Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 17

Зачувај ја Божјата љубов

Зачувај ја Божјата љубов

„Изградувајќи се врз својата најсвета вера... стојте во Божјата љубов“ (ЈУДА 20, 21)

1-2. Како можеме да ја зачуваме, односно да стоиме во Божјата љубов?

 СИТЕ сакаме да бидеме здрави и силни. Затоа се трудиме да јадеме здрава храна, редовно да вежбаме и да се грижиме за нашето тело. Иако за ова е потребно да вложиме труд, не се откажуваме бидејќи знаеме дека тоа е за наша корист. Но, потребно е да бидеме здрави и силни и во еден друг поглед.

2 Можеби до одредена мера веќе сме го запознале Јехова, но треба да продолжиме и понатаму да го зајакнуваме нашето пријателство со него. Кога ги поттикнал христијаните: „Стојте во Божјата љубов“, Јуда објаснил дека тоа можат да го прават така што ќе се изградуваат „врз својата најсвета вера“ (Јуда 20, 21). Како можеме да изградиме цврста вера?

ПРОДОЛЖИ ДА СИ ЈА ЗАЈАКНУВАШ ВЕРАТА

3-5. а) Како Сатана сака да гледаш на Јеховините мерила? б) Што мислиш ти за Јеховините закони и начела?

3 Многу е важно самиот да се увериш дека Јеховините мерила се најдобри. Сатана сака да мислиш дека Божјите мерила се претешки и дека ќе бидеш посреќен ако сам одлучуваш што е исправно, а што погрешно. Уште од рајската градина, Сатана постојано се обидувал да ги наведе луѓето да поверуваат во ова (1. Мојсеева 3:1-6). Истото се труди да го постигне и денес.

4 Дали Сатана е во право? Дали Јеховините мерила премногу нѐ ограничуваат? Не. Да наведеме еден пример. Замисли си дека се шеташ низ еден прекрасен парк. Наеднаш забележуваш дека еден дел од паркот е ограден со висока ограда. Можеби си мислиш: „Зошто тука има ограда?“ Но, токму во тој момент слушаш рикање на лав од другата страна на оградата. Како гледаш сега на оградата? Сигурно си благодарен што таа те штити од тоа да не завршиш во устата на гладниот лав! Јеховините мерила се како таа ограда, а Ѓаволот е како тој лав. Божјата Реч нѐ предупредува: „Бидете трезвени, бдејте! Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5:8).

5 Јехова сака да живееме на најдобар можен начин. Тој не сака да бидеме измамени од Сатана. Затоа ни дал закони и начела кои можат да нѐ заштитат и да ни помогнат да бидеме среќни (Ефешаните 6:11). Во Библијата пишува: „Оној што ќе се задлабочи во совршениот закон на слободата и ќе се прилепи до него... ќе биде среќен“ (Јаков 1:25).

6. Како може да се увериме дека заповедите на Јехова се најдобри?

6 Кога ги држиме заповедите на Јехова, нашиот живот станува подобар и нашето пријателство со него се зајакнува. На пример, тој нѐ поттикнува често да му се молиме. Кога сме послушни на оваа заповед, тоа многу ни користи (Матеј 6:5-8; 1. Солуњаните 5:17). Исто така, имаме многу благослови кога сме послушни на заповедта да се состануваме заедно за да го обожаваме Јехова и за да се охрабруваме еден со друг. А среќни сме и кога даваме сѐ од себе за да проповедаме и да ги поучуваме луѓето за Бог (Матеј 28:19, 20; Галатите 6:2; Евреите 10:24, 25). Кога размислуваме како овие работи ни користат, нашата вера се зајакнува и сѐ повеќе се уверуваме дека Јеховините заповеди и начела се најдобри.

7-8. Што ќе ни помогне да не бидеме премногу загрижени за испитите кои можеби ќе ги доживееме во иднина?

7 Можеби сме загрижени дека во иднина ќе се соочиме со испити на верата кои ќе бидат претешки за нас. Ако некогаш се чувствуваш така, сети се на следниве зборови од Јехова: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“ (Исаија 48:17, 18).

8 Ако сме му послушни на Јехова, нашиот мир ќе биде како огромна река која никогаш не пресушува, а нашата праведност ќе биде како морски бранови кои секогаш одново удираат на брегот. Без разлика со што ќе се соочиме во животот, можеме да му останеме верни на Бог. Библијата ни ветува: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“ (Псалм 55:22).

НАПРЕДУВАЈ КОН ЗРЕЛОСТ

9-10. Што значи некој да биде зрел во духовен поглед?

9 Колку повеќе го зајакнуваш своето пријателство со Јехова, толку позрел ќе стануваш во духовен поглед (Евреите 6:1). Што значи некој да биде зрел христијанин?

10 Духовната зрелост не доаѓа автоматски со возраста. За да станеме духовно зрели, Јехова треба да ни биде најдобриот пријател и треба да се трудиме да гледаме на работите како што гледа тој (Јован 4:23). Павле напишал: „Оние што живеат според телото, размислуваат за она што му е својствено на телото, а оние што живеат според духот, за она што му е својствено на духот“ (Римјаните 8:5). На духовно зрелиот човек не му се најважни задоволствата и материјалните работи. Напротив, најважно во животот му е да му служи на Јехова и да донесува мудри одлуки (Изреки 27:11; прочитај Јаков 1:2, 3). Оној што е духовно зрел не дозволува да биде наведен да постапува погрешно. Тој знае што е исправно и решен е да го прави тоа.

11-12. а) Што рекол Павле за нашата „моќ на согледување“? б) Каква сличност постои меѓу еден зрел христијанин и еден вешт атлетичар?

11 За да станеме духовно зрели, треба да вложиме труд. Апостол Павле напишал: „А тврдата храна е за зрелите, за оние чија моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). Зборот „извежбана“ можеби нѐ потсетува на вежбањето на еден атлетичар.

12 Кога ќе видиме еден вешт атлетичар, знаеме дека требало да одвои време и многу да вежба за да ги стекне тие вештини. Тој не се родил како атлетичар. Едно бебе не знае како да ги користи рацете и нозете. Но, со текот на времето, учи како да ги држи предметите и како да оди. И, со многу вежбање, еден ден може да стане атлетичар. Слично на тоа, потребно е да одвоиме време и да вежбаме за да станеме зрели христијани.

13. Што ќе ни помогне да размислуваме како Јехова?

13 Во оваа публикација видовме што ќе ни помогне да размислуваме како Јехова, односно да гледаме на работите како што гледа тој. Научивме да ги цениме и да ги сакаме Јеховините мерила. Кога треба да донесеме некоја одлука, се прашуваме: „Кои библиски закони или начела важат за оваа ситуација? Како можам да ги применам? Како би сакал Јехова да постапам?“ (Прочитај Изреки 3:5, 6; Јаков 1:5.)

14. Како можеме да си ја зајакнуваме верата?

14 Никогаш нема да престанеме да си ја зајакнуваме верата во Јехова. Исто како што здравата храна ни помага да изградиме силно тело, така и знаењето за Јехова ни помага да изградиме силна вера. Кога почнавме да ја проучуваме Библијата, ги дознавме основните вистини за Јехова и дознавме како размислува тој. Но, како што одминува времето, треба да се трудиме да ги разбереме и подлабоките работи. Токму на тоа мислел Павле кога рекол: „Тврдата храна е за зрелите“. Со тоа што го применуваме она што го учиме, стекнуваме мудрост. Во Библијата пишува: „Мудроста е најважна“ (Изреки 4:5-7; 1. Петрово 2:2).

15. Зошто е важно вистински да ги сакаме Јехова и нашите браќа и сестри?

15 Ако некој сака да остане здрав и силен, мора да продолжи да се грижи за себе. На сличен начин, една духовно зрела личност треба силно да се напрега за да го зачува цврсто своето пријателство со Јехова. Павле напишал: „Испитувајте дали сте во верата, проверувајте се самите себе“ (2. Коринќаните 13:5). Сепак, не е доволно само да имаме цврста вера. Мора да расте и нашата љубов кон Јехова и кон браќата и сестрите. Павле рекол: „Да го имам сето знаење и сета вера, така што и планини да преместувам, а љубов немам, ништо не сум“ (1. Коринќаните 13:1-3).

МИСЛИ НА НАДЕЖТА

16. Што сака Сатана да мислиме?

16 Сатана сака да мислиме дека никогаш нема да можеме да му угодиме на Јехова. Тој сака да се обесхрабриме и да мислиме дека нема решение за нашите проблеми. Сатана не сака да имаме доверба во нашите соверници и не сака да бидеме среќни (Ефешаните 2:2). Тој знае дека негативното размислување може да ни наштети нам и на нашето пријателство со Бог. Но, Јехова ни дал нешто што може да ни помогне да се бориме против негативното размислување. Тој ни дал надеж.

17. Колку е важна надежта?

17 Во 1. Солуњаните 5:8, Библијата ја споредува нашата надеж со шлем кој ја заштитува главата на војникот во битка. Овој шлем е наречен „надежта во спасението“. Надежта во Јеховините ветувања може да го заштити нашиот ум и да ни помогне да им се спротивставиме на негативните мисли.

18-19. Како надежта му давала сила на Исус?

18 Надежта што ја имал Исус му давала сила. Последната ноќ од својот живот на Земјата, тој се соочил со неколку тешки ситуации. Еден од неговите блиски пријатели го предал. Друг дури одрекол дека го познава. А останатите го напуштиле и избегале. Неговите сонародници се кренале против него и барале да биде мачен и убиен. Што му помогнало на Исус да истрае во овие тешки моменти? Во Библијата пишува: „Поради радоста што стоеше пред него, претрпе маченички столб, не мислејќи на срамот, и седна од десната страна на Божјиот престол“ (Евреите 12:2).

19 Исус знаел дека со својата верност ќе му донесе слава на својот Татко и ќе докаже дека Сатана е лажливец. Оваа надеж му носела голема радост. Исто така, Исус знаел дека за кратко време повторно ќе биде со својот Татко на небото. Оваа надеж му помогнала да истрае. Исто како Исус, мора да мислиме на нашата надеж. Тоа ќе ни помогне да истраеме без разлика што ќе се случи.

20. Што ќе ти помогне да размислуваш позитивно?

20 Јехова ги гледа твојата вера и истрајност (Исаија 30:18; прочитај Малахија 3:10). Тој ветува дека „ќе добиеш од него што ти срце сака“ (Псалм 37:4). Затоа постојано мисли на својата надеж. Сатана сака да ја изгубиш надежта и да мислиш дека Јеховините ветувања никогаш нема да се исполнат. Но, не дозволувај да им се препуштиш на негативните мисли! Ако забележиш дека почнуваш да ја губиш надежта, барај помош од Јехова. Сети се на зборовите од Филипјаните 4:6, 7: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“.

21-22. а) Каква е Јеховината намера со Земјата? б) Што си решен да правиш?

21 Редовно одвојувај време да размислуваш за прекрасната иднина што ни претстои. Наскоро, секој жив ќе му служи на Јехова (Откровение 7:9, 14). Помисли на животот во новиот свет. Ќе биде многу поубаво отколку што можеме да си замислиме! Сатана, демоните и сето зло нема да постојат повеќе. Никогаш нема да се разболиш и нема да умреш. Наместо тоа, секој нов ден ќе се будиш полн со енергија и ќе бидеш среќен што си жив. Сите ќе работиме заедно за да ја претвориме Земјата во рај. Секој ќе има добра и здрава храна и безбедно место за живеење. Луѓето нема да бидат сурови и насилни, туку вистински ќе се сакаат едни со други. Со текот на времето, сите луѓе на Земјата ќе ја добијат „славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:21).

22 Јехова сака да ти биде најдобриот пријател. Затоа, давај сѐ од себе за да му бидеш послушен и секој ден да стануваш поблизок со него. Така ќе можеш засекогаш да ја зачуваш Божјата љубов! (Јуда 21).