Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 17: Близнаци кои биле различни

Приказна 17: Близнаци кои биле различни
Исав

ОВИЕ две момчиња многу се разликуваат едно од друго, нели? Дали знаеш како се викаат? Ловецот е Исав, а момчето што се грижи за овците е Јаков.

Исав и Јаков биле близнаци. Тие им биле синови на Исак и Ревека. Нивниот татко Исак многу го сакал Исав затоа што тој бил добар ловец и носел дома храна за семејството. Но Ревека повеќе го сакала Јаков затоа што бил тивко и мирно момче.

Дедо им Авраам сѐ уште бил жив, па можеме само да си замислиме колку многу Јаков сакал да слуша додека тој му зборувал за Јехова. Авраам умрел на 175 години, кога близнаците имале по 15 години.

Кога имал 40 години, Исав се оженил со две жени од ханаанската земја. Ова многу ги разжалостило Исак и Ревека затоа што тие жени не му служеле на Јехова.

Еден ден се случило нешто, и Исав многу му се налутил на својот брат Јаков. Дошло време Исак да му даде благослов на својот постар син. Бидејќи бил постар од Јаков, Исав очекувал тој да го добие благословот. Но самиот претходно му го продал на Јаков своето право на благослов. Освен тоа, кога се родиле двете момчиња, Бог рекол дека Јаков ќе го добие благословот. И токму така се случило. Исак му го дал благословот на својот син Јаков.

Јаков

Подоцна, кога дознал за тоа, Исав многу му се налутил на Јаков. Бил толку лут што рекол дека ќе го убие. Кога Ревека го чула тоа, многу се загрижила. Затоа му рекла на својот маж Исак: 'Ќе биде многу лошо ако и Јаков се ожени со една од овие Ханаанки‘.

Затоа Исак го викнал својот син Јаков и му рекол: 'Немој да се ожениш со некоја Ханаанка, туку оди во куќата на твојот дедо Ветуил во Харан и ожени се со една од ќерките на неговиот син Лаван‘.

Јаков го послушал својот татко, и веднаш тргнал на долг пат до Харан, каде што живееле неговите роднини.

1. Мојсеева 25:5-11, 20-34; 26:34, 35; 27:1-46; 28:1-5; Евреите 12:16, 17.



Прашања

  • Кои биле Исав и Јаков, и по што се разликувале еден од друг?
  • По колку години имале Исав и Јаков кога умрел нивниот дедо Авраам?
  • Со што Исав многу ги разжалостил мајка си и татка си?
  • Зошто Исав многу му се налутил на својот брат Јаков?
  • Кои упатства му ги дал Исак на својот син Јаков?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 25:5-11, 20-34.

    Што прорекол Јехова во врска со двата сина на Ревека? (1. Мој. 25:23).

    Како се разликувал ставот на Јаков од ставот на Исав кон правото на првородство? (1. Мој. 25:31-34).

  • Прочитај 1. Мојсеева 26:34, 35; 27:1-46; и 28:1-5.

    Што покажувало дека Исав немал ценење за духовните работи? (1. Мој. 26:34, 35; 27:46).

    Според зборовите на Исак, што требало да направи Јаков, за да го добие Божјиот благослов? (1. Мој. 28:1-4).

  • Прочитај Евреите 12:16, 17.

    Што ќе се случи со оние што ги презираат светите работи, како што покажува примерот на Исав?