Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 33: Преминување на Црвеното Море

Приказна 33: Преминување на Црвеното Море

ВИДИ што се случува! Човекот што го кренал стапот над Црвеното Море е Мојсеј. Тие што стојат покрај него здрави и живи на другата страна од морето се Израелците. Но фараонот и сета негова војска се дават во морето. Да видиме како дошло до тоа.

Египетските војници се дават во морето

Како што научивме, откако Бог им ја нанел десеттата неволја на Египќаните, фараонот им рекол на Израелците да си одат од Египет. Си заминале околу 600.000 мажи, како и многу жени и деца. Со Израелците заминале и голем број други луѓе кои поверувале во Јехова. Сите тие ги повеле со себе своите овци, кози и говеда.

Пред да заминат, Израелците побарале од Египќаните облека и златни и сребрени предмети. Египќаните биле многу исплашени од последната неволја што ги снашла. Затоа им дале на Израелците сѐ што им побарале.

По неколку дена, Израелците дошле до Црвеното Море. Таму се одморале. Во меѓувреме, фараонот и неговите луѓе зажалиле што ги пуштиле Израелците. 'Ги пуштивме нашите робови да си одат!‘ — рекле тие.

Така, фараонот повторно се премислил. Тој брзо ги подготвил својата бојна кола и војската, па тргнал во потера по Израелците со 600 специјални коли, како и со сите други коли во Египет.

Кога виделе дека фараонот и неговата војска доаѓаат по нив, Израелците многу се исплашиле. Немало каде да бегаат. Црвеното Море им било од едната страна, а Египќаните веќе доаѓале од другата. Но Јехова ставил облак меѓу својот народ и Египќаните. Така Египќаните не можеле да ги видат Израелците за да ги нападнат.

Тогаш Јехова му рекол на Мојсеј да го испружи својот стап над Црвеното Море. Кога Мојсеј го сторил тоа, Јехова пуштил да дува силен источен ветар. Водата во морето се разделила, и останала да стои од двете страни.

Тогаш Израелците почнале да го преминуваат морето по суво. Биле потребни многу часови за милионите луѓе да поминат со сите свои домашни животни на другата страна од морето и да бидат на сигурно. Конечно, Египќаните повторно можеле да ги видат Израелците. Нивните робови им побегнале! Затоа се втурнале во морето за да ги стигнат.

Кога го сториле тоа, Бог предизвикал да им испаднат тркалата од колите. Египќаните многу се исплашиле и почнале да викаат: 'Јехова се бори за Израелците против нас. Да бегаме одовде!‘ Но, веќе било предоцна.

Како што виде на сликата, тогаш Јехова му рекол на Мојсеј да го испружи својот стап над Црвеното Море. И кога Мојсеј го сторил тоа, водните ѕидови почнале да се враќаат назад, и ги покриле Египќаните и нивните коли. Целата војска влегла во морето за да ги стигне Израелците. И ниту еден Египќанец не останал жив!

Целиот Божји народ бил многу среќен што бил спасен! Мажите му пееле на Јехова благодарна песна со зборовите: 'Јехова извојува славна победа. Ги фрли во морето коњите и нивните јавачи‘. Сестра му на Мојсеј, Маријам, и сите други жени ги зеле своите дајриња. И додека радосно танцувале, ја пееле истата песна како мажите: 'Јехова извојува славна победа. Ги фрли во морето коњите и нивните јавачи‘.

2. Мојсеева, поглавја 12-15.



Прашања

  • Колку израелски мажи, заедно со жените и децата, го напуштиле Египет, и кој заминал заедно со нив?
  • Што почувствувал фараонот откако ги пуштил Израелците да си одат, и што направил?
  • Што направил Јехова за да ги спречи Египќаните да го нападнат неговиот народ?
  • Што се случило кога Мојсеј го испружил својот стап над Црвеното Море, и што направиле Израелците?
  • Што се случило кога Египќаните се втурнале во морето за да ги стигнат Израелците?
  • Како покажале Израелците дека биле среќни и дека му биле благодарни на Јехова за тоа што ги спасил?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Мојсеева 12:33-36.

    На кој начин Јехова се погрижил неговиот народ да добие надомест за сите години што им робувале на Египќаните? (2. Мој. 3:21, 22; 12:35, 36).

  • Прочитај 2. Мојсеева 14:1-31.

    Како влијаат зборовите на Мојсеј од 2. Мојсеева 14:13, 14 врз Јеховините слуги денес додека ја очекуваат претстојната битка Армагедон? (2. Лет. 20:17; Пс. 91:8).

  • Прочитај 2. Мојсеева 15:1-8, 20, 21.

    Зошто треба Јеховините слуги да го фалат Јехова со песни? (2. Мој. 15:1, 2; Пс. 105:2, 3; Отк. 15:3, 4).

    Каков пример дале Маријам и другите жени кај Црвеното Море за христијанките денес во поглед на фалењето на Јехова? (2. Мој. 15:20, 21; Пс. 68:11).