Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 71: Бог ветува рај

Приказна 71: Бог ветува рај

ОВА е слика на рај каков што Бог можеби му покажал на својот пророк Исаија. Исаија живеел кратко по Јона.

Луѓе во рајот

Рај значи "градина“ или "парк“. Дали тоа те потсетува на нешто што веќе го видовме во оваа книга? Многу е слично со убавата градина која Јехова Бог ја направил за Адам и Ева, зар не? Но, ќе биде ли некогаш рај целата Земја?

Јехова му рекол на својот пророк Исаија да напише за претстојниот нов рај во кој ќе живее Божјиот народ. Тој рекол: 'Волците и овците ќе живеат заедно во мир. Телињата и лавчињата ќе јадат заедно, а мали деца ќе се грижат за нив. Дури ни бебето нема да биде повредено ако си игра во близина на отровна змија‘.

'Ова никогаш нема да се случи‘, ќе речат многумина. 'На Земјата отсекогаш имало неволји и секогаш ќе ги има.‘ Но размисли: Каков дом им дал Бог на Адам и Ева?

Бог ги ставил Адам и Ева во еден рај. Само затоа што не го послушале Бог, го изгубиле својот прекрасен дом, остареле и умреле. Бог ветува дека на луѓето што го сакаат ќе им ги даде истите работи кои ги изгубиле Адам и Ева.

Во претстојниот нов рај, ништо нема да биде оштетено или уништено. Ќе постои совршен мир. Сите луѓе ќе бидат здрави и среќни. Ќе биде токму како што Бог сакал да биде на почетокот. Но, подоцна ќе научиме како Бог ќе го направи тоа.

Исаија 11:6-9; Откровение 21:3, 4.



Прашања

  • Кој бил Исаија, кога живеел и што му покажал Јехова?
  • Што значи зборот "рај“, и на што те потсетува тој?
  • Што му рекол Јехова на Исаија да напише за новиот рај?
  • Зошто Адам и Ева го изгубиле својот прекрасен дом?
  • Што им ветил Јехова на оние што го сакаат?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Исаија 11:6-9.

    Како Божјата реч го опишува мирот што ќе постои меѓу животните и луѓето во новиот свет? (Пс. 148:10, 13; Иса. 65:25; Езек. 34:25).

    Како се исполнуваат зборовите на Исаија на духовен начин меѓу Јеховиниот народ денес? (Рим. 12:2; Еф. 4:23, 24).

    Кој помага луѓето да се менуваат и сега и во новиот свет? (Иса. 48:17, 18; Гал. 5:22, 23; Фил. 4:7).

  • Прочитај Откровение 21:3, 4.

    Како покажува Библијата дека тоа што Бог живее со луѓето значи дека тој е присутен на Земјата фигуративно, а не физички? (3. Мој. 26:11, 12; 2. Лет. 6:18; Иса. 66:1; Отк. 21:2, 3, 22-24).

    Какви солзи и болки ќе нема повеќе? (Лука 8:49-52; Рим. 8:21, 22; Отк. 21:4).