Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 6

Мудро избирај ја својата забава

Мудро избирај ја својата забава

„Правете сѐ за Божја слава“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 10:31)

1-2. Зошто мора да внимаваме каква забава ќе избереме?

 ЗАМИСЛИ СИ дека сакаш да загризеш едно јаболко, но во тој момент забележуваш дека еден дел е скапан. Што ќе направиш? Ќе го изедеш? Ќе го фрлиш? Или ќе го отсечеш скапаниот дел, а здравиот ќе го изедеш?

2 Во некоја смисла, и забавата е слична на тоа јаболко. Дел од забавата што се нуди денес може да нѐ освежи, но поголемиот дел е „скапан“, односно содржи неморал, насилство и спиритизам. Кога избираме како ќе се забавуваме, дали си велиме: „Тоа си е моја работа. Јас одлучувам каква забава ќе изберам“? Или си мислиме: „Сето она што се нуди во светот како забава е расипано“? Или, пак, внимателно избираме како ќе се забавуваме?

3. За што треба да размислиме при изборот на забава?

3 Одвреме-навреме, на сите ни треба малку да се опуштиме. Но треба мудро да избереме како ќе се забавуваме. Затоа, добро е да размислиме како изборот на забава може да влијае врз нашата служба за Јехова, односно врз сето она што го правиме за него.

„ПРАВЕТЕ СЀ ЗА БОЖЈА СЛАВА“

4. Кое библиско начело може да ни помогне кога избираме забава?

4 Кога му се заветуваме на Јехова, ние му ветуваме дека најважно во животот ќе ни биде да му служиме. (Прочитај Проповедник 5:4.) Ветуваме дека ќе правиме „сѐ за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31). Ова значи дека треба да живееме според нашиот завет не само кога сме на состанок и во служба туку и во слободното време кога сакаме малку да се опуштиме.

5. Како треба да му служиме на Јехова?

5 Сѐ што правиме во животот влијае врз нашата служба за Јехова. Ова се гледа од следниве зборови на апостол Павле: „Браќа, сесрдно ве молам... да ги дадете своите тела како жртва жива, света, прифатлива за Бог“ (Римјаните 12:1). Исус рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Марко 12:30). Секогаш сакаме да му го дадеме нашето најдобро на Јехова. Во минатото, животните што Израелците му ги принесувале како жртва на Јехова требало да бидат здрави. Ако жртвата имала некаков недостаток, тој не ја прифаќал (3. Мојсеева 22:18-20). Слично на тоа, и нашата служба може да стане неприфатлива за Јехова. Како?

6-7. Како изборот на забава може да влијае врз нашата служба за Јехова?

6 Јехова ни вели: „Бидете свети, зашто јас сум свет“ (1. Петрово 1:14-16; 2. Петрово 3:11). Тој ќе ја прифати нашата служба само ако е света, односно чиста (5. Мојсеева 15:21). Таа нема да биде света ако правиме работи што Јехова ги мрази, како што се неморалот, насилството или спиритизмот (Римјаните 6:12-14; 8:13). Но, ќе го повредиме Јехова и ако избереме да се забавуваме со такви работи. Таквата забава може да ја направи нашата служба нечиста и неприфатлива за Јехова, а може и сериозно да ни го наруши пријателството со него.

7 Тогаш, како можеме мудро да ја избираме нашата забава? Кои начела ќе ни помогнат да одредиме која забава е прифатлива, а која не?

„МРАЗЕТЕ ГО ЗЛОТО“

8-9. Каква забава избегнуваме, и зошто?

8 Денес постојат разни видови забава. Некои се прифатливи за христијаните, но повеќето не се. Прво, да видиме каква забава треба да избегнуваме.

9 Во многу филмови, интернет-страници, телевизиски емисии, видеоигри и песни има неморал, насилство или спиритизам. Лошите работи честопати се прикажани како безопасни, па дури и смешни. Но, ние како христијани сме решени да избегнуваме забава која не е во склад со мерилата на Јехова (Дела 15:28, 29; 1. Коринќаните 6:9, 10). Со тоа му покажуваме на Јехова дека го мразиме злото (Псалм 34:14; Римјаните 12:9).

10. Какви можат да бидат последиците ако избираме лоша забава?

10 Но некои сметаат дека не е погрешно да изберат забава во која има насилство, неморал или спиритизам. Тие си мислат: „Што има лошо во тоа? Јас никогаш нема да ги направам тие работи“. Ако размислуваме вака, се лажеме самите себеси. Библијата вели: „Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Еремија 17:9). Ако се забавуваме со работи што Јехова не ги одобрува, зарем може да кажеме дека ги мразиме? Колку почесто се забавуваме со такви работи, толку поприфатливи ќе ни стануваат. Со текот на времето, нашата совест ќе затапи и ќе престане да нѐ предупредува пред да донесеме лоша одлука (Псалм 119:70; 1. Тимотеј 4:1, 2).

11. Како можат зборовите од Галатите 6:7 да ни помогнат во изборот на забава?

11 Божјата Реч вели: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7). Факт е дека, ако се забавуваме со лоши работи, со текот на времето може да почнеме и да ги правиме. На пример, некои Божји слуги биле толку многу изложени на забава во која има неморал што и самите направиле неморал. Но, Јехова ни помага мудро да избираме како ќе се забавуваме.

КОРИСТИ ГИ БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА КОГА НОСИШ ОДЛУКИ

12. Што ќе ни помогне да носиме мудри одлуки во врска со забавата?

12 За некој вид забава веднаш е јасно дека не е прифатлива за Јехова и дека мора да ја избегнуваме. Но што да правиме кога тоа не е толку јасно? Јехова не ни дава список со правила за тоа што смееме, а што не смееме да гледаме, да слушаме или да читаме. Наместо тоа, тој сака да ја користиме нашата совест која е обликувана во склад со Библијата. (Прочитај Галатите 6:5.) Јехова ни дава начела, односно основни вистини од кои дознаваме како гледа тој на работите. Со помош на овие начела можеме да си ја обликуваме совеста. Тие ни помагаат да разбереме „што е Јеховината волја“ за да можеме да носиме одлуки со кои ќе го радуваме (Ефешаните 5:17).

Библиските начела ни помагаат при изборот на забава

13. а) Зошто Божјите слуги носат различни одлуки во врска со забавата? б) На што треба сите да внимаваме кога избираме забава?

13 Честопати се случува двајца Божји слуги да изберат различен вид забава. Зошто? Па, сите сакаме различни работи. Исто така, она што за некој е прифатливо, за друг можеби не е. Сепак, за да можеме да носиме добри одлуки, сите мора да се држиме за библиските начела (Филипјаните 1:9). Тие ќе ни помогнат да избираме забава која е прифатлива за Бог (Псалм 119:11, 129; 1. Петрово 2:16).

14. а) Зошто е важно да внимаваме колку време трошиме на забава? б) Каков совет им дал Павле на христијаните?

14 Друга работа за која треба да размислиме е колку време трошиме на забава. Од тоа се гледа колку ни е важна забавата. Како христијани, службата за Јехова ни е најважното нешто во животот. (Прочитај Матеј 6:33.) Но, без да сме свесни, забавата може да почне да ни одзема сѐ повеќе време. Павле им го дал следниов совет на христијаните: „Внимавајте како живеете — не како немудри, туку како мудри. Добро користете го времето што го имате“ (Ефешаните 5:15, 16, фуснота). Затоа треба да одредиме колку време ќе трошиме на забава и да внимаваме службата за Бог секогаш да ни биде на прво место во животот (Филипјаните 1:10).

15. Што треба да правиме кога не сме сигурни дали некоја забава би можела да влијае лошо врз нас, и зошто?

15 Како што веќе видовме, не смееме да се забавуваме со нешто што е неприфатливо за Јехова. Но што ако станува збор за забава за која не сме сигурни дали е прифатлива за Бог? Дали и тогаш треба да сме внимателни? Да го разгледаме следниов пример. Замисли дека одиш по планински пат, а од едната страна има провалија. Дали ќе одиш по самиот раб? Не. Ако си го цениш животот, нема да се изложуваш на опасност. Слично е и со изборот на забава. Во Божјата Реч пишува: „Тргни си ја ногата од злото“ (Изреки 4:25-27). Според тоа, не само што избегнуваме забава за која знаеме дека е лоша, туку се чуваме дури и од оној вид забава за која не сме сигурни дали би можела да влијае лошо врз нас и да ни го наруши пријателството со Јехова.

ДОЗНАЈ ГО ЈЕХОВИНОТО ГЛЕДИШТЕ

16. а) Кои се некои работи што Јехова ги мрази? б) Како покажуваме дека го мразиме она што Јехова го мрази?

16 Еден псалмист напишал: „Вие кои го сакате Јехова, мразете го злото!“ (Псалм 97:10). Од Библијата дознаваме како гледа Јехова на работите. Прашај се како тоа што го учиш од неа може да ти помогне да имаш исто гледиште како Јехова. На пример, во Божјата Реч пишува дека Јехова мрази „лажлив јазик и раце што пролеваат невина крв, срце што крои зли планови, нозе што брзо трчаат кон зло“ (Изреки 6:16-19). Од неа дознаваме и дека мора да се чуваме од „блуд... идолопоклонство, гатање... љубомора, изливи на гнев... завист, пијанки, разуздани гозби и други слични работи“ (Галатите 5:19-21). Дали сфаќаш како овие библиски начела можат да ти помогнат при изборот на забава? Ние сакаме да се држиме за мерилата на Јехова на секое поле од животот, и кога сме сами и кога сме со други (2. Коринќаните 3:18). Всушност, она што го правиме кога сме сами, честопати покажува какви сме навистина (Псалм 11:4; 16:8).

17. Кои прашања треба да си ги поставиме пред да избереме забава?

17 Затоа, кога избираш забава, прашај се: „Како она што ќе го изберам ќе влијае врз моето пријателство со Јехова? Како ќе влијае врз мојата совест?“ Да разгледаме уште неколку начела што можат да ни помогнат при изборот на забава.

18-19. а) На што ги поттикнал Павле христијаните? б) Кои начела ќе ти помогнат при изборот на забава?

18 Кога избираме како ќе се забавуваме, всушност, избираме со што ќе си го полниме умот. Павле напишал: „Сѐ што е вистинито, сѐ што е благородно, сѐ што е праведно, сѐ што е чисто, сѐ што е допадливо, сѐ што е пофално, сѐ што е доблесно и сѐ што е достојно за фалба, за тоа размислувајте“ (Филипјаните 4:8). Кога го полниме умот со такви добри работи, тогаш може да кажеме: „Зборовите на мојата уста и размислувањето на моето срце нека ти бидат пријатни, о Јехова“ (Псалм 19:14).

19 Прашај се: „Со што си го полнам умот? Какви мисли ми се вртат во главата откако ќе изгледам некој филм или некоја емисија? Дали се чувствувам освежено? Дали имам внатрешен мир? Дали ми е чиста совеста? (Ефешаните 5:5; 1. Тимотеј 1:5, 19). Дали се чувствувам слободен да му се молам на Јехова? Дали тоа што го гледав ме поттикнува да размислувам за неморал или насилство? (Матеј 12:33; Марко 7:20-23). Дали преку забавата што ја избирам дозволувам да ме ’обликува овој свет‘? (Римјаните 12:2)“. Ако сме искрени со себеси, тоа ќе ни помогне да видиме што треба да правиме за да си го зачуваме пријателството со Бог. Добро е да го молиме Јехова како што го молел псалмистот: „Одврати ми ги очите од безвредни работи“ (Псалм 119:37). *

НАШИТЕ ОДЛУКИ ВЛИЈААТ ВРЗ ДРУГИТЕ

20-21. Зошто треба да ги земеме предвид чувствата на другите при изборот на забава?

20 Уште едно важно начело што треба да го имаме на ум е следново: „Сѐ е дозволено, но сѐ не изградува. Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот“ (1. Коринќаните 10:23, 24). Тоа што имаме слобода да направиме нешто не значи дека треба да го направиме. Мора добро да размислиме како нашите одлуки влијаат врз браќата и сестрите.

21 Совеста на сите луѓе не реагира секогаш на ист начин. На пример, можеби тебе совеста ти дозволува да гледаш некоја емисија на телевизија. Но дознаваш дека совеста на некој брат или сестра не им дозволува да ја гледаат. Што ќе правиш? Иако имаш право да ја гледаш емисијата, можеби ќе одлучиш да не ја гледаш во нивно присуство или дури и воопшто да не ја гледаш. Зошто? Бидејќи не сакаш да им згрешиш на своите браќа, со што би му згрешил и на Христос (1. Коринќаните 8:12). Не сакаме со ништо да ги спрепнеме нашите соверници (Римјаните 14:1; 15:1; 1. Коринќаните 10:32).

22. Како можеме да покажеме разумност кога станува збор за одлуките што ги носат другите христијани?

22 Од друга страна, што ако тебе совеста не ти дозволува да гледаш, да читаш или да правиш нешто што за некој друг е во ред? Бидејќи ги сакаш и ги почитуваш твоите соверници, нема да им вршиш притисок да размислуваат исто како тебе. На пример, еден возач знае дека другите може да возат побрзо или побавно од него, а сепак да бидат добри возачи. Слично на тоа, двајца христијани кои живеат според библиските начела може донекаде да имаат различно гледиште за тоа каква забава е прифатлива (Проповедник 7:16; Филипјаните 4:5).

23. Што ќе ни помогне при изборот на забава?

23 Значи, што ќе ни помогне при изборот на забава? Ако ја слушаме совеста која ни е обликувана според библиските начела и ако ги сакаме браќата и сестрите, ќе носиме добри одлуки. Освен тоа, ќе бидеме среќни бидејќи правиме „сѐ за Божја слава“.

^ Други начела кои можат да ни помогнат при изборот на забава може да најдеме во Изреки 3:31; 13:20; Ефешаните 5:3, 4; Колошаните 3:5, 8, 20.