Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 11

По венчавката

По венчавката

„Љубовта никогаш не престанува“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 13:8)

1-2. Дали брачните проблеми се знак дека еден брак е осуден на пропаст? Објасни.

 БРАКОТ е дар од Јехова. Тој може да ти го разубави животот. Сепак, во секој брак се појавуваат проблеми. Понекогаш дури може да се чини дека на проблемите им нема крај. Освен тоа, и мажот и жената можеби нема да се чувствуваат блиски како порано.

2 Не треба да се изненадиме ако одвреме-навреме во бракот дојде до проблеми. Но тоа не значи дека бракот е осуден на пропаст. Дури и во бракови каде што имало многу големи проблеми, брачните другари нашле начин да си го поправат односот и да си го зацврстат бракот. Како?

ЗБЛИЖЕТЕ СЕ СО БОГ И ЕДЕН СО ДРУГ

3-4. Што може да се случи во некои бракови?

3 Бракот е врска меѓу двајца различни луѓе кои сакаат различни работи, имаат поинакви идеи и на поинаков начин ги вршат работите. Исто така, мажот и жената можат да потекнуваат од различна средина или култура. Потребно е време и труд за брачните другари добро да се запознаат и да стекнат поголемо разбирање еден за друг.

4 Меѓутоа, како што минува времето, мажот и жената можат да станат толку преокупирани со себе и со своите потреби што ќе почнат да се оддалечуваат еден од друг. Може да изгледа како секој да си живее во свој свет. Што може да им помогне повторно да станат блиски?

За да имаме добар брак, неопходно е да ги слушаме советите од Библијата

5. а) Што може да му помогне на еден христијанин да се зближи со својот брачен другар? б) Според Евреите 13:4, како треба да гледаме на бракот?

5 Јехова ги дал најдобрите совети кои можат да ви помогнат тебе и на твојот брачен другар да се зближите со него и еден со друг (Псалм 25:4; Исаија 48:17, 18). На пример, тој ни вели: „Бракот нека биде чесен меѓу сите“ (Евреите 13:4). Јасно е дека Јехова сака да гледаме на бракот како на нешто скапоцено. Затоа правиме сѐ што можеме за да го заштитиме од она што би можело да го обесчести.

ЉУБОВТА КОН ЈЕХОВА МОЖЕ ДА ГО ЗАЦВРСТИ БРАКОТ

6. Според Матеј 19:4-6, како гледа Јехова на бракот?

6 Јехова го основал бракот. Неговиот Син, Исус, рекол: „Зарем не сте читале дека оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ’Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘? Така повеќе не се две, туку едно тело. Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:4-6). Уште од самиот почеток, Јехова имал намера бракот да трае вечно. Тој сакал брачните другари да бидат блиски и среќни и заедно да му се радуваат на животот.

7. Како можат сопружниците да си го зацврстат бракот?

7 Меѓутоа, оние што денес се во брак се соочуваат со проблеми и притисоци повеќе од кога и да било порано. Некои од нив се под толку голем притисок што мислат дека на нивниот брак му нема спас и креваат раце од него. Но, ако разбереме како Јехова гледа на бракот, тоа може да ни помогне да си го зацврстиме нашиот брак (1. Јованово 5:3).

8-9. а) Кога треба да ги применуваме советите што Јехова ни ги дава во врска со бракот? б) Како можеме да покажеме дека за нас бракот е нешто скапоцено?

8 Советите на Јехова се секогаш за наше добро. Како што веќе видовме, тој нѐ советува: „Бракот нека биде чесен“ (Евреите 13:4; Проповедник 5:4). Ако ги применуваме советите на Јехова дури и кога не ни е лесно, тоа сигурно ќе ни користи (1. Солуњаните 1:3; Евреите 6:10).

9 Бидејќи за нас бракот е нешто скапоцено, не сакаме да направиме или да кажеме нешто со што би го довеле во опасност. Напротив, сакаме да си ја зајакнеме врската со брачниот другар. Како можеме да успееме во тоа?

ВНИМАВАЈ НА СВОИТЕ ЗБОРОВИ И ПОСТАПКИ

10-11. а) Каков сериозен проблем постои во некои бракови? б) Зошто е важно на каков начин зборуваме со нашиот брачен другар?

10 Постојат различни начини на кои некој може да му предизвика болка на својот брачен другар. Знаеме дека христијаните никогаш не треба да го удираат брачниот другар или да направат нешто друго со што ќе му нанесат физичка повреда. Но, би можеле да се повредуваме еден со друг и со нашите зборови. Зборовите може да станат оружје. Една жена рекла: „Маж ми ме повредува со своите зборови. Можеби немам видливи модрици, но срцето ми е полно со лузни поради неговите зајадливи зборови како, на пример: ’Ти си ми само товар‘ и ’За ништо не те бива‘“. Еден маж рекол дека жена му постојано го критикува и понижува и дека го навредува со разни погрдни имиња. Тој рекол: „Срам ми е дури и да ги спомнам работите што ми ги кажува. Токму затоа не сакам да зборувам со неа и останувам до доцна на работа. Тоа е многу побезбедно отколку да се вратам дома“. Денес е вообичаено луѓето да ги навредуваат и да зборуваат грубо и нељубезно со другите и така да им нанесуваат емоционална болка.

11 Ако мажот и жената зборуваат грубо еден со друг, си нанесуваат емоционални рани за кои е потребно долго време да се залечат. Јасно е дека Јехова не сака мажот и жената така да постапуваат еден со друг. Но, можно е да го повредиш својот брачен другар и без да си свесен за тоа. Ти можеби си мислиш дека си љубезен со сопружникот, но како се чувствува тој? Ако си сфатил дека со своите зборови го повредуваш брачниот другар, дали би сакал да се смениш? (Галатите 5:15; прочитај Ефешаните 4:31).

12. Како оние што се во брак би можеле да си го загрозат односот со Јехова?

12 На Јехова му е важно како зборуваме со брачниот другар, без разлика дали сме насамо или со други луѓе. (Прочитај 1. Петрово 3:7.) Во Јаков 1:26 сме потсетени: „Ако некој мисли дека го почитува Бог на исправен начин, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговото почитување е залудно“.

13. На кој друг начин некој би можел да го повреди својот брачен другар?

13 Има и други начини на кои брачните другари треба да внимаваат да не се повредуваат еден со друг. На пример, како би се чувствувал твојот брачен другар ако почнеш да поминуваш многу време со некој друг од спротивниот пол? Дали твојот сопружник би се чувствувал повреден ако го правиш тоа дури и од добри намери како, на пример, сакаш да соработуваш со тоа лице во службата или да му помогнеш околу некој проблем? Една сестра која е во брак вели: „Тешко ми е кога гледам дека маж ми ѝ посветува толку време и внимание на друга сестра во собранието. Имам чувство како таа да му е поважна од мене“.

14. а) Која основна вистина ја учиме од 1. Мојсеева 2:24? б) Што би требало да се прашаме?

14 Како христијани, ние имаме одговорност да се грижиме за нашите родители и за браќата и сестрите во собранието. Сепак, кога ќе стапиме во брак, наша главна одговорност е да се грижиме за нашиот брачен другар. Јехова рекол дека мажот „ќе се прилепи до својата жена“ (1. Мојсеева 2:24). Чувствата на нашиот брачен другар треба да ни бидат многу важни. Прашај се: „Дали на мојот брачен другар му ги давам времето, вниманието и љубовта што му се потребни и што ги заслужува?“

15. Зошто христијаните кои се во брак треба да внимаваат да не станат премногу блиски со некој што не им е брачен другар?

15 Ако станеме премногу блиски со некој што не ни е брачен другар, тоа ќе предизвика напнатост во нашиот брак. Би можеле емоционално да се приврземе за тоа лице и да развиеме романтични чувства кон него (Матеј 5:28). Таквите чувства би можеле да станат многу силни и да нѐ наведат да направиме нешто со што ќе го обесчестиме бракот.

„БРАЧНАТА ПОСТЕЛА НЕКА БИДЕ ЧИСТА“

16. Каква заповед дава Библијата во врска со бракот?

16 Веднаш по советот: „Бракот нека биде чесен“, Библијата вели: „Брачната постела нека биде чиста, зашто Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“ (Евреите 13:4). Изразот „брачната постела“ кој се спомнува во овој стих се однесува на сексуалната интимност која постои меѓу еден маж и една жена кои се во брак (Изреки 5:18). Како можеме да покажеме почит кон овој посебен однос и да не го обесчестиме?

17. а) Како многу луѓе денес гледаат на прељубата? б) Како треба христијаните да гледаат на прељубата?

17 Како што видовме, Јехова јасно кажал дека го мрази сексуалниот неморал и прељубата. Но, некои луѓе денес мислат дека нема ништо погрешно во тоа да му бидат неверни на својот брачен другар. Ние не смееме да си дозволиме врз нас да влијае тој став. (Прочитај Римјаните 12:9; Евреите 10:31; 12:29.) Доколку би имале сексуални односи со некој што не ни е брачен другар, би го обесчестиле нашиот брак. Така би покажале дека не ги почитуваме мерилата на Јехова и би си го нарушиле пријателството со него. Затоа мора да внимаваме да не го направиме ниту првиот чекор што може да води до прељуба. Тоа значи да немаме непристојни мисли за некој што не е наш брачен другар (Јов 31:1).

18. а) Во која смисла прељубата е слична со обожавањето на лажни богови? б) Како Јехова гледа на прељубата?

18 Според Мојсеевиот закон кој им бил даден на древните Израелци, прељубата била исто толку тежок грев колку и обожавањето на лажни богови. Казната и за двата грева била смрт (3. Мојсеева 20:2, 10). Во која смисла прељубата била слична со обожавањето на лажни богови? Ако еден Израелец обожавал лажни богови, со тоа го прекршувал своето ветување дека ќе му биде верен на Јехова. А доколку извршел прељуба, го прекршувал своето ветување дека ќе му биде верен на брачниот другар (2. Мојсеева 19:5, 6; 5. Мојсеева 5:9; прочитај Малахија 2:14). Ова јасно покажува дека Јехова гледа на прељубата како на многу тежок грев.

19. Што може да ни помогне да бидеме решени да не извршиме прељуба?

19 Иако повеќе не сме под Мојсеевиот закон, Јеховиното гледиште за прељубата не се сменило. Исто како што не би обожавале некој лажен бог, никогаш не треба да му бидеме неверни на нашиот брачен другар (Псалм 51:1, 4; Колошаните 3:5). Доколку го изневериме сопружникот, ќе му нанесеме срам и на нашиот брак и на нашиот Бог, Јехова. (Види Белешка 26.)

КАКО МОЖЕШ ДА СИ ГО ЗАЦВРСТИШ БРАКОТ?

20. Како може мудроста да ни помогне да си го зацврстиме бракот?

20 Како можеш да си го зацврстиш бракот? Во Божјата Реч пишува: „Со мудрост се гради дом и со разборитост се утврдува“ (Изреки 24:3). Една куќа може да биде ладна, празна и неудобна или, пак, топла, удобна и безбедна. Слично е и со бракот. Оној што е мудар ќе даде сѐ од себе за во бракот да владее пријатна и топла атмосфера и двајцата брачни другари да се чувствуваат сигурно.

21. Како може знаењето да го зацврсти бракот?

21 Зборувајќи за бракот како за симболична куќа, Библијата понатаму продолжува: „Знаењето ги полни собите со разновидни вредни работи, скапоцени и убави“ (Изреки 24:4). Она што ќе го научиш од Божјата Реч може да ти помогне да го зацврстиш својот брак (Римјаните 12:2; Филипјаните 1:9). Кога заедно со брачниот другар ги читате Библијата и нашите публикации, разговарајте како можете да го примените она што го учите. Размислувајте на кои начини можете да си покажувате љубов и почит, и како можете да бидете љубезни и обѕирни еден кон друг. Моли го Јехова да ти помогне да развиеш особини кои ќе го зацврстат твојот брак и ќе му олеснат на брачниот другар да те сака (Изреки 15:16, 17; 1. Петрово 1:7).

Молете го Јехова да ви даде водство додека ја одржувате вашата Семејна вечер

22. Зошто треба да покажуваме љубов и почит кон нашиот брачен другар?

22 Треба да дадеме сѐ од себе за да постапуваме со нашиот брачен другар со љубов и почит. Тогаш нашиот брак ќе биде поцврст и во него ќе преовладува топла и срдечна атмосфера. И што е најважно, така ќе го радуваме Јехова (Псалм 147:11; Римјаните 12:10).