Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 10

Бракот — дар од Бог

Бракот — дар од Бог

„Трикратно јаже не се кине лесно“ (ПРОПОВЕДНИК 4:12)

1-2. а) На што се надеваат младите брачни двојки? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во ова поглавје?

 ЗАМИСЛИ СИ како еден младоженец и една невеста бликаат од радост на денот на нивната свадба. Со надеж за убава иднина, едвај чекаат да го започнат заедничкиот живот. Тие очекуваат дека нивниот брак ќе биде траен и среќен.

2 Сепак, многумина кои имале убав почеток на бракот, со текот на времето, се соочиле со многу брачни проблеми. За еден брак да биде траен и среќен, на брачните другари им е потребно водство од Бог. Да видиме каков одговор дава Библијата на следниве прашања: „Кои се некои од добрите страни на бракот? Ако сакаш да стапиш во брак, како можеш мудро да избереш брачен другар? Како можеш да бидеш добар сопруг или добра сопруга? Што може да ти помогне да имаш траен брак?“ (Прочитај Изреки 3:5, 6.)

ДАЛИ ДА СТАПАМ ВО БРАК?

3. Дали бракот е услов за среќа? Објасни.

3 Некои мислат дека човек не може да биде среќен доколку не стапи во брак. Но, тоа не е точно. Исус кажал дека самештвото може да биде дар (Матеј 19:10-12). И апостол Павле кажал дека самештвото си има свои предности (1. Коринќаните 7:32-38). Ти самиот треба да донесеш одлука дали да стапиш во брак. Не треба да дозволиш пријателите, семејството или културата да влијаат врз твојата одлука.

4. Кои се некои предности на еден добар брак?

4 Од Библијата дознаваме дека и бракот е дар од Бог и дека и тој си има свои предности. Во врска со првиот човек, Адам, Јехова рекол: „Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнение“ (1. Мојсеева 2:18). Јехова ја создал Ева за да му биде жена на Адам, и така тие станале првото човечко семејство. Ако еден брачен пар има деца, нивниот брак треба да создаде услови децата да растат во една стабилна средина. Меѓутоа, да се има деца не е единствената цел на бракот (Псалм 127:3; Ефешаните 6:1-4).

5-6. Кога еден брак ќе биде како „трикратно јаже“?

5 Цар Соломон напишал: „Подобро им е на двајца отколку на еден, зашто имаат добра плата за својот труд. Зашто, ако падне едниот, другиот ќе го подигне другарот свој. А како ќе му биде на едниот ако падне, а нема кој да го подигне?.. А трикратно јаже не се кине лесно“ (Проповедник 4:9-12).

6 Еден добар брак може да биде најблиското пријателство меѓу двајца луѓе кои си помагаат, се тешат и се штитат еден со друг. Љубовта може да го зајакне бракот, но тој ќе биде уште поцврст доколку и двајцата брачни другари му служат на Јехова. Тогаш нивниот брак може да биде како „трикратно јаже“, односно јаже од три нишки кои се испреплетени заедно. Едно такво јаже е многу поцврсто од јаже со само две нишки. Според тоа, еден брак ќе биде цврст ако Јехова е вклучен во него.

7-8. Какви совети дал апостол Павле во врска со бракот?

7 Откако ќе стапат во брак, мажот и жената можат да ги задоволат своите и сексуалните желби на брачниот другар (Изреки 5:18). Сепак, ако некој стапи во брак само за да си ги задоволи таквите желби, можеби нема мудро да избере брачен другар. Затоа Библијата вели дека оној што сака да стапи во брак треба да го направи тоа дури откако ќе го помине „цутот на младоста“, периодот кога сексуалните желби се многу силни (1. Коринќаните 7:36). Подобро е да не стапува во брак додека таквите чувства не се смират. Тогаш ќе може појасно да размислува и да направи подобар избор (1. Коринќаните 7:9; Јаков 1:15).

8 Ако сакаш да стапиш во брак, добро е да бидеш реален и свесен дека во секој брак се појавуваат проблеми. Апостол Павле рекол дека оние што стапуваат во брак „ќе имаат телесни неволји“ (1. Коринќаните 7:28). Дури и во најдобриот брак одвреме-навреме ќе се појават тешкотии. Затоа, ако решиш да стапиш во брак, направи сѐ што можеш за мудро да го избереш својот брачен другар.

СО КОГО ДА СТАПАМ ВО БРАК?

9-10. Какви веројатно ќе бидат последиците ако стапиме во брак со некој што не му служи на Јехова?

9 Едно важно библиско начело кое треба да го имаш на ум кога избираш брачен другар е следново: „Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници“ (2. Коринќаните 6:14). Оваа споредба е земена од земјоделството. Ако две животни се разликуваат по големината и по силата, еден земјоделец нема да ги стави во ист јарем за да ја обработуваат земјата. Тоа не би било обѕирно кон двете животни бидејќи така само ќе се мачат. Слично на тоа, во бракот во кој едниот брачен другар му служи на Јехова а другиот не, веројатно ќе има многу проблеми. Затоа Библијата ни го дава мудриот совет да стапуваме во брак „само во Господарот“ (1. Коринќаните 7:39).

10 Некои христијани мислат дека е подобро да стапат во брак со некој што не му служи на Јехова отколку да бидат сами. Но, ако не сме им послушни на библиските совети, веројатно ќе бидеме несреќни и ќе доживееме голема болка. Како слуги на Јехова, најважното нешто во животот ни е да му служиме нему. Како би се чувствувал доколку не би можел заедно со својот брачен другар да го правиш она што ти е најважно во животот? Многумина одлучиле да останат сами наместо да стапат во брак со некој што не го сака и не му служи на Јехова. (Прочитај Псалм 32:8.)

11. Како можеш да избереш добар брачен другар?

11 Меѓутоа, ова не значи дека секој што му служи на Јехова би ти бил соодветен брачен другар. Ако размислуваш да стапиш во брак, барај некој што навистина ќе ти се допаѓа и со кој добро ќе се сложуваш. Добро е да почекаш додека не запознаеш некој што има исти цели како тебе и кому најважно во животот му е да му служи на Бог. Одвој си време да ги читаш и длабоко да размислуваш за корисните совети за бракот кои се наоѓаат во публикациите од верниот и разборит роб. (Прочитај Псалм 119:105.)

12. Што можеме да научиме од Библијата во врска со договорените бракови?

12 Во некои култури е вообичаено родителите да изберат брачен другар за својот син или за својата ќерка. Во таквите култури се смета дека родителите знаат што е најдобро за нивните деца. Ова било обичај и во библиски времиња. Доколку твоето семејство се придржува за овој обичај, Библијата може да им помогне на родителите да знаат кои работи да ги бараат кај твојот иден брачен другар. На пример, кога требало да му најде жена на својот син, Исак, на Авраам не му било најважно таа да биде богата или да биде на висока положба во општеството. Најважно му било таа да го сака Јехова (1. Мојсеева 24:3, 67; види Белешка 25).

КАКО ДА СЕ ПОДГОТВАМ ЗА БРАК?

13-15. а) Како може еден маж да се подготви за да биде добар сопруг? б) Како може една жена да се подготви за да биде добра сопруга?

13 Ако сакаш да стапиш во брак, размисли дали си подготвен за тој чекор. Можеби мислиш дека си спремен, но да видиме што навистина значи некој да биде спремен за брак. Одговорот можеби ќе те изненади.

Одвој си време да ги читаш и длабоко да размислуваш за советите што ги дава Божјата Реч во врска со бракот

14 Од Библијата дознаваме дека мажот и жената имаат различни улоги во семејството. Затоа, логично е да заклучиме дека постои разлика во тоа што значи еден маж да биде спремен за брак, а што значи една жена да биде спремна за брак. Ако еден маж сака да стапи во брак, треба да се праша дали е спремен да биде глава на семејството. Јехова очекува мажот да се грижи за жената и за децата во материјален и во емоционален поглед. Што е уште поважно, мажот треба да предводи во духовните активности на семејството. Во врска со оној што не се грижи за своето семејство, во Библијата пишува дека е полош од неверник (1. Тимотеј 5:8). Според тоа, ако си маж кој сака да стапи во брак, размисли како можеш да го примениш следново библиско начело: „Сврши ја својата работа надвор и уреди си ја нивата. Потоа гради го својот дом“ (Изреки 24:27). Со други зборови, пред да стапиш во брак, размисли дали можеш да бидеш таков сопруг каков што Јехова очекува да бидеш.

15 Една жена која сака да стапи во брак треба да се праша дали е спремна за одговорностите што ги има една сопруга и мајка. Во Библијата се спомнати некои од многуте начини на кои една добра жена се грижи за сопругот и за децата (Изреки 31:10-31). Денес, многу мажи и жени мислат само на тоа што би требало брачниот другар да направи за нив. Но, Јехова сака да мислиме што можеме ние да направиме за брачниот другар.

16-17. Ако сакаш да стапиш во брак, за што треба да размислиш?

16 Пред да стапиш во брак, размисли за улогите што Јехова им ги дал на мажот и на жената. Тоа што мажот е глава на семејството не му дава за право да ги малтретира жената и децата, било во физички било во емоционален поглед. Напротив, тој треба да го следи примерот на Исус, кој секогаш со љубов се грижел за своите следбеници (Ефешаните 5:23). А жената треба да размисли што сѐ е вклучено во тоа да ги поддржува одлуките на својот маж и да соработува со него (Римјаните 7:2). Таа треба да се праша дали ќе може со радост да се подложува на еден несовршен маж. Ако мисли дека не би можела да го прави тоа, можеби ќе одлучи дека е подобро засега да не стапува во брак.

17 Оние што се во брак треба повеќе да се грижат за доброто на брачниот другар отколку за своето. (Прочитај Филипјаните 2:4.) Павле напишал: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:21-33). И мажот и жената имаат потреба да се чувствуваат сакано и почитувано. Но, на мажот му е особено важно да знае дека жена му го почитува, а на жената ѝ е особено важно да знае дека нејзиниот маж ја сака. Доколку секој од нив го даде својот дел во овој поглед, бракот ќе биде среќен.

18. Зошто двајца кои се во врска треба да бидат внимателни во тој период?

18 Додека двајца се во врска, треба да уживаат во меѓусебното дружење и добро да се запознаат еден со друг. Исто така, во тој период треба да гледаат реално на работите и да бидат искрени за да можат да видат дали навистина сакаат да го поминат животот заедно. Во текот на врската, и мажот и жената учат да комуницираат еден со друг и се трудат да откријат што има во срцето на другиот. Како што стануваат поблиски, сосема е природно да чувствуваат физичка привлечност еден кон друг. Но, мора многу да внимаваат како ги изразуваат овие чувства пред да стапат во брак за да не направат нешто неморално. Ако вистински се сакаат, ќе покажуваат самоконтрола и нема да направат нешто со кое би си го нарушиле меѓусебното пријателство и пријателството со Јехова (1. Солуњаните 4:6).

Во текот на врската, и мажот и жената учат да комуницираат еден со друг

ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА БРАКОТ ДА БИДЕ ТРАЕН?

19-20. Како Божјите слуги гледаат на бракот?

19 Многу книги и филмови обично завршуваат со голема и весела свадба. Но во реалноста, венчавката е само почеток. Јехова имал намера бракот да биде трајна врска (1. Мојсеева 2:24).

20 Денес, многумина гледаат на бракот како на нешто привремено. Тие лесно стапуваат во брак, ама и лесно се разведуваат. Некои мислат дека, штом ќе почнат да се појавуваат проблеми, треба да го напуштат својот брачен другар и да му стават крај на бракот. Но, сети се на споредбата за цврстото јаже составено од три нишки кои се испреплетени заедно. Едно такво јаже нема да се скине дури и под голем притисок. Ако го молиме Јехова да ни помогне, нашиот брак може да биде траен. Исус рекол: „Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:6).

21. Што ќе им помогне на мажот и на жената да се сакаат еден со друг?

21 Сите ние имаме јаки и слаби страни. Многу е лесно да се концентрираме на туѓите слабости, особено на оние што ги има нашиот брачен другар. Но, ако го правиме тоа, нема да бидеме среќни. Од друга страна, ако се концентрираме на добрите особини на брачниот другар, ќе имаме среќен брак. Дали воопшто е можно да гледаме на ваков начин на нашиот несовршен сопружник? Можно е. Јехова знае дека сме несовршени, а сепак се концентрира на нашите добри особини. Замисли што би се случило доколку тој не би гледал така на нас! Псалмистот напишал: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане?“ (Псалм 130:3). Мажите и жените можат да го следат примерот на Јехова така што ќе се трудат да го гледаат доброто во својот сопружник и така што брзо ќе простуваат. (Прочитај Колошаните 3:13.)

22-23. Каков пример се Авраам и Сара за оние што се во брак?

22 Како што минуваат годините, бракот може да стане поцврст. Авраам и Сара имале долг и среќен брак. Кога Јехова му кажал на Авраам да го напушти својот дом во градот Ур, Сара веројатно имала повеќе од 60 години. Замисли си колку ѝ било тешко да го напушти удобниот дом за да живее во шатори! Но, Сара му била добра пријателка на својот сопруг, со радост соработувала со него и длабоко го почитувала. Затоа ги поддржувала одлуките на Авраам и му помагала тие да успеат (1. Мојсеева 18:12; 1. Петрово 3:6).

23 Се разбира, дури и во еден добар брак не значи дека мажот и жената ќе имаат исто мислење за сѐ. Во една прилика, кога Авраам имал поинакво мислење од Сара, Јехова му рекол: „Послушај го нејзиниот глас“ (1. Мојсеева 21:9-13). Авраам постапил така и тоа имало добри резултати. Ако понекогаш ти и твојот брачен другар немате исто мислење за некоја работа, не се обесхрабрувај. Не заборавај дека, дури и кога не се согласувате за нешто, најважно е да постапувате со љубов и со почит еден кон друг.

Божјата Реч нека биде дел од твојот брак уште од самиот почеток

24. Како можеме со нашиот брак да му носиме слава на Јехова?

24 Во Божјата организација има илјадници среќни брачни парови. Ако сакаш да стапиш во брак, имај на ум дека изборот на брачен другар е една од најважните одлуки. Тоа ќе влијае врз целиот твој живот, и затоа барај водство од Јехова. Така ќе можеш мудро да го избереш својот брачен другар, добро да се подготвиш за брак и да го дадеш својот дел за да изградиш цврст брак во кој ќе владее љубов и кој ќе му носи слава на Јехова.