Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тешко на неверното лозје!

Тешко на неверното лозје!

Седмо поглавје

Тешко на неверното лозје!

Исаија 5:1—30

1, 2. Што засадува ‚возљубениот‘, но како какво разочарување се покажува тоа?

 „ПОРАДИ извонредната убавина на јазикот и врвната вештина во делотворно комуницирање, оваа парабола е скоро ненадминлива.“ Вака рекол еден коментатор на Библијата, осврнувајќи се на уводните стихови од Исаија 5. поглавје. Зборовите на Исаија се повеќе отколку само уметничко дело. Тие даваат трогателен опис на полната со љубов грижа што Јехова ја покажува кон својот народ. Во исто време, овие зборови нѐ предупредуваат на некои работи што предизвикуваат незадоволство кај него.

2 Параболата на Исаија започнува вака: „Ќе му ја запеам на својот возљубен, песната на мојот љубен, на неговото лозје: Мојот љубен имаше лозје на плодно ритче. Го ископа, ги исчисти камењата, го засади со благородна лоза. Среде него тој изгради стражарница [кула, NW], и стави пивница [издлаби винско гмечало, NW] во него. Се надеваше дека ќе роди добро грозје, но тоа роди диво грозје“ (Исаија 5:1, 2; спореди Марко 12:1).

Грижа за лозјето

3, 4. Каква полна со љубов грижа е вложена во лозјето?

3 Сеедно дали Исаија буквално им ја пее оваа парабола на своите слушатели или не, таа сигурно го плени нивното внимание. Повеќето веројатно се разбираат од садење лозје, а описот на Исаија е жив и реалистичен. Како и денешните лозари, сопственикот на лозјето сади, не семе од грозје, туку „благородна“, или висококвалитетна ‚лоза‘ — ластар, односно фиданка од друга лоза. Сосема погодно, тој го сади ова лозје „на плодно ритче“, место каде што лозјето ќе буи.

4 Потребна е напорна работа за едно лозје да дава род. Исаија опишува како сопственикот ‚го копа и ги чисти камењата‘ — еднолична, исцрпувачка работа! Тој веројатно ги користи поголемите камења за да ‚изгради кула‘. Во древни времиња таквите кули служеле како стојалиште за стражарите кои го чувале приносот од крадци и животни. * Исто така, гради каменен ѕид за да ги огради терасите на лозјето (Исаија 5:5). Ова обично се правело за да се спречи миење на почвата која е од пресудно значење.

5. Што очекува со право сопственикот од своето лозје, но што добива?

5 После толку напорна работа за да го заштити своето лозје, сопственикот го има секое право да очекува тоа да роди плод. Со такво очекување, тој издлабува винско гмечало. Но дали се остварува очекуваната берба? Не, лозјето раѓа диво грозје.

Лозјето и неговиот сопственик

6, 7. а) Кој е сопственикот на лозјето, и што е лозјето? б) Каков суд бара сопственикот?

6 Кој е сопственикот и што е лозјето? Сопственикот на лозјето укажува на одговорот на овие прашања кога зборува лично тој: „Сега ерусалимски жители и луѓе Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје. Што можев уште да направам за Своето лозје па што веќе не го направив? Се надевав дека ќе роди добро грозје, а ете, роди кисело грозје. Но, сега ќе ви кажам што ќе направам од Своето лозје: ќе му го отстранам плетот, за да го опустат, ќе го разурнам ѕиданото, за да го изгазат“ (Исаија 5:3—5).

7 Да, Јехова е сопственикот на лозјето, и тој се става себеси, така да се каже, во судница, барајќи да се донесе пресуда меѓу него и неговото разочарувачко лозје. Тогаш, што е лозјето? Сопственикот објаснува: „Лозјето на Господа над Воинствата е Израелевиот дом; Неговиот избран расад: луѓето Јудејци“ (Исаија 5:7а).

8. Што е значајно во врска со тоа што Исаија го нарекува Јехова „мојот љубен“?

8 Исаија го нарекува Јехова, сопственикот на лозјето, „мојот љубен“ (Исаија 5:1). Исаија може да зборува за Бог на таков интимен начин само затоа што има близок однос со Него. (Спореди Јов 29:4; Псалм 25:14, обата NW.) Меѓутоа, љубовта на пророкот кон Бог е слаба во споредба со љубовта што Бог ја има покажано кон своето „лозје“ — нацијата што тој ја ‚засадил‘. (Спореди Излез 15:17; Псалм 80:8, 9.)

9. Како Јехова постапувал со својата нација како со ценето лозје?

9 Јехова ја ‚засадил‘ својата нација во земјата Ханаан и ѝ ги дал своите закони и одредби, кои служеле како ѕид на заштита од расипничкото влијание на другите нации (Излез 19:5, 6; Псалм 147:19, 20; Ефешаните 2:14). Освен тоа, Јехова им дал судии, свештеници и пророци за да ги поучуваат (2. Цареви 17:13; Малахија 2:7; Дела 13:20). Кога на Израел му се заканувала воена агресија, Јехова подигал избавители (Евреите 11:32, 33). Јехова со причина прашува: ‚Што можев уште да направам за Своето лозје што веќе не направив?‘

Да се препознае Божјето лозје денес

10. Каква парабола дал Исус во врска со едно лозје?

10 Исус можеби ги имал на ум зборовите на Исаија кога ја дал параболата за крволочните лозари: „Си беше еден човек, домаќин, кој насади лозје и постави плет околу него и во него ископа место за винско гмечало и подигна кула, па го даде под закуп на одгледувачи, и отпатува во туѓина“. За жал, лозарите го изневериле сопственикот на лозјето, убивајќи го дури и син му. Исус во продолжение покажал дека оваа парабола не го вклучува само дословниот Израел, кога рекол: „Божјето царство ќе се одземе од вас [телесниот Израел] и ќе ѝ се даде на нација која ги донесува неговите плодови“ (Матеј 21:33—41, 43).

11. Какво духовно лозје постоело во првиот век, но што се случило после смртта на апостолите?

11 Се покажало дека таа нова „нација“ е „Израелот Божји“ — духовна нација од помазани христијани која брои вкупно 144.000 (Галатите 6:16; 1. Петрово 2:9, 10; Откровение 7:3, 4). Исус ги споредил овие ученици со „гранки“ на „вистинската лоза“, имено, на самиот себеси. Сосема е природно да се очекува овие гранки да дадат плод (Јован 15:1—5). Тие мораат да покажуваат особини слични на Христовите и да учествуваат во делото на проповедање на „оваа добра вест за царството“ (Матеј 24:14; Галатите 5:22, 23). Но, уште од смртта на дванаесетте апостоли, големо мнозинство од оние што тврдат дека се гранки на „вистинската лоза“ се покажале фалсификат — раѓајќи диво грозје наместо добри плодови (Матеј 13:24—30, 38, 39).

12. Како зборовите на Исаија го осудуваат христијанскиот свет, и каква лекција содржат тие за вистинските христијани?

12 Според тоа, осудата на Исаија за Јуда денес се однесува на христијанскиот свет. Една студија на неговата историја — неговите војни, неговите крстоносни походи, неговата инквизиција — открива колку само е кисел неговиот плод! Сепак, вистинското лозје од помазани христијани и нивните придружници, ‚големото мноштво‘, мора да обрнува внимание на зборовите на Исаија (Откровение 7:9). Ако сакаат да му угодат на сопственикот на лозјето, мораат, како поединечно така и како група, да донесуваат плодови што му се допаѓаат.

„Диво грозје“

13. Што ќе му направи Јехова на ова лозје поради тоа што дава лош плод?

13 Откако направил дури и повеќе отколку што можело да се направи за да го одгледува и негува своето лозје, Јехова со право очекува тоа да стане „лозје на пенливо вино“! (Исаија 27:2NW). Меѓутоа, наместо да раѓа употреблив плод, тоа раѓа „диво грозје“, буквално „смрдливи работи“ или „гнили (скапани) зрна“ (Исаија 5:2NW со референции, фуснота; Еремија 2:21). Затоа, Јехова објавува дека ќе го отстрани заштитниот ‚плет‘ со кој е оградена нацијата. Нацијата ќе биде ‚претворена во пустина‘ и ќе доживее напуштеност и суша. (Прочитај Исаија 5:6.) Мојсеј предупредил дека тие ќе претрпат вакви работи ако не се послушни на Божјиот закон (Второзаконие 11:17; 28:63, 64; 29:22, 23).

14. Каков плод очекува Јехова од својата нација, но наместо тоа што дава таа?

14 Бог очекува нацијата да дава добри плодови. Михеј, современик на Исаија, објавува: „Што бара Господ од тебе: да се прави само правда, да се љуби милосрдието и да се оди смирено со својот Бог“ (Михеј 6:8; Захарија 7:9). Меѓутоа, нацијата пропушта да обрне внимание на поттикот од Јехова. „[Бог] чекал правосудство, а ете крвопролевање; чекал правда, а ете пискот“ (Исаија 5:7б). Мојсеј претскажал дека неверната нација ќе роди отровно грозје од „содомската лоза“ (Второзаконие 32:32). Тогаш, сексуалниот неморал, вклучувајќи ја и хомосексуалноста, веројатно е дел од нивното отстапување од Божјиот закон (Левит 18:22). Изразот „крвопролевање“ може исто така да се преведе со „прекршување на законот“. Ваквото брутално постапување без сомнение довело до „пискот“ од страна на малтретираните — пискот кој стигнал до ушите на Садачот на лозјето. (Спореди Јов 34:28.)

15, 16. Како можат вистинските христијани да избегнат да ги даваат лошите плодови што ги давал Израел?

15 Јехова Бог „ги љуби правдата и правосудството“ (Псалм 33:5). Тој им заповедал на Евреите: „Не правете неправди во судот! Не биди пристрасен кон бедниот, ниту попуштај пред големиот: суди му по правда на твојот ближен!“ (Левит 19:15). Затоа мораме да одбегнуваме пристрасност во нашите постапки еден со друг, и никогаш да не дозволиме работи како раса, возраст, богатство или сиромаштво да ја обојат нашата проценка на луѓето (Јаков 2:1—4). Посебно е важно оние што служат на положби на надгледување да ‚не прават ништо по пристрасност‘, секогаш барајќи да ги чујат двете страни на работата пред да донесат суд (1. Тимотеј 5:21; Пословици 18:13).

16 Освен тоа, би било лесно за христијаните што живеат во беззаконен свет да развијат негативен или бунтовен став спрема божествените мерила. Но, вистинските христијани мораат да бидат ‚спремни да ги послушаат‘ Божјите закони (Јаков 3:17). И покрај сексуалниот неморал и насилството на „сегашниот зол систем на работи“, тие треба ‚будно да пазат да не одат како немудри, туку како мудри‘ (Галатите 1:4; Ефешаните 5:15). Сакаат да ги одбегнуваат попустливите гледишта кон сексот, а кога ќе дојде до несогласувања, треба да ги решат без „лутина, и гнев, и викање, и навредлив говор“ (Ефешаните 4:31). Со негување праведност, вистинските христијани му донесуваат чест на Бог и ја добиваат неговата наклоност.

Цената на алчноста

17. Кое злобно постапување е осудено во првото тешко од Исаија?

17 Во 8. стих, Исаија повеќе не ги цитира зборовите на Јехова. Осудувајќи дел од ‚дивото грозје‘ што го дала Јуда, тој лично ја објавува првата од шесте тешки работи: „Тешко ви вам што приближувате куќа до куќа и што составувате нива со нива, додека не го заземете сето место па да станете единствени во земјата. Господ над Војските ми рече во моите уши: ‚Навистина, многу куќи ќе опустат, големи и убави ќе бидат без жители. Десет рала лозје ќе дадат само бочвенце, а мерка семе ќе даде само меричка‘“ (Исаија 5:8—10).

18, 19. Како современиците на Исаија ги игнорираат Јеховините закони во врска со имотот, и каков ќе биде резултатот за нив?

18 Во древниот Израел сета земја во основа му припаѓала на Јехова. Секое семејство добило од Бог наследство коешто можело да го изнајми некому или да го издаде под закуп, но никогаш не смеело да го продаде „за секогаш“ (Левит 25:23). Овој закон спречувал злоупотреба, како што е монополот на недвижен имот. Тој исто така ги заштитувал семејствата да не паднат во преголема сиромаштво. Меѓутоа, некои во Јуда алчно ги прекршувале Божјите закони во врска со имотот. Михеј напишал: „Посакаат ли полиња, ги одземаат и куќи, ги земаат; им прават насилство на човекот и на неговата куќа, на сопственикот и на неговото наследство“ (Михеј 2:2). Но, Пословици 20:21 предупредува: „Од почетокот набрзина [со алчност, NW] придобиено наследство, на крајот не е благословено“.

19 Јехова ветува дека ќе ги лиши овие алчни луѓе од нивната нечесно спечалена добивка. Куќите што ги изнудиле ќе бидат „без жители“. Земјиштето, коешто од завидливост го посакувале, ќе дава само делче од својот капацитет. Како и кога точно ќе се исполни оваа клетва не е наведено. Веројатно ова се однесува, барем делумно, на условите предизвикани од идното изгнанство во Вавилон (Исаија 27:10).

20. Како можат денешните христијани да избегнуваат да го имитираат алчниот став што го покажале некои во Израел?

20 Христијаните денес мораат да се гадат на ненаситната алчност слична на онаа што ја покажале некои Израелци во тогашно време (Пословици 27:20). Кога материјалните работи ќе станат претерано важни, лесно е човек да падне ниско и на бескрупулозни начини да доаѓа до пари. Може лесно да се фати во стапицата на сомнителни деловни постапки или на нереални шеми за брзо збогатување. „Кој брза по богатство, не останува без казна [невин, NW]“ (Пословици 28:20). Според тоа, колку е само важно да бидеме задоволни со она што го имаме! (1. Тимотеј 6:8).

Замката на сомнителна забава

21. Какви гревови се осудени во второто тешко од Исаија?

21 Следи второто тешко од Исаија: „Тешко им на тие кои стануваат рано наутро, одат по жесток пијалак и седат доцна во ноќта распалени со виното. На гозбите им се: харфи и псалтири, тапанчиња и кавалчиња покрај виното, а не се грижат за Господовото дело, не го гледаат делото на Неговите раце“ (Исаија 5:11, 12).

22. Каков недостиг на воздржување се покажува во Израел, и каков ќе биде резултатот за нацијата?

22 Јехова е „среќниот Бог“ и не гледа со неодобрување кога неговите слуги разумно се рекреираат (1. Тимотеј 1:11). Меѓутоа, овие трагачи по задоволство ги поминуваат сите граници! „Оние кои се опиваат обично се пијани ноќе“, вели Библијата (1. Солуњаните 5:7). Но развратниците од пророштвото почнуваат со своето неконтролирано пиење уште в зори и пијат сѐ до вечерта! Се однесуваат како Бог да не постои, како да нема да ги смета за одговорни заради нивните постапки. Исаија предвидува мрачна иднина за таквите. „Мојот народ ќе биде одведен во ропство, зашто нема разумност [спознание, NW], неговите првенци ќе умираат од глад, неговите луѓе ќе горат од жед“ (Исаија 5:13). Поради тоа што одбива да постапува според вистинското спознание, Божјиот народ на сојузот — возвишените и понижените — ќе отиде во Шеолот. (Прочитај Исаија 5:14—17.)

23, 24. Какво воздржување и умереност се бара да покажуваат христијаните?

23 ,Лумпувањата‘, односно ‚дивите забави‘ исто така биле проблем меѓу некои христијани во првиот век (Галатите 5:21, Byington; 2. Петрово 2:13). Затоа не изненадува тоа што некои предадени христијани денес прават лоша проценка кога станува збор за друштвени собири. Неограничената употреба на алкохолни пијалаци била причина некои да станат гласни и бучни (Пословици 20:1). Имало дури и такви што се однесувале неморално под влијание на премногу алкохол, а било дозволено и некои собири да траат скоро цела ноќ, со што следниот ден биле попречени христијанските активности.

24 Меѓутоа, урамнотежените христијани донесуваат божествен плод и практикуваат воздржување и умереност во својот избор на рекреација. Тие обрнуваат внимание на советот од Павле што се наоѓа во Римјаните 13:13: „Како по ден да одиме пристојно, не во лумпувања и пијанки“.

Да се мрази гревот, а да се сака вистината

25, 26. Кое злобно размислување на Израелците го разоткрива Исаија во своето трето и четврто тешко?

25 Чуј ги сега третото и четвртото тешко од Исаија: „Тешко им на оние кои ја влечат вината врз себе со воловски јажиња и гревот со колски јажиња — на оние што говорат: ‚Нека поита, нека побрза со Своето дело, за да го видиме, нека се приближи нека го заврши наумот на Израелевиот Светец, за да знаеме!‘ Тешко им на оние што злото го наречуваат добро, а доброто зло, кои прават светлина од темнината, а од светлината темнина, што горчливото го прават благо, а благото горчливо!“ (Исаија 5:18—20).

26 Колку само живописно ова ги опишува оние што практикуваат грев! Тие се врзани за гревот како што запрежните животни се врзани за колата. Овие грешници не се плашат од какво и да е доаѓање на ден на суд. Со потсмевање велат: „Нека побрза [Бог] со Своето дело!“ Наместо да се подложат на Божјиот закон, тие ги извртуваат работите, прогласувајќи го ‚злото за добро, а доброто за зло‘. (Спореди Еремија 6:15; 2. Петрово 3:3—7.)

27. Како можат денешните христијани да го избегнат ставот на Израелците?

27 Денешните христијани по секоја цена мораат да избегнуваат таков став. На пример, тие одбиваат да го пригрнат световното гледиште за блуд и хомосексуалност како нешто прифатливо (Ефешаните 4:18, 19). Вистина, еден христијанин би можел ‚да направи некој погрешен чекор‘ што може да доведе до сериозен грев (Галатите 6:1). Старешините во собранието се спремни да им помогнат на оние што паднале и на кои им треба помош (Јаков 5:14, 15). Со помош на молитви и на совет темелен на Библијата, можно е духовно да закрепнат. Инаку, постои опасност да станат ‚робови на гревот‘ (Јован 8:34). Наместо да му се потсмеваат на Бог и да ја изгубат свесноста за претстојниот ден на суд, христијаните се стремат да останат „без дамка и без петно“ пред Јехова (2. Петрово 3:14; Галатите 6:7, 8).

28. Какви гревови се осудени во последните тешки работи од Исаија, и како можат христијаните денес да избегнат такви гревови?

28 Соодветно, Исаија ги додава последните тешки работи: „Тешко им на оние кои се мудри во сопствените очи и умни само пред себе! Тешко им на оние кои се силни во виното и јунаци во мешањето на силните пијалаци; и на оние кои го бранат виновниот за поткуп, а праведникот го лишуваат од правдата!“ (Исаија 5:21—23). Овие зборови очигледно им биле упатени на оние што служеле како судии во земјата. Собраниските старешини денес избегнуваат да си изгледаат „мудри во сопствените очи“. Тие понизно прифаќаат совет од другите старешини и тесно се придржуваат кон организациските упатства (Пословици 1:5; 1. Коринќаните 14:33). Тие се умерени во својата употреба на алкохолни пијалаци, и никогаш не пијат пред да вршат собраниски одговорности (Осија 4:11). Старешините исто така избегнуваат дури и да оддадат впечаток дека покажуваат пристрасност (Јаков 2:9). Колкава само разлика од свештенството на христијанскиот свет! Многумина од нив ги прикриваат влијателните и богати грешници од својата средина, што е во директна спротивност со предупредувањата на апостол Павле во Римјаните 1:18, 26, 27; 1. Коринќаните 6:9, 10 и Ефешаните 5:3—5.

29. Каков катастрофален крај го очекува Јеховиното лозје од Израелци?

29 Исаија ја завршува оваа пророчка порака опишувајќи го катастрофалниот крај на оние кои ‚го отфрлиле Законот на Господа‘ и пропуштиле да донесуваат праведни плодови (Исаија 5:24, 25; Осија 9:16; Малахија 4:1). Тој објавува: „[Јехова] го крена военото знаме [сигнал, NW] на далечен народ, му свирна на крајот на земјата и ете: бргу, подготвено ита“ (Исаија 5:26; Второзаконие 28:49; Еремија 5:15).

30. Кој ќе собере „далечен народ“ против Јеховиниот народ, и со каков исход?

30 Во старо време еден столб на издигнато место можел да служи како ‚сигнал‘, или собирно место за еден народ или за војски. (Спореди Исаија 18:3; Еремија 51:27.) Сега самиот Јехова ќе го собере овој неименуван „далечен народ“ да го изврши својот суд. * Тој ќе ‚му свирне‘, односно ќе му го привлече вниманието кон својот своеглав народ како кон предмет вреден да се освои. Пророкот понатаму ја опишува брзината и застрашувачки силниот напад на оние слични на лав освојувачи кои ќе ‚го грабнат пленот‘, односно Божјата нација, ‚и ќе го однесат‘ во заробеништво. (Прочитај Исаија 5:27—30а.) И со каков само жалосен резултат за земјата на Јеховиниот народ! „Погледнеш ли ја земјата — сѐ темнина и неволја, облачна темнина ја проголта светлината“ (Исаија 5:30б).

31. Како можат вистинските христијани да избегнат да ја претрпат казната што му била наметната на Јеховиното лозје од Израелци?

31 Да, лозјето што Бог со толкава љубов го засадил се покажува јалово — заслужува само уништување. Каква силна поука содржат зборовите на Исаија за сите кои му служат на Јехова денес! Нека се трудат да не даваат ништо друго освен праведен плод, на фалба на Јехова и на свое сопствено спасение!

[Фусноти]

^ Некои изучувачи сметаат дека поевтини привремени градби, како сеници, односно колиби, биле далеку повообичаени отколку камени кули (Исаија 1:8). Присуството на кула би покажало дека сопственикот вложил невообичаени напори во интерес на своето „лозје“.

^ Во други пророштва, Исаија го идентификува Вавилон како народот што го извршува опустошувачкиот суд од Јехова врз Јуда.

[Прашања]

[Слика на страница 83]

Еден грешник е врзан за гревот како запрежно животно за колата

[Слика на целата страница 85]