Приказна 53: Ветувањето на Јефтај
ДАЛИ некогаш си ветил нешто, а потоа ти било тешко да го исполниш ветувањето? Тоа му се случило на човекот на сликата, и затоа бил многу тажен. Тој бил еден храбар судија во Израел и се викал Јефтај.
Јефтај живеел во време кога Израелците престанале да му служат на Јехова и правеле лоши работи. Затоа Јехова им дозволил на Амонците лошо да постапуваат со нив. Поради тоа, Израелците го молеле Јехова: 'Ти згрешивме. Те молиме, спаси нѐ!‘
Ним им било жал што правеле лоши работи, а тоа го покажале така што пак почнале да му служат на Јехова. Затоа Јехова повторно им помогнал.
Народот го избрал Јефтај за да се бори против лошите Амонци. Јефтај многу сакал Јехова да му помогне во таа борба. Затоа му ветил на Јехова: 'Ако ми помогнеш да ги победам Амонците, ќе ти го дадам тебе оној што прв ќе излезе од мојата куќа да ме пречека кога ќе се вратам од битката‘.
Јехова го слушнал ветувањето на Јефтај, па му помогнал да победи во битката. Кога Јефтај се вратил дома, знаеш ли кој прв излегол од куќата за да го пречека? Тоа била неговата ќерка, која му била единственото дете. 'Леле, ќерко моја!‘ — заплакал Јефтај. 'Многу сум тажен поради тебе. Но му ветив на Јехова, и не можам да го повлечам ветувањето.‘
Кога дознала за неговото ветување, и ќерката на Јефтај отпрво била тажна, бидејќи тоа значело дека ќе мора да ги напушти својот татко и пријателите. Но ќе му служела на Јехова во неговиот свет шатор во Сило до крајот на животот. Затоа му рекла на татко си: 'Ако си му ветил на Јехова, мора да си го исполниш ветувањето‘.
И така, отишла во Сило, и таму му служела на Јехова во неговиот свет шатор до крајот на својот живот. Секоја година, жените од Израел оделе кај неа во Сило и четири дена делеле со неа многу радосни моменти. Народот ја сакал ќерката на Јефтај бидејќи толку добро му служела на Јехова.
Судиите 10:6-18; 11:1-40.
Прашања
- Кој бил Јефтај, и во кое време живеел тој?
- Што му ветил Јефтај на Јехова?
- Зошто Јефтај се разжалостил кога се вратил дома откако ги победил Амонците?
- Што рекла ќерката на Јефтај кога дознала што ветил татко ѝ?
- Зошто народот ја сакал ќерката на Јефтај?
Дополнителни прашања
- Прочитај Судиите 10:6-18.
На што нѐ предупредува тоа што Израел му бил неверен на Јехова? (Суд. 10:6, 15, 16; Рим. 15:4; Отк. 2:10).
- Прочитај Судиите 11:1-11, 29-40.
Од каде знаеме дека Јефтај не мислел да ја фрли во оган својата ќерка како човечка жртва кога рекол дека ќе ја даде како "жртва паленица“? (Суд. 11:31; 3. Мој. 16:24; 5. Мој. 18:10, 12).
На кој начин Јефтај ја принел својата ќерка како жртва?
Што можеме да научиме од ставот на Јефтај кон заветот што му го дал на Јехова? (Суд. 11:35, 39; Проп. 5:4, 5; Мат. 16:24).
На кој начин е ќерката на Јефтај одличен пример за младите христијани кои би сакале да служат полновремено? (Суд. 11:36; Мат. 6:33; Фил. 3:8).