Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Приказна 116: Што да сториме за да живееме засекогаш

Приказна 116: Што да сториме за да живееме засекогаш

ГЛЕДАШ ЛИ што чита девојчето со своите другарчиња? Да, тоа е истата оваа книга што ја читаш и ти — Мојата книга со библиски приказни. И тие ја читаат истата приказна — "Што да сториме за да живееме засекогаш“.

Детето чита

Знаеш ли што учат? Прво, дека треба да ги познаваме Јехова и неговиот Син Исус ако сакаме да живееме засекогаш. Библијата вели: 'Ќе живееме засекогаш ако учиме за единствениот вистински Бог и за Синот, кого тој го испратил на земјата, Исус Христос‘.

Како можеме да учиме за Јехова Бог и за неговиот Син Исус? Еден начин е да ја прочитаме Мојата книга со библиски приказни од почеток до крај. Таа многу ни кажува за Јехова и за Исус, нели? Кажува многу и за работите што ги направиле и за работите кои допрва ќе ги направат. Но, не е доволно само да ја прочитаме оваа книга.

Библија

Ја гледаш ли другата книга што лежи на подот? Тоа е Библијата. Некој нека ти ги чита деловите од Библијата врз кои се темелени приказните од оваа книга. Библијата ни ги дава сите информации што ни се потребни за да можеме сите да му служиме на Јехова на исправен начин и да добиеме вечен живот. Затоа, треба да ни стане навика често да ја проучуваме Библијата.

Но, само да се учи за Јехова Бог и за Исус Христос не е доволно. Ние можеме многу, многу да знаеме за нив и за нивните учења, а сепак да не добиеме вечен живот. Знаеш ли што друго е потребно?

Треба и да живееме во склад со тоа што го учиме. Се сеќаваш ли на Јуда Искариот? Тој бил еден од 12-темина кои Исус ги избрал да му бидат апостоли. Јуда знаел многу работи за Јехова и за Исус. Но што се случило со него? По некое време станал себичен и го предал Исус на неговите непријатели за 30 сребреници. Затоа Јуда нема да добие вечен живот.

Се сеќаваш ли на Гиезиј, за кого учевме во 69-тата приказна? Тој сакал да добие облека и пари кои не му припаѓале нему. Затоа, излажал за да ги добие тие работи. Но, Јехова го казнил. Тој ќе нѐ казни и нас ако не ги слушаме неговите закони.

Но, има голем број добри луѓе кои секогаш верно му служеле на Јехова. Ние сакаме да бидеме како нив, нели? Малиот Самоил е добар пример за нас. Се сеќаваш? Во 55-тата приказна видовме дека тој немал ни полни пет години кога започнал да му служи на Јехова во неговиот свет шатор. Затоа, не е важно колку си мал, ти не си премал за да му служиш на Јехова.

Се разбира, оној кого сите сакаме да го следиме е Исус Христос. Дури и кога бил дете, како што се гледа во 87-та приказна, тој бил во храмот и разговарал со другите за својот небесен Татко. Да го следиме неговиот пример! Да им кажуваме на колку што е можно повеќе луѓе за нашиот прекрасен Бог Јехова и за неговиот Син, Исус Христос. Ако ги правиме овие работи, тогаш ќе можеме да живееме засекогаш во Божјиот нов рај на Земјата.

Јован 17:3; Псалм 145:1-21.



Прашања

  • Кого треба да го познаваме ако сакаме да живееме засекогаш?
  • На кој начин можеме да учиме за Јехова Бог и за Исус, како што тоа го прави девојчето со своите другарчиња на сликата?
  • Која друга книга ја гледаш на сликата, и зошто треба често да ја читаме?
  • Што друго е потребно за да стекнеме вечен живот освен што треба да учиме за Јехова и за Исус?
  • Што можеме да научиме од 69. приказна?
  • Што покажува добриот пример на малиот Самоил во 55. приказна?
  • Како можеме да го следиме примерот на Исус Христос, и ако го следиме, што ќе добиеме во иднина?

Дополнителни прашања

  • Прочитај Јован 17:3.

    Како покажува Библијата дека учењето за Јехова Бог и за Исус Христос не значи само памтење податоци? (Мат. 7:21; Јак. 2:18-20; 1. Јов. 2:17).

  • Прочитај Псалм 145:1-21.

    Наброј некои од многуте причини што ги имаме за да го фалиме Јехова (Пс. 145:8-11; Отк. 4:11).

    На кој начин Јехова е "добар кон сите“, и како треба тоа да нѐ зближи уште повеќе со него? (Пс. 145:9; Мат. 5:43-45).

    Ако Јехова ни е мил, што ќе бидеме поттикнати да правиме? (Пс. 119:171, 172, 175; 145:11, 12, 21).