Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРАШАЊЕ 1

Како настанал животот?

Како настанал животот?

Кога си бил дете, дали некогаш си ги изненадил твоите родители со прашањето: „Од каде доаѓаат бебињата?“ Што ти одговориле? Во зависност од тоа колку години си имал и во зависност од нивниот карактер, тие можеби го игнорирале прашањето или бидејќи биле збунети ти одговориле нешто набрзина. Или можеби ти раскажале некои чудни приказни за кои подоцна си сфатил дека се измислени. Сепак, за да биде добро подготвено за животот, едно дете, порано или подоцна, треба да дознае за чудесниот процес на размножување.

Исто како што на многу родители им е непријатно да разговараат со своите деца за тоа од каде доаѓаат бебињата, така се чини дека и на некои научници им е непријатно да разговараат за едно уште поважно прашање: Од каде дошол животот? Тоа што едно лице ќе добие логичен одговор на ова прашање може во голема мера да влијае врз неговото гледиште за животот. Тогаш, како започнал животот?

Оплодена човечка јајце-клетка зголемена околу 800 пати

Што тврдат многу научници? Многумина кои веруваат во еволуција ќе ти кажат дека животот започнал пред милијарди години на работ на еден древен базен кој се исполнил со вода за време на висока плима, или пак длабоко во океанот. Тие сметаат дека на некое вакво место, хемиски соединенија случајно се групирале во структури кои наликувале на меурчиња и формирале сложени молекули кои потоа почнале да се удвојуваат. Тие веруваат дека сиот живот на Земјата настанал случајно од една или од повеќе вакви „едноставни“ првобитни клетки.

Други научници кои се подеднакво почитувани и кои исто така ја поддржуваат еволуцијата не се согласуваат со ова. Тие претпоставуваат дека првите клетки или барем нивните главни составни делови дошле на Земјата од вселената. Зошто го претпоставуваат ова? Бидејќи, и покрај тоа што вложиле големи напори, научниците не успеале да докажат дека животот може да настане сам од себе од неживи молекули. Во 2008 год., професорот по биологија Александре Менеж укажал на оваа дилема. Тој рекол дека во последните 50 години „не се пронајдени докази на темел на набљудување и експерименти кои би ја поткрепиле хипотезата дека животот настанал случајно на Земјата од една обична прабиотичка супа, и дека ниту едно ново значајно научно сознание не води во тој правец“.1

Што откриваат доказите? Одговорот на прашањето „Од каде доаѓаат бебињата?“ е поткрепен со цврсти научни докази и никој не го оспорува. Живот секогаш настанува од живот што веќе постои. Меѓутоа, дали е навистина можно во далечното минато овој основен закон да бил прекршен? Дали животот навистина можел случајно да настане од неживи хемиски соединенија? Колкави се шансите дека се случило такво нешто?

Научниците откриле дека, за една клетка да преживее, најмалку три различни видови сложени молекули мора да соработуваат заедно — ДНК (дезоксирибонуклеинска киселина), РНК (рибонуклеинска киселина) и протеини. Денес, ретко кој научник би тврдел дека една цела жива клетка одеднаш и случајно настанала од смеса од неживи хемиски соединенија. Но, колкава е веројатноста дека РНК или протеините настанале случајно? a

Стенли Милер (1953)

Многу научници сметаат дека животот можел да настане по пат на случајност поради еден експеримент кој за првпат бил спроведен во 1953 год. Таа година, Стенли Л. Милер успеал да создаде неколку аминокиселини, хемиски градбени блокови на протеините, така што пуштал електрични празнења низ мешавина од гасови, претпоставувајќи дека тоа бил составот на примитивната атмосфера на Земјата. Оттогаш, аминокиселини биле пронајдени и во еден метеорит. Дали овие откритија укажуваат на тоа дека постои голема веројатност сите основни градбени блокови на животот да се производ на случајноста?

Роберт Шапиро, професор емеритус по хемија при Универзитетот на Њујорк, вели: „Некои стручњаци претпоставуваат дека сите градбени блокови на животот лесно би можеле да се добијат во експерименти слични на Милеровиот, и дека тие биле присутни во метеорити. Но тоа не е случај“.2 b

Размисли за молекулата на РНК. Таа е составена од помали молекули наречени нуклеотиди. Нуклеотидите се различен вид молекули од аминокиселините и се само малку посложени. Шапиро вели дека „ниту еден вид нуклеотиди не биле добиени по пат на експерименти со пропуштање искри, ниту пак биле пронајдени во метеорити“.3 c Понатаму, тој наведува дека веројатноста молекулата на РНК, која има способност самата да се удвојува, да настане со случајно комбинирање на хемиски градбени блокови „е толку мала што, кога такво нешто би се случило дури и само еднаш некаде во видливиот дел на вселената, би се сметало за исклучителен сплет на среќни околности“.4

РНК (1) е потребна за да се создадат протеини (2), а од друга страна, протеини се потребни за да се произведе РНК. Како би можела само една од овие молекули да настане случајно, а камоли двете? За рибозомите (3) ќе се зборува во дел 2.

А што е со протеинските молекули? Тие може да се состојат од само 50 па сѐ до неколку илјадници аминокиселини поврзани заедно по многу прецизен редослед. Еден просечен протеин во една „едноставна“ клетка содржи 200 аминокиселини. Дури и во овие клетки има илјадници различни видови протеини. Според некои проценки, веројатноста само еден протеин кој содржи само 100 аминокиселини некогаш да настанал случајно на Земјата е отприлика еден спрема билијарда.

Ако се потребни вешти научници за да се направат сложени молекули во лабораторија, тогаш дали е можно далеку посложените молекули во една клетка навистина да настанале случајно?

Истражувачот Хјуберт Јоки кој го поддржува учењето за еволуција оди уште подалеку. Тој вели: „Невозможно е животот ’да потекнува од протеини‘“.5 За да се создадат протеини, потребна е РНК, а од друга страна, за да се произведе РНК, потребни се протеини. Што ако, и покрај неверојатно малите шанси, и протеини и молекули на РНК се појавиле случајно на исто место и во исто време? Колкава е веројатноста дека дејствувале заедно за да формираат облик на живот кој може самиот да се удвојува и да се одржува? Д-р Керол Клеланд d‚ истражувач на Институтот за астробиологија на НАСА, вели: „Веројатноста ова да се случило случајно (под услов да дошло до случајно спојување на протеини и РНК) е многу мала“. Таа понатаму вели: „Сепак, се чини дека повеќето истражувачи претпоставуваат дека, ако успеат да сфатат како протеините и РНК се појавиле одделно во првобитните услови во природата, тогаш прашањето како тие почнале заедно да дејствуваат ќе се реши само по себе“. Во врска со моменталните теории за тоа како овие градбени блокови на животот можеле да настанат случајно, таа вели: „Ниту една од нив не дава задоволително објаснување за тоа како се случило ова“.6

Ако е потребна интелигенција за да се направи еден безживотен робот, тогаш што би било потребно за да се создаде една жива клетка, а камоли човек?

Зошто се важни овие факти? Размисли за проблемот со кој се соочуваат истражувачите кои сметаат дека животот настанал по пат на случајност. Тие пронашле некои аминокиселини во еден метеорит кои се присутни и во живите клетки. Во своите лаборатории, со помош на детално испланирани и внимателно изведени експерименти, тие успеале да добијат уште посложени молекули. Истражувачите се надеваат дека на крајот ќе успеат да ги добијат сите потребни делови за да се состави една „едноставна“ клетка. Ситуацијата во која се наоѓаат може да се спореди со ситуацијата на еден научник кој користи природни елементи за да добие челик, пластика, силикон и жица, и од нив конструира робот. Потоа, го програмира роботот да прави дупликати од себеси. Што, всушност, ќе докаже научникот со ова? Во најдобар случај ќе докаже дека едно интелигентно суштество може да создаде извонредна машина.

Слично на тоа, доколку некогаш би успеале да направат клетка, научниците би постигнале нешто навистина неверојатно. Но, дали со тоа би докажале дека клетката може да настане случајно? Зарем на тој начин не би го докажале токму спротивното?

Што мислиш ти? Сите досегашни научни докази потврдуваат дека живот може да настане само од живот што веќе постои. Да веруваш дека дури и една „едноставна“ жива клетка настанала случајно од неживи хемиски соединенија бара да веруваш во нешто за кое нема докази.

Со оглед на изнесените факти, дали си спремен да веруваш во такво нешто? Пред да одговориш на ова прашање, да ја разгледаме подетално градбата на една клетка. Тоа ќе ти помогне да утврдиш дали теориите на некои научници во врска со тоа од каде дошол животот се логични или се како чудните измислени приказни на некои родители во врска со тоа од каде доаѓаат бебињата.

a За тоа колкава е веројатноста ДНК да настанала случајно ќе се зборува во дел 3: „Од каде дошле упатствата?

b Професорот Шапиро не верува дека животот бил создаден. Тој верува дека животот се појавил како резултат на случајни настани кои сѐ уште не можат да се разберат во потполност.

c Во 2009 год., научниците при Универзитетот на Манчестер (Англија) известиле дека успеале да добијат некои нуклеотиди во нивната лабораторија. Сепак, во врска со методите што ги користеле, Шапиро вели: „Тие воопшто не ги исполнуваат моите критериуми за веродостоен начин да се продре во светот на РНК“.

d Д-р Клеланд не верува во библискиот извештај за создавањето. Таа верува дека животот се појавил како резултат на случајни настани кои сѐ уште не можат да се разберат во потполност.