Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 23: Соништата на фараонот

Приказна 23: Соништата на фараонот

ПОМИНАЛЕ две години, а Јосиф сѐ уште бил во затвор. Пехарникот не се сетил на него. Но, една ноќ, фараонот сонил два мошне необични сона, па се прашувал какво е нивното значење. Го гледаш ли како спие? Следното утро, фараонот ги повикал своите мудреци и им кажал што сонил. Но тие не можеле да му кажат што значат неговите соништа.

Дури тогаш пехарникот се сетил на Јосиф. Тој му рекол на фараонот: 'Кога бев в затвор, таму имаше еден човек кој може да каже што значат соништата‘. Фараонот заповедал веднаш да го доведат Јосиф од затворот.

Фараонот му ги кажал на Јосиф своите соништа: 'Видов седум дебели, убави крави. А потоа видов седум слаби и ковчести крави. И слабите крави ги изедоа дебелите.

Фараонот сонува

Во мојот втор сон видов седум крупни, зрели класови пченица како растат на едно стебленце. Потоа видов седум ситни и исушени класови пченица. И ситните класови пченица почнаа да ги голтаат седумте добри класови пченица.‘

Јосиф му рекол на фараонот: 'Двата сона имаат исто значење. Седумте дебели крави и седумте крупни класови пченица значат седум години, и седумте слаби крави и седумте ситни класови пченица значат уште седум години. Седум години во Египет ќе се роди многу храна. А потоа ќе дојдат седум години кога ќе се роди многу малку храна‘.

Затоа Јосиф му рекол на фараонот: 'Избери мудар човек и постави го да го надгледува собирањето на храна во текот на седумте добри години. Тогаш луѓето нема да гладуваат во седумте лоши години кога ќе се роди многу малку храна‘.

На фараонот му се допаднал тој предлог, па го избрал Јосиф да ја собира храната и да ја складира. Така Јосиф станал најважниот човек во Египет по фараонот.

Осум години подоцна, за време на гладот, Јосиф видел како доаѓаат некои луѓе. Дали знаеш кои биле тие? Неговите 10 постари браќа! Нивниот татко Јаков ги испратил во Египет затоа што во Ханаан останале без храна. Јосиф ги препознал своите браќа, но тие не го препознале него. Знаеш ли зошто? Затоа што Јосиф пораснал и бил облечен во поинаква облека.

Јосиф се сетил дека, кога бил помал, сонувал како неговите браќа дошле да му се поклонат. Се сеќаваш ли дека читавме за тоа? Така Јосиф сфатил дека Бог го испратил во Египет, и тоа со добра причина. Што мислиш, што направил Јосиф? Да видиме!

1. Мојсеева 41:1-57; 42:1-8; 50:20.



Прашања

  • Што му се случило на фараонот една ноќ?
  • Зошто пехарникот конечно се сетил на Јосиф?
  • Кои два сона ги сонил фараонот, како што се гледа на сликата?
  • Што рекол Јосиф за значењето на соништата?
  • Како Јосиф станал најважниот човек во Египет по фараонот?
  • Зошто дошле во Египет браќата на Јосиф, и зошто не го препознале?
  • На кој сон се сетил Јосиф, и што сфатил од тој сон?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 41:1-57.

    Како Јосиф го насочил вниманието кон Јехова, и на кој начин христијаните денес го следат тој пример? (1. Мој. 41:16, 25, 28; Мат. 5:16; 1. Пет. 2:12).

    Во кој поглед годините на изобилство во Египет, по кои следеле години на глад, точно ја покажуваат разликата меѓу духовната состојба на Јеховиниот народ денес и духовната состојба на христијанскиот свет? (1. Мој. 41:29, 30; Амос 8:11, 12).

  • Прочитај 1. Мојсеева 42:1-8 и 50:20.

    Ако е вообичаено во земјата луѓето да му се поклонуваат на некој човек за да му укажат чест и почит заради неговата положба, дали е погрешно тоа да го прават и слугите на Јехова? (1. Мој. 42:6).