Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 25: Семејството се сели во Египет

Приказна 25: Семејството се сели во Египет

ЈОСИФ не можел повеќе да ги совладува своите чувства. Им рекол на сите свои слуги да излезат од собата. Кога останал насамо со своите браќа, Јосиф се расплакал. Можеме да си замислиме колку биле изненадени неговите браќа, бидејќи не знаеле зошто плаче. На крајот, тој рекол: 'Јас сум Јосиф. Жив ли е уште татко ми?‘

Неговите браќа биле толку изненадени што не можеле да зборуваат. Тие се исплашиле. Но Јосиф им рекол: 'Ве молам, пријдете поблиску!‘ Кога му пришле, тој рекол: 'Јас сум Јосиф, вашиот брат што го продадовте во Египет‘.

Јосиф продолжил да зборува љубезно: 'Немојте да се обвинувате себеси затоа што ме продадовте. Всушност, Бог беше тој што ме испрати во Египет за да им го спасам животот на многу луѓе. Фараонот ме постави за управител над целата земја. Појдете сега брзо кај татко ми и кажете му го ова. А кажете му и да дојде и да живее овде‘.

Тогаш Јосиф ги прегрнал своите браќа, и сите по ред ги гушкал и ги бакнувал. Кога чул дека дошле неговите браќа, фараонот му рекол на Јосиф: 'Нека земат коли, па нека појдат да го земат својот татко и своите семејства и нека се вратат. Ќе им ја дадам најдобрата земја во цел Египет‘.

Токму тоа и го сториле. На сликата можеш да видиш како Јосиф го пречекал својот татко кога тој дошол во Египет со сето свое семејство.

Семејството на Јаков станало многу големо. Сѐ на сѐ, кога се преселиле во Египет имало 70 члена, ако се бројат децата и внуците на Јаков. Но, тука биле и жените, како и, најверојатно, многуте слуги. Сите тие се населиле во Египет. Биле наречени Израелци затоа што Бог му го променил името на Јаков во Израел. Израелците, како што ќе видиме подоцна, станале за Бог еден многу посебен народ.

1. Мојсеева 45:1-28; 46:1-27.

Јосиф и неговото семејство


Прашања

  • Што се случило кога Јосиф им кажал на своите браќа кој е тој?
  • Што им објаснил Јосиф на своите браќа на љубезен начин?
  • Што рекол фараонот кога чул за браќата на Јосиф?
  • Колку члена имало во семејството на Јаков кога се преселиле во Египет?
  • Како биле наречени членовите на семејството на Јаков, и зошто?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Мојсеева 45:1-28.

    На кој начин библискиот извештај за Јосиф покажува дека, дури и некој да им направи нешто лошо на неговите слуги, Јехова може тоа да го сврти на добро? (1. Мој. 45:5-8; Иса. 8:10; Фил. 1:12-14).

  • Прочитај 1. Мојсеева 46:1-27.

    Каква гаранција му дал Јехова на Јаков кога тој бил на пат за Египет? (1. Мој. 46:1-4, фуснота).