Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 57

Еремија добил задача да проповеда

Еремија добил задача да проповеда

Јехова го избрал Еремија да биде пророк во Јуда. Му рекол да им проповеда на луѓето и да им кажува да не прават лоши работи. Еремија рекол: „Ама Јехова, јас сум уште дете. Не знам што да им кажам на луѓето“. Јехова му рекол: „Не плаши се. Јас ќе ти кажам што да им пренесеш. Нема да бидеш сам — јас ќе бидам со тебе“.

Јехова му рекол на Еремија да ги собере старешините, да скрши пред нив една стомна и да им рече: „Истото го чека и Ерусалим“. Кога Еремија го направил тоа, старешините многу се налутиле. Еден свештеник по име Пасхор го удрил Еремија и му ги ставил рацете и нозете во дрвена клада. Цела ноќ, Еремија не можел ни да мрдне. Следното утро, Пасхор го ослободил. Еремија си рекол: „Не можам да го издржам ова. Повеќе нема да проповедам“. Дали Еремија навистина се откажал од својата задача? Не. Откако малку размислил, тој рекол: „Тоа што Јехова сака да им го кажам на луѓето гори во мене како оган. Не можам да не проповедам“. Така Еремија продолжил да ги опоменува луѓето како што му рекол Јехова.

По неколку години, во Јуда завладеал нов цар. На свештениците и на лажните пророци многу им пречела пораката што ја пренесувал Еремија. Тие им рекле на кнезовите: „Овој човек заслужува да умре“. Еремија рекол: „Ако ме убиете, ќе убиете невин човек. Јас не зборувам што ќе ми текне, туку зборувам само што ќе ми рече Јехова“. Кога кнезовите го слушнале тоа, рекле: „Овој човек не заслужува да умре“.

Еремија продолжил да проповеда, и кнезовите многу се налутиле. Тие му рекле на царот да го погуби Еремија. Царот им дозволил да прават што сакаат со него. Така тие го зеле, го фрлиле во една длабока јама полна со кал и мислеле дека таму ќе умре. Еремија почнал да пропаѓа во калта и не можел да излезе.

Но, царскиот дворјанин Авде-Мелех му рекол на царот: „Кнезовите го фрлија Еремија во јама! Ако не го извадиме, ќе умре“. Царот му дозволил на Авде-Мелех да земе со себе 30 луѓе и да го извлече Еремија од јамата. Што мислиш, дали треба и ние да бидеме како Еремија и да не дозволиме ништо да нѐ спречи да проповедаме?

„Сите ќе ве мразат поради моето име. Но кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Матеј 10:22)