Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 13

Дали Бог ги одобрува сите празници и прослави?

Дали Бог ги одобрува сите празници и прослави?

„Испитувајте што е прифатливо за Господарот“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:10)

1. Што мора да правиме за да бидеме сигурни дека му служиме на Јехова на исправен начин, и зошто?

 ИСУС рекол: „Вистинските поклоници ќе му оддаваат почит на Таткото со дух и со вистина, зашто Таткото бара такви да го почитуваат“ (Јован 4:23; 6:44). Сите ние мора да испитуваме „што е прифатливо за Господарот“ (Ефешаните 5:10). Ова не е секогаш лесно бидејќи Сатана се обидува да нѐ измами и да нѐ наведе да правиме работи кои Јехова не ги одобрува (Откровение 12:9).

2. Објасни што се случило во близина на планината Синај.

2 На кои начини Сатана се обидува да нѐ измами? Еден начин е така што се обидува да ни ја замагли сликата за тоа што е исправно, а што погрешно. Размисли за она што им се случило на Израелците кога биле улогорени во близина на планината Синај. Мојсеј се качил на планината, а луѓето останале во логорот и го чекале да се врати. По некое време, тие станале нестрпливи и му рекле на Арон да им направи бог. Тој им направил златно теле, и следниот ден одржале свеченост. Почнале да играат околу телето и да му се поклонуваат. Тие мислеле дека со тоа што му се клањаат на телето, всушност, го обожаваат Јехова. Сметале дека тоа е „свеченост во чест на Јехова“, но биле во заблуда. Во очите на Бог тоа било идолопоклонство, и затоа многумина од нив биле погубени (2. Мојсеева 32:1-6, 10, 28). Која е поуката за нас? Не смееме да дозволиме да бидеме измамени. Да внимаваме да не допираме „ништо нечисто“, односно да немаме ништо со лажната религија, и да му дозволиме на Јехова да нѐ поучи за тоа што е исправно, а што погрешно (Исаија 52:11; Езекиел 44:23; Галатите 5:9).

3-4. Зошто е важно да го разгледаме потеклото на некои познати празници и прослави?

3 Кога бил на Земјата, Исус ги поучувал апостолите како да му служат на Јехова на исправен начин. Откако Исус умрел, апостолите продолжиле да ги поучуваат новите ученици за Јеховините начела. Но по смртта на апостолите, во христијанското собрание почнале да се вовлекуваат погрешни учења и пагански обичаи и празници кои ги ширеле лажните учители. Тие дури им ставиле нови имиња на некои пагански празници за да изгледаат дека се христијански (Дела 20:29, 30; 2. Солуњаните 2:7, 10; 2. Јованово 6, 7). Луѓето и денес слават многу од тие празници преку кои се шират лажни верувања, па дури и демонизам (Откровение 18:2-4, 23). *

4 Празниците и прославите се важен дел од животот на луѓето низ целиот свет. Меѓутоа, како што сѐ повеќе го запознаваш Јехова, можеби ќе увидиш дека треба да го промениш своето гледиште за некои од нив. Ова можеби нема да ти биде лесно, но биди уверен дека Јехова ќе ти помага. Да го разгледаме потеклото на некои познати празници и прослави за да сфатиме како Јехова гледа на нив.

КОЕ Е ПОТЕКЛОТО НА БОЖИЌ?

5. Кои докази укажуваат на тоа дека Исус не се родил на 25 декември, односно на 7 јануари?

5 Во многу делови од светот, луѓето го слават Божиќ на 25 декември, односно на 7 јануари, и сметаат дека тогаш се родил Исус. Во врска со неговото раѓање, Библијата не ни го кажува ниту денот ниту месецот, но ни открива нешто за тој период од годината. Лука напишал дека, кога Исус се родил во Витлеем, имало овчари кои живееле надвор и чувале ноќна стража над своите стада (Лука 2:8-11). Во декември, времето во Витлеем е ладно, дождливо, а понекогаш дури и врне снег, и затоа не е можно овчарите со своите стада да биле под отворено небо во текот на ноќта. Што ни покажува ова? Исус не се родил во декември, односно јануари, кога времето било ладно. И Библијата и историските докази укажуваат на тоа дека тој се родил некаде во периодот кој денес одговара на септември и октомври.

6-7. а) Од каде потекнуваат повеќето божиќни обичаи? б) Зошто треба да бидеме дарежливи?

6 Тогаш, кое е потеклото на Божиќ? Тој влече корени од пагански празници, како што бил римскиот празник Сатурналии кој се одбележувал во чест на Сатурн, богот на земјоделието. Во една енциклопедија пишува: „Славењето на Божиќ во голема мера наликува на славењето на римскиот празник Сатурналии кој се празнувал во средината на декември. На тој празник луѓето се гоштавале, си давале подароци и палеле свеќи“ (The Encyclopedia Americana). Исто така, на 25 декември се славел роденденот на Митра, персискиот бог на Сонцето.

7 Меѓутоа, повеќето луѓе што денес го слават Божиќ не се свесни за неговото паганско потекло или, пак, тоа воопшто не им е важно. Овој празник за нив е радосна прилика бидејќи можат да бидат заедно со семејството, да уживаат во богата трпеза и да си даваат подароци. Се разбира, ние ги сакаме членовите на нашето семејство и пријателите, а и Јехова се радува кога неговите слуги се дарежливи. Во 2. Коринќаните 9:7 пишува: „Бог го сака веселиот дарител“. Но, Јехова не сака да бидеме дарежливи само во посебни прилики. Божјите слуги даваат подароци и се дружат со пријателите и семејството во кое и да било време од годината, и притоа не очекуваат ништо за возврат. Тие се дарежливи бидејќи ги сакаат другите (Лука 14:12-14).

Ако го знаеме потеклото на празниците, ќе знаеме во што не треба да учествуваме

8. Дали астролозите му донеле подароци на Исус кога тој бил новороденче? Објасни.

8 За многу луѓе давањето подароци на Божиќ има библиска основа бидејќи сметаат дека, кога Исус се родил во шталата, тројца мудреци му донеле подароци. Точно е дека група мажи дошле кај Исус и му донеле подароци. Во библиски времиња било вообичаено да им се носат дарови на важни личности (1. Царевите 10:1, 2, 10, 13). Но, Библијата кажува дека мажите што отишле кај Исус биле астролози, односно луѓе кои се занимавале со магија и кои не му служеле на Јехова. Освен тоа, тие не го посетиле Исус кога бил новороденче во јасли, туку подоцна, кога тој бил дете и живеел во куќа (Матеј 2:1, 2, 11).

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА ЗА РОДЕНДЕНИТЕ?

9. Кои роденденски прослави се спомнати во Библијата?

9 Денот кога ќе се роди бебенце е радосен ден (Псалм 127:3). Но, тоа не значи дека треба да славиме родендени. Размисли за следново: Во Библијата се спомнати само две роденденски прослави — на египетскиот фараон и на царот Ирод Антипа. (Прочитај 1. Мојсеева 40:20-22; Марко 6:21-29.) Овие двајца владетели не му служеле на Јехова. Всушност, никаде во Библијата не пишува дека некој Божји слуга славел роденден.

10. Како гледале првите христијани на славењето родендени?

10 Во една енциклопедија пишува дека првите христијани „сметале дека славењето нечиј роденден е пагански обичај“ (The World Book Encyclopedia). Обичаите поврзани со родендените се темелеле на погрешни верувања. На пример, античките Грци верувале дека секој човек е роден на датумот на кој се родил и некој бог. Верувале дека секој мора да го слави својот роденден ако сака во текот на животот да добива заштита од својот бог. Освен овие пагански верувања, родендените се поврзани и со астрологија и хороскоп.

11. Што очекува Јехова од нас?

11 Многумина сметаат дека на денот кога се родени треба да им се покажува посебно ценење и љубов. Но, љубов кон семејството и пријателите може да покажуваме во текот на целата година, а не само на еден одреден ден. Јехова сака постојано да бидеме дарежливи и да им покажуваме на другите дека ни значат. (Прочитај Дела 20:35.) Тој ни го дал животот, и ние сакаме да му бидеме благодарни за тој дар секој ден, а не само на денот кога сме се родиле (Псалм 8:3, 4; 36:9).

Вистинските христијани се дарежливи бидејќи ги сакаат другите

12. Во која смисла денот кога некој ќе умре е подобар од денот кога се родил?

12 Во Проповедник 7:1 пишува: „Подобро е добро име отколку добро масло, и смртниот ден е подобар од денот на раѓањето“. Во која смисла денот кога некој ќе умре е подобар од денот кога се родил? Кога сме се родиле, сѐ уште не сме можеле да направиме ништо во животот — ни добро ни лошо. Но, кога го користиме нашиот живот за да му служиме на Јехова и да им правиме добро на другите, ние си стекнуваме „добро име“, и Јехова нема никогаш да нѐ заборави, дури ни по нашата смрт (Јов 14:14, 15). Божјите слуги не го слават ниту својот роденден ниту роденденот на Исус. Всушност, единствениот настан кој Исус ни заповедал да го одбележуваме е годишнината од неговата смрт (Лука 22:17-20; Евреите 1:3, 4).

ПОТЕКЛОТО НА ВЕЛИГДЕН

13-14. Кое е потеклото на Велигден?

13 Многу луѓе веруваат дека со славењето на Велигден го слават воскресението на Исус. Но, голем дел од велигденските обичаи влечат корени од пагански обреди на плодноста. На пример, во една енциклопедија се вели дека јајцата „се симбол за нов живот и воскресение“ (Encyclopædia Britannica). Исто така, во паганските религии зајаците долго време се користеле како симбол на плодноста. Јасно е дека Велигден нема никаква врска со воскресението на Исус.

14 Дали за Јехова е прифатливо тоа што луѓето го слават воскресението на неговиот Син правејќи обичаи кои се поврзани со лажната религија? Се разбира дека не (2. Коринќаните 6:17, 18). Всушност, Јехова никогаш не рекол дека треба да го славиме воскресението на Исус.

НОВА ГОДИНА И НОЌТА НА ВЕШТЕРКИТЕ

15. Кое е потеклото на Нова година и на Ноќта на вештерките?

15 Датумот и обичаите поврзани со славењето на Нова година се разликуваат од земја до земја. Во врска со потеклото на овој празник, во една енциклопедија пишува: „Во 46 год. пр.н.е., римскиот владетел Јулиј Цезар го одредил 1 јануари за почеток на новата година. Римјаните му го посветиле овој ден на Јанус, богот на капиите, вратите и почетоците. Месецот јануари го добил името по Јанус, кој имал две лица — едно што било свртено напред и едно што било свртено назад“ (The World Book Encyclopedia). Значи, новогодишните прослави имаат корени во паганските традиции. Празникот Ноќта на вештерките, кој се слави на 31 октомври, е поврзан со вештерки, чудовишта и духови. Овој празник влече корени од минатото. Древните Келти во Британија и во Ирска го славеле празникот Сауин вечерта кога полната месечина била најблизу до 1 ноември. Тие верувале дека за време на тој празник душите на умрените се враќаат на Земјата. Затоа луѓето им изнесувале храна и пијалак на овие духови за да не им наштетат.

СВАДБИ КОИ МУ НОСАТ СЛАВА НА БОГ

16-17. За кои работи треба да размислиме кога планираме свадба?

16 Венчавките се радосни прилики. Во различни делови од светот тие се прославуваат на различни начини. Луѓето обично не размислуваат од каде потекнуваат свадбените обичаи, и затоа можеби не се свесни дека некои од нив имаат паганско потекло. Но, христијаните кои планираат да стапат во брак сакаат со својата свадба да му носат слава на Јехова. Ако добро се запознаат со потеклото на свадбените обичаи, ќе можат да донесат добри одлуки (Марко 10:6-9).

17 За некои свадбени обичаи се верува дека им носат среќа на младенците (Исаија 65:11). На пример, на некои места луѓето фрлаат ориз или нешто друго врз невестата и младоженецот. Се верува дека тоа ќе им помогне на младенците да имаат деца, среќа и долг живот, и дека тоа ќе ги заштити од зло. Но, христијаните внимаваат да не прават обичаи кои се поврзани со суеверие и со лажната религија. (Прочитај 2. Коринќаните 6:14-18.)

18. Кои други библиски начела можат да ни помогнат кога планираме свадба?

18 Христијаните што планираат да стапат во брак сакаат нивната свадба да биде радосна и достоинствена пригода во која сите ќе се чувствуваат пријатно. На една христијанска свадба не треба да има програма која содржи непристојни шеги или говори со кои младенците и другите присутни би се довеле во непријатна ситуација (Изреки 26:18, 19; Лука 6:31; 10:27). Освен тоа, христијаните не сакаат да прават раскошни свадби со кои ќе го истакнуваат својот имот (1. Јованово 2:16). Доколку планираш свадба, потруди се таа да биде пригода од која ќе имаш убави спомени. (Види Белешка 28.)

ПОТЕКЛОТО НА НАЗДРАВУВАЊЕТО

19-20. Кое е потеклото на наздравувањето?

19 Наздравувањето е чест обичај на свадбите и во други прилики. Кога се наздравува, еден кажува здравица, а другите ги креваат чашите. Како треба христијаните да гледаат на овој обичај?

20 Во една книга се вели дека наздравувањето веројатно потекнува од еден древен пагански обичај „при кој на боговите им се принесувала света течност“. Ова се правело „во замена за исполнување на желба или молба изразена со зборовите ’За многу години!‘ или ’На здравје!‘“ (International Handbook on Alcohol and Culture). Во старо време, луѓето ги кревале чашите за да бараат благослов од нивните богови. Но, тоа не е исправен начин да бараме благослов од Јехова (Јован 14:6; 16:23).

„ВИЕ КОИ ГО САКАТЕ ЈЕХОВА, МРАЗЕТЕ ГО ЗЛОТО!“

21. Во кои други прослави христијаните не треба да учествуваат?

21 Кога треба да одлучиш дали да учествуваш во некоја прослава или не, размисли за тоа на какви ставови и однесување поттикнува таа. На пример, во некои прослави и карневали има еротско танцување, неконтролирано пиење, па дури и неморал. Освен тоа, таквите прослави може да го воздигнуваат хомосексуалниот начин на живот или да поттикнуваат на национализам. Ако учествуваме во вакви прослави, дали навистина го мразиме она што Јехова го мрази? (Псалм 1:1, 2; 97:10; 119:37).

22. Што ќе ни помогне да одлучиме дали да учествуваме во некоја прослава?

22 Христијаните треба многу да внимаваат да не учествуваат во прослави кои му носат срам на Јехова. Апостол Павле напишал: „Било да јадете, било да пиете, било да правите што и да е друго, правете сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31; види Белешка 29). Се разбира, не се сите прослави поврзани со неморал, со лажната религија или со национализам. Доколку станува збор за прослава која не се коси со библиските начела, сами треба да донесеме одлука дали ќе учествуваме во неа. Притоа треба да земеме предвид и како нашата одлука ќе се одрази врз другите.

РАДУВАЈ ГО ЈЕХОВА СО СВОИТЕ ЗБОРОВИ И ПОСТАПКИ

23-24. Како можеме да им објасниме на нашите најблиски кои не се Јеховини сведоци зошто не славиме одредени празници?

23 Веројатно си престанал да учествуваш во празници и прослави кои му носат срам на Јехова. Но поради тоа, некои од твоето семејство кои не се Јеховини сведоци можеби мислат дека повеќе не ги сакаш или дека не сакаш да поминуваш време со нив. Тие можеби сметаат дека празниците се единствени прилики кога може да се собере целото семејство. Тогаш, што можеш да направиш? Има многу начини на кои можеш да им покажеш дека ги сакаш и дека ти значат (Изреки 11:25; Проповедник 3:12, 13). Би можел да одвојуваш време да бидеш со нив во други прилики.

24 Ако твоите роднини сакаат да знаат зошто повеќе не славиш одредени празници, можеш да побараш информации во нашите публикации или на нашата интернет-страница кои ќе ти помогнат да им ги објасниш причините. Внимавај да не оставиш впечаток дека сакаш да им докажеш дека ти си во право или да ги убедиш да размислуваат како тебе. Помогни им на твоите најблиски да сфатат дека си зел предвид повеќе фактори и потоа си донел лична одлука. Кога разговараш со нив, остани смирен и твојот збор „нека биде пријатен, зачинет со сол“ (Колошаните 4:6).

25-26. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ги засакаат Јеховините мерила?

25 Многу е важно секој од нас да знае од кои причини не учествува во одредени празници и прослави (Евреите 5:14). Ние сакаме да го радуваме Јехова. А доколку имаме деца, мора да одвојуваме време за да им помогнеме да ги разберат и да ги засакаат библиските начела. Ако сфатат дека Јехова навистина постои и дека можат да бидат негови пријатели, и тие ќе сакаат да го радуваат (Исаија 48:17, 18; 1. Петрово 3:15).

26 Јехова се радува кога гледа дека се трудиме да му служиме на чист начин (Јован 4:23). Освен тоа, сака да бидеме чесни. Но, многумина сметаат дека не е можно да се биде чесен во овој нечесен свет. Дали тоа е точно? Ќе видиме во следното поглавје.

^ Повеќе информации во врска со некои празници и прослави можеш да најдеш во Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци и на jw.org.