Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 37: Светиот шатор

Приказна 37: Светиот шатор

ЗНАЕШ ЛИ каква е оваа градба? Тоа е еден посебен шатор каде што се вршела служба за Јехова. Бил наречен и свет шатор. Народот завршил со неговата изградба една година откако излегле од Египет. Знаеш ли кој рекол да се изгради?

Светиот шатор

Тоа бил Јехова. Додека Мојсеј бил на планината Синај, Јехова му кажал како да го изгради. Му рекол да го направи на таков начин што ќе може лесно да се расклопи. Така деловите можеле да се пренесуваат од едно место на друго и повторно да се склопат. Затоа, кога се селеле од едно на друго место во пустината, Израелците со себе го носеле и шаторот.

Ако погледнеш во малата соба на крајот од шаторот, можеш да видиш една кутија, односно сандак. Тој бил наречен ковчег на сојузот. На него имало два ангели, односно херувими од злато по еден на секој крај. Бог повторно ги напишал Десетте заповеди на две камени плочи бидејќи Мојсеј ги скршил првите. Овие плочи биле чувани во ковчегот на сојузот. Исто така, внатре стоел и еден сад со мана. Се сеќаваш ли што била маната?

Јехова го избрал Мојсеевиот брат Арон да биде првосвештеник. Арон го предводел народот во службата за Јехова. И неговите синови биле свештеници.

Сега погледни во поголемата соба на шаторот. Таа е двапати поголема од малата соба. Дали ја гледаш кутијата, односно сандачето од кое се подига чад? Тоа е жртвеникот каде што свештениците палеле една мирислива смеса, наречена темјан. Таму е и светилникот со седум светилки. А третиот предмет во собата е една маса. На неа стоеле 12 леба.

Во дворот на светиот шатор имало голем сад, односно мијалник полн со вода. Свештениците се миеле со таа вода. Имало и еден голем жртвеник. На него ги гореле мртвите животни што му биле принесувани на Јехова. Светиот шатор бил во самиот центар на логорот, а Израелците живееле во своите шатори околу него.

2. Мојсеева 25:8-40; 26:1-37; 27:1-8; 28:1; 30:1-10, 17-21; 34:1, 2; Евреите 9:1-5.



Прашања

  • Како била наречена градбата прикажана на сликата, и за што се користела?
  • Зошто Јехова му рекол на Мојсеј да го направи шаторот на таков начин што ќе може лесно да се расклопи?
  • Што е кутијата во малата соба на крајот од шаторот, и што имало во неа?
  • Кого избрал Јехова за да биде првосвештеник, и што правел првосвештеникот?
  • Кои три предмети се наоѓале во поголемата соба на шаторот?
  • Кои два предмета се наоѓале во дворот на шаторот, и за што се користеле тие?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Мојсеева 25:8-40; 26:1-37; 27:1-8 и 28:1.

    Што претставувале херувимите врз "ковчегот на сведоштвото“? (2. Мој. 25:20, 22; 4. Мој. 7:89; 2. Цар. 19:15).

  • Прочитај 2. Мојсеева 30:1-10, 17-21; 34:1, 2 и Евреите 9:1-5.

    Зошто Јехова им нагласил на свештениците што служеле во шаторот дека е важно постојано да бидат физички чисти, и како треба тоа да влијае врз нас денес? (2. Мој. 30:18-21; 40:30, 31; Евр. 10:22).

    Како покажал апостол Павле дека шаторот и сојузот на Законот веќе не биле во употреба и не важеле во времето кога го напишал своето писмо до еврејските христијани? (Евр. 9:1, 9; 10:1).