Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 9: Ное гради арка

Приказна 9: Ное гради арка
Луѓето му се смеат на Ное

НОЕ имал жена и три сина. Неговите синови се викале Сем, Хам и Јафет. И секој од нив си имал жена. Така, во семејството на Ное имало осум члена.

Бог му заповедал на Ное да направи нешто необично. Му рекол да изгради голема арка. Арката била голема како брод, но повеќе личела на голема, долгнавеста кутија. 'Направи ја на три ката‘, му рекол Бог, 'и на секој кат направи соби.‘ Собите биле за Ное и за неговото семејство, за животните и за храната што им била потребна на сите нив.

Бог, исто така, му рекол на Ное да ја направи арката на таков начин што нема да пропушта вода. Бог рекол: 'Ќе пуштам вода, па ќе настане голем потоп и ќе го уништи целиот свет. Секој што не е во арката, ќе умре‘.

Ное и неговите синови го послушале Јехова и почнале да градат. Но другите луѓе само им се смееле. Тие си останале лоши. Никој не му верувал на Ное кога кажувал што ќе направи Бог.

Семејството на Ное ги внесува животните и храната во арката

Било потребно многу време за да се изгради арката бидејќи била толку голема. На крајот, по многу години, таа била завршена. Тогаш Бог му заповедал на Ное да ги донесе животните во арката. Му рекол да внесе по две животни од секој вид: едно машко и едно женско. Но од други видови животни Ное требало да внесе по седум. Бог, исто така, му рекол на Ное да земе од сите видови птици. Ное направил токму така како што му рекол Бог.

Потоа, во арката влегол и Ное со своето семејство. И тогаш, Бог ја затворил вратата. Сместени во арката, Ное и неговото семејство чекале. Замисли дека и ти си во арката со нив, и чекаш. Ќе има ли навистина потоп како што рекол Бог?

1. Мојсеева 6:9-22; 7:1-9.



Прашања

  • Колку члена имало во семејството на Ное, и како се викале неговите три сина?
  • Бог побарал од Ное да направи нешто необично. Што било тоа, и зошто било потребно?
  • Што правеле другите луѓе кога Ное им кажал за арката?
  • Што му рекол Бог на Ное да направи со животните?
  • Што морале да прават Ное и неговото семејство откако Бог ја затворил вратата на арката?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 6:9-22.

    Поради кои особини Ное бил истакнат слуга на вистинскиот Бог? (1. Мој. 6:9, 22).

    Што чувствува Јехова кон насилството, и како треба тоа да влијае врз нашиот избор на забава? (1. Мој. 6:11, 12; Пс. 11:5).

    Со што би можеле да постапиме како Ное кога ќе добиеме некакво упатство преку Јеховината организација? (1. Мој. 6:22; 1. Јов. 5:3).

  • Прочитај 1. Мојсеева 7:1-9.

    Како нѐ охрабрува тоа што Јехова го сметал за праведен несовршениот човек Ное? (1. Мој. 7:1; Изр. 10:16; Иса 26:7).