Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 14

Биди чесен во сѐ

Биди чесен во сѐ

„Сакаме во сѐ да постапуваме чесно“ (ЕВРЕИТЕ 13:18)

1-2. Како се чувствува Јехова кога се трудиме да бидеме чесни?

 ЕДНО дете, враќајќи се дома од училиште, на патот наоѓа паричник полн со пари. Што ќе направи? Би можело да го задржи. Но не го прави тоа, туку му го враќа на сопственикот. Кога дознава како постапило нејзиното синче, мајката многу се гордее со него.

2 Повеќето родители се радуваат кога нивните деца се чесни. И нашиот небесен Татко, Јехова, кој е Бог на вистината, се радува кога постапуваме така (Псалм 31:5). Ние сакаме да го радуваме неговото срце и да постапуваме чесно во сѐ (Евреите 13:18). Ќе разгледаме четири подрачја од животот на кои не е баш лесно да се биде чесен. Потоа ќе видиме какви благослови ќе имаме ако постапуваме чесно.

ЧЕСНИ И ИСКРЕНИ СО САМИТЕ СЕБЕ

3-5. а) Како би можеле да се залажуваме самите себе? б) Што може да ни помогне да бидеме чесни и искрени со себеси?

3 За да бидеме чесни со другите, мора прво да бидеме чесни и искрени со самите себе. Но, ова не е секогаш лесно. Во првиот век, христијаните од собранието во Лаодикија се залажувале себеси мислејќи си дека го радуваат Бог, но всушност, не било така (Откровение 3:17). И нам би можело да ни се случи истото, односно да бидеме во заблуда во врска со тоа какви личности навистина сме.

4 Ученикот Јаков напишал: „Ако некој мисли дека го почитува Бог на исправен начин, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговото почитување е залудно“ (Јаков 1:26). Би можеле да се залажуваме самите себе ако си мислиме дека, сѐ додека правиме некои добри работи, на Јехова нема да му пречи тоа што сме груби, саркастични или кажуваме лаги. Што може да ни помогне да не паднеме во оваа замка?

5 Кога ќе се погледнеме во огледало, можеме да видиме како изгледаме однадвор. А кога ја читаме Библијата, можеме да видиме какви сме одвнатре. Таа ни помага да ги согледаме нашите јаки страни и нашите слабости, и да сфатиме какви промени треба да направиме во начинот на кој размислуваме, постапуваме и зборуваме. (Прочитај Јаков 1:23-25.) Но, ако си мислиме дека немаме никакви маани, тогаш нема да можеме да ги направиме потребните промени. Затоа е важно да ја користиме Библијата за искрено да се преиспитаме (Плач Еремиин 3:40; Агеј 1:5). Во тоа може да ни помогне и молитвата. Можеме да го молиме Јехова да го испита нашето срце и да ни помогне да ги видиме нашите слабости и маани за да ги исправиме (Псалм 139:23, 24). Секогаш да имаме на ум дека „на Јехова му е одвратен расипаниот човек, а близок е со справедливите“ (Изреки 3:32).

ЧЕСНИ И ИСКРЕНИ ВО СЕМЕЈСТВОТО

6. Зошто брачните другари треба да се чесни и искрени еден со друг?

6 Многу е важно да бидеме чесни со членовите на нашето семејство. Кога мажот и жената се искрени еден со друг, се чувствуваат сигурно и можат да имаат доверба еден во друг. Некој би можел да биде нечесен кон својот брачен другар доколку почне да флертува, да гледа порнографија или тајно да одржува романтична врска со некого. Забележи што рекол псалмистот: „Не седам со луѓе што зборуваат невистина и не одам кај оние што прикриваат какви се“ (Псалм 26:4). Дури и ако само во мислите си нечесен со својот брачен другар, тоа лошо ќе се одрази врз вашиот брак.

Брзо отфрли го она што може да ти го загрози бракот

7-8. Како можеш со помош на Библијата да ги поучиш децата да бидат чесни?

7 Важно е и децата да научат дека треба да бидат чесни. Родителите можат да ги поучат за тоа со помош на Библијата. Во неа се запишани извештаи за луѓе кои биле нечесни: Ахан, кој станал крадец; Гиезиј, кој лажел за да добие пари; и Јуда, кој крадел пари и подоцна го издал Исус за 30 сребреници (Исус Навин 6:17-19; 7:11-25; 2. Царевите 5:14-16, 20-27; Матеј 26:14, 15; Јован 12:6).

8 Во Библијата се спомнуваат и луѓе кои биле чесни: Јаков, кој ги поттикнал своите синови да ги вратат парите што ги нашле; Јефтај и неговата ќерка, кои го одржале ветувањето што тој му го дал на Бог; и Исус, кој бил чесен дури и во тешки ситуации (1. Мојсеева 43:12; Судиите 11:30-40; Јован 18:3-11). Ваквите примери можат да им помогнат на децата да сфатат колку е важно да бидат чесни.

9. Како ќе им помогне на децата тоа што родителите се чесни?

9 Родителите може да извлечат поука од ова важно библиско начело: „Зарем ти, кој учиш други, не се учиш самиот себе? Зарем ти, кој проповедаш: ’Не кради‘, крадеш?“ (Римјаните 2:21). Децата забележуваат кога нивните родители кажуваат едно, а прават друго. Ако им кажуваат да бидат чесни, а самите не се, децата ќе бидат збунети. Ако забележат дека нивните родители лажат, дури и за мали работи, веројатно и тие ќе го прават истото. (Прочитај Лука 16:10.) Од друга страна, кога децата гледаат дека нивните родители се чесни, тоа ќе им помогне еден ден, кога и самите ќе бидат родители, да бидат добар пример во тој поглед (Изреки 22:6; Ефешаните 6:4).

ЧЕСНИ И ИСКРЕНИ ВО СОБРАНИЕТО

10. Како може со нашите разговори да покажеме дека сме чесни и искрени кон браќата и сестрите?

10 Важно е да бидеме чесни и искрени и со нашите браќа и сестри. Лесно може да се случи еден обичен разговор да премине во оговарање, па дури и во клеветење. Ако пренесуваме информации за кои не сме сигурни дека се вистинити, би можеле да шириме лаги. Затоа е најдобро да пазиме што кажуваме (Изреки 10:19). Да бидеме чесни и искрени не значи дека треба да кажеме сѐ што мислиме, знаеме или сме слушнале. Дури и ако она што сакаме да го пренесеме е вистина, можеби тоа не е наша работа, а можеби не е ни потребно ни обѕирно да го кажуваме на други (1. Солуњаните 4:11). Некои луѓе си бараат изговори за тоа што се груби, велејќи: „Јас сум само искрен“. Но, како Божји слуги, ние сакаме нашите зборови секогаш да бидат пријатни и љубезни. (Прочитај Колошаните 4:6.)

11-12. а) Зошто некој што направил грев треба искрено да зборува за тоа со старешините? б) Како не треба да размислуваме ако дознаеме дека некој наш пријател направил грев, и зошто? в) Како ќе покажеме дека сме чесни со Јеховината организација?

11 Јехова им ја дал на старешините одговорноста да му помагаат на собранието. Но, тие ќе можат да ни помогнат само ако сме искрени со нив. Размисли за следново: Ако си болен и одиш на преглед, зарем нема да му ги кажеш на лекарот сите симптоми што ги имаш? Доколку не си искрен со него, како ќе ти помогне? На сличен начин, ако сме направиле некој сериозен грев, не треба да лажеме во врска со тоа. Треба да одиме кај старешините и искрено да им кажеме што се случило (Псалм 12:2; Дела 5:1-11). Сега размисли за една друга ситуација: Дознаваш дека твојот пријател направил сериозен грев (3. Мојсеева 5:1). Дали ќе си речеш: „Ако кажам за ова, ќе испадне дека не сум му пријател“? Или, пак, ќе го имаш на ум тоа дека старешините можат да му ја пружат потребната помош за да си го обнови и зајакне пријателството со Јехова? (Евреите 13:17; Јаков 5:14, 15).

12 Треба да бидеме чесни и со Јеховината организација, на пример, кога го пополнуваме нашиот извештај за служба и кога пополнуваме молби за пионерска или за некој друг вид служба. (Прочитај Изреки 6:16-19.)

13. Како можеме да бидеме чесни ако имаме деловна соработка со некој соверник?

13 Ние, како христијани, не извршуваме деловни работи кога сме во салата за состаноци или во служба. Освен тоа, не ги искористуваме нашите браќа и сестри кога станува збор за некоја деловна работа. Ако водиш свој бизнис и имаш вработено Јеховини сведоци, треба да им ја даваш платата на време, како и сумата што си им ја ветил. Исто така, треба да им го исплаќаш сето она што им следува со закон, како на пример, здравствено осигурување или платен одмор (1. Тимотеј 5:18; Јаков 5:1-4). А доколку си вработен кај некој соверник, немој да очекуваш посебен третман (Ефешаните 6:5-8). Држи се за работното време за кое си се согласил и извршувај ја работата за која си платен (2. Солуњаните 3:10).

14. Што треба да направат христијаните пред да започнат некој заеднички бизнис?

14 Но, што ако започнуваш бизнис со некој брат или сестра? Ова може да вклучува вложување пари или земање кредит. За вакви ситуации има едно многу корисно библиско начело: Направи писмен договор! Кога купил парче земја, пророкот Еремија направил купопродажен договор во два примерока, од кои едниот го заверил пред сведоци. Потоа и двата документи ги ставил на сигурно место во случај да му притребаат во иднина (Еремија 32:9-14; види и 1. Мојсеева 23:16-20). Некои сметаат дека, ако направат писмен договор, ќе изгледа како да немаат доверба во братот со кој започнуваат бизнис. Но всушност, со таквиот договор може да се спречат многу недоразбирања, разочарувања и расправии. Дури и кога станува збор за деловни работи, да имаме на ум дека мирот во собранието е далеку поважен од кој и да било деловен потфат (1. Коринќаните 6:1-8; види Белешка 30).

ЧЕСНИ ВО СВЕТОТ ВО КОЈ ЖИВЕЕМЕ

15. Како гледа Јехова на нечесноста во деловниот свет?

15 Мора да бидеме чесни со сите, вклучувајќи ги и луѓето кои не се Јеховини сведоци. На Бог му е многу важно да бидеме чесни. „Лажната вага му е одвратна на Јехова, а точниот тег му е пријатен“ (Изреки 11:1; 20:10, 23). Во библиско време, луѓето честопати користеле вага и тегови кога тргувале. Но, некои трговци ги мамеле своите муштерии така што им скратувале од количината за која се договориле или, пак, им наплаќале поголема сума. И денес, нечесните постапки се вообичаени во деловниот свет. Сепак, Јехова ја мрази нечесноста исто како што ја мразел и во минатото.

16-17. Кои нечесни постапки треба да ги избегнуваме?

16 Сите ние понекогаш се наоѓаме во ситуации во кои би можело да ни се случи да постапиме нечесно, како на пример, кога поднесуваме молба за работа, кога пополнуваме формулари од државни институции или кога правиме тест на училиште. Многумина сметаат дека нема ништо погрешно во тоа да се лаже, да се преувеличува или да се даваат одговори кои наведуваат на погрешен заклучок. Ова не нѐ изненадува. Библијата прорекла дека во последните денови на овој поредок луѓето ќе бидат „себељубиви, алчни за пари... без љубов кон добротата“ (2. Тимотеј 3:1-5).

17 Понекогаш можеби изгледа дека нечесните луѓе се успешни во животот (Псалм 73:1-8). Од друга страна, еден христијанин може да ја изгуби работата, да претрпи финансиска загуба или да биде малтретиран на работа поради тоа што постапува чесно. Но, зошто вреди да се биде чесен дури и кога тоа не е лесно?

КОИ БЛАГОСЛОВИ ГИ НОСИ ЧЕСНОСТА

18. Зошто вреди да бидеш познат како чесен човек?

18 Многу вреди да бидеш познат како чесен човек во кого може да се има доверба. Иако тоа е права реткост во овој свет, секој од нас може да стекне такво име (Михеј 7:2). Точно е дека некои луѓе можеби ќе те исмеваат и ќе те сметаат за глупав затоа што си чесен. Но, други ќе те ценат и ќе имаат доверба во тебе. Низ целиот свет, Јеховините сведоци се познати по својата чесност. Некои работодавачи сакаат да вработуваат Сведоци бидејќи знаат дека тие ќе постапуваат чесно. А во ситуации кога други вработени добиле отказ поради нечесност, нашите браќа и сестри честопати си ја задржале работата.

Ако сме трудољубиви, ќе му носиме слава на Јехова

19. Како тоа што си чесен ќе влијае врз твоето пријателство со Јехова?

19 Ако се трудиме да бидеме чесни во сѐ, ќе имаме чиста совест и внатрешен мир. Можеме да бидеме како апостол Павле, кој напишал: „Уверени [сме] дека имаме чиста совест“ (Евреите 13:18). Но најважно од сѐ, твојот небесен Татко, Јехова, ги забележува и цени твоите напори да бидеш чесен во сѐ што правиш. (Прочитај Псалм 15:1, 2; Изреки 22:1.)