Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 7

Дали го цениш животот како што го цени Бог?

Дали го цениш животот како што го цени Бог?

„Во тебе е изворот на животот“ (ПСАЛМ 36:9)

1-2. а) Каков скапоцен дар ни дал Јехова? б) Што ни дал Јехова за да ни помогне да живееме на најдобар можен начин?

 ЈЕХОВА му дал секому од нас еден прекрасен дар — тоа е животот (1. Мојсеева 1:27). Тој сака да живееме на најдобар можен начин. Затоа ни дал начела кои ни помагаат да носиме добри одлуки. Овие начела треба да ги користиме за да можеме да разликуваме „добро и зло“ (Евреите 5:14). Кога го правиме тоа, му дозволуваме на Јехова да нѐ поучува исправно да размислуваме. Додека ги применуваме Божјите начела и гледаме како ни се подобрува животот, сфаќаме колку скапоцени се тие.

2 Животот денес знае да биде многу комплициран. Честопати се појавуваат ситуации за кои нема конкретен закон во Библијата. На пример, можеби ќе треба да донесеме одлуки во врска со некој начин на лекување во кој се користи крв. Како можеме да носиме одлуки со кои ќе го радуваме Јехова? Во Библијата има начела кои покажуваат како гледа тој на животот и крвта. Ако ги разбереме овие начела, ќе можеме да носиме добри одлуки и да зачуваме чиста совест (Изреки 2:6-11). Да разгледаме некои од тие начела.

КАКО ГЛЕДА БОГ НА ЖИВОТОТ И КРВТА?

3-4. а) Од каде знаеме како гледа Бог на крвта? б) Зошто може да се каже дека крвта го претставува животот?

3 Од Библијата дознаваме дека крвта е света бидејќи го претставува животот. А животот е скапоцен за Јехова. Откако Каин го убил својот брат Авел, Јехова му рекол: „Крвта на брат ти вика кон мене од земјата“ (1. Мојсеева 4:10). Кога ја спомнал крвта на Авел, Јехова мислел на неговиот живот. Од тоа гледаме дека крвта на Авел го претставувала неговиот живот.

4 По Потопот од времето на Ное, Бог им кажал на луѓето дека можат да јадат месо. Но притоа им ја дал следнава заповед: „Не смеете да јадете месо во кое има крв бидејќи крвта е живот!“ (1. Мојсеева 9:4, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Оваа заповед важи за сите потомци на Ное, вклучувајќи нѐ и нас. Од сето ова јасно се гледа дека за Јехова крвта го претставува животот. И ние треба така да гледаме на крвта (Псалм 36:9).

5-6. На кој начин Мојсеевиот закон покажувал како гледа Јехова на животот и крвта?

5 Во Законот што му го дал на Мојсеј, Јехова рекол: „Ако некој... јаде каква и да е крв, ќе се свртам против таквиот човек што ќе јаде крв, па ќе го погубам, и така ќе го отстранам од неговиот народ. Зашто, душата [односно животот] на телото е во крвта“ (3. Мојсеева 17:10, 11).

6 Според Мојсеевиот закон, кога некој ќе убиел животно за храна, тој требало да ја истури крвта на земјата. Ова покажувало дека животот на тоа суштество му припаѓал на Творецот, Јехова (5. Мојсеева 12:16; Езекиел 18:4). Но Јехова не барал од Израелците да ја отстранат секоја капка крв од животното. Доколку во разумна мера направиле сѐ што можеле за да ја отстранат крвта, тие со чиста совест можеле да го јадат месото. Со тоа што го држеле законот во врска со крвта на животните, тие покажувале дека го почитуваат оној што го дал животот — Јехова. Исто така, Законот барал од Израелците да принесуваат животни како жртви за очистување, односно простување на нивните гревови. (Види Белешки 19 и 20.)

7. Како Давид покажал почит кон крвта?

7 Една постапка на цар Давид покажува колку е скапоцена крвта. Во една прилика, додека бил во војна со Филистејците, неговите луѓе виделе дека е многу жеден. Затоа влегле во непријателска територија и си го ризикувале животот за да му донесат вода. Но кога му ја донеле водата, Давид не сакал да ја испие и ја истурил „пред Јехова“. Давид рекол: „Никогаш не би направил такво нешто, Јехова! Зар да ја пијам крвта на овие луѓе што ја изложија на опасност својата душа [односно својот живот]?“ Во очите на Давид, таа вода го претставувала животот на неговите луѓе (2. Самоилова 23:15-17).

8-9. Каков став кон крвта треба да имаат христијаните денес?

8 По смртта на Исус, Божјите слуги повеќе не биле под Мојсеевиот закон. Сепак, Јехова сѐ уште барал од христијаните да држат неколку делови од тој Закон. Иако повеќе не требало да принесуваат животински жртви, и понатаму требало да се воздржуваат од крв. Оваа заповед била исто толку важна колку и заповедта да не вршат неморал и идолопоклонство (Дела 15:28, 29).

Како би ја објаснил мојата одлука во врска со крвните фракции?

9 Слично е и денес. Како христијани, ние знаеме дека Јехова е Изворот на животот и дека животот на сите суштества му припаѓа нему. Исто така, знаеме дека крвта е света и дека го претставува животот. Затоа, секогаш кога треба да донесеме одлука за тоа дали да прифатиме некој начин на лекување во кој се користи крв, ги земаме предвид библиските начела.

УПОТРЕБА НА КРВТА ВО МЕДИЦИНАТА

10-11. а) Каков е ставот на Јеховините сведоци во врска со трансфузијата на полна крв и на четирите главни состојки на крвта? б) Какви одлуки треба да донесе секој христијанин?

10 Како Јеховини сведоци, ние сфаќаме дека изразот „да се воздржуваме од крв“ не значи само да не јадеме или да не пиеме крв. Тоа значи да не примаме трансфузија на крв, да не даруваме крв и да не ја складираме својата крв за трансфузија. Исто така, тоа значи да не примаме трансфузија на ниту една од четирите главни состојки на крвта: црвени крвни зрнца, бели крвни зрнца, крвни плочки и плазма.

11 Овие четири главни состојки на крвта можат да се разложат на помали делови наречени крвни фракции. Секој христијанин мора самиот да одлучи дали ќе прифати или ќе одбие некоја крвна фракција. Истото важи и за медицинските постапки во кои се користи крвта на пациентот. Секој мора самиот да одлучи како ќе се користи неговата крв во текот на некој хируршки зафат, некое медицинско испитување или, пак, некоја терапија. (Види Белешка 21.)

12. а) Зошто на Јехова му се важни нашите одлуки за работи што се оставени на совест? б) Како може да донесеме добри одлуки во врска со нашето лекување?

12 Дали на Јехова му се важни нашите одлуки во врска со работи што се оставени на совест? Да. Зошто? Бидејќи тие покажуваат што имаме во срцето, а на Јехова му е многу важно како размислуваме и кои се нашите мотиви. (Прочитај Изреки 17:3; 24:12.) Затоа, кога треба да одлучиме каков начин на лекување ќе избереме, треба да му се молиме на Јехова за водство и потоа да истражиме нешто повеќе на таа тема. Откако ќе го направиме тоа, ќе донесеме одлука на темел на нашата совест која е обликувана според Библијата. Не треба да ги прашуваме другите што би направиле доколку би биле на наше место. А ни другите не треба да се обидуваат да влијаат врз нашата одлука. Секој христијанин „ќе го носи својот товар“ (Галатите 6:5; Римјаните 14:12).

ЗАКОНИТЕ НА ЈЕХОВА ПОКАЖУВААТ КОЛКУ ТОЈ НЀ САКА

13. Што учиме за Јехова од неговите закони и начела во врска со крвта?

13 Сѐ што бара Јехова од нас е за наше добро и ни покажува колку нѐ сака (Псалм 19:7-11). Сепак, ние сме му послушни не само затоа што неговите заповеди ни користат туку и затоа што го сакаме. Ние не прифаќаме трансфузија на крв пред сѐ од љубов кон Јехова (Дела 15:20). Исто така, на тој начин си го чуваме здравјето. Повеќето луѓе денес знаат дека трансфузијата на крв носи одредени ризици, а и многу лекари сметаат дека бескрвните операции се подобри за здравјето на пациентите. Сето ова јасно покажува дека Јеховините заповеди се мудри и се за наше добро. (Прочитај Исаија 55:9; Јован 14:21, 23.)

14-15. а) Кои закони им ги дал Јехова на Израелците во минатото за да ги заштити? б) Како можеш да ги примениш начелата на кои се темелат овие закони?

14 Законите што ги дава Бог отсекогаш биле за доброто на неговите слуги. Во минатото, Јехова им дал на Израелците закони за да ги заштити од тешки несреќи. На пример, еден закон налагал сопственикот на куќата да изгради ѕидна ограда околу рамниот покрив за да не може никој да падне (5. Мојсеева 22:8). Друг закон бил во врска со животните. Ако некој имал агресивен бик, тој бил одговорен да го чува за да не нападне или да убие некого (2. Мојсеева 21:28, 29). Доколку еден Израелец не бил послушен на овие закони, ќе бил виновен ако некој загинел поради тоа.

15 Од овие закони се гледа дека животот е скапоцен за Јехова. Како ова треба да влијае врз нас? Треба да покажеме дека го цениме животот со начинот на кој се грижиме за нашиот дом и возило, со начинот на кој возиме и со тоа каква рекреација избираме. Некои луѓе, особено помладите, сметаат дека не може да им се случи ништо лошо и затоа се изложуваат на ризик без да мислат на можните опасности. Но, Јехова не сака да постапуваме на ваков начин. Тој сака и нашиот живот и животот на другите да го сметаме за нешто скапоцено (Проповедник 11:9, 10).

16. Како гледа Јехова на абортусот?

16 На Јехова му е важен животот на секој човек. За него е скапоцен дури и животот на едно неродено бебе. Според Мојсеевиот закон, ако некој ненамерно повредел бремена жена и ако таа или нејзиното бебе го изгубеле животот, Јехова го сметал тоа лице виновно за убиство без умисла. Тоа значело дека, иако убиството било ненамерно, сепак бил одземен нечиј живот, и затоа убиецот требало да плати со својот живот. (Прочитај 2. Мојсеева 21:22, 23.) Во Божји очи, едно неродено бебе е личност. Со оглед на сето ова, што мислиш каков став има Бог кон абортусот? Што мислиш како се чувствува тој кога гледа како милиони неродени бебиња се убиваат секоја година?

17. Што може да ѝ влее утеха на една жена која направила абортус, но сега искрено се кае поради тоа?

17 Но, што ако една жена направила абортус пред да дознае како Јехова гледа на тоа? Таа може да биде уверена дека Јехова може да ѝ прости на темел на жртвата на Исус (Лука 5:32; Ефешаните 1:7). Една жена која направила таква грешка во минатото не треба да се измачува со чувства на вина доколку искрено се кае за тоа. Во Библијата пишува: „Јехова е милосрден и добар... Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи“ (Псалм 103:8-14).

ИСКОРЕНИ ЈА ОМРАЗАТА

18. Зошто треба да направиме сѐ што можеме за да ја искорениме омразата од нашето срце?

18 Дали го цениме животот како дар од Бог зависи од тоа што чувствуваме длабоко во нашето срце. Тоа е поврзано со нашето гледиште за другите. Апостол Јован напишал: „Секој што го мрази својот брат е убиец“ (1. Јованово 3:15). Уште пред да бидеме свесни, негативните чувства што ги имаме кон некого можат да прераснат во омраза. Омразата може да наведе некого да не ги почитува другите, лажно да ги обвинува, па дури и да посакува да не постојат. Јехова знае како гледаме на другите луѓе (3. Мојсеева 19:16; 5. Мојсеева 19:18-21; Матеј 5:22). Ако сфатиме дека чувствуваме омраза кон некого, треба да направиме сѐ што можеме за да ја искорениме од нашето срце (Јаков 1:14, 15; 4:1-3).

19. Како треба да влијае врз нас Јеховиното гледиште за насилството?

19 Има уште една работа од која може да се види дали го цениме животот. Во Псалм 11:5 пишува дека Јехова „многу го мрази оној што го сака насилството“. Ако избираме забава во која има насилство, тоа можеби е знак дека го сакаме насилството. Зошто да го полниме нашиот ум со зборови, идеи и слики кои поттикнуваат на насилство? Наместо тоа, сакаме да го полниме нашиот ум со чисти и позитивни мисли. (Прочитај Филипјаните 4:8, 9.)

НЕМОЈ ДА БИДЕШ ДЕЛ ОД ОРГАНИЗАЦИИ КОИ НЕ ГО ЦЕНАТ ЖИВОТОТ

20-22. а) Како гледа Јехова на светот на Сатана? б) Како можат Божјите слуги да покажат дека не се „дел од светот“?

20 Светот на Сатана не го цени животот. Затоа Јехова го смета овој свет за виновен за крв. Низ вековите, политичките сили ја предизвикале смртта на милиони луѓе, вклучувајќи и голем број Божји слуги. Во Библијата, овие сили, односно влади се опишани како свирепи и насилни ѕверови (Даниел 8:3, 4, 20-22; Откровение 13:1, 2, 7, 8). Денес, продажбата на оружје е голем бизнис од кој некои луѓе заработуваат многу пари. Сето ова ни потврдува дека „целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19).

21 Но вистинските христијани не се „дел од светот“. Божјите слуги се неутрални во политиката и не учествуваат во војни. Тие не само што не убиваат луѓе туку и не поддржуваат ниту една организација или компанија која е директно или индиректно виновна за крв (Јован 15:19; 17:16). Кога се прогонувани, христијаните не возвраќаат со насилство. Исус поучувал дека треба да ги сакаме дури и нашите непријатели (Матеј 5:44; Римјаните 12:17-21).

22 И религијата е виновна за смртта на милиони луѓе. Во врска со Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија, во Библијата пишува: „Во тој град се најде крвта на пророци и на свети и на сите што беа убиени на земјата“. Дали сфаќаш зошто Јехова ни заповедал: „Излезете од неа, народе мој“? Оние што му служат на Јехова не се дел од лажната религија (Откровение 17:6; 18:2, 4, 24).

23. Што значи да излеземе од Големиот Вавилон?

23 Да излеземе од Големиот Вавилон значи јасно да покажеме дека повеќе не сме дел од лажната религија. На пример, доколку сме припаѓале на некоја верска организација, треба да испратиме писмо во кое ќе напишеме дека не сакаме повеќе да бидеме нејзини членови. Но, тоа не е доволно. Мора да ги мразиме и да ги отфрлиме сите погрешни работи кои ги прави лажната религија. Таа ги дозволува и отворено ги поддржува неморалот, мешањето во политика и алчното збогатување. (Прочитај Псалм 97:10; Откровение 18:7, 9, 11-17.) Низ годините, многу луѓе го изгубиле животот поради тоа.

24-25. Како тоа што го познаваме Јехова може да ни помогне да имаме внатрешен мир и чиста совест?

24 Пред да го запознаеме Јехова, секој од нас на некој начин ги поддржувал лошите работи кои се прават во светот на Сатана. Но, сме направиле промени. Сме ја прифатиле откупнината и сме му го заветувале животот на Бог. Поради тоа, ни дошле „времиња на закрепнување од... Јехова“. Со други зборови, имаме внатрешен мир и чиста совест затоа што знаеме дека го радуваме Јехова (Дела 3:19; Исаија 1:18).

25 Дури и ако некогаш сме биле дел од некоја организација која не го цени животот, Јехова може да ни прости на темел на откупната жртва на Исус. Ние го цениме животот како дар од Јехова. Тоа го покажуваме така што правиме сѐ што можеме за да им помогнеме на другите да го запознаат Јехова, да излезат од светот на Сатана и да станат блиски пријатели со Бог (2. Коринќаните 6:1, 2).

ПРОПОВЕДАЈ ЈА ПОРАКАТА ЗА БОЖЈЕТО ЦАРСТВО

26-28. а) Каква посебна задача му дал Јехова на Езекиел? б) Што бара Јехова од нас денес?

26 Во древниот Израел, Јехова му кажал на пророкот Езекиел да ги предупреди луѓето дека Ерусалим наскоро ќе биде уништен и да им каже што треба да прават за да се спасат. Доколку Езекиел не ги предупредел луѓето, Јехова ќе сметал дека тој е виновен за нивната смрт (Езекиел 33:7-9). Езекиел покажал дека го цени животот со тоа што сторил сѐ што можел за да им ја пренесе таа важна порака.

27 Јехова ни дал задача да ги предупредиме луѓето дека овој злобен свет наскоро ќе биде уништен, да им помогнеме да го запознаат него и да влезат во новиот свет (Исаија 61:2; Матеј 24:14). Сакаме да сториме сѐ што можеме за да им ја пренесеме таа порака на другите. Се надеваме дека и ние, како апостол Павле, ќе можеме да кажеме: „Чист [сум] од крвта на сите, бидејќи не пропуштив да ви ја објавам во потполност Божјата намера“ (Дела 20:26, 27).

28 Се разбира, за да ја зачуваме Божјата љубов, не е доволно само да гледаме на животот и на крвта како што гледа Јехова. Мораме да останеме и чисти во негови очи, како што ќе видиме во следното поглавје.