Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 39: Ароновиот стап цвета

Приказна 39: Ароновиот стап цвета

ВИДИ ГИ цветовите и зрелите бадеми што растат од овој стап. Тоа е стапот на Арон. Само за една ноќ, на него расцветале овие цветови и се родиле зрели плодови! Да видиме зошто се случило тоа.

Мојсеј му го дава расцветаниот стап на Арон

Израелците извесно време талкале низ пустината. Тогаш некои од народот почнале да мислат дека Мојсеј не треба да биде водач и дека Арон не треба да биде првосвештеник. Кореј бил еден што мислел така, а такви биле и Датан, Авирон и 250 водачи на народот. Сите тие дошле и му рекле на Мојсеј: 'Зошто се поставуваш себеси над сите нас?‘

Мојсеј им рекол на Кореј и на неговите следбеници: 'Утре наутро земете кадилници и ставете темјан во нив. Тогаш дојдете во Јеховиниот свет шатор, па ќе видиме кого Јехова ќе го избере‘.

Следниот ден, Кореј и неговите 250 следбеници дошле пред светиот шатор. Со нив дошле и многу други за да ги поддржат. Јехова бил многу лут. 'Оддалечете се од шаторите на овие лоши луѓе!‘ — рекол Мојсеј. 'Не допирајте се до ништо што им припаѓа ним!‘ Народот го послушал Мојсеј и се оддалечил од шаторите на Кореј, Датан и Авирон.

Тогаш Мојсеј рекол: 'По ова ќе знаете кого избрал Јехова: земјата ќе се отвори и ќе ги голтне овие лоши луѓе!‘

Штом Мојсеј престанал да зборува, земјата се отворила, и во неа паднале шаторите и сиот имот на Кореј, како и Датан, и Авирон, и сите што биле со нив. Потоа земјата се затворила над нив. Кога ги чул извиците на тие што ги голтнала земјата, народот повикал: 'Бегајте! Земјата може да нѐ голтне и нас!‘

Кореј и неговите 250 следбеници сѐ уште биле близу до светиот шатор. Затоа Јехова пуштил оган, и сите тие изгореле. Тогаш Јехова му рекол на Ароновиот син Елеазар да ги земе кадилниците од мртвите луѓе, од нив да направи тенки метални листови и со нив да го обложи жртвеникот. Таа облога требало да им служи на Израелците како знак дека никој друг освен Арон и неговите синови не можел да служи како свештеник на Јехова.

Но Јехова сакал да покаже многу јасно дека за свештеници ги избрал Арон и неговите синови. Затоа му рекол на Мојсеј: 'По еден водач од секое племе на Израел нека го донесе својот стап. За племето на Леви, Арон нека го донесе својот стап. Потоа стави ги сите овие стапови во светиот шатор пред ковчегот на сојузот. Стапот на оној што ќе го изберам да биде свештеник ќе расцвета‘.

Следното утро, Мојсеј отишол да види што се случило, а таму на Ароновиот стап расцветале овие цветови и пораснале зрели бадеми! Дали сега сфаќаш зошто Јехова предизвикал да расцвета Ароновиот стап?

4. Мојсеева 16:1-49; 17:1-11; 26:10.



Прашања

  • Кој бил против тоа Мојсеј и Арон да бидат водачи, и што му рекле тие на Мојсеј?
  • Што им рекол Мојсеј на Кореј и на неговите 250 следбеници да направат?
  • Што му рекол Мојсеј на народот, и што се случило веднаш штом престанал да зборува?
  • Што им се случило на Кореј и на неговите 250 следбеници?
  • Што направил Ароновиот син Елеазар со кадилниците на мртвите мажи, и зошто?
  • Зошто Јехова предизвикал Ароновиот стап да расцвета? (Види ја сликата.)

Дополнителни прашања

  • Прочитај 4. Мојсеева 16:1-49.

    Што направиле Кореј и неговите следбеници, и зошто тоа било побуна против Јехова? (4. Мој. 16:9, 10, 18; 3. Мој. 10:1, 2; Изр. 11:2).

    Каков погрешен став развиле Кореј и 250-те "поглавари на заедницата“? (4. Мој. 16:1-3; Изр. 15:33; Иса 49:7).

  • Прочитај 4. Мојсеева 17:1-11 и 26:10.

    Што покажал расцветаниот Аронов стап, и зошто Јехова заповедал да го стават во ковчегот? (4. Мој. 17:5, 8, 10; Евр. 9:4).

    Која важна поука можеме да ја извлечеме од тоа што Ароновиот стап расцветал? (4. Мој. 17:10; Дела 20:28; Фил. 2:14; Евр. 13:17).