Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 77

Жената кај бунарот

Жената кај бунарот

По Пасхата, Исус и неговите ученици тргнале назад кон Галилеја преку Самарија. Во близина на градот Сихар, Исус застанал кај бунарот на Јаков. Додека таму се одмарал, неговите ученици отишле во градот за да купат храна.

По некое време, кај бунарот дошла една жена да нацрпи вода. Исус ѝ рекол: „Дај ми малку вода“. Таа му рекла: „Зошто ми зборуваш кога знаеш дека сум Самарјанка? Евреите не зборуваат со Самарјаните“. Исус ѝ одговорил: „Да знаеше кој сум, ти ќе ми побараше вода и ќе добиеше вода што дава живот“. Таа го прашала: „Ама како? Немаш ни кофа да нацрпиш вода“. Исус ѝ рекол: „Секој што ќе се напие од водата што јас ја давам никогаш повеќе нема да биде жеден“. Тогаш жената му рекла: „Господине, дај ми од таа вода“.

Исус ѝ рекол: „Викни го маж ти да дојде“. Таа одговорила: „Немам маж“. Исус ѝ рекол: „Така е. Си била мажена пет пати, а сега живееш со човек со кого не си во брак“. Жената рекла: „Гледам дека си пророк. Мојот народ верува дека можеме да му служиме на Бог на оваа планина, но Евреите велат дека мора да му служиме во Ерусалим. Ама кога ќе дојде Месијата, тој ќе ни каже како да му служиме на Бог“. Тогаш Исус кажал нешто што дотогаш не го кажал на никого: „Јас сум Месијата“.

Жената брзо отишла во градот и им рекла на Самарјаните: „Мислам дека го најдов Месијата. Знае сѐ за мене. Дојдете и видете сами!“ Тие отишле со неа кај бунарот, и таму Исус почнал да ги поучува.

Самарјаните го викнале Исус да остане во нивниот град. Тој останал таму два дена за да ги поучува луѓето, и многумина поверувале во него. Тие ѝ рекле на Самарјанката: „Сега, откако слушнавме што кажува овој човек, знаеме дека тој е оној што ќе го спаси светот“.

„’Дојди!‘ И секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17)