Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 78: Ракопис на ѕидот

Приказна 78: Ракопис на ѕидот
Една рака пишува на ѕидот

ШТО се случува овде? Луѓето имаат голема гозба. Царот на Вавилон поканил илјада важни гости. Тие ги користат златните и сребрените чаши и садови земени од Јеховиниот храм во Ерусалим. Но, наеднаш, прсти од човечка рака се појавуваат во воздухот и почнуваат да пишуваат на ѕидот. Сите се исплашени.

Валтазар и неговите гости

Во тоа време, цар бил Валтазар, внукот на Навуходоносор. Тој заповедал да ги доведат мудреците. 'Кој ќе го прочита напишаното и ќе ми каже што значи‘, рекол царот, 'ќе добие многу дарови и ќе биде трет владетел во царството.‘ Но, никој од мудреците не можел да го прочита напишаното на ѕидот и не можел да каже што значи.

Мајка му на царот ја слушнала вревата и дошла во големата трпезарија. 'Те молам, не биди толку исплашен‘, му рекла таа на царот. 'Во твоето царство има еден човек кој ги познава светите богови. Дедо ти Навуходоносор, кога беше цар, го постави над сите свои мудреци. Тој се вика Даниел. Заповедај да го викнат, и тој ќе ти каже што значи сето ова.‘

Затоа, веднаш го довеле Даниел. Откако одбил да земе каков и да е подарок, Даниел почнал да кажува зошто еднаш Јехова го отстранил од царската положба дедо му на Валтазар, Навуходоносор. 'Тој беше многу горд‘, рекол Даниел. 'И Јехова го казни.‘

'Но ти‘, му рекол Даниел на Валтазар, 'знаеше за сѐ што му се случи, и пак си горд исто како што беше Навуходоносор. Ги донесе чашите и садовите од Јеховиниот храм и пиеше од нив. Фалеше богови направени од дрво и камен, а не му оддаде чест на нашиот Голем Творец. Затоа Бог ја испратил раката да ги напише овие зборови.‘

'Еве што е напишано‘, рекол Даниел, 'МЕНЕ, МЕНЕ, ТЕКЕЛ и ФАРСИН.‘

'МЕНЕ значи дека Бог ги изброил деновите на твоето царство и му ставил крај. ТЕКЕЛ значи дека си измерен на вага, и не си бил добар. ФАРСИН значи дека твоето царство им е дадено на Медијците и на Персијците.‘

Додека Даниел уште зборувал, Медијците и Персијците го нападнале Вавилон. Тие го освоиле градот и го убиле Валтазар. Ракописот на ѕидот се исполнил уште истата ноќ! Но, што се случило потоа со Израелците? Наскоро ќе го откриеме тоа, но прво да видиме што се случило со Даниел.

Даниел 5:1-31.



Прашања

  • Што се случило кога царот на Вавилон приредил голема гозба и ги користел чашите и садовите земени од Јеховиниот храм во Ерусалим?
  • Што им рекол Валтазар на своите мудреци, но што не можеле тие да направат?
  • Што му рекла на царот неговата мајка?
  • Според она што Даниел му го рекол на царот, зошто Бог ја испратил раката да пишува на ѕидот?
  • Како Даниел го објаснил значењето на зборовите напишани на ѕидот?
  • Што се случило додека Даниел уште зборувал?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Даниел 5:1-31.

    Спореди го здравиот страв од Бог со стравот што Валтазар го почувствувал кога го видел ракописот на ѕидот (Дан. 5:6, 7; Пс. 19:9; Рим. 8:35-39).

    Како покажал Даниел голема храброст кога зборувал со Валтазар и со неговите веледостојници? (Дан. 5:17, 18, 22, 26-28; Дела 4:29).

    На кој начин Даниел, 5. поглавје, истакнува дека Јехова има право да владее над сѐ што постои? (Дан. 4:17, 25; 5:21).