ПРАШАЊЕ 3
Од каде дошле упатствата?
Што го одредува твојот изглед? Што ја одредува бојата на твоите очи, коса и кожа? Што ја определува твојата висина и градбата на твоето тело? Од што зависи дали ќе личиш на едниот или на двајцата родители? Што им кажува на твоите прсти, кога растат, од едната страна да формираат меки јагодици, а од другата страна цврсти нокти кои служат како заштита?
Во времето на Чарлс Дарвин, одговорите на вакви прашања биле обвиткани во мистерија. Самиот Дарвин бил фасциниран од начинот на кој особините се пренесуваат од една генерација на друга. Но знаел многу малку за законите на генетиката, а уште помалку за механизмите во клетката кои управуваат со процесот на наследување. Сепак, во нашево време, биолозите веќе со децении ја проучуваат генетиката на човекот и деталните упатства кои се наоѓаат во неверојатната молекула наречена ДНК (дезоксирибонуклеинска киселина). Се разбира, најважното прашање е од каде дошле овие упатства.
Што тврдат многу научници? Многу биолози и други научници сметаат дека ДНК и нејзините кодирани упатства настанале како резултат на неконтролирани случајни настани во текот на милиони години. Тие велат дека ниту во структурата на оваа молекула ниту во информациите што ги носи и пренесува ниту во начинот на кој функционира нема докази дека е создадена.17
Што вели Библијата? Библијата укажува на тоа дека информациите во врска со формирањето на разните делови од нашето тело, па дури и времето на нивното формирање, се запишани во една симболична книга која потекнува од Бог. Забележи како под вдахновение на Бог, цар Давид го опишал тој процес. Тој му се обратил на Бог со следниве зборови: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани — и деновите кога настануваа — кога уште немаше ниту еден“ (Псалм 139:16).
Што откриваат доказите? Доколку еволуцијата е вистинита, тогаш треба да постои барем реална можност ДНК да настанала како резултат на низа случајни настани. Од друга страна, доколку библискиот извештај е вистинит, тогаш ДНК треба да пружи цврст доказ дека е плански осмислена од интелигентно битие.
Кога ДНК ќе се опише на наједноставен начин, лесно можеме да ги разбереме нејзината градба и нејзината функција, кои се восхитувачки. Ајде повторно да отпатуваме во внатрешноста на една клетка.
Но, овојпат ќе посетиме една човечка клетка. Замисли си дека одиш во еден музеј кој е осмислен на начин кој ќе ти помогне да научиш како функционира една таква клетка. Целиот музеј претставува модел на една стандардна човечка клетка, но зголемена околу 13.000.000 пати. Музејот е голем колку една огромна спортска арена која може да собере околу 70.000 гледачи.Влегуваш во музејот и со восхит гледаш низ ова чудесно место исполнето со необични форми и структури. Некаде во средината на клетката се наоѓа јадрото — сфера која е голема колку една зграда со околу 20 ката. Се упатуваш кон него.
Влегуваш во јадрото низ една врата на неговата надворешна обвивка, или мембрана, и погледнуваш наоколу. Во оваа просторија најмногу се истакнуваат 46 хромозоми. Тие се подредени во идентични парови. Паровите се со различна висина, но парот кој е најблиску до тебе е висок колку една зграда со околу 12 ката (1). Отприлика некаде во средината, секој хромозом има стеснување, и затоа наликува на два поврзани колбаса, но дебел е колку стебло на едно огромно дрво. Забележуваш дека моделот на овој хромозом по целата должина е обвиткан со врвца. Како што се приближуваш, забележуваш дека врвцата е поделена со вертикални линии. Меѓу нив има пократки хоризонтални линии (2). Дали тоа се книги наредени на полици? Не. Тоа се надворешни рабови од петелки кои се цврсто навиткани во вид на столпчиња. Повлекуваш еден раб и петелката се одврзува. Изненаден си кога гледаш дека петелката се состои од помали спирали (3)‚ кои исто така се уредно наредени. Во овие спирали се наоѓа најважниот дел на целата оваа структура — нешто што личи на многу долго јаже. Што е тоа?
СТРУКТУРАТА НА ЕДНА ИЗВОНРЕДНА МОЛЕКУЛА
Овој дел од моделот на хромозомот едноставно би можеле да го наречеме јаже. Тоа е дебело околу два и пол сантиметри. Цврсто е навиткано околу макари (4)‚ и така се формираат спирали во спирали. Овие спирали се прицврстени за еден вид скеле кое ѝ дава стабилност на целата структура. Текстот на екранот до овој експонат кажува дека јажето е толку добро навиткано што овозможува просторот да се искористи на најдобар можен начин. Кога би ги извлекле јажињата од сите хромозоми во просторијата и би ги поврзале заедно, нивната вкупна должина би била отприлика колку половина од обемот на Земјата! a
Во една научна книга, овој ефикасен систем на пакување е наречен „извонредно инженерско дело“.18 Дали тврдењето дека ова дело не го направил некој инженер ти звучи логично? Доколку овој музеј би имал огромна продавница со милиони предмети за продажба и доколку сите тие би биле толку уредно наредени што лесно би можел да го најдеш она што ти е потребно, дали би помислил дека никој не го организирал тоа место? Се разбира дека не. Но, таквиот ред би бил ништо во споредба со инженерското дело што го спомнавме претходно.
На екранот пишува да го земеш јажето во раце и да го погледнеш од поблиску (5). Додека го движиш низ прстите, забележуваш дека ова не е обично јаже. Тоа е составено од две извиени нишки кои се меѓусебно поврзани со ситни прагчиња што се поставени на еднакво растојание. Јажето наликува на скала која е толку извиткана што потсетува на спирални скалила (6). Во тој момент сфаќаш: Во раката држиш модел на молекула на ДНК — една од најголемите мистерии на животот!
Една молекула на ДНК која е уредно спакувана со своите макари и со скелето образува еден хромозом. Прагчињата на скалата се познати како базни парови (7). Која е нивната функција? За што е потребна целата оваа структура? На еден екран се наоѓа текст со поедноставено објаснување.
НЕНАДМИНЛИВ СИСТЕМ ЗА СКЛАДИРАЊЕ ИНФОРМАЦИИ
Во објаснувањето што го читаш пишува дека овие прагчиња кои ги поврзуваат двете страни од скалата се клучот за да се разбере ДНК. Замисли си дека скалата
се разделува по вертикала. На двете страни стрчат делови од прагчињата, кои ги има само во четири вида. Научниците ги означуваат со буквите А, Т, Г и Ц (аденин, тимин, гванин, цитозин). Тие биле запрепастени кога откриле дека редоследот на овие букви пренесува информации во вид на код.Веројатно ти е познато дека во 19 век била измислена Морзеовата азбука, или Морзеовиот код, која им овозможила на луѓето да комуницираат преку телеграф. Овој код се состоел од само две „букви“ — точка и цртичка. Сепак, можел да се користи за да се формираат безброј зборови или реченици. Од друга страна, ДНК има код од четири букви. Во зависност од тоа по кој редослед се појавуваат, овие букви — А, Т, Г и Ц — формираат „зборови“ наречени кодони. Кодоните образуваат „пасуси“ наречени гени. Секој ген содржи во просек по 27.000 букви. Овие гени и долгите делови меѓу нив се споени во еден вид поглавја — поединечните хромозоми. Потребни се 23 хромозоми за да се состави целата „книга“ — геномот, односно збирот на сите генетски информации за еден организам. b
Геномот би можел да се спореди со една огромна книга. Колку информации би можеле да се складираат во неа? Сѐ на сѐ, човечкиот геном се состои од околу три милијарди базни парови, или прагчиња, на ДНК-скалата.19 Замисли си еден комплет енциклопедии во кој секој том има повеќе од илјада страници. Геномот би испишал 428 такви томови. Кога би се додала и копијата од геномот која се наоѓа во секоја клетка, би се испишале 856 томови. За сам да ги искуцаш информациите од геномот, би требало да работиш околу 80 години, и тоа со полно работно време и без да одиш на одмор!
Се разбира, она што ќе го добиеш како резултат на куцањето, воопшто нема да му користи на твоето тело. Како би сместил стотици обемни книги во секоја од твоите сто билиони микроскопски клетки? Да се сместат толку многу информации во толку мал простор далеку ги надминува човечките способности.
Еден професор по молекуларна биологија и информатика изјавил: „Во еден грам ДНК која, кога би се исушила, би зафаќала волумен од приближно еден сантиметар кубен, може да се складира речиси иста количина информации како на билион компакт-дискови“.20 Што значи ова? Сети се дека ДНК содржи гени — упатства за градбата на едно уникатно човечко тело. Во секоја клетка има по еден комплет од тие упатства. Во ДНК се складирани толку многу информации што, кога би наполниле само една лажичка со неа, таа би содржела упатства за настанок на отприлика 350 пати повеќе луѓе отколку што денес живеат на Земјата! ДНК која е потребна за седумте милијарди луѓе кои денес живеат на Земјата едвај би формирала тенок слој на лажичката.21
КНИГА БЕЗ АВТОР?
И покрај напредокот во технологијата за изработка на минијатурни електронски уреди, ниту еден уред направен од човекот
не може да складира ни приближно толку информации. Сепак, компакт-дискот може да ни послужи како соодветна споредба. Размисли за следново: Можеби си воодушевен од неговата симетрична форма, светкава површина и од неговиот ефикасен дизајн. Има јасни докази дека тој е осмислен од интелигентни луѓе. Но што ако на него се складирани јасни и детални упатства за изградба, одржување и поправка на некоја сложена машина, а не бескорисни и нафрлани информации? Иако се најважното обележје на дискот, информациите не ја менуваат неговата тежина или големина. Зарем овие пишани упатства нема да те уверат дека тие се производ на некоја интелигентна личност? Зарем е можно тие да немаат автор?Не е нереално да ја споредиме ДНК со еден компакт-диск или со една книга. Всушност, во врска со геномот, еден автор напишал: „Идејата дека геномот е книга не е дури ни метафора. Тоа навистина е така. Една книга претставува збир на податоци... Тоа всушност е и геномот“. Авторот понатаму додава: „Геномот е многу паметна книга затоа што во соодветни услови може самата да прави копии од себе и самата да се чита“.22 Ова нѐ води до уште една важна карактеристика на ДНК.
МАШИНИ ВО ДВИЖЕЊЕ
Додека стоиш така во тишината, се прашуваш дали во јадрото на една клетка навистина е толку тивко како во музеј. Тогаш, забележуваш друг екран. Над една стаклена кутија во која се наоѓа модел на еден дел од ДНК пишува: „Притиснете на копчето за да видите приказ“. Притискаш на копчето, и еден раскажувач почнува да објаснува: „ДНК врши најмалку две многу важни функции. Првата е наречена репликација, односно удвојување. ДНК мора да се копира со цел секоја нова клетка да има целосна копија од истите генетски информации. Ве молиме, погледнете ја следнава симулација“.
На едниот крај на екранот, низ една врата влегува една машина која изгледа многу сложено. Всушност, тоа се група роботи
кои меѓусебно се поврзани. Машината оди до ДНК, се прицврстува за неа и почнува да се движи по ДНК како што еден воз се движи по шини. Бидејќи се движи пребрзо, не можеш да видиш што точно се случува, но можеш да забележиш дека зад неа, наместо едно, сега има две целосни јажиња на ДНК.Раскажувачот објаснува: „Ова е многу поедноставен приказ на она што се случува кога ДНК се удвојува. Една група ензими, кои дејствуваат како молекуларна машина, се движат по јажето на ДНК и го разделуваат на две нишки, а потоа ја користат секоја нишка како калап за да направат нова комплементарна нишка. Не можеме да ги прикажеме сите делови кои се вклучени во овој процес — како на пример ситниот уред кој се движи пред машината за репликација и ја сече едната нишка на ДНК за јажето да може да се одвитка без да се заплетка. Не можеме ни да прикажеме како ДНК неколку пати се проверува. Грешките се откриваат и се исправаат со неверојатна точност“. (Види ја сликата на страници 16 и 17.)
Раскажувачот продолжува: „Но она што можеме јасно да го прикажеме е брзината. Забележавте дека оваа машина се движи со многу голема брзина. Всушност, во реалноста, ензимските машини се движат по ’шините‘ на ДНК со брзина со која во секоја секунда поминуваат околу 100 прагчиња или базни парови.23 Доколку ’шините‘ би биле со големина на железнички шини, оваа ’локомотива‘ би се движела со брзина поголема од 80 километри на час. Во бактериите, овие мали машини за удвојување можат да се движат десет пати побрзо. Во една човечка клетка, стотици вакви машини за репликација ја вршат својата работа на различни точки долж ДНК ’шините‘. Тие прават копија од целиот геном за само осум часа“.24 (Види ја рамката „ Молекула која може да се чита и да се копира“ на страница 20.)
„ЧИТАЊЕ“ НА ДНК
Роботите кои вршат удвојување на ДНК се повлекуваат од сцената. Се појавува друга машина. И таа се движи по јажето на ДНК, но побавно. Забележуваш дека јажето на ДНК влегува од едната страна на машината и излегува од другата страна непроменето. Но, од еден друг отвор на машината почнува да излегува една нова нишка која наликува на опашка, и станува сѐ поголема. Што се случува?
Раскажувачот повторно дава објаснување: „Втората функција на ДНК е наречена транскрипција, односно препишување. ДНК никогаш не го напушта своето безбедно живеалиште — јадрото. Тогаш, како може нејзините гени — рецептите за сите протеини од кои е изградено твоето тело — да бидат прочитани и употребени? Оваа ензимска машина наоѓа место на јажето на ДНК на кое некој ген е активиран од хемиски сигнали кои доаѓаат надвор од
јадрото на клетката. Потоа машината користи една молекула наречена РНК (рибонуклеинска киселина) за да направи копија од тој ген. РНК многу наликува на една нишка од ДНК, но сепак е различна. Нејзина задача е да ги собере информациите кои се кодирани во гените. РНК ги добива таквите упатства додека е во ензимската машина. Потоа излегува од јадрото и се упатува кон еден од рибозомите каде што тие упатства ќе бидат искористени за синтеза на протеини“.Додека го гледаш овој приказ, сѐ повеќе се восхитуваш. Музејот и генијалноста на оние што ги осмислиле и ги направиле неговите машини те оставаат без здив. Но, замисли си дека сѐ што е во музејот, сите негови изложби, почнува да се движи прикажувајќи ги илјадниците процеси кои се одвиваат во една човечка клетка истовремено. Зарем тоа не би било вистински спектакл?
Одеднаш сфаќаш дека сите овие процеси кои ги извршуваат ситни и сложени машини, всушност, во моментов се одвиваат во твоите сто билиони клетки! Твојата ДНК се чита и така се добиваат упатства за изградба на стотици илјади различни протеини кои го сочинуваат твоето тело — неговите ензими, ткива, органи
итн. Токму во моментов, твојата ДНК се копира и се поправаат грешките за да може секоја нова клетка да добие нов комплет упатства кои ќе може и понатаму да се читаат.ЗОШТО СЕ ВАЖНИ ОВИЕ ФАКТИ?
Ајде повторно да се прашаме: „Од каде дошле сите овие упатства?“ Библијата укажува на тоа дека оваа „книга“ и нејзините записи потекнуваат од натчовечки Извор. Дали овој заклучок навистина е застарен или е во спротивност со науката?
Размисли за следново: Дали луѓето воопшто би успеале да направат музеј како овој што го опишавме? Доколку би се обиделе, би се соочиле со големи тешкотии. Сѐ уште не се знае многу за човечкиот геном и за тоа како тој функционира. Научниците сѐ уште се обидуваат да сфатат каде се наоѓаат сите овие гени и која е нивната улога. А гените зафаќаат само мал дел од нишката на ДНК. Што е со сите долги делови од нишката кои не содржат гени? Овие делови од ДНК, научниците ги нарекле отпад, односно нефункционална ДНК.
Но во поново време, тие сфатиле дека овие делови, всушност, не се бескорисни, туку дека можат да одредуваат како и до која мера ќе се користат гените. И, дури и кога научниците би можеле да направат целосен модел на ДНК, како и машините кои ја копираат и ја проверуваат, дали би можеле да направат таа да функционира како вистинска ДНК?Кратко пред својата смрт, познатиот научник Ричард Фајман на една школска табла напишал: „Она што не можам да го создадам, не можам ни да го разберам“.25 Убаво е да се чуе ваква искрена и понизна изјава која очигледно е точна кога станува збор за ДНК. Научниците не можат да создадат ДНК со сета нејзина машинерија за репликација и транскрипција, ниту пак можат потполно да ја разберат. Сепак, некои тврдат дека знаат дека сето тоа настанало по пат на неконтролирани и случајни настани. Дали доказите кои ги разгледа навистина одат во прилог на овој заклучок?
Некои научници, пак, заклучиле дека доказите укажуваат на нешто друго. На пример, Франсис Крик, научник кој помогнал да се открие дека структурата на ДНК е во облик на двојна спирала, заклучил дека оваа молекула е пресложена за да можела да настане случајно. Тој ја изнел претпоставката дека интелигентни вонземјани можеби испратиле ДНК на Земјата со цел на неа да започне живот.26
Неодамна, познатиот филозоф Ентони Флу, кој 50 години бил поборник на атеизмот, потполно го сменил своето гледиште. Кога имал 81 година, тој почнал да верува дека животот мора да е производ на некое интелигентно битие. Што водело до тоа да си го смени мислењето? Тоа што ја проучувал ДНК. Кога бил запрашан дали другите научници можеби негативно ќе реагираат на неговите нови гледишта, Флу наводно одговорил: „За жал, тоа е можно. Но, цел живот се водам според начелото... да се следат доказите каде и да водат“.27
Што мислиш ти? Каде водат доказите? Замисли си дека си во една фабрика и сред неа наоѓаш просторија во која има компјутер. Компјутерот користи една сложена главна програма која управува со сите операции во фабриката. Освен тоа, оваа програма постојано испраќа упатства за тоа како да се направи и одржува секоја машина и прави копии од себеси, а притоа и ги проверува копиите. На каков заклучок ќе те наведат овие докази? Дали ќе заклучиш дека компјутерот и неговата програма настанале сами од себе или дека биле осмислени од интелигентни луѓе? Навистина, доказите зборуваат сами за себе.
a Во учебникот по молекуларна биологија Molecular Biology of the Cell се користи поинаква споредба. Во него пишува дека обидот да се спакуваат овие долги нишки во едно клеточно јадро би можел да се спореди со обидот да се спакуваат 40 километри многу тенок конец во тениско топче, но на толку уреден и организиран начин што лесно би можело да се стигне до секој дел од конецот.
b Клетките содржат две целосни копии од геномот, вкупно 46 хромозоми.