Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 112: Бродолом на еден остров

Приказна 112: Бродолом на еден остров

ГЛЕДАЈ! Бродот е во неволја! Се искршил на парчиња! Ги гледаш ли луѓето што скокнале во водата? Некои веќе дошле на брегот. Зарем ова не е Павле? Ајде да видиме што се случило со него.

Преживеаните од бродоломот

Се сеќаваш ли дека Павле бил две години во затвор во Цезареја? Потоа тој и некои други затвореници се качиле на брод и тргнале кон Рим. Кога поминале покрај островот Крит, ги зафатило големо невреме. Ветрот дувал толку силно што луѓето не можеле да управуваат со бродот. И не можеле ниту да го видат сонцето дење ниту ѕвездите ноќе. На крајот, по многу денови, оние што биле на бродот изгубиле секаква надеж дека ќе се спасат.

Тогаш Павле станал и рекол: 'Ниту еден од вас нема да го изгуби својот живот, туку само бродот ќе биде изгубен. Зашто, минатата ноќ еден Божји ангел дојде кај мене и ми рече: "Не плаши се, Павле! Ти мора да излезеш пред римскиот владетел, цезарот. А Бог ќе ги спаси сите што пловат со тебе“‘.

Околу полноќ на 14-тиот ден откако започнала бурата, морнарите забележале дека водата станувала сѐ поплитка! Од страв дека во темнината ќе удрат во карпи, ги спуштиле котвите. Следното утро здогледале еден залив. Одлучиле да се обидат да пловат со бродот до самата плажа.

Но, кога се приближиле до брегот, бродот удрил во еден песочен нанос и се заринкал. Тогаш брановите почнале да удираат во бродот, и тој почнал да се крши на парчиња. Но одговорниот воен заповедник рекол: 'Сите вие што знаете да пливате, први скокнете во морето и пливајте до брегот. Вие останатите скокнете по нив и фатете некои парчиња од бродот за да се придржувате за нив‘. И токму тоа го направиле. На тој начин, сите 276 лица кои биле на бродот безбедно стигнале на брегот, токму како што ветил ангелот.

Островот се вика Малта. Островјаните биле многу љубезни и се грижеле за луѓето од бродот. Кога времето станало подобро, го качиле Павле на друг брод и го одвеле во Рим.

Дела 27:1-44; 28:1-14.



Прашања

  • Што се случило со бродот на кој се наоѓал Павле кога поминал покрај островот Крит?
  • Што им рекол Павле на оние што биле на бродот?
  • Како бродот се искршил на парчиња?
  • Кои упатства ги дал воениот заповедник, и колку луѓе безбедно стигнале на брегот?
  • Како се викал островот на кој стигнале, и што му се случило на Павле кога времето станало подобро?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Дела 27:1-44.

    Како нашата доверба во точноста на библискиот запис се зајакнува кога го читаме извештајот за патувањето на Павле до Рим? (Дела 27:16-19, 27-32; Лука 1:3; 2. Тим. 3:16, 17).

  • Прочитај Дела 28:1-14.

    Ако паганските жители на Малта биле поттикнати да постапуваат со "несекојдневна љубезност“ со апостол Павле и со оние што со него доживеале бродолом, на што треба да бидат поттикнати христијаните и особено на кој начин? (Дела 28:1, 2; Евр. 13:1, 2; 1. Пет. 4:9).