Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 90: Со жената на бунарот

Приказна 90: Со жената на бунарот

ИСУС застанал да се одмори покрај еден бунар во Самарија. Неговите ученици отишле в град да купат храна. Жената со која Исус зборувал дошла да земе вода. Тој ѝ рекол: 'Дај ми да пијам‘.

Исус зборува со една Самарјанка

Ова многу ја изненадило жената. Знаеш ли зошто? Затоа што Исус бил Евреин, а таа била Самарјанка. Повеќето Евреи не ги сакале Самарјаните. Тие не сакале дури ни да зборуваат со нив! Но Исус ги сака сите луѓе. Затоа рекол: 'Кога би знаела кој е тој што бара од тебе да пие вода, ти би побарала од него и тој би ти дал животодавна вода‘.

'Господине‘, му рекла жената, 'бунарот е длабок, а ти немаш дури ни кофа. Од каде ќе ја извадиш таа животодавна вода?‘

'Ако пиеш вода од овој бунар, повторно ќе ожедниш‘, ѝ објаснил Исус, 'но водата што јас ја давам може да направи човек да живее засекогаш.‘

'Господине‘, му рекла жената, 'дај ми ја таа вода! Тогаш нема никогаш повеќе да ожеднам. И повеќе нема да морам да доаѓам овде за да земам вода.‘

Жената мислела дека Исус зборува за вистинска вода. Но, тој зборувал за вистината во врска со Бог и со неговото царство. Оваа вистина е како животодавна вода. Таа може да му даде на човекот вечен живот.

Тогаш Исус ѝ рекол на жената: 'Оди, викни го својот маж и врати се‘.

'Јас немам маж‘, одговорила таа.

'Точно одговори‘, ѝ рекол Исус. 'Но ти си имала пет мажи, а човекот со кого сега живееш не ти е маж.‘

Жената била зачудена бидејќи сето тоа било вистина. Од каде ги знаел Исус тие работи? Бог му ги кажал поради тоа што Исус бил тој што Бог го ветил и го испратил. Во тој момент се вратиле Исусовите ученици и се изненадиле што тој зборувал со една Самарјанка.

Што можеме да научиме од сето ова? Ова покажува дека Исус бил љубезен кон сите луѓе. И ние треба да бидеме такви. Не треба да мислиме дека некои луѓе се лоши само затоа што потекнуваат од некој друг народ. Исус сака сите луѓе да ја знаат вистината која води до вечен живот. И ние треба да сакаме да им помогнеме на луѓето да ја дознаат вистината.

Јован 4:5-43; 17:3.



Прашања

  • Зошто Исус застанал покрај еден бунар во Самарија, и што ѝ рекол на една жена што дошла таму?
  • Зошто жената била изненадена? Што ѝ рекол Исус, и зошто го рекол тоа?
  • За каква вода жената мислела дека зборувал Исус, но на каква вода, всушност, мислел тој?
  • Зошто жената била зачудена од она што Исус го знаел за неа, и од каде ги дознал тие работи?
  • Што можеме да научиме од извештајот за жената на бунарот?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Јован 4:5-43.

    Ако го следиме Исусовиот пример, каков став ќе покажуваме кон луѓето што немаат иста боја на кожата како нас и живеат во поинакви услови од нас? (Јован 4:9; 1. Кор. 9:22; 1. Тим. 2:3, 4; Тит 2:11).

    Каква духовна корист добива некој што станува ученик на Исус? (Јован 4:14; Иса. 58:11; 2. Кор. 4:16).

    Како можеме да покажеме ценење како Самарјанката, која имала желба да им го каже на другите тоа што го научила? (Јован 4:7, 28; Мат. 6:33; Лука 10:40-42).