Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 38: Дванаесетте извидувачи

Приказна 38: Дванаесетте извидувачи
Израелски извидувачи носат плодови

ПОГЛЕДНИ ГИ плодовите што ги носат овие мажи. Види колку е голем гроздот! Потребни се двајца мажи да го носат на стап. А види ги и смоквите и калинките! Од каде е ова убаво овошје? Од Ханаан. Се сеќаваш? Ханаан беше земјата во која живееле Авраам, Исак и Јаков. Но, поради гладот што завладеал таму, Јаков сосе семејството се преселил во Египет. Околу 216 години подоцна, Мојсеј ги одвел Израелците назад во Ханаан. Тие дошле до едно место во пустината наречено Кадис.

Во земјата Ханаан живееле лоши луѓе. Затоа Мојсеј испратил 12 извидувачи и им рекол: 'Дознајте колку луѓе живеат таму и колку се силни. Дознајте дали земјата е плодна и донесете од нејзините плодови‘.

Кога се вратиле во Кадис, извидувачите му рекле на Мојсеј: 'Тоа е навистина убава земја‘. А за да го докажат тоа, му ги покажале плодовите што ги донеле од таму. Но 10 извидувачи рекле: 'Луѓето што живеат таму се големи и силни! Ќе нѐ убијат ако се обидеме да ја заземеме земјата!‘

Кога го чуле тоа, Израелците се исплашиле. 'Ќе беше подобро да умревме во Египет, па дури и во оваа пустина!‘ — рекле тие. 'Ќе нѐ убијат во битка, а нашите жени и деца ќе ги заробат! Да си избереме нов водач наместо Мојсеј и да се вратиме во Египет!‘

Но двајца извидувачи покажале доверба во Јехова и се обиделе да го смират народот. Тие се викале Исус Навин и Халев. Тие рекле: 'Не плашете се! Јехова е со нас! Лесно ќе ја заземеме земјата‘. Но народот не сакал да слуша. Тие дури сакале да ги убијат Исус Навин и Халев.

Ова многу го налутило Јехова, па му рекол на Мојсеј: 'Сите што се постари од 20 години нема да влезат во ханаанската земја. Тие ги видоа чудата што ги направив во Египет и во пустината, но сѐ уште немаат доверба во мене. Затоа ќе талкаат во пустината 40 години додека не умре и последниот од нив. Само Исус Навин и Халев ќе влезат во Ханаан‘.

4. Мојсеева 13:1-33; 14:1-38.



Прашања

  • Што забележуваш кај гроздот на сликата, и од каде го донеле?
  • Зошто Мојсеј испратил 12 извидувачи во земјата Ханаан?
  • Што рекле десет извидувачи кога се вратиле кај Мојсеј?
  • Како двајца извидувачи покажале доверба во Јехова, и како се викаат тие?
  • Зошто Јехова бил лут, и што му рекол на Мојсеј?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 4. Мојсеева 13:1-33.

    Кој бил избран за да ја извидува земјата, и каква одлична можност имале тие? (4. Мој. 13:2, 3, 18-20).

    Зошто Исус Навин и Халев имале поинаков став од другите извидувачи, и што учиме ние од тоа? (4. Мој. 13:28-30; Мат. 17:20; 2. Кор. 5:7).

  • Прочитај 4. Мојсеева 14:1-38.

    Кое предупредување во врска со мрморењето против Јеховините претставници на Земјата важи и за нас? (4. Мој. 14:2, 3, 27; Мат. 25:40, 45; 1. Кор. 10:10).

    Како покажува 4. Мојсеева 14:24 дека Јехова лично се интересира за секој свој слуга? (1. Цар. 19:18; Изр. 15:3).