваат на северното царство Израел, во коешто преовладува племето Ефрем, а Самарија е главниот град. Словото на Јехова против тоа царство е строга судска изјава, бидејќи Ефрем се закоравил во отпадништво и бесрамно е дрзок спрема Јехова. Бог нема да го заштити народот од последиците на неговите зли патишта. Тие ќе бидат принудени да слушаат, односно да обрнат внимание на Божјето слово (Галатите 6:7).

5. Како Израелците покажуваат дека врз нив не влијаеле Јеховините дела на суд?

5 Додека состојбата се влошува, народот доживува тешки загуби, вклучувајќи ги и неговите домови — обично направени од тули од кал и од евтино дрво. Дали поради тоа срцата им омекнале? Ќе ги следат ли пророците на Јехова и ќе му се вратат ли на вистинскиот Бог? * Исаија го запишува дрскиот одговор на народот: „Ни пропаднаа тулите, ќе градиме од делкан камен; ни ги исекоа дивите смокви, ќе посадиме кедри“ (Исаија 9:10). Израелците му пркосат на Јехова и ги одбиваат неговите пророци кои им кажуваат зошто трпат такви тешкотии. Всушност, народот вели: ‚Можеби губиме куќи направени од пропадливи тули од кал и од евтино дрво, но ќе направиме повеќе отколку само да ги надоместиме овие загуби, ќе градиме од далеку подобри материјали — делкан камен и кедар!‘ (Спореди Јов 4:19.) Тие не му оставаат на Јехова никаков друг избор освен да продолжи да ги дисциплинира. (Спореди Исаија 48:22.)

6. Како Јехова ја поткопува сириско-израелската сплетка против Јуда?

6 Исаија продолжува: „Јехова ќе ги постави на високо непријателите на Ресин против него“ (Исаија 9:11аNW). Факеј, царот на Израел, и Ресин, царот на Сирија, се сојузници. Тие прават сплетки за да го освојат двоплеменското царство Јуда, а на Јеховиниот престол во Ерусалим да постават цар како своја марионетка — извесен ‚син Тавеилов‘ (Исаија 7:6). Но, заверата е осудена на пропаст. Ресин има моќни непријатели, и Јехова ќе ги „постави на високо“ овие непријатели против „него“ — Израел. Терминот ‚да се постават на високо‘ значи да им се дозволи да водат успешна војна која ќе ја уништи алијансата и нејзините цели.

7, 8. Каков е резултатот за Израел од асирското освојување на Сирија?

7 Распуштањето на оваа алијанса започнува кога Асирија ја напаѓа Сирија. „Асирскиот цар . . . отиде против Дамаск [главниот град на Сирија] и го освои. Жителите ги одведе во Кир, а Ресина го погуби“ (2. Цареви 16:9). Откако го губи својот моќен сојузник, Факеј увидува дека лошите намери во врска со Јуда се попречени. Всушност, кратко по смртта на Ресин, Осиј извршува атентат врз самиот Факеј, а потоа го узурпира престолот на Самарија (2. Цареви 15:23—25, 30).

8 Сирија, поранешниот сојузник на Израел, сега е вазал на Асирија, доминантната сила во регионот. Исаија пророкува за тоа како Јехова ќе го искористи овој нов политички спој: „[Јехова] ги подбуцнува неговите [Израеловите] непријатели: Сиријците на исток, Филистејците на запад [одзади, NW], за да го голтнат со сите усти Израел. Покрај сѐ тоа Неговиот гнев нема да се смири, Неговата рака ќе остане испружена“ (Исаија 9:11б, 12). Да, Сирија е сега непријател на Израел, а Израел мора да се подготвува за напад од Асирија и од Сирија. Инвазијата успева. Асирија го потчинува узурпаторот Осиј, наметнувајќи огромен данок. (Неколку децении пред тоа, Асирија добила голема сума од Менаим, царот на Израел.) Колку се само вистинити зборовите на пророкот Осија: „Туѓинците ја јадат неговата [Ефремовата] сила“! (Осија 7:9; 2. Цареви 15:19, 20; 17:1—3).

9. Зошто може да се каже дека Филистејците напаѓаат „одзади“?

9 Зар Исаија не вели, исто така, дека Филистејците ќе нападнат „одзади“? Да. Пред деновите на магнетните компаси, Евреите се ориентирале од гледна точка на човек кој е свртен кон изгрејсонцето. Така, „исток“ бил напред, додека запад, крајбрежниот дом на Филистејците, бил „одзади“. „Израел“, спомнат во Исаија 9:12, можеби во овој случај ја вклучува Јуда бидејќи Филистејците ја нападнале Јуда за време на владеењето на Ахаз, современик на Факеј, освојувајќи и заземајќи извесен број јудејски градови и тврдини. Како Ефрем на север, и Јуда ја заслужува оваа дисциплина од Јехова, бидејќи е преполна со отпадништво (2. Летописи 28:1—4; 18, 19).

Од ,главата до опашката‘ — нација на бунтовници

10, 11. Каква ќе биде казната од Јехова за Израел поради неговото упорно бунтување?

10 И покрај сите свои страдања — и наспроти силните прогласи од пророците на Јехова — северното царство упорно се бунтува против Јехова. „Народот не се обрати кон Оној Кој го биеше, не Го бараа Господа над Војските“ (Исаија 9:13). Како последица од тоа, пророкот вели: „Господ му ги отсече на Израел главата и опашката, палмата и трската во еден ден. Старешината и првенецот — тоа е главата; пророкот, учител на лагата — тоа е опашката. Оние кои го водат тој народ, го заведуваат, а кои ќе остават да бидат водени — пропаднаа“ (Исаија 9:14—16).

11 „Главата“ и „палмата“ ги претставуваат „старешината и првенецот“ — водачите на нацијата. „Опашката“ и „трската“ се однесуваат на лажните пророци кои кажуваат зборови што им се допаѓаат на нивните водачи. Еден библиски изучувач пишува: „Лажните Пророци се наречени опашка затоа што тие биле на најниско морално ниво во народот и затоа што им биле подлизурски приврзаници и поддржувачи на злобните владетели“. Професор Едвард Џ. Јанг за овие лажни пророци вели: „Тие не биле никакви водачи, туку, одејќи таму каде што ги водат водачите, тие само ласкале и се умилкувале, како размавтана кучешка опашка“. (Спореди 2. Тимотеј 4:3.)

Бунтовници се дури и ,вдовици и сираци‘

12. Колку длабоко продрела корупцијата во израелското општество?

12 Јехова е Бранител на вдовици и сираци (Излез 22:22, 23). Сепак, слушај што вели сега Исаија: „Господ нема да ги поштеди младите, нема да им се смилува на неговите сираци и вдовици. Сиот тој народ е безбожен [отпаднички, NW] и зол, зборува безумно со сета уста. Неговиот гнев нема да се смири на сѐ тоа, Неговата рака ќе остане испружена“ (Исаија 9:17). Отпадништвото го корумпирало секое ниво на општеството, вклучувајќи ги и вдовиците и сираците! Јехова трпеливо ги испраќа своите пророци, надевајќи се дека народот ќе го промени својот начин на постапување. На пример, Осија моли: „Израелу, врати се кај Твојот Господ Бог, зашто падна заради Твоето беззаконие“ (Осија 14:2). Колку мора да му причинува болка на Бранителот на вдовиците и сираците тоа што мора да изврши суд дури и над нив!

13. Што можеме да научиме од ситуацијата во деновите на Исаија?

13 Слично на Исаија, и ние живееме во критични времиња пред Јеховиниот ден на суд над злите (2. Тимотеј 3:1—5). Тогаш, колку е само важно вистинските христијани, без разлика на својата ситуација во животот, да останат духовно, морално и умствено чисти со цел да ја зачуваат Божјата наклоност. Нека секој љубоморно го чува својот однос со Јехова. Нека никој што избегал од „Големиот Вавилон“ никогаш повторно ‚не учествува со него во неговите гревови‘ (Откровение 18:2, 4).

Лажното обожавање доведува до насилство

14, 15. а) Што произлегува од обожавањето на демони? б) Кое постојано страдање ќе го доживее Израел, според пророштвото на Исаија?

14 Лажното обожавање е, всушност, обожавање на демони (1. Коринќаните 10:20). Како што се покажало пред Потопот, влијанието на демоните води до насилство (Битие 6:11, 12). Тогаш, не изненадува тоа што кога Израел станува отпадник и почнува да обожава демони, земјата се исполнува со насилство и злоба (Второзаконие 32:17; Псалм 106:35—38).

15 Со живописни зборови, Исаија го опишува ширењето на злобата и насилството во Израел: „Да, безбожноста се размавта како оган, голта глогинки и трње, па ги запали густите горски месности, столбови од дим се креваат. Гори земјата од Господовиот гнев, народот му станува храна на огнот. Никој не го поштедува ни брата си, ќе граби оддесно и пак ќе е гладен; ќе голта одлево, и пак не ќе е сит; секој ќе јаде месо од својата мишка. Манасиј Ефрема, Ефрем Манасија, двајцата заедно против Јуда. Неговиот гнев нема да се смири на сѐ тоа, Неговата рака ќе остане испружена“ (Исаија 9:18—21).

16. Како се исполнуваат зборовите од Исаија 9:18—21?

16 Како што оган се шири од глог на глог така насилството бега од контрола и брзо ги зафаќа „густите горски месности“, претворајќи се во потполно разгорен шумски пожар на насилство. Библиските коментатори Кајл и Делич го опишуваат нивото на насилство како „најнехуманото самоуништување за време на една анархична граѓанска војна. Во недостиг на нежни чувства, тие се јадат еден со друг и не се заситуваат“. Веројатно, племињата Ефрем и Манасиј овде се издвоени затоа што се главните претставници на северното царство и, како потомци на Јосифовите два сина, тие се најтесно поврзани од десетте племиња. Меѓутоа, и покрај ова, го прекинуваат своето братоубиствено насилство само кога војуваат против Јуда на југот (2. Летописи 28:1—8).

Корумпираните судии се соочуваат со својот судија

17, 18. Каква корупција постои во правниот и административниот систем на Израел?

17 Сега Јехова го фокусира своето судиско око на израелските корумпирани судии и други службеници. Овие ја злоупотребуваат својата моќ со тоа што ги пљачкаат бедните и измачените кои доаѓаат кај нив да бараат правда. Исаија вели: „Тешко им на оние што издаваат неправедни закони, кои пишуваат жестоки решенија; кои им ја скратуваат правдата на бедните и ѝ го одземаат правото на сиромаштијата на Мојот народ, за да ги ограбат вдовиците, за да ги опљачкаат сиромашните [дури и машките деца без татко, NW]! (Исаија 10:1, 2).

18 Законот на Јехова ги забранува сите облици на неправда: „Не правете неправди во судот! Не биди пристрасен кон бедниот, ниту попуштај пред големиот“ (Левит 19:15). Занемарувајќи го тој закон, овие службеници составуваат свои сопствени „неправедни закони“ за да го озаконат она што е рамно на отворена кражба од најсуров вид — одземање на скудните работи што ги поседуваат вдовиците и машките деца без татко. Лажните богови на Израел, разбирливо, се слепи за оваа неправда, но Јехова не е. Преку Исаија, Јехова сега го сосредоточува своето внимание на овие злобни судии.

19, 20. Како ќе се промени ситуацијата на корумпираните израелски судии, и што ќе се случи со нивната „слава“?

19 „Што ќе правите во денот на казната кога пропаста ќе дојде оддалеку? Кому ќе му прибегнете за помош, каде ќе го оставите своето богатство [слава, NW], за да не се наведнете меѓу робовите, за да не паднете меѓу убиените?“ (Исаија 10:3, 4а). Вдовици и машки деца без татко немаат чесни судии до коишто ќе поднесат жалба. Тогаш, колку само е соодветно што Јехова ги прашува тие корумпирани израелски судии кому ќе се обратат сега кога Јехова ги повикува на одговорност. Да, тие допрва ќе научат дека ‚е страшно да се падне во рацете на живиот Бог‘ (Евреите 10:31).

20 ,Славата‘ на овие зли судии — световниот престиж, чест и моќ што доаѓаат со нивното богатство и положба — ќе биде краткотрајна. Некои ќе станат воени затвореници, ‚наведнувајќи се‘, односно клечејќи меѓу другите затвореници, додека останатите ќе бидат заклани, а нивните лешеви ќе бидат затрупани со телата на загинатите во војна. Нивната „слава“, исто така, ги вклучува неправедно спечалените богатства кои непријателот ќе ги опљачка.

21. Со оглед на казните што ги добил Израел, дали Јеховиниот гнев против него стивнал?

21 Исаија ја заклучува оваа последна строфа со мрачно предупредување: „Покрај сѐ тоа [сите тешкотии што нацијата дотогаш ги претрпела], Неговиот гнев нема да се смири, Неговата рака ќе остане испружена“ (Исаија 10:4б). Да, Јехова има уште нешто да му каже на Израел. Јеховината испружена рака нема да се повлече сѐ додека не му го зададе крајниот, опустошувачки удар на бунтовното северно царство.

Никогаш не паѓај како жртва на измама и лични интереси

22. Каква лекција можеме да научиме од она што се случило со Израел?

22 Речта на Јехова преку Исаија тешко паѓа на Израел и ‚не се враќа при него без плод‘ (Исаија 55:10, 11). Историјата забележува трагичен крај за северното царство Израел, а ние можеме само да си го замислиме страдањето што морале да го претрпат неговите жители. Исто толку сигурно ќе се исполни Божјата реч врз сегашниов систем на работи, особено врз отпадничкиот христијански свет. Тогаш, колку е само важно тоа што христијаните не слушаат лажење, пропаганда против Бог! Благодарение на Божјата реч, Сатановите итри стратегии веќе одамна се разоткриени за да не нѐ прелажат и нас како што го прелажале народот на древниот Израел (2. Коринќаните 2:11). Сите ние никогаш да не престанеме да го обожаваме Јехова „со дух и вистина“ (Јован 4:24). Во тој случај, неговата испружена рака нема да ги удри неговите обожаватели како што го удрила бунтовниот Ефрем; неговите раце срдечно ќе ги прегрнат, и тој ќе им помогне по патот до вечен живот на рајската Земја (Јаков 4:8).

[Фусноти]

^ Исаија 9:8—10:4 го сочинуваат четири строфи (делови од еден ритмичен пасус), и секоја завршува со злокобниот рефрен: „Покрај сѐ тоа Неговиот гнев нема да се смири, Неговата рака ќе остане испружена“ (Исаија 9:12, 17, 21; 10:4). Со ова литературно изразно средство се остава впечаток дека Исаија 9:8—10:4 е поврзан во едно сложено „слово“ (Исаија 9:8). Забележи го и тоа дека Јеховината „рака ќе остане испружена“, не за да понуди помирување, туку за да суди (Исаија 9:13).

^ Меѓу Јеховините пророци за северното царство Израел се: Јуј (не царот), Илија, Михеј (Михај), Елисеј, Јона, Одид, Осија, Амос и Михеј.

[Прашања]

[Слика на страница 139]

Злобата и насилството брзо се рашириле низ Израел како шумски пожар

[Слика на страница 141]

Јехова ќе ги смета за одговорни оние што ги пљачкаат другите