Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 101: Исус е убиен

Приказна 101: Исус е убиен

ВИДИ колку страшно е тоа што се случило! Исус бил убиен. Луѓето го приковале на столб. Во рацете и во нозете му заковале шајки. Зошто му го направиле ова на Исус?

Исус умира

Затоа што некои го мразеле Исус. Знаеш ли кои биле тие? Еден од нив е злиот ангел Сатана Ѓаволот. Тој е оној што успеал да ги наведе Адам и Ева да му бидат непослушни на Јехова. И Сатана е тој што ги натерал непријателите на Исус да го направат ова ужасно злодело.

Уште пред да биде Исус прикован на столбот, неговите непријатели му направиле зли работи. Се сеќаваш ли како дошле во градината Гетсиманија и го одвеле? Кои биле тие непријатели? Тоа биле верските водачи. Да видиме што се случило понатаму.

Кога верските водачи го одвеле Исус, неговите апостоли се разбегале. Тие го оставиле Исус сам со своите непријатели бидејќи се исплашиле. Но, апостолите Петар и Јован не отишле многу далеку. Тие го следеле за да видат што ќе се случи со него.

Свештениците го одвеле Исус кај старецот Ана, кој порано бил првосвештеник. Мноштвото не останало долго таму. Потоа го одвеле Исус во куќата на Кајафа, кој во тоа време бил првосвештеник. Многу верски водачи се собрале во неговата куќа.

Таму, во куќата на Кајафа, тие одржале судење. Довеле некои луѓе за да кажат лаги за Исус. Сите верски водачи рекле: 'Исус треба да биде убиен‘. Потоа го плукале в лице и го удирале со тупаници.

Додека се случувало сето ова, Петар бил надвор во дворот. Тоа била студена ноќ, па луѓето запалиле оган. Додека се грееле околу огнот, една слугинка го видела Петар и рекла: 'И овој човек беше со Исус‘.

'Не, не сум бил!‘ — одговорил Петар.

Трипати луѓето му рекле на Петар дека бил со Исус. Но, секојпат Петар рекол дека тоа не е вистина. Кога по третпат Петар го рекол ова, Исус се свртел и го погледнал. На Петар му било многу жал што ги кажал овие лаги, па си отишол плачејќи.

Кога сонцето почнало да изгрева во петокот наутро, свештениците го довеле Исус во своето големо место за состанување, во салата на Судскиот совет. Таму зборувале за тоа што да прават со него. Тогаш го одвеле кај Понтиј Пилат, владетелот на областа Јудеја.

'Ова е еден лош човек‘, му рекле свештениците на Пилат. 'Треба да биде убиен!‘ Откако му поставил на Исус неколку прашања, Пилат рекол: 'Не можам да видам дека направил нешто лошо‘. Тогаш Пилат го испратил Исус кај Ирод Антипа. Ирод бил владетел во Галилеја, но тогаш престојувал во Ерусалим. Ниту Ирод не можел да види дека Исус направил нешто лошо, па затоа го вратил кај Пилат.

Пилат сакал да го пушти Исус. Но, Исусовите непријатели сакале наместо него да биде пуштен друг затвореник. Тоа бил разбојникот Варава. Околу пладне, Пилат го извел Исус. Тој му рекол на народот: 'Еве го вашиот цар!‘ Но, главните свештеници извикувале: 'Носи го оттука! Убиј го! Убиј го!‘ Затоа Пилат го ослободил Варава, а Исус го одвеле да биде убиен.

Во петокот околу пладне, Исус бил прикован на столб. Не можеш да ги видиш на сликата, но од двете страни на Исус бил убиен на столб по еден злосторник. Кратко пред Исус да умре, еден од злосторниците му рекол: 'Сети се на мене кога ќе дојдеш во своето царство‘. А Исус му одговорил: 'Ти ветувам дека ќе бидеш со мене во рајот‘.

Зарем тоа не е прекрасно ветување? Знаеш ли за кој рај зборувал Исус? Каде бил рајот што Бог го направил на почетокот? Да, на Земјата. А кога Исус ќе владее како цар на небото, ќе го оживее овој човек за да се радува на новиот Рај на Земјата. Зарем не сме среќни поради ова?

Матеј 26:57-75; 27:1-50; Лука 22:54-71; 23:1-49; Јован 18:12-40; 19:1-30.



Прашања

  • Кој бил првенствено одговорен за Исусовата смрт?
  • Што направиле апостолите кога верските водачи го одвеле Исус?
  • Што се случило во куќата на првосвештеникот Кајафа?
  • Зошто Петар си отишол плачејќи?
  • Што извикувале главните свештеници откако го вратиле Исус кај Пилат?
  • Што му се случило на Исус во петокот околу пладне, и што му ветил на злосторникот што висел на столбот до него?
  • Каде ќе биде Рајот за кој зборувал Исус?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Матеј 26:57-75.

    На кој начин членовите на еврејскиот врховен суд покажале дека биле злобни во срцето? (Мат. 26:59, 67, 68).

  • Прочитај Матеј 27:1-50.

    Зошто можеме да кажеме дека Јуда не се каел вистински? (Мат. 27:3, 4; Мар. 3:29; 14:21; 2. Кор. 7:10, 11).

  • Прочитај Лука 22:54-71.

    Што можеме да научиме од тоа што Петар се откажал од Исус ноќта кога Исус бил предаден и уапсен? (Лука 22:60-62; Мат. 26:31-35; 1. Кор. 10:12).

  • Прочитај Лука 23:1-49.

    Како реагирал Исус на неправдата што му била нанесена, и која поука можеме да ја извлечеме од тоа? (Лука 23:33, 34; Рим. 12:17-19; 1. Пет. 2:23).

  • Прочитај Јован 18:12-40.

    Што е покажано со тоа дека, иако не постапил исправно поради страв од човек, Петар се поправил и станал многу добар апостол? (Јован 18:25-27; 1. Кор. 4:2; 1. Пет. 3:14, 15; 5:8, 9).

  • Прочитај Јован 19:1-30.

    Кое урамнотежено гледиште за материјалните работи го имал Исус? (Јован 2:1, 2, 9, 10; 19:23, 24; Мат. 6:31, 32; 8:20).

    Во која смисла зборовите што ги кажал Исус пред да умре биле победоносна изјава дека тој го поддржал Јеховиното право да владее? (Јован 16:33; 19:30; 2. Пет. 3:14; 1. Јов. 5:4).