Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 83: Ѕидиштата на Ерусалим

Приказна 83: Ѕидиштата на Ерусалим
Работниците повторно ги градат ѕидиштата

ПОГЛЕДНИ на сликата колку голема работа се извршува. Израелците се зафатени со градење на ѕидиштата на Ерусалим. Кога го уништил Ерусалим 152 години пред тоа, царот Навуходоносор ги разурнал ѕидиштата и ги запалил градските порти. Израелците не ги изградиле повторно ѕидиштата веднаш кога се вратиле од Вавилон.

Што мислиш, како се чувствувал народот додека живеел таму сите тие години без ѕидишта околу градот? Не се чувствувал сигурно. Неговите непријатели лесно можеле да влезат и да го нападнат. Но сега, овој човек Неемија конечно му помогнал на народот повторно да ги изгради ѕидиштата. Знаеш ли кој бил Неемија?

Неемија бил Израелец кој дошол од градот Суза, каде што живееле Мардохеј и Естира. Неемија работел во царската палата, па можеби бил добар пријател со Мардохеј и со царицата Естира. Но, Библијата не вели дека Неемија работел за мажот на Естира, царот Ахасвер. Тој работел за следниот цар, царот Артаксеркс.

Се сеќаваш? Артаксеркс бил добриот цар кој му ги дал на Езра сите тие пари да ги однесе во Ерусалим и да го поправи Јеховиниот храм. Но Езра не ги изградил разурнатите градски ѕидишта. Да видиме како дошло до тоа Неемија да ја направи таа работа.

Поминале 13 години откако Артаксеркс му ги дал на Езра парите за да го поправи храмот. Неемија бил главниот пехарник на царот Артаксеркс. Ова значи дека тој го послужувал царот со вино и се грижел никој да не го отруе царот. Тоа било многу важна работа.

Еден ден, брат му на Неемија, Ананиј, и други мажи од земјата Израел дошле да го посетат Неемија. Тие му кажале какви неволји имале Израелците и дека ѕидиштата на Ерусалим сѐ уште биле разурнати. Тоа многу го растажило Неемија, па Неемија му се молел на Јехова за тоа.

Еден ден, царот забележал дека Неемија бил тажен, па го прашал: 'Зошто изгледаш толку тажен?‘ Неемија му кажал дека бил тажен поради тоа што Ерусалим бил во толку лоша состојба и ѕидиштата му биле разурнати. 'Што би сакал ти?‘ — го прашал царот.

Неемија ја надгледува изградбата

'Дозволи ми да одам во Ерусалим‘, рекол Неемија, 'за да можам повторно да ги изградам ѕидиштата.‘ Царот Артаксеркс бил многу добар. Тој му дозволил на Неемија да оди и му помогнал да добие дрва за да заврши дел од изградбата. Набрзо откако дошол во Ерусалим, Неемија му кажал на народот за своите планови. Ним им се допаднала идејата, па рекле: 'Ајде да започнеме со изградбата‘.

Кога виделе дека ѕидиштата се подигаат, нивните непријатели рекле: 'Ќе одиме и ќе ги убиеме, па ќе ја прекинеме изградбата‘. Но, Неемија дознал за тоа, па им дал на работниците мечеви и копја. И рекол: 'Не плашете се од нашите непријатели. Борете се за своите браќа, за своите деца, за своите сопруги и за своите домови‘.

Народот бил многу храбар. Додека работеле дење и ноќе, во секое време биле готови да го употребат своето оружје. Затоа, за само 52 дена ѕидиштата биле завршени. Тогаш народот се чувствувал безбеден во градот. Неемија и Езра го поучувале народот за Божјиот закон, и народот бил среќен.

Но, работите сѐ уште не биле онака како што биле пред Израелците да бидат одведени како затвореници во Вавилон. Над нив владеел царот на Персија, и тие морале да му служат. Но Јехова им ветил дека ќе им испрати нов цар и дека тој цар ќе му донесе мир на народот. Кој е тој цар? Како ќе донесе мир на Земјата? Поминале околу 450 години пред да се дознае нешто повеќе за тоа. Тогаш се родило едно многу важно бебе. Но тоа е друга приказна.

Неемија, поглавја 1-6.



Прашања

  • Како се чувствувале Израелците поради тоа што немале ѕидишта околу својот град Ерусалим?
  • Кој бил Неемија?
  • Што работел Неемија, и зошто било тоа важна работа?
  • Кои вести го растажиле Неемија, и што направил тој?
  • Со што покажал царот Артаксеркс љубезност кон Неемија?
  • Како Неемија ја организирал изградбата за да не можат непријателите на Израел да ги спречат да градат?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Неемија 1:4-6 и 2:1-20.

    Како Неемија побарал водство од Јехова? (Неем. 2:4, 5; Рим. 12:12; 1. Пет. 4:7).

  • Прочитај Неемија 3:3-5.

    Што можат да научат старешините и слугите помошници од разликата што постоела меѓу Текојците и нивните "угледни луѓе“? (Неем. 3:5, 27; 2. Сол. 3:7-10; 1. Пет. 5:5).

  • Прочитај Неемија 4:1-23.

    Што ги мотивирало Израелците да продолжат со изградбата и покрај жестокото противење? (Неем. 4:6, 8, 9; Пс. 50:15; Иса. 65:13, 14).

    На кој начин денес нѐ охрабрува примерот на Израелците?

  • Прочитај Неемија 6:15.

    Како фактот дека ѕидиштата на Ерусалим биле завршени за два месеца покажува колкава моќ има верата? (Пс. 56:3, 4; Мат. 17:20; 19:26).