Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 63: Мудриот цар Соломон

Приказна 63: Мудриот цар Соломон

СОЛОМОН немал ни 20 години кога станал цар. Тој го сакал Јехова и ги следел добрите совети што му ги дал татко му Давид. Јехова бил задоволен со Соломон, па затоа една ноќ го прашал на сон: 'Соломон, што сакаш да ти дадам?‘

Соломон му одговорил: 'Јехова, Боже мој, јас сум многу млад и не знам како да владеам. Затоа, дај ми мудрост за да владеам над твојот народ на исправен начин‘.

Јехова бил задоволен со тоа што го побарал Соломон. Затоа му рекол: 'Бидејќи побара мудрост, а не долг живот или богатство, ќе ти дадам повеќе мудрост отколку на кој и да било друг човек што некогаш живеел. Но ќе ти го дадам и она што не го бараше, и богатство и слава‘.

Кратко време потоа, две жени дошле кај Соломон со еден тежок проблем. 'Оваа жена и јас живееме во иста куќа‘, објаснила едната од нив. 'Јас родив машко дете, а два дена подоцна и таа роди машко дете. Една ноќ, нејзиното бебе умрело. Но додека јас сум спиела, таа го ставила покрај мене своето мртво дете и ми го зела моето синче. Кога се разбудив и го погледнав мртвото дете, видов дека не е мое.‘

Но другата жена рекла: 'Не! Живото дете е мое, а мртвото нејзино!‘ Првата жена одговорила: 'Не! Мртвото дете е твое, а живото мое!‘ И така, тие се расправале. Што направил Соломон?

Тој побарал да му донесат меч и, кога му го донеле, рекол: 'Пресечете го живото бебе на две и дајте ѝ на секоја жена по половина од него‘.

'Не!‘ — писнала вистинската мајка. 'Ве молам, не убивајте го детето. Дајте ѝ го нејзе!‘ Но, другата жена рекла: 'Нека не биде ни мое ни твое! Ајде, пресечете го на две‘.

Цар Соломон решава еден тежок проблем

На крајот Соломон рекол: 'Не убивајте го детето! Дајте ѝ го на првата жена. Таа му е вистинската мајка‘. Соломон го знаел ова бидејќи вистинската мајка толку многу го сакала бебето што била спремна да ѝ го даде на другата жена само за да не биде убиено. Кога народот чул како Соломон го решил проблемот, сите биле задоволни што имале толку мудар цар.

Додека владеел Соломон, Бог го благословувал народот, и така земјата раѓала многу жито и јачмен, грозје и смокви и друга храна. Луѓето носеле убава облека и живееле во убави куќи. Таму за секого имало во изобилство најразлични добри работи.

1. Царевите 3:3-28; 4:25-34.



Прашања

  • Што го прашал Јехова Соломон, и како му одговорил тој?
  • Што му ветил Јехова на Соломон поради тоа што бил задоволен со неговото барање?
  • Каков тежок проблем изнеле пред Соломон две жени?
  • Како го решил Соломон проблемот, како што можеш да видиш на сликата?
  • Каков бил животот додека владеел Соломон, и зошто?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 1. Царевите 3:3-28.

    Што можат да научат мажите што денес имаат одговорности во Божјата организација од искрените зборови на Соломон запишани во 1. Царевите 3:7? (Пс. 119:105; Изр. 3:5, 6).

    На кој начин барањето на Соломон многу добро покажува кои се исправните работи за кои треба да се молиме? (1. Цар. 3:9, 11; Изр. 30:8, 9; 1. Јов. 5:14).

    Како начинот на кој Соломон го решил проблемот со двете жени ни покажува зошто можеме да бидеме сигурни дека Поголемиот Соломон, Исус Христос, во иднина ќе владее многу добро? (1. Цар. 3:28; Иса. 9:6, 7; 11:2-4).

  • Прочитај 1. Царевите 4:29-34.

    Како Јехова му го исполнил барањето на Соломон да му даде послушно срце? (1. Цар. 4:29).

    Каков треба да биде нашиот став кон проучувањето на Божјата реч ако земеме предвид колкав напор вложувале луѓето за да ја чујат мудроста на Соломон? (1. Цар. 4:29, 34; Јован 17:3; 2. Тим. 3:16).