Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 97: Исус доаѓа како Цар

Приказна 97: Исус доаѓа како Цар

КРАТКО време откако ги излекувал двајцата слепи просјаци, Исус дошол во едно селце во близината на Ерусалим. Тој им рекол на двајца свои ученици: 'Појдете во селоно и таму ќе најдете едно младо магаре. Одврзете го и доведете ми го‘.

Кога му го довеле магарето, Исус седнал на него и одјавал во Ерусалим, кој не бил многу далеку. Кога се приближил до градот, големо мноштво луѓе излегле да го пречекаат. Повеќето од нив ги соблекле наметките и ги послале на патот. Други, пак, отсекле палмови гранки, па и нив ги послале на патот и извикувале: 'Бог да го благослови царот кој доаѓа во Јеховино име!‘

Луѓето го пречекуваат Исус

Многу одамна, новите цареви во Израел влегувале во Ерусалим јавајќи на младо магаре за да може народот да ги види. Токму тоа го направил и Исус. А овие луѓе покажале дека сакаат Исус да им биде цар. Но сите луѓе ја немале таа желба. Тоа можеме да го видиме од она што се случило кога Исус отишол во храмот.

Во храмот Исус излекувал луѓе кои биле слепи и сакати. Кога го виделе тоа, малите деца гласно го фалеле Исус. Но тоа ги налутило свештениците, па му рекле на Исус: 'Слушаш ли што велат децава?‘

'Да, слушам‘, им одговорил Исус. 'Зарем никогаш не сте читале во Библијата каде што се вели: "Од устата на малите деца Бог ќе си донесе фалба?“‘ Така децата продолжиле да го фалат Божјиот цар.

Ние сакаме да бидеме како тие деца, нели? Некои луѓе можеби ќе се обидат да нѐ спречат да зборуваме за Божјето Царство. Но, ние ќе продолжиме и понатаму да им кажуваме на другите за прекрасните работи кои Исус ќе ги направи за луѓето.

Кога Исус бил на Земјата, не било време да почне да владее како цар. Кога ќе дојде тоа време? Исусовите ученици сакале да знаат. За тоа ќе читаме во следната приказна.

Матеј 21:1-17; Јован 12:12-16.



Прашања

  • Што им рекол Исус на своите ученици да направат кога дошле во едно селце во близина на Ерусалим?
  • Што се случило кога Исус се приближил до градот Ерусалим, како што гледаш на сликата?
  • Што правеле малите деца кога виделе дека Исус ги излекувал луѓето кои биле слепи и сакати?
  • Што им одговорил Исус на налутените свештеници?
  • Како можеме да бидеме како децата што го фалеле Исус?
  • Што сакале да знаат учениците?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Матеј 21:1-17.

    Како начинот на кој Исус влегол во Ерусалим како Цар се разликува од начинот на кој влегувале римските генерали кога се враќале од војна во која победиле? (Мат. 21:4, 5; Зах. 9:9; Фил. 2:5-8; Кол. 2:15).

    Каква поука можат да извлечат младите од израелските момчиња кои цитирале од Псалм 118 додека Исус влегувал во храмот? (Мат. 21:9, 15; Пс. 118:25, 26; 2. Тим. 3:15; 2. Пет. 3:18).

  • Прочитај Јован 12:12-16.

    Што симболизирало тоа што луѓето користеле палмови гранки за да го поздрават Исус? (Јован 12:13; Фил. 2:10; Отк. 7:9, 10).