Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 72: Бог му помага на цар Езекија

Приказна 72: Бог му помага на цар Езекија

ЗНАЕШ ЛИ зошто овој човек му се моли на Јехова? Зошто ги наредил овие писма пред Јеховиниот жртвеник? Човекот е Езекија. Тој е цар на двете јужни племиња на Израел и се наоѓа во голема неволја. Зошто?

Цар Езекија се моли

Затоа што асирските војски веќе ги уништиле 10-те северни племиња. Јехова дозволил да се случи тоа бидејќи тие луѓе биле многу лоши. А сега асирските војски дошле да се борат против двоплеменското царство.

Царот на Асирија му испратил писма на цар Езекија. Тоа се писмата кои Езекија ги ставил пред Бог. Во писмата бил исмејуван Јехова и му било порачано на Езекија да се предаде. Токму затоа Езекија се молел: 'О Јехова, спаси нѐ од царот на Асирија. Тогаш сите народи ќе знаат дека само ти си Бог‘. Дали Јехова ќе ја исполни молитвата на Езекија?

Езекија бил добар цар. Не бил како лошите цареви на 10-племенското царство Израел или како својот лош татко, царот Ахаз. Езекија се трудел да постапува според сите Јеховини закони. Затоа, откако Езекија завршил со молитвата, пророкот Исаија му ја испратил следнава порака од Јехова: 'Царот на Асирија нема да дојде во Ерусалим. Ниту еден од неговите војници нема ни да му се приближи. Нема да истрелаат ниту една стрела на градот‘.

Погледни ја сликата на оваа страница. Знаеш ли кои се сите тие мртви војници? Тие се Асирци. Јехова испратил ангел и, во една ноќ, ангелот убил 185.000 асирски војници. Затоа, царот на Асирија се откажал и се вратил дома.

Мртви асирски војници

Двоплеменското царство било спасено, и народот имал мир некое време. Но, откако умрел Езекија, цар станал неговиот син Манасија. Манасија и неговиот син Амон, кој владеел по него, биле многу лоши цареви. Затоа земјата повторно се наполнила со злосторства и со насилство. Кога цар Амон бил убиен од своите сопствени слуги, цар на двоплеменското царство станал неговиот син Јосија.

2. Царевите 18:1-36; 19:1-37; 21:1-25.



Прашања

  • Кој е човекот на сликата, и зошто е во голема неволја?
  • Какви писма Езекија ставил пред Бог, и за што се молел тој?
  • Каков цар бил Езекија, и каква порака му испратил Јехова преку пророкот Исаија?
  • Што им направил на Асирците Јеховиниот ангел, како што е покажано на сликата?
  • Иако двоплеменското царство имало мир некое време, што се случило откако умрел Езекија?

Дополнителни прашања

  • Прочитај 2. Царевите 18:1-36.

    Како асирскиот претставник, рапшакот, се трудел да ја ослаби верата на Израелците? (2. Цар. 18:19, 21; 2. Мој. 5:2; Пс. 64:3).

    Како Јеховините сведоци го следат примерот на Езекија кога имаат работа со противници? (2. Цар. 18:36; Пс. 39:1; Изр. 26:4; 2. Тим. 2:24).

  • Прочитај 2. Царевите 19:1-37.

    На кој начин Јеховиниот народ денес постапува како Езекија во тешки времиња? (2. Цар. 19:1, 2; Изр. 3:5, 6; Евр. 10:24, 25; Јак. 5:14, 15).

    Кој трикратен пораз го доживеал цар Сенахирим, и кого тој пророчки го претставува? (2. Цар. 19:32, 35, 37; Отк. 20:2, 3).

  • Прочитај 2. Царевите 21:1-6, 16.

    Зошто може да се рече дека Манасија бил еден од најлошите цареви кои некогаш владееле во Ерусалим? (2. Лет. 33:4-6, 9).