Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 32: Десетте неволји

Приказна 32: Десетте неволји

ВИДИ ГИ сликиве. Секоја од нив покажува по една од неволјите кои Јехова му ги нанел на Египет. На првата слика можеш да видиш како Арон удрил со стап по реката Нил. Кога го сторил тоа, водата во реката се претворила во крв. Рибите умреле, и реката почнала да смрди.

Десетте неволји

Како следно, Јехова предизвикал жаби да излезат од реката Нил. Ги имало насекаде — во печките, во тепсиите, во постелите на луѓето — насекаде. Кога жабите умреле, Египќаните ги собирале на големи купови, и земјата засмрдела од нив.

Потоа Арон удрил со својот стап по земјата, па правот се претворил во комарци. Тие ги касале луѓето. Комарците биле третата неволја за египетската земја.

Останатите неволји ги снашле само Египќаните, а не и Израелците. Четвртата неволја што ги снашла биле големи муви кои се роеле во куќите на сите Египќани. Петтата неволја била врз животните. На Египќаните им умреле многу говеда, овци и кози.

Како следно, Мојсеј и Арон зеле малку саѓи и ги фрлиле во воздух. Од тоа им се направиле тешки рани на луѓето и на животните. Тоа било шестата неволја.

Потоа, Мојсеј ја подигнал раката кон небото, и Јехова пуштил громови и град. Тоа било најголемото невреме со град што Египет некогаш го доживеал.

Осмата неволја биле голем рој скакулци. Ни дотогаш ни оттогаш немало толку многу скакулци. Тие изеле сѐ што градот не уништил.

Деветтата неволја била темнина. Три дена земјата била покриена со густа темнина, но таму каде што живееле Израелците имало светлина.

На крајот, Бог му рекол на својот народ да ги попрска своите довратници со крв од јаре или од јагне. Тогаш низ Египет поминал еден Божји ангел. Кога ќе видел крв, тој не убивал никого во таа куќа. Но во сите други куќи каде што немало крв на довратниците, Божјиот ангел ги убивал првородените и од луѓето и од животните. Ова било десеттата неволја.

По оваа последна неволја, фараонот им рекол на Израелците да си одат. Божјиот народ веќе бил готов да замине, па уште истата ноќ тргнал да си оди од Египет.

2. Мојсеева, поглавја 7-12.



Прашања

  • Опиши ги првите три неволји, кои Јехова му ги нанел на Египет, користејќи ги дадените слики.
  • Која била разликата меѓу првите три неволји и останатите седум неволји?
  • Какви биле четвртата, петтата и шестата неволја?
  • Опиши ги седмата, осмата и деветтата неволја.
  • Што им рекол Јехова на Израелците да направат пред десеттата неволја?
  • Каква била десеттата неволја, и што се случило по неа?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Мојсеева 7:19—8:23.

    И покрај тоа што можеле да ги направат истите работи што Јехова ги направил во првите две неволји, што биле принудени да признаат египетските свештеници што се занимавале со магија откако се случила третата неволја? (2. Мој. 8:18, 19; Мат. 12:24-28).

    Како четвртата неволја покажала дека Јехова е способен да го заштити својот народ, и какво чувство му дава тоа спознание на Божјиот народ пред да се случи проречената 'голема неволја‘? (2. Мој. 8:22, 23; Отк. 7:13, 14; 2. Лет. 16:9).

  • Прочитај 2. Мојсеева 8:24; 9:3, 6, 10, 11, 14, 16, 23-25 и 10:13-15, 21-23.

    Кои две групи ги претставувале фараонот и свештениците што се занимавале со магија, и што не можат тие да постигнат, како што е тоа случај и денес? (2. Мој. 8:10, 18, 19; 9:14).

    Како 2. Мојсеева 9:16 ни помага да разбереме зошто Јехова дозволил да постои Сатана до ден-денес? (Рим. 9:21, 22).

  • Прочитај 2. Мојсеева 12:21-32.

    Како овозможила Пасхата да се спасат многумина, и кон што го насочувала вниманието Пасхата? (2. Мој. 12:21-23; Јован 1:29; Рим. 5:18, 19, 21; 1. Кор. 5:7).