Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 30: Грмушка во пламен

Приказна 30: Грмушка во пламен

МОЈСЕЈ дошол дури до планината Хорив за да најде трева за своите овци. Таму видел една грмушка што горела, но не изгорувала!

Мојсеј кај грмушката што гори

'Ова е чудно‘, си помислил Мојсеј. 'Ќе појдам поблиску и ќе погледнам подобро.‘ Кога го сторил тоа, од грмушката дошол глас и му рекол: 'Не доаѓај поблиску. Собуј ги сандалите зашто стоиш на свето место‘. Бог бил тој што зборувал преку ангел, па затоа Мојсеј си го покрил лицето.

Тогаш Бог му рекол: 'Видов колку страда мојот народ во Египет. Затоа ќе ги ослободам, а ти си тој што ќе го испратам за да го изведе мојот народ од Египет‘. Јехова имал намера да го доведе својот народ во убавата земја Ханаан.

Но, Мојсеј одговорил: 'Јас сум никој и ништо. Како ќе го направам тоа? Но, да речеме дека ќе одам. Тогаш Израелците ќе ми речат: "Кој те испратил?“ И што да им одговорам?‘

'Еве што ќе им речеш‘, му одговорил Бог. "ЈЕХОВА, Богот на Авраам, Богот на Исак и Богот на Јаков, ме испрати кај вас.“ И Јехова додал: 'Тоа е моето име засекогаш‘.

'Но да претпоставиме дека тие нема да ми веруваат кога ќе им речам дека ти си ме испратил‘, рекол Мојсеј.

'Што имаш во раката?‘ — го прашал Бог.

Мојсеј му одговорил: 'Стап‘.

'Фрли го на земја‘, му рекол Бог. А кога Мојсеј го фрлил, стапот се претворил во змија. Тогаш Јехова му покажал на Мојсеј уште едно чудо. Тој му рекол: 'Стави ја раката под облеката‘. Мојсеј го сторил тоа, а кога ја извадил раката, таа била бела како снег! Изгледала како да имал една многу лоша болест наречена лепра. Потоа Јехова му дал на Мојсеј моќ да направи уште едно, трето чудо. На крајот му рекол: 'Кога ќе ги направиш сите овие чуда, Израелците ќе ти веруваат дека јас сум те испратил‘.

По тој настан, Мојсеј си отишол дома и му рекол на Јотор: 'Те молам, пушти ме да се вратам кај моите роднини во Египет за да видам како се‘. Така Јотор се поздравил со Мојсеј, и Мојсеј тргнал на пат за Египет.

2. Мојсеева 3:1-22; 4:1-20.



Прашања

  • Како се вика планината прикажана на сликата?
  • Опиши ја необичната глетка што ја видел Мојсеј кога отишол на таа планина со своите овци.
  • Што рекол гласот од грмушката што горела, и чиј бил тој глас?
  • Што му одговорил Мојсеј на Бог кога му рекол дека треба да го изведе Божјиот народ од Египет?
  • Што му рекол Бог на Мојсеј да каже ако народот го праша кој го испратил?
  • Со што ќе можел Мојсеј да докаже дека Бог го испратил?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Мојсеева 3:1-22.

    На кој начин искуството на Мојсеј нѐ уверува дека Јехова ќе нѐ поддржи дури и ако се чувствуваме неспособни да извршиме некоја теократска задача? (2. Мој. 3:11, 13; 2. Кор. 3:5, 6).

  • Прочитај 2. Мојсеева 4:1-20.

    Како се променил ставот на Мојсеј во тие 40 години што ги поминал во Мадијам, и што можат да научат од тоа оние што би сакале да имаат одговорности во собранието? (2. Мој. 2:11, 12; 4:10, 13; Мих. 6:8; 1. Тим. 3:1, 6, 10).

    Дури и ако Јехова нѐ искара преку својата организација, каква сигурност може да ни даде примерот на Мојсеј? (2. Мој. 4:12-14; Пс. 103:14; Евр. 12:4-11).