Приказна 61: Давид станува цар
САУЛ повторно се обидел да го фати Давид. Тој зел 3.000 од своите најдобри војници и тргнал да го бара. Кога дознал за тоа, Давид испратил извидувачи да дознаат каде ќе логоруваат таа ноќ Саул и неговите луѓе. Тогаш прашал двајца свои луѓе: 'Кој од вас ќе дојде со мене во логорот на Саул?‘
'Јас ќе дојдам‘, одговорил Ависај. Ависај бил син на Давидовата сестра Серуја. Додека Саул и неговите луѓе спиеле, Давид и Ависај тивко се вовлекле во логорот. Тие му ги зеле на Саул копјето и неговиот сад за вода, кои му стоеле до главата. Никој ниту ги видел ниту ги чул затоа што сите длабоко спиеле.
Види ги Давид и Ависај на сликата. Тие веќе заминале и отишле на безбедно место на врвот од ридот. Давид му викнал на заповедникот на израелската војска: 'Авенир, зошто не го чуваше својот господар, царот? Види! Каде му се копјето и садот за вода?‘
Саул се разбудил. Тој го препознал гласот на Давид и прашал: 'Дали си тоа ти, Давиде?‘ Можеш ли да ги видиш Саул и Авенир на долната слика?
'Да, господару мој, царе‘, му одговорил Давид на Саул, а потоа го прашал: 'Зошто се обидуваш да ме фатиш? Што лошо сум ти направил? Еве го твоето копје, о цару. Нека дојде еден од твоите луѓе и нека го земе‘.
'Јас погрешив‘, признал Саул. 'Јас постапив неразумно.‘ Тогаш Давид си отишол по својот пат, а Саул се вратил дома. Но Давид си рекол себеси: 'Еден ден Саул ќе ме убие. Треба да избегам во земјата на Филистејците‘. И токму тоа го направил. Давид успеал да ги измами Филистејците и да ги натера да веруваат дека тој е на нивна страна.
По некое време, Филистејците излегле да се борат против Израел. Во битката биле убиени Саул и Јонатан. Ова многу го растажило Давид, па затоа тој напишал една убава песна во која пеел: 'Жалам за тебе, брате Јонатане. Колку многу ми беше мил!‘
Потоа Давид се вратил во Израел, во градот Хеврон. Таму се водела војна меѓу оние што за цар го избрале Сауловиот син Исвостеј и тие што сакале Давид да биде цар. Но, на крајот победиле луѓето на Давид. Давид имал 30 години кога станал цар. Седум и пол години владеел во Хеврон. Некои од синовите што му се родиле таму се викале Амнон, Авесалом и Адонија.
Дошло време кога Давид и неговите луѓе тргнале да го освојат убавиот град Ерусалим. Јоав, другиот син на Давидовата сестра Серуја, го презел водството во битката. Затоа Давид го наградил Јоав, поставувајќи го за заповедник на својата војска. Тогаш Давид почнал да владее во градот Ерусалим.
1. Самоилова 26:1-25; 27:1-7; 31:1-6; 2. Самоилова 1:26; 3:1-21; 5:1-10; 1. Летописи 11:1-9.
Прашања
- Што направиле Давид и Ависај додека Саул спиел во својот логор?
- Кои прашања му ги поставил Давид на Саул?
- Каде отишол Давид откако заминал откај Саул?
- Зошто Давид многу се растажил, па напишал и една убава песна?
- Колку години имал Давид кога станал цар во Хеврон, и како се викале некои негови синови?
- Во кој град Давид владеел како цар подоцна?
Дополнителни прашања
- Прочитај 1. Самоилова 26:1-25.
Каков став имал Давид кон теократскиот ред, според она што го кажал во 1. Самоилова 26:11? (Пс. 37:7; Рим. 13:2).
Како ни помагаат Давидовите зборови запишани во 1. Самоилова 26:23 да задржиме исправен став кога некој не реагира добро на нашиот искрен напор да покажеме добрина кон него? (1. Цар. 8:32; Пс. 18:20).
- Прочитај 2. Самоилова 1:26.
На кој начин можат христијаните денес 'горливо да се сакаат еден со друг‘ како што се сакале Давид и Јонатан? (1. Пет. 4:8; Кол. 3:14; 1. Јов. 4:12).
- Прочитај 2. Самоилова 5:1-10.
Колку години Давид владеел како цар, и како бил поделен тој период? (2. Сам. 5:4, 5).
Кој го поставил Давид на таа висока положба, и на што нѐ потсетува тоа нас денес? (2. Сам. 5:10; 1. Сам. 16:13; 1. Кор. 1:31; Фил. 4:13).